Жигот на антихристот и печатот на Христос (трет дел)

Митрополит Јеротеј Навпактски

  • Печатот на Јагнето

Во Откровението на Јован и генерално во Светото Писмо не станува збор само за жигот на ѕверот, што го примаат оние коишто се поклонуваат на ѕверот, но станува збор и за печатот на Јагнето, што го примаат оние коишто го обожуваат и Му се поклонуваат на Јагнето. Мислам дека оние што зборуваат само за жигот на ѕверот, а го запоставуваат печатот на Јагнето, им прават лоша услуга на членовите на Црквата Христова.

Уште во Откровението на Јован после доаѓањето на жигот со името или бројот на ѕверот, станува збор за верните коишто се наоѓаат заедно со Јагнето и го имаат „името Негово и името на Неговиот Отец напишано на челата свои“. (Откр. 14, 1) И овде печатот треба да го разбереме како печат во умот. Главно и пред сè е печат внатрешен.

Се прашувам: Зошто мнозина денеска зборуваат само за жигот на ѕверот, односно за антихристот, а не за печатот на Јагнето, односно за Христос, оти Евангелистот Јован и двете нешта ги наведува на истото место во книгата Откровение?

Евангелистот Јован го употребува зборот печат за да го означи раѓањето на Синот и Словото од Отецот и, нормално, го означува Божеството на Христа. Самиот Христос кажа за Себе Си: „Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за вечен живот, којашто Синот Човечки ќе ви ја даде, зашто врз Него сложил печат Бог Отец“. (Јн. 6, 27)

Овде зборот печат означува дека Христос по природа е Син Божји, затоа свети Теофилакт толкува: „Он како Син е образ на Отецот, и печат, и одраз, Он е запечатен од Отецот, бидејќи е Негов образ и печат. Ете зошто тие зборови ја имаат следнава смисла: „Отецот Го запечатил Оној, Кој на изглед е Син Човечки, тоест Го родил Својот печат и образ, запазувајќи совршена неизменливост и природна идентичност со Него“. Тоа дека Христос е запечатен од Отецот го покажува неговото Божество. Свети Василиј Велики во Божествената Литургија зборува за Христа дека е „печат истообразен на Отецот“. 

Додека Христос е Син Божји по природа, ние Христијаните сме синови Божји по благодат, па така, и ние сме запечатени од Божествената благодат. На таа тема многупати зборува Апостолот Павле во своите Посланија. Ќе наведам неколку карактеристични места.

Зборувајќи за Христа, пишува до Ефесјаните: „Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината – Благовестието за вашето спасение – во Кого и поверувавте, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух, Кој е залог за нашето наследство, за откупување на оние кои станаа Божја сопственост – за пофалба на Неговата слава“.(Ефес. 1, 13 – 14)  

Печатот на Светиот Дух нам ни се даде со светото Миропомазание, кога свештеникот рекол: „Печат од дарот на Светиот Дух. Амин!“ Се дава надворешно на телото, но тоа влегува во душата. Се запечатува целиот човек и согласно Преданието на Православната Црква, тоа запечатување не е независно од просветлението на умот.

Печат од дарот е доаѓањето на Божествената благодат во душата на човекот и така се осветува и душата и телото, односно целиот човек и започнува разумната молитва, што е доказ дека човекот е храм на Пресветиот Дух. За тоа зборува Апостолот Павле кога вели:„И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето!“ (Ефес. 4, 30)

Секако, со светото Крштение и со светото Миропомазание на човекот му се дава можноста со својата слободна волја да продолжи со подвигот на Боговподобување. Знаеме од светиот Дијадох Фотијски дека после крштението, ако не живееме согласно волјата Божја, благодатта од Крштението се покрива со страсти, па така, целиот свето – таински и аскетски живот цели кон поново откривање на таа Божествена благодат.

Sveti-Evangelist-Apostol-Jovan-Bogoslov
Св. Апостол и Евангелист Јован Богослов

Евангелистот Јован на повеќе наврати зборува за печатот на чедата Божји, што ќе го добијат Христијаните преку Светите Тајни и со сопствено содејство.

Евангелистот Јован пишува во Откровението: „И видов друг ангел како се подигаше од исток, кој имаше печат на живиот Бог и извика со висок глас кон четирите ангели, на кои им беше дадено да ѝ пакостат на земјата и морето, велејќи: „Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!“ (Откр.7, 2 – 3) Ангелот со печатот на живиот Бог сака да ги запечати слугите Божји, за да не се измачуваат и страдаат од несреќите што ќе дојдат. 

Тие слуги што ќе се запечатат од ангелот со „печатот на живиот Бог“  се 144.000, кој е еден сомболичен број и го покажува збирот на живите според Бога. Тие, идните, што ќе се запечатат се истите што се опишуваат во 14 глава во Откровението, како оние кои го имаат името Негово, односно на Јагнето, и името на Неговиот Отец напишано на нивните чела. (сп. Откр. 14, 1) Тоа се оние кои стојат заедно со Јагнето. Тие имаа одредени карактеристични својства.

Првото својство е девственоста: „Тие се оние што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени“. (Откр. 14, 4) Овде јасно се работи не само за телесната девственост, туку главно за духовната девственост, односно чистотата на срцето.

Второ својство е извршувањето на заповедите на Јагнето и Негово следење: „Тие се оние што го следеа Јагнето каде и да оди“. (Откр. 14, 4) Ги пазат заповедите на Јагнето и Го следат Јагнего дури до мачеништво.

И трето својство е нивната искреност: „И не се најде измама во устата нивна, оти се непорочни“. (Откр. 14, 1 – 5)

Од ова место во Откровението се гледа дека печатот на верните од Јагнето е главно и пред сè внатрешно. Тоа е заедница и единство на верните со Христа. Нивното срце се има преродено, помазано е од Светиот Дух.

Тој печат од Евангелистот Јован се нарекува и помазание. Тоа помазание е внатрешна состојба. Евангелистот Јован осврнувајќи се на антихристот, пишува: „А вие, помазание имате од Светиот и знаете сè…Ова ви го пишав заради оние кои ве заведуваат. А вие, помазанието што го примивте од Него во вас останува и не е потребно некој да ве поучува, туку како што Неговото помазание ве учи на сè…“ (1 Јн. 2, 20 – 27)

Од големото искушение во последните времиња нема да бидат оштетени оние што се запечатени со помазанието и со печатот на Светиот Дух. Евангелистот Јован во Откровението пишува:

Кога петтиот ангел затруби: видов ѕвезда, што падна од небото на земјата, и ѝ се даде клучот од кладенецот на бездната и го отвори кладенецот на бездната и од кладенецот се издигна дим, како дим од разгорена печка, па се помрачија сонцето и воздухот од димот на изворот. И од димот излегоа скакулци по земјата, па им се даде власт, каква што имаат земните скорпии; И им беше речено да не ја повредуваат земната трева, ниту какво и да е зеленило, ниту дрво, туку само оние луѓе, кои немаат Божји печат на своите чела“. (Откр. 9, 1 – 4)

Така, оние кои ќе се запечатат со печатот Божји во овој живот нема од што да се плашат при доаѓањето на антихристот. Тоа е важно. Антихристот нема никаква власт врз нив. Евангелистот Јован, зборувајќи за антихристот, а особено за жигот на антихристот, во продолжение пишува: „Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле, зашто Оној, Кој е во вас, е по­голем од оној што е во светот“. (1 Јн. 4, 4)

(Продолжува…)


Превод од грчки: Братството на Бигорската Обител
Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr