Слово при отворањето на изложбата „Од уметничката ризница на Бигорскиот манастир“, во МАНУ, 8 октомври 2020 година.
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, заедно со својот верен народ и со нејзините почитувачи, годинава прославуваат исклучителен јубилеј – 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“.
Всушност, станува збор за одбележување на едно траење и за еден духовен континуитет кој самиот за себе многу кажува, а уште повеќе сведочи, не само за минатото, туку и за сегашноста и за иднината. И денешново чествување, како и многуте други одбележани или што ќе се одбележат, најмногу го потврдуваат нашето охристовено битисување, како и нашата црковна вистина и нашето црковно право на самобитност и автокефален живот. Настанов што нѐ собра е еден од аргументираните начини како најдобро да го претставиме нашето милениумско траење преку наследството посветено на Бога, и на Неговата вистина, како и за љубовта кон Него меѓу православниот народ во Македонија, а во исто време и да го посведочиме нашиот духовен раст, изразен низ сакралното творештво – нашето највредно и најтрајно богатство низ вековите до денес.
Пред нас се живи споменици, а не само некакви експонати, некакви предмети со културолошка и со духовна важност. Велам – живи, зашто најмногу преку нив и со нив се изразувале оддаденоста и животот посветени на Бога. Впрочем, пред нас се дела оформени и создавани преку и за верата, молитвата, богослужението, љубовта, надежта, копнежот, трпението, покајанието… Ова се дела и од кои извирала постојана надеж во времињата преполни со невремиња и со најразлични искушенија. Затоа толку и траат и се живи и до ден-денес, и не поради квалитетот на нивната материја – зашто има многу дела кои достигнале старост поради добрите материјални аспекти, но немаат живост, не се живи. А делата што се пред нас се создадени за и денес да бидат истото што биле некогаш. За нив поупатените во културата и уметноста, верувам, ќе одвојат повеќе простор за свои оценки и мислења.
А ние, како наследници на тие наши богољубиви предци, творци на вредности што, еве, траат и во нашево време, покрај тоа што треба да сме им благодарни, потребно е да покажеме и доволна грижа и љубов, за да може создаденото од нив да дочека нови поклоници и да доживее средби и со идните наши поколенија. Очигледно е временското растојание од нивното до нашево време, но тие и денес, веруваме и утре, како и до вчера, ќе ја имаат истата мисија и ќе продолжат да упатуваат кон истата цел за која биле и наменети: да ја истакнуваат религиозната зрелост, а во исто време духовно и морално да воздигнуваат и да насочуваат кон Причинителот за Кого и се создавани, за Бога и за Неговите светии. Па, минатото и сето она што некогаш е создавано, се темелот и на сегашноста и се залог за иднината! Затоа овде претставеното нам ни е блиско како и на оние пред нас, и такво ќе им биде, веруваме, и на оние по нас.
Се радуваме и благодарни сме ѝ на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), која, организирајќи ја и поставувајќи ја изложбава, на свој начин се вклучи во одбележувањето на милениумското постоење на Бигорскиот манастир, со што, како највисока македонска научна институција, го вреднува историското духовно значење и улогата на славеничката древна обител и во нашево време. И оваа, денешнава, и сите свечености и настани, поврзани со десетвековното постоење на Бигорскиот манастир, покажуваат колку сите ние му припаѓаме на Бигорски и колку Бигорски ни припаѓа на сите нас! Веруваме дека творците на изложениве предмети со радост би можеле да ги повторат зборовите на апостолот Павле дека и оваа македонска генерација заслужува пофалби зашто си спомнува, се грижи и ги покажува пред јавноста делата од вредните раце на своите предци (Сп. 1 Кор. 11, 2.) . Всушност, ние, чувајќи ги и грижејќи се за нив, им ја припишуваме таа илјадагодишна историја зашто истите се дел од милениумската историја, се вклопувачка компонента, и се нејзин континуитет. На некој начин нивните создатели се накалемиле на претходното творечко дело, и го продолжиле, овозможувајќи и во иднина да се создаваат нови.
Впрочем, и ние, современите христијани, треба да бидеме такви – да создаваме вредности што ќе се продолжеток на минатите славни времиња, но и такви коишто ќе нѐ надживеат; потребно е да создаваме дела што ќе останат да траат и по нас, а такви се само оние кои се создадени во слава на Бога и за Неговите светии. Зашто, ако вистински се грижиме за создаваното пред нас – како да создаваме ново! А денес, ми се чини, како да сме подзаборавиле на нашите обврски кон сакралното и кон културното наследство. Но, еве – одбележувањата, како годинашните и денешново, ни се можност и да се потсетиме и да се поттикнеме!
Изложениве икони, црковни знамиња, копии од богослужбени и летописни книги и писанија, бакрорези, плаштаници, одежди и црковни утвари, се дел од богатата ризница на Бигорскиот манастир. Сите овие свети предмети потекнуваат од една средина, од еден простор, каде што ја имале својата вистинска намена, па во иднина очекуваме повторно да се вратат во бигорската манастирска ризница, за и ние денес да покажеме дека истите ги чуваме и ги вреднуваме според намената и целта за кои биле создавани.
Кога веќе говориме за ова, да потсетиме, па и да прашаме: дали знаеме во каква состојба се бројните – највредните икони и црковни утвари, одземени од нашите храмови и манастири, како и за тоа како и колку се заштитени и безбедни, имајќи предвид што се случи пред неколку години со археолошките артефакти од депоата на Музејот?! Исто така, ќе се најде ли начин украдните икони од нашите светињи, коишто се пронајдени и идентификувани и се наоѓаат во соседството, да се вратат од каде што се земени?
Бигорската света обител, со Божја помош, на свој начин и во ова наше време вистински создава и, веруваме, ќе создава дела и за милениумот што следува, а најмногу од сѐ – за времето по нас, коешто ниту ќе трае, ниту ќе се мери, ниту ќе заврши, туку ќе биде – вечност! И, да не заборавиме: чувајќи ги вредностите од минатото, ги чуваме и нашата сегашност и нашата иднина – се чуваме себеси!
Да посакаме, на славеникот – Бигорскиот манастир, нека му се множат годините и вековите!
Амин!