Ние – Исус Христос (Прв дел)

Додека не најдам место за Господ, дом за Јакововиот Бог

(Псалм 131,5)

Прво и пред сѐ треба да најдеме место, дом за Господ. Место во нашето срце, место во нашата душа. Односно, тие самите да станат место и дом на Бога во нас самите. А во домот се живее. Значи ако најдеме место и дом за Бога, сме добиле место и дом за нас самите.

Сѐ друго е разредено, непотребно, безначајно, второстепено, небитно, некорисно, неполезно…, или сосема за џабе – без ова горе наведеното.

А горе наведеното е една работа, еден поим, една смисла.

Нема стадион без дом за Бога, нема болница без дом за Бога, нема диско без дом за Бога, нема театар без дом за Бога, нема пасош без дом за Бога, нема шанк без дом за Бога, нема зимница без дом за Бога, нема плажа без дом за Бога, нема автомобил без дом за Бога, нема школо без дом за Бога, нема радост без дом за Бога, нема ни црква без дом за Бога…

Дом во нас самите, радост во нас самите, солзи во нас самите… За Бога.

Вера.

Местото за Бога и домот Господов се верата во нас. Колку е помала, толку куќата ни е помала, колку е послаба толку ветерот е посилен, колку е поситна толку од маглата не се гледа. Ако е лажна, нечиста, двосмислена, колеблива, променлива, грешна…,  толку е ветер во магла а сѐ останато е поголемо и посилно од неа. И ако е така тогаш сме бездомници.

А, Второто Лице од Бога Троичниот, ни покажа како се гради домот, затоа и дојде меѓу нас, како Мајстор, како Неимар, како Градител. Односно, пратен од Баш Мајсторот, за да нѐ научи. И тоа бесплатно.

Со љубов, со разбирање, со смирение, со простување, со полека, со чувствителност, со самокритика, без гордост, без осуда, без ЈАС и без НИЕ.

Господ Исус Христос ни покажа како едно дрво расклепано може да постане дом, како една грешница може да биде домаќинка на тој дом, како еден цариник може да се моли, како еден разбојник може да се покае, како гладниот може да се нахрани, како жедниот може да се напие, како сите може да разбереме, како сите може да веруваме… Како сите можеме да се Обожиме.

А Капсанис вели дека Обожувањето е целта на нашиот живот. Така е…

Треба да се обожиме и да постанеме икона Божја. Само така Ние ќе постанеме сведоци на Исус и ќе постанеме достојни да Го видиме Христос, тогаш кога ќе дојди времето да Го сретнеме.

Дотогаш треба Христос да го имаме во срцата, во душите, постојано. Да го обновуваме Христовиот дом во нас, да варосуваме, да чистиме, да бришеме прашина, да метеме, да полеваме, да реновираме, оџакот да чади добро…

Околу нас Христос да се радува. Ние да го sидаме домот со името Христово, Христос ќе го доsида заради нас самите. Душата наша да го воспева името Исусово, Христос ќе го даде ехото на песната душевна во вториот ни дом.

Домот на нашите срца со Христос во нив, и местото на нашите души каде е поставен Христос. Така изградени и заградени, да ги пренесеме горе, како цврста тврдина пред Неговото второ доаѓање… А кога ќе дојде повторно, со таква тврдина и со таква вера, нема никој да покаже поголема радост и поголема милост од Него Самиот, на што нашата радост нема да има крај. А, нели, тоа е целта.

Осана на Синот Давидов…