Обраќање на Монахиња Ефимија Зајковска на првата меѓурелигиска Трибина во Дебар на тема: „Семејството: стожер на љубовта и општествениот развој“, одржана на 9 ноември 2024 лето Спасителово
Почитуван Градоначалник, г. Хекуран Дука,
Почитуван епископе Антаниски, г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител,
Почитуван муфтијо, г. Решат Качалнику,
Почитувана директорке на Центар за Култура Дебар, г-ѓа Едона Алили,
Почитувани отци архимандрити, јеромонаси, јероѓакони, монаси и монахињи,
Почитувани просветни и културни работници,
Почитувани соговорници,
Почитувани останати присутни гости,
Минатата година, со благослов на владиката Партениј, заедно со една моја сестра од манастирот, го посетивме почитуваниот Градоначалник, г. Хекуран Дука, со цел да го запознаеме со нашите идеи околу поддршката на соживотот во Општина Дебар. И морам пред сите вас тука присутни, јавно да ги истакнам неговите брзи и ефикасни заложби во врска со предложеното. Една од тие заложби е и општинската поддршка за овој мултикултурен и мултирелигиски проект, во рамки на кој ќе се случат трибини, ќе биде издадена една детска публикација со детски творби на тема Значење на семејството, изработена од децата во регионот, како и еден заеднички празничен Базар од хуманитарен карактер, кој се надеваме дека ќе биде поставен во центарот на нашиот град за време на новогодишните празници.
Затоа од самиот почеток сакаме да ја изразиме нашата огромна благодарност, особено кон г. Хекуран Дука, кој умее да ги препознае и поддржи добрите идеи што го помагаат напредокот на општеството. Не помалку благодарност изразуваме и кон нашите монашки заедници, предводени од саканиот ни владика Партениј, кон дебарското муфтиство, предводено од почитуваниот муфтија Решат Качалнику, како и кон сите останати, кои на било каков начин ја даваат својата поддршка во реализацијата на овој проект.
Кога размислувавме како да го поставиме овој проект, лесно констатиравме дека пред нас стојат одредени современи предизвици, кои заеднички треба да ги решаваме. Еден од тие предизвици е слабеењето на интересот кај младите луѓе да живеат во традиционална семејна заедница и да го носат крстот на семејниот живот, што го предизвикува познатиот проблем со кој се соочуваат денешните модерни општества, а тоа е таканаречената демографска криза.
Од една страна, гледаме дека денешните општества се значајно развиени. Имаме неверојатен цивилизациски напредок во многу полиња. Денес можеме да се пофалиме со силен индустриски, односно технолошки развој, кој има за цел олеснување на човечкиот живот, потоа со развој во областа на медицината која е насочена кон заштита и унапредување на човековото здравје, имаме отворени граници за да можеме полесно да разменуваме лични и професионални искуства, интелектуално да се надградуваме, па и да создаваме трајни пријателства и сл.
Но, и покрај сето ова, сепак, се забележува еден парадокс, кој рефлектира сериозни оштетувања внатре во човечката личност: наместо да напредува, човекот регресира, се соочува со длабока осаменост, стрес, страв, незнаење, болести. А најсилен, пак, негативен ефект од современиот развој е настанатото отуѓување меѓу луѓето, што значи дека тие отстапуваат од целта заради која се создадени, а тоа е живот во заедница и соединување со Бога.
За нештата да ни станат малку појасни, би сакала преку еден конкретен пример да го аргументирам горенаведениот парадокс, поткрепувајќи го со едно многу интересно истражување спроведено за прв пат пред петнаесетина години во јапонското општество. Имено, Јапонците забележале дека нивниот наталитет е во драстично опаѓање, па следствено, започнале со истражувања за да ги лоцираат вистинските причини за таквиот негативен тренд. Експертите кои се занимавале со оваа проблематика го набљудувале животот на младите Јапонци (до 30 годишна возраст) и заклучиле дека тие живеат самечки живот во мали станови, и бидејќи се зафатени единствено со својот личен развој и кариерен раст, немаат време да создаваат цврсти врски со други луѓе, значи немаат пријатели, односно партнери. И не само тоа, туку кај нив отсуствувале дури и основните социјални вештини и емоции за создавање на контакт со други живи лица, а камоли, пак, интерес за живот во заедница.
Но, видете сега како јапонските експерти го пресретнале овој проблем, какви мерки понудиле за да ги заштитат младите луѓе од оваа деструктивна појава што го продлабочува отуѓувањето и влијае на драстичниот пад на наталитетот! Во кафулињата, каде се движеле младите луѓе за време на паузата од работа – секако сами, бидејќи нели не сакаат друштво – им се нудела и мачка. Мачката им правела друштво! А зошто мачка? За да имаат контакт со живо суштество.
Ете така јапонското општество „ги заштити“ младите луѓе од отуѓување. Меѓутоа, со ова решение наталитетот не отиде во нагорна линија, напротив, тоа дополнително го засили трендот на негово опаѓање.
Зошто ви го кажувам ова?
Верувам, сите тука ќе можеме да се сложиме околу тоа дека се работи за еден негативен феномен, кој денес го зафаќа не само јапонското, туку и целото светско општество. Една од причините, пак, за ваквиот негативен феномен е напуштањето на темелните вредности кои ги стекнуваме во рамки на семејниот живот. Парадоксот лежи во тоа што денес човекот професионално непрестајно се развива, но стагнира и потфрлува на семеен план; тој има многу виртуелни пријатели, но со никого не создава длабоки физички и емотивни врски; неверојатно е храбар за да освојува нови сложени предизвици, а сериозно исплашен да го отвори своето срце за да го пушти внатре својот ближен.
Вториот аспект на кој ќе положам внимание е христијанската перспектива на темата. Во таа смисла ќе наведам еден извадок од мојот Старец, владиката Партениј. Тој вели: „Првото нешто што од Бога беше изградено и зацврстено, како нешто најсвето во овој свет, како парче Небо на Земјата, е семејството. Семејството не е ништо друго освен една мала црква, топло домашно катче, заедница на љубовно градење и облагородување на човековата личност. Тоа е, всушност, една работилница за здрави личности. Семејството е тоа коешто произведува светост, како едно место каде што човек се учи на подвиг, на жртва, на самозаборав заради другите. Семејството совршено одговара на целта заради која човекот е создаден“.
На ова ќе го надоврзам и напишаното во Светото Писмо на стариот Завет, каде се вели дека Бог ги благословил првите луѓе, велејќи им да се размножуваат и да ја наполнат земјата. Од ова, пак, можеме да изведеме логички заклучок, имено дека продолжувањето на родот и полнењето на општеството со морално изградени личности е, воопшто, најпрогресивната мерка за создавање и одржување на здрави општества. Секое семејство е едно мало општество, а општеството, пак, е едно големо семејство.
На залезот од своето излагање, ќе поставам неколку прашања, зашто нели тоа е и целта на ваквите трибини: да поттикнат прашања кај присутните.
- Дали денешните семејства имаат реална способност да се спротивстават на модерните трендови, кои се насочени пред сè кон индивидуалниот развој на човекот, за сметка на неговото отуѓување од ближниот?
Зошто го прашувам ова? Ако ги прочитаме современите дефиниции за сè поголемиот број на семејни форми на живот, кои сериозно отстапуваат од традиционалното разбирање на семејството, нема да ни биде многу тешко да заклучиме дека живееме во време во кое се случува разградување на семејството. Длабоко верувам дека една од причините за намалувањето на наталитетот е трендот на напуштањето на добрите традиции и погазувањето на моралните вредности! Помалку млади луѓе, значи и помалку работоспособна сила. Многу убаво кажа еден мудар човек кој живееше во минатиот век – Свети Паисиј Светогорец. Тој вели: „Кога ќе го снема семејството, тогаш сè ќе снема“. Зашто денес, во тесните семејни кругови веќе не се воспитуваат деца, туку тие се оставени да живеат спонтано, инцидентно, имајќи дружба не со нивните пријатели, туку со нивните паметни уреди. Нашите деца, тие плодови на сопружничката љубов и дарот Божји, нашето непроценливо богатство и надеж за здрава и светла иднина, живеат во свет во кој доминира трендот на задоволување на егоистичните потреби и материјалниот комфор, во амбиент во кој се отфрла авторитетот и почитта кон постариот. И кој е ефектот од сето ова: малкуте деца кои ги имаме во нашите општества се сè повеќе осамени, заради што развиваат сериозни психички и емотивни комплекси и фрустрации.
Имам уште едно прашање на кое ќе се обидам да понудам одговор. Значи, од една страна ја имаме реалната слика, која навидум не ветува многу, но од друга страна, пак, во нас врие желбата за промена. Никој од нас не сака да се помири со настанатата состојба, секој сака да го даде својот придонес за да го помогне општествениот развој, во смисла на духовен и морален развој на човечките личности.
- Како да го сториме тоа, кога сè ова изгледа толку многу тешко?
Токму таму, во модерниот амбиент во кој реално сите ние живееме, имаме задача да ја понудиме нашата перспектива, да придонесеме и системски да се променат нештата, да се избориме за подобро образование на нашите деца, да бидеме истрајни во почитувањето на моралните вредности. Го менуваме општеството влијаејќи на него со својот позитивен пример, бранејќи ги, додека дишеме, вредностите кои ги стекнавме и научивме благодарение на животот во нашите семејства: почитта кон секоја личност, скромноста, чесноста, трудот, пожртвуваноста, добротата, незлобливоста, милосрдието, простувањето, љубовта! Овие семејни вредности, од нашиот мал семеен круг непрестајно треба да ги пренесуваме во големото семејство на светот. Ако тоа го имаме, тогаш тоа ќе го дадеме. Бидејќи, секој го пренесува она што го научил, секој од срцето го дава тоа што во него го поседува.
Ќе завршам со тоа што ќе ви пренесам една надеж, една желба од едно десетгодишно дете што живее во регионот, кое многу добро го познавам. Имено, на едно од предавањата што со благослов на владиката Партениј се одвиваат во регионот, а се наменети за деца и возрасни, на најмладите им поставив прашање кое требаше да ги поттикне на размислување. Прашањето гласеше: „Во кое време би сакале да отидете доколку имате можност да патувате со временска машина?“ И можете да си претпоставите колку е бујна детската фантазија, согласно која тие ги изразуваат своите размислувања, кои верувајте, воодушевуваат. Некои ќе отиделе во иднината, некои ќе се врателе во камено доба, некои сакале да бидат присутни во времето кога Христос живеел на земјата, некои од нив имаат идоли, херои, па сакаат да се најдат заедно со нив на исто место и во исто време. Но тоа десетгодишно дете, откако размисли, рече: „Јас сакам да се вратам во периодот помеѓу 2018-2020 година“. Зачудена, го запрашав зошто баш тогаш? Ми одговори: „Бидејќи тогаш моите другари немаа телефони“.
Тоа дете, драги мои, е четвртото дете на едно благословено семејство кое живее во регионот. И сите тука можеме да се согласиме дека ваквите деца се силна надеж дека општеството, сепак, може одново да го достигне својот морален развој, да се врати во хомеостаза. Но, ние ќе треба да покажеме доследност и да не се откажуваме на првата бариера.
Се собравме тука за да поставиме прашања, кои треба да нè предизвикаат заеднички да размислиме кои се нашите приоритети, да понудиме можни решенија, да ја изразиме заедничката грижа, испраќајќи моќна порака на надеж. Од овде, од Дебар, во рамки на силниот соживот, верските заедници, претставени преку Бигорскиот и Рајчичкиот манастир и дебарското Муфтиство, нашите граѓански здруженија, во рамки на одобрениот проект од општина Дебар за поддршка на соживотот, ќе ја испратиме пораката дека само „семејството може да биде стожер на љубовта и општествениот развој“.
Ви благодарам за вниманието!