Текстовите на Божикните и новогодишни каланди

Божикни и новогодишни каланди пред Владиката и Старец г. Партениј Игумен Бигорски

На празникот Обрезание Господово и споменот на Свети Василиј Велики, 1/14 јануари 2020 година, пред Владиката г. Партениј, братството и сестринствата беа изведени неколку бадникарски и новогодишни песни, т.н. каланди, коишто се пееле во периодот од Рождеството Христово – Божик, па сè до после Обрезанието Христово и Новото лето Господово. Со благослов и со огромна поддршка и соработка од страна на Епископот г. Партениј, досега се возобновени или воскреснати повеќе древни божикни и новогодишни каланди. Дел од нив потекнуваат уште од византиско време, од ромејската култура и цивилизација чиј дел и наследство сме и ние, а дел се традиционални македонски словенски песни – некои запаметени по предание, а други запишани во зборниците на народни умотворби.

За подготовката на текстовите и на хорот и за аранжирањете на музиката за годинешниве каланди најмногу се потрудија јероѓакон Анатолиј и монахиња Касијана.

Каланди:

0:00 Сурова година, весела година

03:58 Вечниот Бог

06:09 Вечниот Бог

10:22 Тројца цареви од Персија

13:32 Христос се роди денес

18:59 Христос се роди денес

24:11 Сива, сива гулабице

27:39 Христос се раѓат, на светот Радост

32:14 Сношти Христос ни се роди

Благодарност до:
Ване Наков – Фолклорен Ансамбл “Етнос”

„Чалгии Мерак“, во состав:
Тасос Иоанну – кларинет
Шериф Мустафа – деф
Иван Божиновски – виолина
Филип Михајлоски – канон
Оливер Настовски – ут

Пеат:
Јована Јакимоска,
Исидора Грбиќ,
Евангелија Грбиќ,
Евангелиа Милосавлевска

Музички продуцент – Бојан Угриновски

Видео продукција и монтажа – Александар Пауновски

Камера – Александар Котевски, Александар Пауновски

Преку овие бадникарски и новогодишни песни верниот народ сакал, на некој начин, и надвор од храмовите да го слави Рождеството Христово и другите празници поврзани со него или што се слават во тој период. Она што навистина воодушевува е длабокото познавање на православната теологија, којашто наоѓа значајно место во народните стихословија, покрај, се разбира, и традиционалните фолклорни елементи.


Сурова година, весела година

(народна новогодишна каланда)

Чук, чук. Кој иде? Свети Василије.
Од кај иде? Од Кесарија.
Што носи? Здравје и бериќет од Господа.
Сурова година, весела година,
голем клас на нива, голем грозд на лоза.
Црвено јаболко в градина, живо и здраво до година,
до година – до амина!
Среќна и бериќетна Нова Година!
Жолт мамул на леса, полна куќа коприна,
колку трна, претрна, толку амбари пченица.
Црвено јаболко в градина, живо и здраво до година,
до година – до амина!
Среќна и бериќетна Нова Година!
Колку трошки сирење толку јагниња, јариња,
колку писма, преписма, толку синчиња, ќерчиња.
Црвено јаболко в градина, живо и здраво до година,
до година – до амина!
Среќна и бериќетна Нова Година!
Колку ѕвезди на небо, толку милост од Бога,
колку врапци на гранки, толку в куќи радости.
Црвено јаболко в градина, живо и здраво до година,
до година – до амина!
Среќна и бериќетна Нова Година!
За многу години!


Вечниот Бог

(народна коледарска песна)

Вечниот Бог слезе и во Дева се всели.
Свет, Свет, Свет си и Пресвет, Господи!
Царот на сите и Господ, дојде Адам да го преобрази.
Свет, Свет, Свет си и Пресвет, Господи!
Мудреци од исток доаѓаат, дарови да принесат достојни.
Свет, Свет, Свет си и Пресвет, Господи!
Да се поклонат на Господа, во пештера родениот.
Свет, Свет, Свет си и Пресвет, Господи!
Сите на Христа да му пееме, Он заради нас се воплоти.
Свет, Свет, Свет си и Пресвет, Господи!
О, Дево, Мајко, Владичице, спаси ги Христијаните.
Свет, Свет, Свет си и Пресвет, Господи!


Вечниот Бог

(од Корнилиј Козмидис Синаит)

Вечниот Бог слезе и во Дева се всели.
Царот на сите и Господ, дојде Адам да го преобрази.
Те ре-ре ре рем, тем то те ри рем,
тем и ананес, Дево радуј се;
тем и ананес, Чиста радуј се;

До пештерата да се приближиме, во јасли како лежи Господ да видиме.
Од исток мудреци доаѓаат, и дарови носат достојни.
Те ре-ре ре рем, тем то те ри рем,
тем и ананес, Дево радуј се;
тем и ананес, Чиста радуј се;

Небесата слават и се радуваат, ангелите Го воспеваат.
Дево, Мајко, Владичице, спаси ги Христијаните.
Те ре-ре ре рем, тем то те ри рем,
тем и ананес, Дево радуј се;
тем и ананес, Чиста радуј се;


Три цареви од Персија

(народна коледарска песна)

Три цареви од Персија појдоа,
водени од сјајна ѕвезда небесна
водени од сјајна ѕвезда Деница.
Ми дојдоа во град Витлем Јудејски,
го најдоа Исус Христос во ајатот.
Го најдоа Исус Христос во ајатот,
во прегратка на Мајка Му Марија.
И на Христос тие Му се поклонија,
темјан, злато и ливанто Му подарија.


Христос се роди денес

(смирненска варијанта)

Добровечер, домаќини, ако- ако има во вас желба,
да раскажам за светото раѓање на Христа Бога.
Христос се роди денес во Ви- во Витлеем јудејски,
небесата се веселат, сета твар се радува.
Во пештера се раѓа, во ја- во јасли на животните,
Царот на небесата и Творецот на вселената.
Мноштво на ангели пеат: „Слава- слава во висините“
и достојна за восхит е верата на пастирите.
Од Персија доаѓаат, тројца мудреци со дарови,
ги води светла ѕвезда, без да- без да ги задоцнува.
Во овој дом што пееме, камен- камен да не падне,
домаќинот на куќава, долго- долго жив да биде.
И добра ноќ, одморете, па во црква брзо појдете,
на светата Литургија со многу побожност и радост.
И дома штом се вратите, на- на трпеза да каснете,
дајте и на сиромаси, за ни- за никој да не снема.
Дајте ни нам што пееме, колку има во вас желба,
и Христос Бог наш секогаш помошник да ви биде.


Христос се роди денес

(македонска варијанта)

Добровечер, домаќини, ако има во вас желба,
да раскажам за светото раѓање на Христа Бога.
Христос се роди денес во Витлеем јудејски,
небесата се веселат, сета твар се радува.
Во пештера се раѓа, во јасли на животните,
Царот на небесата, Творецот на вселената.
Мноштво на ангели пеат: „Слава во висините“
и достојна за восхит е верата на пастирите.
Во црква да побрзате, со многу ревност сите,
на Божјата Литургија топло да се помолите.
Добра ноќ сега велиме, одете да одморите,
малку да поспиете и после пак станете.
На Исуса наш Христа, светото рождество,
години да се радувате, секогаш среќни да сте.
Дајте ни нам што пееме, колку има во вас желба,
и Христос Бог наш секогаш помошник да ви биде.


Сива, сива гулабице

(дебарска коледарска песна)

Сива, сива, гулабице,
од коде си долетала,
до нашего господина,
шчо чинеше наш господин?
Ми правеше златни чаши,
златни чаши и канати,
да послужит млада Бога,
млада Бога и Божиќа.
Да послужит млада Бога,
млада Бога и Божиќа,
Божиќ ми е на небеси,
слава Му е по сѐ земја.


Христос се раѓат – на светот радост

(Народна коледарска песна)

Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.
Четириесет дни и толку ноќи
Дева бдееше, топло молеше. /припев
На крај е дојде време да родит,
та бргу барат баби да дојдет.
Баби да дојдет, миро да носет,
миро да носет, да е послужет. /припев
Дури се најдет, дури да дојдет,
Марија Дева Христа Го роди.
Христа Го роди, Господ на сите,
Господ на сите – в пештера бедна. /припев
В пештера бедна, ширна полјана,
ширна полјана, ко сонце блесна.
Ко сонце блесна, ко сјајна луна,
ко сјајна луна, на светот светлит. /припев
Нек’ светлит така и в’ оваа куќа
и в’ оваа куќа, на сета рода.
На сета рода мир да е дават,
мир да е дават, да множит љубов. /припев
Да множит љубов за добри дела,
за добри дела, за сите ближни.
Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.


Сношти Христос ни се роди

(Народна коледарска песна)

Сношти Христос ни се роди и светот не го сети,
Ни светот, ни вселената, ниту, пак, злиот цар Ирод.
До кај се допре Христос Бог, там златно дрво никна,
Златно дрво, златно гранче и на него златно цутче.
Дрвото беше Христос Бог, апостолите гранки,
И цветовите Негови, пророците Негови се.
Што пророкуваа порано за Христовите страсти.
И ние да Му пееме, Христос Бог да нѐ пази.
Колку ѕвезди на небото и на дрвјето лисје,
Толку убајни да дај Бог и на домаќинов овде,
Толку убајни да дај Бог и на сиот свет, на сегде.

Линк кон веста