Монахот е човек, кој не се меша со народот, туку постојано општи со Бога Единиот. Гледајќи е виден, сакајќи е сакан; станува светлина, просветлен на неискажлив начин. Кога ќе се прочуе на далеку, себе се смета за посиромав, а зближувајќи се со другите, си останува туѓинец. О, чудо, онолку необично, колку и неискажливо. Сиромав сум поради неизмерно богатство, и ценам дека ништо немам, а имајќи од сè премногу, велам дека сум жеден и при толку вода.
– Свети Симеон Нов Богослов
Животот во општежитие претставува икона на ангелскиот живот на неботото. Монасите копнеат по таквиот живот и се именуваат како служители на божествениот домострој, заради чистотата, со која му служат на Троичниот Бог. Секој монах работи, се труди и подвизува со телото и душата, а за возврат добива смирение на срцето. Тој со голема љубов служи, се моли, пее, ги слуша живоносните зборови од псалмите и се храни со Божествената Евхаристија, со пречистото Тело и чесната Крв на овоплотеното Слово.
Монашкиот живот во Бигорскиот манастир е подреден на типик, којшто о. Партениј го добил како благослов од својот Старец Георгиј на Света Гора. Така, во одреденото време за служба, монахот кој има такво послушание, кружејќи низ манастирот, трипати го бие клепалото, на растојание од петнаесет минути и најпосле, во 16 часот, звукот на камбаната го навестува почетокот на вечерната богослужба. Таа започнува со Деветтиот час, кога Господ Исус Христос ја вкусил смртта и кога разбојникот го направил тоа што најдобро го знаел – го украл рајот, со зборовите: „Сети се на мене Господи…“ и прв се вселил во Царството небесно. Најпрво, монасите се поклонуваат на светите икони и ги заземаат своите места на дрвените столици, стасидии, што како отворени гробови, ги примаат во себе оние кои го избрале животот на распетие. Наскоро потоа се слушаат стиховите од псалмот за постанокот на светот, со кој се означува и почетокот на вечерната.
„Господи, повикав кон Тебе. Услиши ме Господи!“, како и овде да одекнува покајничкиот Адамов плач пред загубениот рај. Молитвите кои извираат од срцата на монасите, поклониците и верниците, се мешаат заедно со пеењето на псалтите, измолувајќи помош од милостивата рака на Бога, Мајката Божја, Ангелите и светиите, кои се застапуваат за оние што духовно се борат.
По заедничката служба, монасите се собираат во трпезаријата, која многу наликува на црква, бидејќи има фрески. Главното место во трпезаријата го зазема игуменот, а веднаш по него сите монаси, по својот ред. Трпезата (ручекот и вечерата), иако има некаква формалност, сепак е скромна. Монасите во општежитие никогаш не јадат месо, додека во посните денови – понеделник, среда и петок, постат без масло. За време на трпезата царува тишина. Се слуша само гласот на монахот, кој го чита житието на светителот на денот или некаков поучителен текст од древните или новите отци.
Денот завршува со Повечерие, кога се чита и Акатист пред иконата на Мајката Божја. Во примракот на црквата се гледаат само запалените кандила и се слуша пофалниот восклик на чтецот: „Радувај се, Невесто Неневестна!“ Службата става крај на изминатиот ден, со поклон пред иконите и последен благослов од игуменот. И додека сонцето ита кон запад, монасите во своите ќелии даваат одговор пред Бога за своите помисли и дела, чистејќи ги низ солзи сите траги, што гревот ги втиснал во нивните срца во текот денот, што веќе си оди.
Поминувајќи ја ноќта во богомислие и молитва, монасите го поздравуваат новиот ден со тропарот: „Станувајќи од сон, Ти се поклонуваме, Благи, и ангелска песна Ти пееме, Силни: Свет, Свет, Свет си, Господи. По молитвите на Богородица, помилуј нè!“
Пет часот е наутро и утринското клепало повикува во црква. Време е за: „Слава на Светата Единосуштна, Животворна и Неразделна Троица“ – почеток на Шестопсалмието. Ова се најсветите моменти на Утрената служба. Ова е времето за Праведниот Суд и благословени се оние кои ја имаат светлината на добродетелите, бидејќи ќе пребиваат во невечерната светлина. „Бог е Господ и ни се јави. Благословен е Оној, Кој иде во името Господово“. Катизми, псалми, тропари и канони посветени на светителите на денот, оние кои со својата вера и љубов го предадоа животот на Тој, Кој живот и љубов значи – Господ Исус.
Службата завршува со Божествена Литургија, која е круна на дневните и ноќни молитви. Таа како да излева смирение, преку благите и молитвени гласови на псалтите и свештениците. Преку светата Чаша, Господ ги кани сите за учесници на Својата Тајна Вечера, но предупредува: „Очистете ги вашите срца низ покајание, исповедајте ги гревовите пред Владиката“. Само оние што со чиста совест пристапуваат кон Телото и Крвта Христова, можат да стекнат живот во Христа.
Времето во Бигорскиот манастир бргу минува. Вистинско чудо е како ноќите ги заменуваат деновите и доаѓа крајот на неделата. Кога монаштвото вистински се живее, тогаш тоа е живот што ги надминува природните закони, тоа е вистинско мачеништво. Затоа Бог, Кој постои вечно, за тој привремен и краткотраен маченички живот, на монасите им дава надеж за вечност и воскресение. Секој монах живее за воскресението. Токму затоа Велигден е најсветиот, најторжествениот празник во манастирот, кога сè дише со Воскресението Христово. И како што се пее во велигденската служба: „Пасха, Господова Пасха и пак ќе речам, Пасха, во слава на Света Троица. Пасха, премин од мрак во светлост. Пасха, избавување од адот. Пасха, вознесение од земјата кон небото. Пасха, премин од смрт во живот. Пасха, за верните вистински живот. Таа е одмор на душата, светлина за очите, благост на говорот, таа е восхит, радост, мир…“
Деноноќно, во својот живот, монахот се оддалечува од земното и се приближува кон небесното. Тоа е чудесен начин на вознесување. И покрај многубројните световни грижи, што како стапици се поставуваат во монашкиот живот, сепак тоа е живот кој се движи кон повозвишени духовни цели. Сиромаштијата, девственоста и послушноста се непроменливи цели на секој монах, кој се труди да ги постигне со молитва, работа и пост.
Работата е неделив дел од живот на секој монах во Бигорскиот манастир. Еден работи на нива, друг во градината, трет во магерницата, четврт гради… Какво и послушание да има монахот, тој непрестајно Го повикува Христа Младоженецот, безгласно велејќи: „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“
Додека непрестајно тече молитвата, целата природа околу манастирот на Претечата, со високите јавори и костени, како патокази кон небото, заедно со чешмите, шумите и реката шепотат: „Алилуја…“ И како што било отсекогаш, од куполата на манастирскиот храм, кој се надѕира во зеленилото, Седржителот не престанува да благословува и да им дарува одмор на живите и упокоените и да му дава утеха и надеж на човечкиот род.