Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за празникот Рождество Христово, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение
Достојнопочитувани монаси и монахињи, возљубени духовни чеда, мили браќа и сестри!
Во оваа свештена и спасителна ноќ ќе му дадам целосна слобода на срцето мое за самото тоа да ви се обрати. Преполнето со радост и мир, тоа постојано ги повторува зборовите на Ангелот кој голема радост им благовести на Витлеемските пастири, радост која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ (Лука 2,10-11).
Прекрасните богонапишани химни на нашата Црква ни помагаат да проѕреме и ние во големата тајна на оваа Божикна ноќ, грижливо водејќи нè по својот мисловен пат до Витлеемската пештера за да Го видиме и ние, заедно со Ангелите, Пастирите и Мудреците, вочовечениот Бог. Неовоземна светлина оваа ноќ го осветлува небото над Витлеемската пештера, а среде таа светлина се слуша умилниот хор на ангелите и пастирите, тие први сведоци на Божјото вочовечување. Со нив весело трепери ѕвездата – водилка, чекајќи ги своите сопатници, источните Мудреци, кои во име на родот човечки доаѓаат да Му се поклонат и да Му принесат дарови на Богомладенецот. Пред нив се открива голема тајна: Бестелесниот се воплотува, бесконечниот Бог се ограничува, Беспочетниот започнува, Несоздадениот се создава! Творецот на вселената го прима образот на својата творба – човекот! „И предвечниот Цар рајот го отвора. Огнениот меч е оттргнат; ѕидот на разделбата е срушен“.
Која е таа сила што го сруши ѕидот помеѓу човекот и Бога, ѕид подигнат од човечката вообразеност, гордост, егоизам, противење? Што е тоа што ги отвори повторно дверите на рајот за нас, луѓето? Со кој клуч Царот небесен, нашиот Спасител, го отклучи мирот помеѓу Бога и човештвото? Немаше друг начин да се победи самољубието на луѓето и противењето кон Бога, освен тоа Самиот Син Божји, Исцелителот на раната Адамова, да го последува спротивниот пат од оној по кој тргнаа првосоздадените. Тие го избраа егоизмот и непослушанието. Синот Човечки, пак, дојде да ги излечи нив со Своето крајно смирение и Своето крајно и совршено послушание. Како што вели Божествениот Григориј Палама: „Оној Кој е од иста природа како и највозвишениот Отец, не само што со Своето Рождество се облекол во унижена природа, не само што се изложил на најголемо сиромаштво, раѓајќи се во бедна пештера, туку, бидејќи уште во утробата, прими и крајна осуда каква што носи нашата природа уште од самиот почеток, вбројувајќи се и запишувајќи се меѓу слугите (в. Лука 2,4-6)“. Ете ја силата што го сруши тој ѕид што го одделуваше човека од Бога; ете го клучот што го обнови нашето општење со Бога. Смирениот Бог со Своето Божествено смирение го победи горделивиот ѓавол и горделивиот човек. Затоа зеде облик на слуга, затоа стана немоќно Младенче во Пештерата во Витлеем. И карактеристично е тоа што Тој смирен Бог, Кој се вочовечи, прима дарови од смирени души, ангелски и човечки. „Небесните сили се собираат заедно со земните, ангелите и луѓето го составуваат моќното торжество; чистите Му принесуваат песна на Чистиот“. Ангелите Го воспеваа поради нивното најчисто смирение. Смирените ангели Го воспеваа смирениот Исус. Пастирите, и тие смирени и послушни – го послушаа Ангелот кој им благовестеше, – потрчаа да Го видат Бога, и поверуваа дека Тоа Младенче што Го видоа е Самиот Син Божји. Потоа и смирените Мудреци, кои и самите побожно го очекуваа исполнувањето на пророштвото за доаѓањето на Месијата на земјата, и тие направија послушание преку знамението што им било дадено со ѕвездата. За неа свети Јован Златоуст вели дека била Ангел Господов, а не некоја природна појава, како што некои се обидуваат да објаснат. И го следеа послушно Мудреците патот што им го покажа ѕвездата, стигнаа до Богомладенецот и тука смирено Му се поклонија и своите дарови Му ги принесоа. Така, и смирените Ангели, и смирените Пастири, и смирените Мудреци, и праведниот Јосиф, а пред сè, смирената Владичица Богородица, „Која како херувимски престол на славата, Го смести Бога Кој никако не може да се смести“ – сите тие смирени души можеа да Го препознаат и да Му се поклонат на смирениот Исус. Оваа историја се повторува сè до денес. Само смирените души биваат удостоени да Го разберат смирениот Исус, да Го примаат во своите срца, да Му се поклонуваат Нему, најсмирениот, Чиешто смирение стана најголемо богатство за сите, Чиешто сиромаштво донесе збогатување за целиот свет во сите векови, Чиешто смирено доаѓање како слуга меѓу слугите „му даде на светот голема милост“.
Вечерва, во оваа Божикна ноќ, Мајката Црква повторно ни дава една прекрасна можност да Го славиме воплотениот Господ, заедно со ангелите, пастирите, мудреците. И самата богослужба е едно радосно славословие, едно благодарење кон вочовечениот Господ. Црквата постојано живее во таа атмосфера на
славословие за Бога. А и што друго би правеле ние, освен да пееме заедно со ангелите: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“. Го славиме Бога, Му благодариме, Го величаме. Сè што може да принесе нашето сиромашно човечко битие, го принесува оваа ноќ. Зашто, кога човекот барем и најмалку би ја сфатил висината, и длабочината, и големината на денешното таинство, не би можел да прави ништо друго, освен да Го слави и да Му благодари на Христа воплотениот. И тој радосен дух на славење и благодарење во Црквата не би можел да биде засенет од ништо. Ете, постојано гледаме каква мрачна состојба владее сега во светот кој не Го прима воплотеното Слово Божјо, во светот кој тоне во болка, тага и меланхолија. А сепак, и покрај сето тоа, ние Христијаните се радуваме со „славна радост“, зашто Бог дојде помеѓу нас за да примиме посиновение. Светот може да се наоѓа во мрак, но тие што Го примаат Христа во срцата свои, денес и во секоја епоха, се озаруваат од Неговата незаодна светлина, соучествуваат во Неговата радост, соучествуваат во Неговиот мир, во Неговата слава, а најпосле и во Неговиот вечен живот.
Него, премилостивиот наш Спасител, Кој заради наше спасение денес се раѓа од Пречистата Своја Мајка, да Го помолиме да нè удостои и нас со клучот на смирението да ги отвориме своите срца за Него и со благодарност да Му ги принесеме. Да нè удостои да Му го принесеме целото наше битие. Како што тројцата Мудреци Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна, така и ние, наместо овие три дарови, да Му ги принесеме нашите триделни души на Христа: умот свој, срцето свое и волјата своја. Целиот наш човек да Му се принесе на Бога. Како што и Он, Целиот Бог, стана човек, така и ние – целиот наш човек да Му го принесеме на Бога. А тоа е можно, видовме, единствено преку Божественото смирение, смирението што го имаа Ангелите, Пастирите, Мудреците, праведниот Јосиф, а најмногу Преблагословената Владичица наша Богородица и Дева Марија. Колку повеќе Христијанинот се смирува пред Христа, пред величието Божјо, толку повеќе тој се облагодатува, се осветува, се спасува и станува светлина за целиот свет. Неговата душа Го восприема живиот Бог.
Собрани во овој молитвен собор пред јаслите на Богомладенецот – символот на Неговото смирение, Го молиме да ни го даде тоа свето смирение, кое од Бога направи човек, а од човекот бог по благодат. Да станеме смирени христијани, смирени ученици на смирениот Христос, за да земеме и ние учество во Неговото неискажливо богатство, во Неговата непоимлива слава и во Неговото вечно Царство. Нему слава и власт, во веки веков! Амин!
Христос се роди!