Слово на Старецот, Архимандрит Партениј, изговорено на Вечерната во чест на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, Рајчица
или мои, вечерва го славиме сечесниот спомен на славниот Христов маченик, Свети Георгиј Победоносец, на кого е и посветена оваа Свештена Обител. Верувам дека повеќето од вас го знаат прекрасното житие на овој чудесен, од Црквата Божја наречен голем Христов маченик. Иако млад по години, тој бил многу успешен во својата професија: како истакнат заповедник, воен трибун на Римската Империја, извојувал многу победи за неговата држава, без оглед на тоа што таа тогаш сè уште била незнабожечка. Несомнено, Свети Георгиј добро го знаел учењето на нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој вели: Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога! (Матеј 22,21); ги знаел, исто така и советите на Свети Апостол Павле, кој поучува секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт, што не е дадена од Бога (Рим. 13,1). Соодветно, како делотворен Христијанин, младиот воен трибун предано му служел на тогашното Римско Царство, макар што тоа дишело со омраза кон Христијаните. Во тоа време, имено, со моќниот Рим владеел жестокиот гонител на Христијаните, императорот Диоклецијан (285-316).
Меѓутоа, кога младиот Георгиј бил поставен пред испитот да избере помеѓу неговата служба на земното царство и службата на небесното; помеѓу славата што ја имал како трибун и страданијата што го очекувале поради неговата вера; помеѓу овој свет и Христа – тој не направил никаков компромис, туку решително оставил сè од светот заради Христа. Пострадал многу за верата во вистинитиот Бог и накрај маченички го положил својот живот за Него. И што се случило? Бог го овенчал со толку голема слава, неспоредливо поголема од на кој било владетел на земјата. И уште повеќе: неговата слава останува вечна, бидејќи и самиот тој живее во вечноста со Господа. Неслучајно светите отци одредиле на вечерната богослужба, посветена на Маченикот, да се читаат извадоци од Соломоновите мудрости, во кои се вели дека душите на праведниците се во Божја рака… Зашто, иако пред лицата човечки и да се измачувани, надежта нивна е полна со бесмртност. Бидејќи и малку казнети, тие ќе добијат големи благодетелства, зашто Бог ги испита и ги најде достојни за Себе. Он ги испита како злато во печка и ги прими како најсовршена жртва. Во времето на нивната посета, тие ќе сјаат и како искри по стебло ќе потечат. На племиња ќе им судат и со народи ќе владеат и Господ ќе се зацари во нив во вековите (Прем. 3,1,4-8). Гледате: вистински мудар е оној што ќе Го избере Премудриот во својот живот и ќе Го постави Него над сè. Свети Георгиј токму тоа и го направил: Го избрал Словото, Премудроста Божја, и затоа денес, по цели седумнаесет века, ние торжествено го славиме неговиот спомен. Доколку, пак, младиот и успешен военоначалник ја изберел земната слава, не напуштајќи го својот чин и сè што имал во овој свет, и не пролевајќи ја својата крв за Христа, денес сигурно никој не би го спомнувал. Во историјата имало многу трибуни, илјадници војсководци и милиони војници, многу пославни во нивните успеси дури од Свети Георгиј, но нивниот спомен згаснал; избришан е, како што чувме во првиот псалм, што го испеавме на почетокот од вечерната: како прав, што го растура ветрот од лицето на земјата (Псалм 1,4). А, наспроти ова, имињата на праведниците се запишани во Книгата на живите.
Примерот на Свети Георгиј треба да го последуваме сите ние. Тоа е она што Господ го бара од нас: да Го поставиме Него над сè во својот живот. И тогаш, согласно ветувањето на Господа, ќе имаме навистина сè. Овој духовен закон, иако надворешно противречен, а внатрешно непоклатно вистинит, го потврдил и Апостолот Павле, кој, пишувајќи им на Коринтјаните за својот живот во Христа и неговата служба во Бога, заклучува: нè нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нè сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сè имаме (2 Кор. 6,10).
Во контекст на ова, би сакал да ви прочитам еден многу впечатлив извадок од толкувањето на Свети Јован Златоуст за 24-та глава од Евангелието по Свети Матеј, каде што Господ Исус пророчки кажува за разурнувањето на Ерусалим и за Своето второ пришествие. Толкувајќи ги Христовите зборови: тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат по планините; кој е на покрив, нека не слегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои! (Матеј 24,16-18) – Златоустиот уверува дека оној што Го има Христа, има, всушност, сè. Изразувајќи се на нему својствен начин, тој реторички ги става овие зборови во устата Христова:
Ако сакаш да се украсиш, украси се со Мојот украс. Ако сакаш да се вооружиш, вооружи се со Моето оружје. Ако сакаш да се облечеш, облечи ја Мојата облека. Ако сакаш да се нахраниш, јади на Мојата трпеза. Ако сакаш да патуваш, следи го Мојот пат. Ако сакаш да наследиш, наследи го Моето наследство. Ако сакаш да влезеш во татковината, влези во градот, чиј уметник и создател сум Јас. Ако сакаш да си изградиш дом, дојди во Моите живеалишта. Зашто Јас за сѐ што давам, не барам враќање, но ако сакаш да го искористиш она што е Мое, за таквото дело Јас дури и ќе ти должам плата. Што би можело да се израмни со оваа штедрост? Јас сум татко, Јас сум брат, Јас сум младоженец, Јас сум дом, Јас сум храна, Јас сум облека, Јас сум корен, Јас сум основа, што и да сакаш сум ти Јас, од ништо нема да имаш потреба. Јас и ќе ти послужам, зашто дојдов да служам, а не да Ми служат. Јас сум и пријател, и член на телото, и глава, и брат, и сестра, и мајка, сè сум Јас, само биди ми близок Мене. Јас сум сиромав заради тебе, и бедник заради тебе, на крстот заради тебе, во гробот заради тебе, горе Отецот Го молам за тебе, долу од Отецот бев испратен како посредник за тебе. Ти Мене си ми сѐ – и брат, и сонаследник, и пријател, и член. Што сакаш повеќе?
(Беседа 76 на Евангелието по Матеј, 5)
И кажете, не е ли ова точно? Самиот Господ на друго место во Евангелието вели: секој што остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен (Матеј 19,29). Единствено во Христа, Кој не е само Оној Кој љуби, туку Кој во Својата суштина е љубов (сп. 1. Јован 4,8), добива вистинска смисла и љубовта на земјата.
Светиот Великомаченик Георгиј Го избрал Него, вистинската љубов, и знаел дека ништо од овој свет не е достојно за љубовта што Му ја дава Христос, а преку неа и за вечноста во Царството Божјо. Од многубројните римски војници, тој станал војник на небесниот Цар; го фрлил земното оружје и, наоружувајќи се со Христовиот Крст, го победил злото. Затоа денес Св. Георгиј е толку славен и силен; затоа неговите молитви ја поткрепуваат Црквата, која негува огромен култ кон овој Христов воин. Помислете само колку храмови низ светов се подигнати во негова чест! И колку само чудеса направил и сè уште прави! Чудо негово е и оваа Света Обител и неговите избранички во неа…
Да го следиме и ние, мили мои, примерот на Светиот, со тоа што ќе го бараме најнапред Царството Божјо, бивајќи уверени од Спасителот дека сè друго ќе ни се придаде (сп. Матеј 6,33). Да посакаме нашите имиња да бидат запишани во Книгата на животот, како што сакаат и многу наши современици, маченици за Христовата вера. Бидејќи, и во нашиов век не престанува гонењето на Христијанството од овој свет, зашто тоа е светлина, а мракот и злото не ја поднесуваат светлината. Да се молиме ревносно за нашите браќа и сестри, кои и денес, таму на Истокот, а и насекаде по светот, со својата крв сведочат за Христа, подобно на Св. Георгиј.
Не помали сведоци за Христа се, да знаете, и монасите. Можеби, некои од вас, кога ќе дојдат в манастир и ќе ја видат монашката радост и насмевка, добиваат впечаток дека животот на монасите е едноставен, лесен, безгрижен… Но, тоа воопшто не е така. Напротив, нивниот подвиг се поистоветува со подвигот на мачениците, од кои било побарано со крв да ја посведочат својата вера. Монасите, исто така, со духовна крв, секојдневно сведочат за воскреснатиот Бог, борејќи се против многу тешки и разни искушенија, соблазни, помисли и страсти. И мораат сето тоа да го поднесат храбро, до крајот, за да бидат непосрамени сведоци Христови. А, како плата за тоа сведочење ним им се дава таа неизмерна благодат и радост што ја чувствуваат.
Нека извадокот од беседата на Свети Јован Златоуст што го прочитавме пред малку, ни биде поука и на монасите и на мирјаните. Да Го поставиме Христос над сè и тогаш ќе се издигнеме и ние над овој минлив свет и над сè што е во него, без притоа да бидеме лишени од нешто. Бог ќе ни придаде сè; Христос не сака никого да остави: „Јас сум татко, Јас сум брат, Јас сум младоженец, Јас сум дом, Јас сум храна, Јас сум облека, Јас сум корен, Јас сум основа, што и да сакаш сум ти Јас, од ништо нема да имаш потреба… Јас сум и пријател, и член на телото, и глава, и брат, и сестра, и мајка, сè сум Јас, само биди ми близок Мене“. „Јас“, вели, „и ќе ти послужам, зашто дојдов да служам, а не да Ми служат!“ Што има поголемо од тоа!? Што сакаш повеќе, човеку мој!? Во Христа има сè! Затоа, возљубени мои, да се потрудиме со духовна борба да се издигнеме со умот над сè што е земно и да сведочиме за преблагиот Спасител Христос, без Кого животот е мрак. А, ние Христијаните имаме голема вина за тоа што светот денес се наоѓа во толку силен мрак, бидејќи не светиме со добри дела онака како што Бог сака.
Свети Георгиј да ни е на помош, да ни го чува Манастирот и да ни ја запази нашата напатена Татковина. Амин!