„Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“
Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во Неделата на митарот и фарисејот, на 9 февруари 2020 лето Господово
Мили мои, молитвата кон Бога е природна состојба на човекот. Таа е еден дијалог, едно наше соединување со Бога. Нашиот Отец Небесен сака човекот да беседи, да комуницира со Него преку молитвата. Првоначално, човекот бил создаден за да се наоѓа во едно непрестајно општење со својот Создател. Тоа го дознаваме уште од првите страници на Светото Писмо, каде се говори за таа хармонична заедница на човекот со неговиот Творец. На првиот човек Адам, прататкото наш, наполно вродена му била таа духовна благосостојба што произлегувала од неговото постојано беседење со Бога. Па така, молитвата, нашиот разговор со Бога, е нешто сосема природно, всушност и неопходно за нормалниот живот на нашата душа.
Денес Господ Исус Христос во Евангелието ни предложи една чудесна парабола, толку едноставна, а сепак мошне длабока и поучна (Лука 18,9-14). Имено, Он ни покажа како двајца отишле да се помолат на Бога во Храмот, односно преку нив ни укажа на два вида молитва кај луѓето. Два човека влегоа во Храмот да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник – ја започнува Господ оваа парабола. Во грчкиот оригинал од Евангелието стои глаголот ἀνέβησαν – ‘се искачија’. Христос го употребил овој глагол затоа што Ерусалимскиот храм се наоѓал на највозвишеното место во градот, но тој крие и симболична смисла: за да се помолиме на Бога, ние треба да се искачиме, да се издигнеме над земните грижи, обврски, таги и радости. Во духовна смисла, се искачуваме за да бидеме сами со Бога.
Едниот, значи, од нив бил фарисеј, човек од највисокиот социјален слој кај Евреите, почитуван, угледен, сметан за праведен и чесен. Ја слушнавме и неговата молитва: Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе – разбојници, неправедници, прељубници… Другиот, пак, бил митар, т.е. цариник, човек во служба на поробителната римска власт, кој собирал данок од сопствениот народ, во име на Империјата. Познато е како овие даночници собирале данок од населението: безмислосно, неправедно, со честа употреба на насилство, водени од алчност за гнасна печалба. Како таков, митарот бил озлогласен кај својот народ, омразен од сите, сметан за најголем грешник. Но, интересно, тој несомнено бил свесен за својата вина, ја чувствувал својата грешност. Затоа и се вели дека стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото. Застанал во некој агол, оддалеку и не се осмелувал да го подигне дури ни погледот свој, немал смелост да ја крене главата кон Бога и да се помоли. Tуку се удираше в гради и велеше: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ За разлика од него, фарисејот не само што себеси се сметал за праведен, туку уште и Му се фалел на Господа со својата праведност, Му докажувал дека е многу добар. Се гордеел пред лицето Божјо што не бил грешник како другите, ами бил примерен верник, постел два пати седмично, давал десеток од сè што ќе стекнел. Со еден збор, се сметал за беспрекорен исполнител на Законот Мојсеев. И замислете, дури и како да сакал да Го потсети Господ за грешноста на митарот, па и Го насочувал кон него, како Господ да не знае и да не гледа – „Ти благодарам што не сум како овој цариник“. Чувствувал потреба на Бога да Му го посочи грешниот митар. Меѓутоа, накрај каков бил исходот од молитвата на овие двајца? Спасителот јасно ни го дава одговорот: Ви велам: тој (митарот) си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен.
Со оваа парабола, всушност, Господ нè почува каква треба да е нашата молитва, за таа да биде правилна, да биде богопријатна и услишана. Видовме на кој начин се молеле оние што важеле за најпримерни во верата кај Евреите. Сосема погрешно. И не е случајно тоа што во една прилика учениците Го замолиле Христа да ги научи како да се молат. Како побожни Евреи тие сигурно знаеле молитви, но, очигледно не биле задоволни од тој фарисејски дух на молење, па затоа барале нешто посуштинско, внатрешно, вистинско. Тогаш Господ им ја кажал молитвата „Отче наш“ – една чудесна поетска молитва, исклучително содржајна, несогледливо длабока. За оваа молитва се напишани илјадници страници во светоотечката литература. Како започнува Господовата молитва? „Отче наш, Кој си на Небеста, да се свети Името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на Небото така и на Земјата…“ Гледате, во молитвата не се бара ни здравје, ни богатство, ни успех во работата, ни добар углед во општеството. Ја бараме Божјата волја на Земјата, го бараме Неговото Царство. Кон тоа треба да е насочена нашата внатрешна молитва, зашто целта на нашиот живот е спасението и вечноста. Ако го бараме Царството Божјо, ако сакаме да се подредиме себеси, својата волја на волјата на Бога, тогаш сè друго ќе ни се придаде (сп. Матеј 6,33). Господ знае и гледа сè. Ги знае нашите потреби, нашите желби, нашиот недостиг, нашите рани. Пред да им ја каже на учениците молитвата „Отче наш“, Христос им рекол: вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го помолите (Матеј 6,8). Не треба да се сомневаме во Божјото сезнаење и во Неговата промисла за нас.
Така, да ја бараме Божјата волја за нас е нешто најсуштинско, но не помалку важен е и начинот на кој треба да се молиме. Бог од нас бара љубов и смирение. Во Молитвата, меѓу другото, Господ нè учи кога се молиме да велиме вака: „и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници“. Значи, онака како што проштаваме, онака како што се смируваме, како што љубиме, така и Господ нам ќе ни возвраќа и ќе ја услишува нашата молитва. Зашто Царството Божјо е љубов. Ако некој рече: „Го љубам Бога“, а го мрази својот брат, тој е лажливец – вели Свети Јован Богослов – зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој (1. Јован. 4,20-21). Бог е Татко на сите луѓе. Ако Го сакаш Бога, треба да ги сакаш и Неговите деца, какви и да се тие. А за жал, има многу Христијани што одат во црква, се молат, читаат Евангелие, но ја пропуштаат суштината, имаат сосема погрешна перцепција за Бога и за молитвата. Сум слушал многумина да ми велат: „Отче, јас секоја недела одам во црква, палам свеќи, понекогаш од моите приходи давам на сиромашни. Зошто пак ми се случуваат лоши работи?“ Таквите мислат дека дури и Го задолжиле Бога со нешто, дека поради нивните добри дела Он им е веќе должен, па сега треба да им помага во сè, да им биде во секој поглед добро и убаво. Колку погрешен пристап кон молитвата! Како Господ да е некој автомат што треба да ги исполнува нашите желби. Одиме в црква, притискаме на некое копче и го бараме тоа што во моментот ни е потребно. И доколку го нема, Господ наеднаш ни станува неправеден, лош, повеќе не ни е потребен, зашто не ни ги исполнува нашите желби. Навистина, понекогаш сме многу далеку од она што го кажал Господ во „Отче наш“. „Да се свети името Твое…“ Тоа треба да го бараме! И тогаш нема да бидеме лишени од ништо што ни е потребно во овој живот.
Треба да сме свесни колку многу е потребно да внимаваме и да се чуваме од тој дух што денес Господ го посочи кај горделивиот фарисеј, кој дури и пред Бога лицемерно се молеше. А доколку внимателно го читате Евангелието, ќе забележите дека таквите како овој фарисеј постојано биле околу Христа, односно Го следеле на секое место во Неговото делување и проповедање, само не за да се поучат, туку да Му најдат грешка и да го осудат. Но, тие на крајот не се спасиле. Се спасила покајаната грешница, се спасил митарот од денешното евангелско четиво, се спасил Закхеј од минатонеделното Евангелие, кој имал огромна желба да Го види Господ. Нему, впрочем, не му било важно што ќе кажат луѓето, или тоа дека можат да му се потсмеваат и да го осудат. Напротив, тој се издигнал над судот од овој свет, го презрел срамот и се искачил на дрво за да Го види чудесниот Назареец. Искрено посакал да Го види Господа и затоа бил виден од Него: Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом (Лука 19,5) – му рекол Господ. И потоа отишол кај него и го спасил целиот негов дом, затоа што Закхеј се покајал и се поправил. А тие кои лицемерно Го следеле Христа, накрај и Го распнале. Иако биле постојано со Него, побарале лажни сведоци за да Го осудат на смрт.
Да знаете дека, за жал, и во наше време има многубројни „Христијани“ кои со својата нељубов и фарисејство Го осудуваат Господа на смрт. Таквиот осудувачки дух се рефлектира и наоѓа широк простор и во денешната информативна сфера. Доволен показател ни е тоа што на интернет постојат „ултраправославни“ сајтови кои осудуваат сè и сешто во името на Бога! Човек просто да се ужасне од речникот што го користат овие „православци“! Идентичен на фарисеите. Затоа, длабоко ве замолувам да се пазите себеси, како што Господ ни вели во Евангелието, од квасот фарисејски, што е лицемерие (Лука 12,1). Воопшто не е во ред јас како верник да застанам зад тастатура и јавно да ги осудувам синодските и соборните одлуки на владиците, или да го осудувам својот Митрополит, па дури и Вселенскиот Патријарх! Сетете се само како постапил Светиот Апостол Павле кога не сакајќи го навредил првосвештеникот на суд. Дознавајќи дека е првосвештеник, Апостолот му се извинил, иако тој бил утврден противник на Христијанството: Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е напишано: „Началникот на твојот народ да не го злословуваш“ (Дела 23,5). Гледајте колку е страшно да го осудиш првосвештеникот! Колку е страшно, впрочем, да осудиш и еден најпрезрен, еден најголем грешник. Тоа ни го покажа Господ во денешнава парабола. Не смееш да судиш, бидејќи доколку судиш, сигурно ќе паднеш во истиот грев, па дури и во многу поголем. А колку повеќе, пак, доколку ги судиш оние кои се претпоставени, кои го зеле пастирскиот крст и одат напред за нашето спасение. Знаете ли што значи да се биде духовник, епископ, патријарх? Само Бог знае колку е тежок нивниот крст! Огромен! Деновиве ми покажаа како тие „ултра“, „вистински православни“ ставале фотографии од Вселенскиот Патријарх заедно со Римскиот папа и страшно го осудуваат, го навредуваат, веднаш го претставуваат како предавник. Колку безумно нешто! Па јас, кој сум еден обичен игумен, морам некогаш да седнам да пијам кафе и со друговерци и со инославни и со атеисти… Ќе дојде оџата, не треба ли да го испочитувам како човек?! Или некој католички свештеник – не смееме ли да поразговараме со него?! А што да кажеме за Патријархот?! Колку само средби има тој секојдневно и тоа со секакви луѓе, колку состаноци, значајни симпозиуми на кои е неопходно неговото присуство… И што, впрочем, има лошо во тоа ако поразговараш со некого пријателски, или ако постигнеш некаков договор за општа полза? Тоа во никој случај не значи дека ја предаваш верата. Господ Исус разговарал и со Елините и со Римјаните, дури и со Самарјаните, што во тоа време било недопустливо за Евреите „пуританци“, бидејќи контактот со нив го сметале за осквернување. Гледате колку е страшен тој фарисејски, лицемерен дух? Да бегаме што подалеку од него! Луѓето со таков дух во Црквата служат само за соблазна и за ништо друго. Вчера едно духовно чедо ми напиша порака: „Што е ова, оче, по овие портали? Само судење и ништо заедничко со Христа. Какви само ужасни наслови ставаат! Дури почнувам и да си мислам дека мора да се платени од некои за да го растурат Православието?“ Јас му одговорив: „Не верувам дека се платени, барем не сите. Но едноставно тие го имаат тој дух, на злото, на непријателот. Тие никогаш не застанеле вистински пред Бога како овој митар денес, не ја наведнале главата своја пред Него, не ги согледале своите гревови“.
Во духовниот живот, човек треба најпрвин добро да се спознае себеси, да погледне длабоко во себе и да увиди какви гревови, страсти и слабости има. Дури тогаш ќе може вистински да Му се приближи на Бога, како што тоа го направи митарот од денешното четиво. Оти, во секого од нас се крие еден грешен митар, можеби и погрешен од овој денес. Во нас има потенцијал на големи грешници. Па така, во секој момент може да ни биде допуштено да се стрмоглавиме во најтешки гревови. Затоа, никогаш не смееме да судиме никого. Господ тоа строго го забранува: Не судете, за да не бидете судени; зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери (Матеј 7,1).
Веќе навлеговме во подготвителниот период за Великиот Пост. Оваа седмица, наречена Недела на митарот и фарисејот, Господ нè поучува каква треба да биде нашата молитва. Денес за прв пат на богослужбата се отвори книгата наречена Триод (Трипеснец), која ќе се употребува во Црквата сè до Воскресението Христово. Во оваа Божествена книга се содржат прекрасни песнопенија и молитви од повеќе свети отци, кои продреле длабоко во човечката психологија. Со овие боговдахновени текстови Црквата ни помага на правилен начин да се помолиме и да вникнеме во нашето битие. Колку убави молитви, созерцанија, славословија, духовен плач можеме да најдеме во Триодот, во минеите и во другите богослужбени книги! Да ги земеме за пример и псалмите од цар Давид – чудесни зборови во кои има изблик на покајничка молитва. Просто нема богослужение, па нека е и најмало, а да нема псалми во него. Да Го молиме Христа да ни дава смирение и молитва како опишаниот во Евангелието митар, та да бидеме Негови вистински, смирени и љубовни сведоци.
Амин!