МАРИЈА – име на возвишеност и светост

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на вечерната од празникот Рождество на Пресвета Богородица, во соборниот храм на Свештената Пречистанска Обител, на 7/20 септември 2019 лето Спасителово

Вечерва, мили мои, кога го славиме Рождеството на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, во овој преславен нејзин дом, би сакал најнапред да ве поздравам од името на нашиот почитуван владика, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, кој во моментов се наоѓа во далечната Австралија. Иако тој физички е толку далеку од нас, сепак, ние силно го чувствуваме неговиот благослов овде, во оваа света Обител, чијшто особен љубител и голем добротвор е токму тој, еве веќе скоро четири децении.

Собрани сме вечерва во овој свет и прекрасен храм за да славиме роденден. Слободно би можеле да кажеме дека за Христијанинот вистински роденден не е денот на неговото биолошко раѓање, ами денот на неговото духовно раѓање, или преродување. А кога Христијанинот го доживува тоа преродување? На светата тајна крштение. Токму таму, во крштелниот купел, Христијанинот се раѓа за нов живот. Тоа е, впрочем, смислата на трикратното потопување на новокрстениот: погребение на стариот, гревовен човек по Адама и раѓање на новиот, внатрешен човек по Христа. Така, биолошкиот роденден без ова духовно раѓање во Христа, Ослободителот од смртта, не значи ништо особено. Вистинското, суштествено раѓање – роденденот на Христијанинот, е во крштелниот купел. Тој препород, тоа пресоздавање на новиот човек, се заокружува со последното раѓање, т.е. со излегувањето од овој привремен живот кон вечниот. Смртта, значи, гледана низ христијанскиот објектив, има само привиден карактер на умирање; таа е поскоро раѓање за вистинскиот, вечен живот. Ете зошто Црквата, славејќи го споменот на Светиите, како ден за нивна прослава го зема не денот на нивното раѓање од утробата на мајката, туку денот на нивното заминување во вечноста, нивниот целосен роденден, кога тие се раѓаат за вечниот и блажен живот. Тоа треба да важи и за секој Христијанин кој заминува од овој привремен живот на земјата. Па така, во подлабока, онтолошка смисла, крштението и смртта се поистоветуваат. Смислата е духовниот препород на новиот човек во Христа. Таа преродба започнува со крштението, трае во текот на сиот земен живот и завршува со мигот на смртта. Согласно на тоа кој колку успеал да се приближи до Бога, преку добродетелната борба со стариот, гревовен човек и преку подвигот на љубовта во овој живот, толку блиску ќе биде до својот Создател и во вечноста.

Рековме дека биолошкото раѓање не значи ништо без духовното преродување. Меѓутоа, во случајот со Пресвета Богородица, Црквата го празнува и нејзиното Рождество, затоа што ова раѓање било проречено, предвестено и подготвувано уште одамна пред Таа да се роди. Што мислите, кога започнува историјата на нејзините предци и претскажувањата за нејзиното раѓање? Првите пророштва за Пречистата Дева ги наоѓаме уште на самиот почеток од историјата. Кога Господ ја проколнува лукавата змија за тоа што ги излажала првосоздадените,  Он меѓу другото ѝ вели: И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин (Битие 3,15). Во жената и породот нејзин се крие првото Евангелие за Мајката Божја. Генеалогијата, пак, на Дева Марија започнува илјада години пред Таа да се појави на овој свет. Во една од црковните химни за денешниот празник пееме: „Денес, луѓе, стана почетокот на нашето спасение, зашто проречената од родовите древни, Мајка и Дева, од неплодната се раѓа, цвет од Јесеја…“. Јесеј, таткото на Светиот пророк и цар Давид, живеел околу илјада години пред да се роди Пресвета Богородица. Дева Марија, значи, потекнува од царски род, од лозата на вториот еврејски цар, Давид. Уште оттогаш Господ ја благословил и предназначил Богородица да биде Негов дом, да стане Мајка Божја. Меѓутоа, кога говориме за предназначување и предопределеност, не смееме да помислиме дека Бог ја создал Богородица без слободна волја. Во никој случај! Да, Таа била предизбрана и благословена да биде Пресвета, но тоа воопшто не значи дека таква била и родена. Напротив, станала посвета од сите Светии, станала Пресвета, преку преголемиот свој подвиг во чистотата, во непорочноста, во воздржанието и молитвата, во личносното општење со живиот Бог. Таа непрестајно работела на себеси за да стане Светиња на светињите, да биде дом Божји, како што прорекол за Неа царот Соломон.

Вечерва, во последната паримија, во изреките на овој мудар цар прочитавме едно пророштво: Мудроста си изгради себеси дом… (Изрек. 9,1) А која е, всушност, мудроста? Таа е нешто својствено, присушто на Самиот Бог. Во црковната традиција, кога се говори за Премудроста Божја, се мисли на Второто Лице од Света Троица, на Синот Божји, Господ Исус Христос. И сега, Самиот Он, преку Духот Свети, му говори на Соломона дека Си изгради за Себе дом, Си подготви живеалиште. И навистина, Он ја покажа Пресвета Богородица како Свое живеалиште, од каде што ја прими човечката природа и по тело стана еднаков со нас, заради нашето спасение. Ете зошто доаѓањето на Богородица, на домот на Премудроста Божја во овој свет, е причина за најголема радост; нејзиното раѓање предизвика радост за целата вселена. Така и пееме во тропарот на денешниот празник: „Раѓањето Твое, Богородице Дево, радост ѝ возвести на целата вселена…“ Затоа во Црквата Божја, освен Рождеството на Богочовекот Христос, се слави роденденот уште на само две други личности: на Пресвета Дева Марија и на Свети Јован Крстител, чиешто раѓање било, исто така, радост за сето човештво. Но, за Свети Јован ќе говориме во некоја идна прилика.

Во добата на Стариот Завет, името на новороденчето му се давало на осмиот ден по раѓањето. Притоа, машките деца биле обрезувани, а на женските само им било давано име. Кога се родила Преблагословената Дева, нејзините родители, Светите Богоотци Јоаким и Ана – коишто, патем, преку нивниот добродетелен живот се покажале најправедни од сите праведници дотогаш – ѝ го ставиле името Марија. Ова еврејско по происход име има многу што да ни каже. Според некои истражувачи, неговото етимолошко значение е ‘возвишена’, ‘возвеличена’, ‘госпоѓа’ – нешто што ѝ е сосема својствено на Царицата на ангелите. Сепак, нема да се задржувам многу на етимологијата на ова име, туку ќе преминам на едно интересно расчленување што го направиле византиските отци. Имено, тие мошне проникливо и, се разбира, боговдахновено, го ставаат ова име во акростих, со соодветно толкување. Во книжевноста, знаете, акростихот претставува песна во која почетните букви од стиховите, читани вертикално одозгора надолу, образуваат некој збор со значење. Тука треба да појаснам дека во грчкиот, како и во црковнословенскиот јазик името на Пресветата Богомајка е со пет букви: МАРИА. Во современиот македонски јазик, пак, според правописните правила, помеѓу буквите ‘и’ и ‘а’ се става новововедената буква во нашата азбука ‘ј’. Сепак, во оваа прилика, во интерес на светоотечкото толкување на името на Богородица, ќе се задржиме на нашата старословенска писмена традиција, т.е. ќе ја земеме старата форма на името: Мариа.

Така значи, византиските отци од секоја буква на името на пресветата Мајка Божја извлекуваат по едно име на пет преславни и добродетелни жени од времето на Стариот Завет. Секоја од овие жени имала некои особени харизми, дарови од Светиот Дух, а сите тие заедно, пак, се содржат во личноста на Пресвета Богородица – се разбира, во неспоредливо поголем степен.

М. Првата буква од името на Мајката Божја ја означува сестрата на славните пророци Мојсеј и Арон, Мирјам. Оваа благословена жена и самата имала пророчки дар како своите браќа. Имено, кога Израилците, преку големо Божјо чудо, избегале од војската на фараонот, преминувајќи го Црвеното Море како по суво, Мојсеј заедно со народот испеал благодарствена и пророчка песна. А сестра му Мирјам ги собрала сите жени од другата страна и антифоно ги повторувала Мојсеевите зборови. Можеби некој ќе рече: тоа што таа ги повторувала зборовите на пророкот, не значи дека и самата е пророчица. Меѓутоа, да се потсетиме на Евангелието, кога Дева Марија и праведниот Јосиф Го однеле Богомладенецот Христос во Ерусалимскиот храм, таму ги пречекал големиот Симеон Богопримец. Тој Го зел Детето в раце и знаејќи дека Он е долгоочекуваниот Месија, пророчки воскликнал: Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико… Како да вели: „Господи, сега откако Те видов лично, подготвен сум да си заминам од овој живот, зашто очите мои го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците. Тогаш во храмот се наоѓала и старата вдовица Ана, ќерката Фануилова, којашто му се придружила на Симеона во славословието кон Бога и им прикажуваше за Него на сите што очекуваа избавување на Ерусалим (Лука 2,29-32,38). Го потврдила она што го кажал пророкот Симеон и затоа од евангелистот била наречена пророчица. Исто и Мирјам од свештениот писател била наречена пророчица. А пророчица била и Пресветата Богородица. Во химната што ја искажала за себе при нејзината средба со Светата праведна Елисавета: Мојата душа Го велича Господа…, Таа, меѓу другото, вели: и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови (Лука 1,48). Прорекла дека блажена ќе ја нарекуваат сите поколенија. И еве, до ден денес тоа нејзино пророштво се остварува. Има и нешто друго покрај пророчкиот дар што ја поврзува Мирјам со Богородица: и двете биле деви.

А. Втората буква се однесува на личноста Авигеја, жената на пророкот и царот Давид. Оваа крајно смирена, убава и умна жена претходно била омажена за еден многу суров, неблагодарен и лош по карактер човек, по име Навал. Тој бил толку себичен, што никако не сакал да им помогне на царските војници, да им даде храна и пиење, иако тие ги заштитувале неговите стада. Прекрасната и предобра Авигеја, истакната по своето смирение и трпеливост, но и богопросветленост, ја разбрала величината на делото на цар Давид и затоа, кришум од својот маж, отишла кај него и му дала храна и нему и на неговите војници, барајќи од царот да се смилува и да не се одмаздува за неблагодарноста на мажот ѝ. Набрзо потоа, нејзиниот лош маж ненадејно  умира и Бог ја наградува Авигеја со тоа што таа станува жена на царот Давид. Кротоста и смирението на Авигеја, во многу посовршена форма, ги имала и Богородица.

Р. Оваа буква се однесува на Рахила, жената на прататкото Јаков. Карактеристично за Рахила е тоа што таа била особено убава жена. Светото Писмо за неа вели дека имаше убава става и убаво лице (Битие 29,17). Била толку добра и убава, што Јаков седум години бесплатно му служел на нејзиниот татко Лаван, само за да му ја даде за жена. Рахила му ги родила на Јаков двата од неговите вкупно дванаесет синови: Јосиф и Венијамин. При раѓањето на Венијамин Рахила умрела, а Јаков толку многу се растажил, што долго ја оплакувал, а ѝ подигнал дури и споменик. Значи, за истакнување е тоа што Рахила била многу убава жена, и надворешно, а што е многу поважно – и внатрешно, украсена со добрина, верност и смирение. Ја имала таа симфонија на убавината во една личност. Истото што во огромен степен е карактеристика и на Пречистата Богомајка.

И. Стигнавме до четвртата буква, посветена на Иудита (по нов правопис Јудита). Tаа е една прекрасна личност од Стариот Завет. Нејзината историја е толку убава, но во оваа прилика немаме време подробно да ја раскажеме, па затоа би ве замолил, доколку веќе ја немате прочитано книгата од Светото Писмо посветена на неа, да го сторите тоа. Оваа чудесна жена направила еден бескрајно храбар подвиг. Таа била вдовица повеќе од три години. Нејзиниот маж бил многу богат, ѝ оставил големо наследство, злато, сребро, имоти, слуги и тн., но по неговата смрт, Јудита, сакајќи да му остане верна, ги соблекла од себе убавите алишта и се облекла во тажачка облека, препашувајќи го својот појас со кострет – боцкава ткаенина од животински влакна, за да се кае и да се моли на Бога за покој на својот маж. Тоа го правела на покривот од својата куќа. Никој не ја прекори за никакво лошо дело, зашто имаше голема страхопочит кон Бога – вели за неа авторот на нејзината книга (Јудита 8,8). Но, во тоа време настанала војна и Израилот се нашол во голема опасност. Имено, царот Навуходоносор го покорил целиот Исток, извршил големи злодела и стигнал до земјата Израилева. Тогаш, преку своите слуги им пренел на Јудејците дека доколку не му се предадат, ќе ги уништи сите нивни градови, храмовите, самиот народ. И го испратил против нив својот најголем војсководец, врховниот заповедник на сета негова војска, озлогласениот Олоферн. Тој со огромна војска се залогорил близу градот каде што живеела Јудита. Уплашени од опасноста што надвиснала над нив, но и притиснати од недостигот на вода и храна, градските првенци решиле да се предадат, да му ги отворат портите на Олоферн. Тоа, пак, значело дека меѓу народот ќе завладее и безбожништвото, бидејќи Навуходоносор и неговата војска не биле правоверни, не знаеле за верата во единиот вистински Бог, како Израилците. Во таа страшна сенародна агонија и страв, оваа храбра жена Јудита, вдахновена од Бога, се симнала од кровот на куќата, ја соблекла вдовичката облека, се облекла во најраскошните алишта, се украсила со скапоцени накити и се намирисала со најубавите ароми. А самата била многу лична и никој не можел да остане рамнодушен пред нејзината убавина, туку сите ѝ се восхитувале. Откако, значи, го направила тоа, таа ги замолила градските првенци да ги отворат портите и да ја пуштат да појде кај Олоферна, сама, невооружена, само со една своја слугинка, без да им каже за своите намери. Откако се помолила на Бога со цврста вера, за Он да ја сочува неповредена и неосквернета поради нејзината необична убавина, Јудита ја зела својата слугинка, којашто ѝ носела само една торбичка со храна и храбро се упатила кон логорот на Олоферн. Кога ја виделе чуварите, се зачудиле од нејзината убавина и откако таа им кажала дека сака да се види со Олоферн, бидејќи наводно имала да му каже нешто важно и тајно, тие ја одвеле кај него. Кога ја видел војсководецот и другите околу него, се вчудовиделе од убавината нејзина и тој се согласил со нејзината молба да разговараат неколку дена, при што таа побарала и да ѝ дозволи да излегува навечер надвор од логорот за да Му се моли на својот Бог. И навистина, три дена Јудита разговарала со Олоферн, ветувајќи му дека ќе му помогне да го освои градот, а Божјата благодат била врз неа и никој не можел да ѝ се приближи за да ја оскверни. На четвртата вечер, Олоферн толку многу се опијанил што паднал како мртов на постела. Таа ноќ Јудита влегла во неговиот шатор и со неговиот меч, што му бил обесен над леглото, му ја отсекла главата, ѝ ја дала на слугинката да ја стави во торбичката и заедно излегле од логорот. Стражарите не се посомневале во ништо, бидејќи помислиле дека ќе одат да се помолат како и претходните вечери. Но, тие си заминале од логорот и се упатиле кон својот град. Тогаш, Јудита уште од далеку почнала да вика за да ѝ ги отворат портите. И кога влегла во градот, таа ја извадила главата на нивниот непријател: „Еве ви го Олоферн!“ Целиот град се зачудил, се воодушевил од нејзината храброст и мудрост, ја прогласиле за голема победителка. Гледате како една побожна и чесна жена, со вера во Бога, го победила оној кој го покорил целиот Исток и го спасила Израилот од незнабоштвото! Слично на неа направила и Царицата Мајка Богородица, Која го победи духовниот Олоферн – ѓаволот, што со векови го тиранизирал човечкиот род и крајно го порази, го прегази и му ја отсече главата.

А. Најпосле, дојдовме и до последната буква од името Мариа, со којашто започнува името на уште една многу значајна жена од Стариот Завет – праведната Ана, жената на Елкан, мајката на последниот јудејски судија, Самуил. Оваа Ана била бесплодна, не можела да раѓа деца – јалова, како што вели нашиот народ. Според природните закони таа не можела да роди, но имала големо трпение и вера во Божјата промисла. Усрдно Му се молела на Бога да ѝ даде син, ветувајќи дека доколку ѝ ја услиши молитвата, ќе Му го посвети Нему. И Господ навистина ѝ дава син, великиот Самуил, последниот судија на израилскиот народ. Погледнете ја сега споредбата помеѓу Ана и Пресветата Дева: Ана, иако стерилна, по благодатта Божја, родила син; и Пречистата Марија, иако Девица, осенета од Светиот Дух, родила не некој пророк, судија или праведник, туку Самото Слово Божјо, воплотениот Бог и Господ, Избавителот на целиот човечки род, Исус Христос.

Да ја молиме, затоа, мили мои, Пресветата Богомајка, Којашто, како што видовме, во себе гo собрала совршенството на сите добродетели и ги надминала сите луѓе во историјата на човештвото со својата добрина и убавина и се удостоила да стане Мајка Божја. Таа ни Го донесе Христос на овој свет, Му даде човечко тело. Да ја помолиме вечерва да нѐ чува сите и да ни помага во стекнувањето на добродетелите, бидејќи тоа е спасително за нас. Многу е важно човек да се труди, да се подвизува во добрите дела. Навистина, сите ние сме многу слаби, но, видовме, доколку имаме  вера и молитва, Бог прави чуда. Кога можела една жена, вдовицата Јудита, да го победи страшниот военоначалник Олоферн и да не се исплаши од него, тогаш да се охрабриме и ние, да не се плашиме од стихиите на овој свет, туку да се надеваме на Божјата благодат и помош, знаејќи дека за наша Молитвеница и Заштитница ја имаме Преблагословената Богородица. Нејзиниот Син во Евангелието вели: Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот (Јован 16,33).

Пресвета Богородица да ве чува и благослови сите!