Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Осмата недела по Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија
Денес, мили мои, евангелското четиво од оваа, осма недела по Педесетница, ни раскажуваше за чудото што Господ Исус Христос го направил во пустината – имено, кога со пет леба и две риби нахранил над пет илјади души (Матеј 14,14-22).
Ова чудо се случило непосредно после маченичкото погубување на Свети Јован Крстител од страна на царот Ирод. Христос, нажален, заминал со Своите ученици на пусто место да се помоли. Но, народот, жеден за Неговото слово, за Неговото возвишено учење, дознал каде заминал и во големо мноштво, пеш се упатил кон Него.
И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни – вака започна денешното евангелско зачало. Се смилува над нив… Кога Господ видел колку народ дошол на тоа место, напуштајќи ги своите села и градови, се смилувал над нив и заради нивниот подвиг, заради нивната љубов и ревност, ги излекувал нивните болни. Видовме во претходните евангелски прикази како Господ во повеќе наврати, пред да направи чудо, ја испитува верата на луѓето, бара од нив да покажат дека веруваат во Неговата Божествена моќ. Во овој случај, пак, Самиот, без никој да Му побара, ги излекувал нивните болни и немоќни. Доволен показател за верата на народот Му било тоа што тие со голема желба изминале толкав пат, стигнале до тоа пусто место каде што бил Он, само за да ги слушнат Неговите зборови. Ништо друго не им било важно, освен да се насладуваат од поуките на Неговата Божествена уста. Сигурно голем дел од нив ги оставиле своите семејства, пријателите, работата, одморот – со еден збор, оставиле сѐ од своето секојдневие и останале со Господа преку целиот ден, дури до доцна вечерта. Биле толку желни да Го слушаат Христа, што во брзањето заборавиле да си понесат храна со себе, заборавиле и на тоа дека се гладни, се заборавиле себеси… Затоа, кога се сетиле, учениците Го опоменале Христа: Местово е пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да оди по селата и да си купи храна.
Мошне интересен е одговорот што им го дава Господ: Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат! Он, се разбира, знаел дека нема доволно храна, но им рекол така заради неколку причини. Прво, сакал да ја испита нивната послушност и вера, да види до каде напреднале во довербата кон Него. Потоа, со овој случај ги поучил да бидат служители на народот, да бидат добри управители на разнообразната Божја благодат (1. Петр. 4,10). Накрај, им заповедал самите да се погрижат за гладниот народ за тие да ја спознаат сопствената немоќ, доколку не се потпираат на Него. Ние имаме само пет леба и две риби – Му одговориле учениците. Тој им рече: „Донесете Ми ги тука!“ … И погледна кон небото, ги благослови, ги прекрши и им ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот.
Господ, мили мои, намерно почекал да падне мрак во тоа пусто место, за тогаш да го направи Своето чудо. Со тоа Он сакал да покаже дека е единствениот излез од секое беспаќе, дека кога Хранителот е присутен, не може да има немаштија, кога Богатиот е тука и пустината станува изобилие. Сетете се, нешто слично се случило и во времето на Стариот Завет, кога еврејскиот народ излегувал од Египет. Имено, бидејќи Господ се сожалил над Својот народ, кој бил угнетуван од фараонот, му заповедал на пророкот Мојсеј да го изведе од египетската земја и преку него го водел кон ветената татковина. Излегол, значи, целиот народ и набргу дошол до Црвеното Море. Во меѓувреме, фараонот се предомислил за тоа што ги пуштил Евреите да си одат и разјарен, тргнал со војската по нив, речиси и ги стасал. Одеднаш Евреите се нашле во безизлез: напред – морето, зад нив – крволочната фараонова војска. Народот си помислувал: „Зарем го погрешивме патот? Сега каде?! Нема друг излез! Зошто ни се случи ова? Што ни требаше вакво нешто? Но, Мојсеј нѐ доведе овде, тој е виновен: Зар немаше гробови во Египет, туку нè изведе овде да изгинеме во пустината? Што ни направи? Зошто нè изведе од Египет? (Исход 14,11)“. И тогаш кога народот почнал да негодува, да го укорува, да му вика на Мојсеја, кога бил опфатен од голем страв и очај – Бог направил чудо. Некогаш Господ допушта да нѐ завладее страв, да ја увидиме сопствената немоќ, да сфатиме дека не можеме без Него, да се смириме и тогаш доаѓа Неговата интервенција. Затоа што ние, како луѓе, многупати повеќе се надеваме на сопствените сили, на себеси, поскоро се потпираме на нашата немоќ и ништожност, отколку на надежта во Него. И така, кога веќе изгледало дека се наоѓаат во безизлез, Бог му рекол на Мојсеј: Кажи им на синовите на Израел нека врват. А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите израилски, среде море по суво (Исход 14,15-16). Мојсеј така и направил и морето се отворило, па израилскиот народ поминал како по суво. Фараонот со војската тргнал по него да го гони, но, како што знаеме од историјата на Светото Писмо, тогаш морето се затворило и целата негова војска се издавила во него. Ова го потврдува и археологијата, па кој сака, може да прочита и повеќе на таа тема.
Нас сега повеќе ни привлекува внимание тоа што и во случајот на чудото со петте леба и двете риби местото било пусто, немало од каде да се купи храна, немало излез. Човечки гледано, навистина немало исход. Но, зарем Оној Кој му дава храна на сиот овој свет и Кој ја утврдил целата вселена и ги храни сите живи суштества, не би можел да нахрани над пет илјади луѓе? Што е тоа за Создателот на сета твар?! И навистина, Господ направил такво чудо и ги нахранил со телесна храна луѓето, кои најнапред гладувале за Словото Божјо, го барале Царството Божјо. Евангелието не ни кажува дека тие побарале од Христа да ги исцели нивните болни. Не, туку Самиот Он се смилувал над нив и ги исцелил болните, а на крајот од денот и ги нахранил. На што, меѓу другото, нѐ поучува ова чудо? Пред да го направи чудото со лебовите, Господ погледнал кон небото, укажувајќи дека оттаму, од Бога ни доаѓа и телесната храна. Затоа сака да бидеме благодарни за сѐ што ни дава. Свети Јован Златоуст вели: „Оној кој својата трпеза секогаш ја започнува со молитва и благодарност кон Бога и така ја завршува, неговата трпеза никогаш нема да остане празна“. Ние како да забораваме да благодариме на Бога за даровите што ни ги дава. Честопати претерано се грижиме да го натрупаме домот со храна и не само со храна, туку и да собереме секакви материјални блага, да си „обезбедиме“ сигурна иднина. Или, пак, имаме навика да штедиме во текот на целата година за најпосле да појдеме некаде на одмор и таму да се предадеме на изобилна храна и пиење, да си допуштиме секаков луксуз, а не забележуваме дека околу нас постојат ближни што немаат доволно храна и облека.
Во тој поглед, ова чудо нѐ поттикнува, исто така, да извлечеме поука и дека Бог сака да бидеме едноставни, скромни, задоволни со она што го имаме. Он ги нахранил луѓето со тоа што го имало таму. На апостолите им се нашле пет леба и две риби, наједноставната храна тогаш. Рибите ги имало во непосредна близина, ги ловеле од езерото и се хранеле. Лебот, пак, е синоним за основно јадење. Затоа и во молитвата „Отче наш“ велиме: „Лебот наш насушен дај ни го денес…“. Бараме нешто наједноставно. Бог нѐ учи да бидеме едноставни секаде, на секое место, да бидеме економични. Гледаме во Евангелието дека откако се нахраниле сите, апостолите не ја расфрлиле преостанатата храна, иако ја добиле на толку лесен начин, на дар од Господа – туку ја собрале во дванаесет кошеви. Не треба, значи, непотребно да се расфрламе со храна, туку да Му благодариме на Бога и да штедиме. Се сеќавам, кога бев мал, како деца, ако ни паднеше лебот од раце на земја, мојата баба ќе го земеше и ќе речеше: „Ајде сега да го бакнеш“. И ние го бакнувавме лебот и велевме: „Боже, прости ни затоа што се однесувавме невнимателно со лебот“. Со ова нѐ поучуваа на скромност и благодарност, нѐ учеа да го цениме секој дар од Господа. Сте го виделе ли тоа некаде денес? До каде стасавме, огромни количини храна се фрлаат в ѓубре, во време кога илјадници умираат од глад…
Но, да се вратиме повторно на евангелскиот расказ. Значи, и при настанот со прекршувањето на петте леба среде пусто место и при преминот преку Црвеното море – во обете, би рекол, безизлезни ситуации – Господ направил чудо, нашол решение, излез. Значи кога сме со Христа, не постои безизлезна ситуација. Затоа човек не треба никогаш да очајува. Барајте од Бога. Барајте го најнапред Царството Божјо, посакувајте да бидете со Него, кажете Му дека Го љубите. Овие луѓе од Евангелието денес тргнале да Го бараат Господа во пусто место. Тие имале надеж и најважно од сѐ – Го љубеле Христа; за да Го бараш треба да Го љубиш. Токму тоа го претставува и молитвата: љубов и потрага по Бога. Се молам, значи Го сакам и Го барам Бога. Одам во манастир оти Го љубам и Го барам Него. Погледнете колку луѓе има денес во манастиров, дојдени од секаде. Поминале километри за да дојдат тука. И затоа после Господ им помага. Многумина што доаѓаат се свесни дека Господ го наградува нивниот подвиг, им одговара на нивните молитви и им помага согласно нивната вера. Од своја страна, пак, верниците ни помагаат нам. Така, никогаш не сме останале без леб. Секогаш на трпеза имаме што да јадеме. Се сеќавам, една година пред да го започнам својот монашки подвиг во Бигорски, го посетив Манастирот – беше тоа на славата на Свети Јован Крстител. Разговаравме со неколку луѓе, меѓу кои беше и нашиот почитуван Митрополит, г. Тимотеј, за тоа колку Манастирот е убав, но толку жално е тоа што во него нема монаси. Притоа, со тага заклучивме дека овде и нема услови за монаштво: во околината нема православно население, манастирот нема никаква економија, па следствено, тешко би можел да опстане. Но еве, по Божјата милост и благослов, не само монаси – ние сме скоро триесет – туку и уште колку други луѓе се нахраниле овде, колку болни се исцелиле! Што е сето тоа? Она што Господ им го рекол на апостолите: Дајте им вие да јадат! Он им даваше на апостолите, тие – на народот. И сега Господ им дава на Своите слуги, на архиереите, на свештениците, на монасите, а тие, пак, на верните. Ете, монасите заминале на пусто место, оставиле сѐ од овој свет и тргнале да Го бараат Господ. А каде што е Он, рековме, има духовно изобилие. Затоа народот доаѓа по манастирите, да се напојува од Неговиот извор. Се разбира, Господ е насекаде и сѐ исполнува, Он е присутен и во градовите, во домовите, во луѓето, и секој што Го бара ќе Го пронајде. Но, сепак, во манастирите, во општежителните монашки заедници, Неговата благодат особено моќно се излева.
На крај уште еднаш би сакал да ве замолам: бидете Му секогаш благодарни на Бога и, верувајте, Он никогаш нема да нѐ остави празни. Трпезата на благодарниот човек никогаш не останува празна. Тоа сум го видел многупати во животот. Имајте надеж во Бога, немојте да велите: „Ова е невозможно, се наоѓам во ќорсокак, во безизлез“. Така велеле и Израилците пред Црвеното море и учениците кои биле свесни дека нема доволно храна за големото мноштво народ. Но, Господ се погрижил и за едните и за другите. За Него сѐ е можно – потребно е само да Го љубиме и да Го бараме.
Нека Бог ни дава љубов и желба постојано да Го бараме, како што овој народ денес Го побара во пустината и беше духовно и телесно нахранет и од болестите исцелен!
Да сте живи и здрави и со љубов во Бога!