„Верувате ли дека можам да го направам тоа?“

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Седмата недела по Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија

И денес, мили мои, чувме од евангелското четиво како Господ дојде за да му добротвори на човештвото. Во денешното литургиско зачало, Светиот Апостол и Евангелист Матеј ни раскажуваше за тоа како Христос излекува двајцата слепи луѓе и еден нем и бесен човек (Матеј 9,27-35).

Дојде, значи, Господ на земјата за го исцели болното човештво. Он дојде да го посети Своето создание, да го излекува од болестите негови, а пред сѐ, од најстрашната болест -неверието, недовербата на човекот кон Бога. Впрочем, со неверието започнала трагичната историја во Едемската градина, кога првосоздадените не поверувале во Божјиот збор. Господ беше им дал само една заповест: да не јадат од забранетото дрво, бидејќи во моментот кога ќе каснат, ќе умрат (сп. Битие 2,17). Тие, за жал, не го примиле со доверба ова Божјо родителско слово и погрешиле. Создадените за бесмртен живот и за вечно веселие и наслада, сега западнаа во распадливост и смрт и вкусија од горчливиот плод на своето непослушание.

Оттаму, кога дојде Спасителот на земјата го најде човештвото во една многу страшна и крајно бедна состојба. Пронајде луѓе слепи, иако нѐ создал со очи. Пронајде глуви, иако на сите ни дал уши и слух. Виде луѓе фатени, сакати, болни, бесни, иако, како што читаме во првите страници од Светото Писмо, го создал човекот како цар на творението, како корифеј на првосоздадената убавина. Но, создавајќи гo совршен, му дал и слободна волја, како принцип на љубовта. Човекот требало самиот да избере дали ќе Го љуби Бога и ќе има доверба во Него, во својот Создател и Татко, или пак, ќе стане идол на самиот себе. Тој, за жал, го избрал второто. Затоа кога доаѓа Христос, од луѓето, пред сè, ја бара верата, онаа вера што била изгубена од Адама па до денес. Забележете добро што им вели на слепите, кога тие довикнувале по Него: Помилуј нѐ, Исусе, Сине Давидов! Ги прашува: Верувате ли дека можам да го направам тоа? Верувате ли? Ги испитува за нивната вера. Тие Му рекоа: „Да, Господи!“ Овој настан ни покажува колку е потребна соработката на човекот со Бога за да стане некое чудо, да се случи нешто добро. Доколку овие слепи луѓе не верувале, Христос немаше да биде виновен за тоа што ќе останале неисцелени. Сетете се како кога Он бил во Својот град, во Назарет, Неговите сожители не сакале да Му поверуваат. И што вели Евангелистот: И не направи таму многу чуда поради нивното неверие (Матеј 13,58). Поради нивното неверие. А на слепите од денешното четиво, макар што не виделе чуда со свои очи, доволно им било сведоштвото од другите за да поверуваат во чудотворната моќ на Исуса. Тие Му се обратиле со најпочесното име во старозаветниот Израил, Сине Давидов. Го исповедале, можеби и не толку свесно, колку по вдахновение од нивната вера, Неговото царско и месијанско достоинство. Он, откако ја испитал нивната вера, се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!“ И очите им се отворија. Неговата Божествена моќ, во соработка со нивната вера, направила чудо.

Господ Христос ги исцелува двајцата слепи

Потоа, следното чудо го прави кога некои други, трети лица, носат пред Него човек кој бил нем и бесомачен. И него Господ го исцелува, но сега според верата на тие што го донеле, бидејќи немиот и бесниот не можел да Го замоли Господа и да побара исцеление. Сепак, Он ја употребил верата на тие што го донеле при Него и повторно направил чудо. Слично нешто гледаме и при случајот со фатениот, кого неговите другари или роднини го спуштиле низ кровот на куќата каде што се наоѓал Христос, не можејќи на поинаков начин да пристапат до Него. Гледајќи ја верата нивна, Господ му рекол на фатениот: Синко, ти се простуваат гревовите твои! (Марко 2,5). Или, да се потсетиме на преголемата вера на римскиот стотник, чијшто слуга бил на умирање: Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави (Матеј 8,8). Кажи само збор. Каква чудесна вера! Господ, значи, ја зема предвид и верата на ближните за да направи некое добротворство. Како што, на пример, се молиме за душите на нашите покојни. Тие кои го соблекле своето тело и преминале на другата страна, не можат да прават веќе добри дела, но затоа нивните роднини, пријатели, Црквата општо, се моли со вера за нив и Господ им помага на нивните души.

Верата има суштествена важност. Таа е почеток на преображението на човекот. Врата преку која Господ влегува во срцето на човекот. Видовме како преку верата на луѓето, Господ прави чуда. На слепите им подари вид, на немиот – слово. Меѓутоа, колку поважни и поголеми се чудата што се случуваат во тајните одаи на човечкото срце, кога ќе се отворат мисловните очи на човекот и тој духовно ќе прогледа! Може да се каже дека тука дури и нема споредба, бидејќи што ако човек има телесен вид, кога е слеп за тајните на верата? Без духовен вид не може да има вера и следствено, оди во амбис. Улогата на верата е нагласувана уште од почетокот. Во Стариот Завет имаме бројни личности кои покажале огромна вера и ја потенцирале нејзината важност. Авраам, на пример, постојано бил испитуван од Бога за неговата вера. Денес тој, праотецот, патријархот Авраам, се нарекува татко на сите верници, заради тоа што особено се истакнал со својата вера во Бога. Многупати Господ му заповедал да се преместува од едно место на друго, го натерал да ја напушти татковина своја: Излези од својата земја, и од родот свој, и од домот на татко си, па појди во земјата што ќе ти ја покажам Јас!  (Битие 12,1) Од Ур Халдејски во Харан, од Харан во земјата хананска, па во Египет поради гладот, оттаму повторно во Ханан, па на југ, во земјата филистејска итн. Накрај дури и го искушал со тоа што побарал од него да го принесе својот долгоочекуван син Исак, како жртва сепаленица. Секако, тоа не се случило, бидејќи Бог не сака човечки жртви, но гледајте до кој степен ја испитал Он Авраамовата вера и го нашол достоен за Себеси и го нарекол Свој пријател: Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за оправдание и тој се нарече – пријател Божји (Јаков 2,23).

Праведниот Авраам, пријателот Божји

Бог ја испитувал верата и кај избраниот народ Израилот. Целиот народ требало да поверува во зборовите на Мојсеј дека најпосле, после стотици години, ќе стигнат до Ветената Земја. Иако било многу тешко за верување, сепак целиот народ тргнал по големиот пророк. Кога стигнале до Црвеното Море, гонети од војската на фараонот, како плод на верата, Мојсеј го разделил морето, така што целиот народ поминал низ него по суво. Во четириесетгодишното талкање низ пустината гледаме како нивната вера, испитувана со големи искушенија, паѓала и се подигнувала, за најпосле, втората генерација на оние што излегле од Египет, да стаса до боговетената земја, која во тоа време била населена од други народи. Притоа, остава впечаток тоа што секогаш кога била присутна верата, сѐ одело на добро; кога, пак, таа отсуствувала, народот се губел. Така, на пример, кога Израелците биле нападнати од Амаликијците, Мојсеј се искачил на врвот на планината од каде се гледала Ветената Земја и по откровение Божјо, ги раширил рацете крстообразно, молејќи Му се на Бога. Додека ги држел рацете така, израилевата војска предводена од Исус Навин победувала, но кога поради умор и немоќ ќе ги спуштел долу – надвладувале Амаликијците. Тогаш Арон и Ор, Мојсеевите придружници, зеле камен, го седнале Мојсеја на него за да не се уморува и самите тие му ги држеле рацете кренати, едниот одлево, другиот оддесно. Така војската на Исус Навин победила. Уште во тоа време Господ им давал знак на луѓето дека преку крстот, преку верата во крстот, во неговата несоздадена енергија, затоа што на него ќе биде распнат Синот Божји, ќе дојде конечната победа.

Бог ја испитал верата на својот народ и при самото влегување во Ветената Земја. Имено, првиот град што требало да го освојат бил Ерихон. Притоа, интересно, Господ им го дал овој град без војна. Му соопштил на Исус Навин дека треба седум пати да го обиколат градот со Ковчегот на заветот и  седум пати свештениците да затрубат со трубите– и ѕидините на градот ќе паднат. И навистина, така и се случило. Евреите влегле во градот без никаква битка, без никаква загуба на војска и средства. Меѓутоа, Господ му заповедал на Исус Навин ниеден од војниците да не ограби ништо од градот. А ете, еден од војниците, по има Ахан, украл од богатствата што ги имало во градот, без да го исповеда тоа на Исус Навин. Кога следно Исус Навин требало да војува против војската на градот Гај, испратил многу помала војска, мислејќи дека лесно ќе победи, бидејќи овој град бил многу полесен за освојување и со многу помала одбрана. Но, се случило спротивното – неговата војска, иако надмоќна, била страшно поразена. Тогаш тој паднал на молитва пред Господа и усрдно Му се молел, прашувајќи Го зошто Он дозволил да биде поразен Неговиот народ. Господ му одговорил: Стани, зошто падна ничкум? Згрешија луѓето и ја прекршија Мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу своите предмети (Исус Навин 7,10-11). Погледнете што се случило само затоа што еден човек не им поверувал на зборовите што Бог му ги кажал на Исус Навин! Исто како што Ева не поверувала на зборовите на Господа.

Секогаш кога нема да поверуваме во Божјото слово, во Божјата заповест, ние губиме, паѓаме. Не треба да имаме сомнеж дека секој збор Божји е вистина. А Господ секојдневно ни зборува, ни ги соопштува Своите спасителни тајни. Ни зборува преку Светото Писмо, преку светите отци, преку духовниците во Црквата, преку ближните околу нас, ни говори и преку од Него создадениот свет. Доколку човек созерцателно го погледне овој богосоздаден свет, не може а да не дојде до Неговиот совршен Творец. Небесата ја објавуваат Божјата слава, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен  – пишува псалмопевецот Давид (Псалм 19,1). Верата е налик на пролетно ветре после тешката и студена зима. Таа е првото јужно пролетно ветре што го топи снегот и ги раѓа првите цветови. Тогаш сѐ се менува, природата воскреснува. Истото станува и со секој што преку верата ќе ја отвори вратата од своето срце за Господ. Она што следува се прекрасните добродетели и плодовите на Светиот Дух: радоста, мирот, љубовта, добротата… Затоа, мили мои, да го отвориме срцето и да имаме доверба во нашиот Создател. За жал, честопати нашите срца се многу тврди и студени. Понекогаш толку е круто срцето на човекот, што ниту очевидните чуда, ниту откровението од природата и нејзиниот совршен поредок не можат да го скршат неверието кај луѓето. И Апостолот Павле заклучува дека не сите ја прифаќаат верата. Да, Бог го испраќа Својот призив кон сите, сите се повикани, ама не сите ќе поверуваат. Откако Господ ги исцелил слепите, им рекол да не кажуваат никому. Он, се разбира, ја знаел нивната вера и знаел дека тие ќе зборуваат за тоа, што и навистина се случило. Тие почнале да разгласуваат за Него по целата земја. Тогаш Евреите, помрачени од завист и неверие, велеле: Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите. Страшна хула! Истото се случува и денес. Многумина ја порекнуваат Божественоста на Господа Исуса Христа. Некои воопшто не ни сакаат да веруваат ни во постоењето на Бога, ни во присуството на демоните. „Науката докажува“, велат тие, „дека Господ не постои“. Која наука вели така?! Па тоа е толку смешно. Не науката, туку простотијата, помрачениот ум и духовното слепило велат дека Бог не постои. Пред скоро време прочитав една интересна изјава од еден голем научник од минатиот век, квантниот физичар Вернер Хајсенберг. Парафразирам: „Првата голтка од чашата на природните науки ќе те претвори во атеист, но на дното од чашата те чека – Бог“. Секој што искрено ќе се задлабочи во изучувањето на тајните на овој создаден свет, ќе стигне до Бога. Неслучајно повеќето сериозни научници се верници во Бога. Прочитајте ги само нивните мисли и созерцанија за Бога и ќе се уверите во тоа.

Но, за жал, кога човек е помрачен, ни науката, ниту чудата можат да му помогнат, доколку самиот тој не се потруди во верата. Тоа не е лесно, зашто живееме во духовен мрак, нѐ обземаат страстите и нѐ спречуваат да веруваме. Ама гледате, Господ нѐ вежба во верата. Затоа и ги прашал слепите: Верувате ли дека можам да го направам тоа? Ја испитал нивната вера, како што ја испитал и верата на Апостолот Петар, кога овој тргнал да оди по морето кон Христа. Едно време Петар почнал да тоне, иако Господ го уверил дека може да појде кај Него. Тогаш Петар почнал да извикува: „Господи, спаси ме!“ Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?“ (Матеј 14,30-31) Сака да ни покаже дека треба да бидеме упорни во верата, бидејќи во животот има тешки моменти, кога ќе се почувствуваме целосно напуштени, оставени сами на себе во многубројните искушенија. Но, не е така – Бог е секогаш тука, само што понекогаш не можеме да Го видиме, да Го почувствуваме. Исто како што после воскресението апостолите Лука и Клеопа не можеле да препознаат дека е Он, кога им се јавил во друг вид и почнал да им раскажува за пророците и за Писмото. Он понекогаш се открива, но понекогаш и се сокрива, за да нѐ научи да веруваме и со вера и трпение да ги поминуваме тешките мигови во животот.

За ова, Он Самиот ни остави пример преку Својот живот на земјата. Уште при Неговото раѓање се соочил со големи искушенија, најнапред од царот Ирод. Како Бог, Он можел да го уништи Ирод, да го усмрти, но не го направил тоа. Му испратил на Јосиф ангел и му порачал: Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет(Матеј 2,13) За верата, значи, треба подвиг. Ако го читаме Светото Писмо, ќе видиме дека Христос бара вера од луѓето и не само што ја бара, туку и ја поттикнува, ги предизвикува луѓето да се подвизуваат за да дојдат до верата, да ја потхрануваат во себе и да ја зголемуваат.

Господ да ни дава силна вера, но и ние од своја страна да не се откажуваме никако од Него. И кога сме слабоверни да извикуваме како таткото чиешто дете имало падавица. Имено, знаете, кога Христос се симнал од гората Тавор после Преображението, долу Го чекале многу луѓе, меѓу кои и еден татко со сина си што имал нем дух. Претходно го имал носено по разни доктори, но никаква полза. Им се обратил за помош и на Апостолите, но ни тие не можеле да му помогнат. Најпосле, кога Го видел Христа, таткото извикал: Ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни! На тоа Господ, со предизвик му одговорил: Ако можеш да поверуваш – сè е можно за оној што верува! Тогаш таткото искрено исповедал: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие! (Марко 9,22-24). Да бараме и ние од Христа да ни помогне во нашето неверие, да ни ги отвори нашите духовни очи, како што денес им ги отворил телесните очи на двајцата слепи. Нивните духовни очи веќе биле отворени, тие Го препознале Господа. А свештениците и фарисеите биле во далеку полоша состојба од нив, всушност биле до толку духовно слепи, што чудата кои Господ ги правел му ги припишувале на началникот на ѓаволите.

Нека Бог ни дава вера непосрамена, надеж сигурна и љубов нелицемерна!

Да сте благословени!