Човекот е љубов по благодат – I дел

Последниот и најсовршен плод на Светиот Дух, круна на плодовите и цел на животот во Христа е љубовта. Денес сите зборуваат за љубовта, ја заштитуваат, таа е во мода, исто како и мирот. Тоа се две нешта кои опипливо недостасуваат во светот, но се претворени во пароли. Тука нема лошо, сепак е нешто, макар и само на збор. Но, љубовта, таква каква што ни се открива од Евангелието, Христос, апостолите и Црквата, не е една обична емоција. Велиме дека го љубиме другиот човек, дека ги љубиме пријателите, своите ученици, сопругот, сите луѓе. Тоа се човечки емоции кои природно се причислени на нашата природа. Човекот е создаден така. Ако Бог е љубов, како што вели св. Јован Богослов, тогаш на човекот, кој што е создаден според Божји образ, му припаѓа по благодат тоа што Бог го има по природа. Бог е љубов, но љубовта не е Бог. Тоа е огромната разлика меѓу нас и различни идеологии и философии. За нас Бог е Личност, Која што е Љубов, но љубовта не е бог, не е личност. Додека, пак, светскиот дух често пати ја претвора љубовта во идол. Таа станува божество и затоа денес толку често слушаме: „Сѐ што е потребно, е да љубиш; треба да имаш љубов; љубовта е над сѐ“, но потполно забораваме дека Бог е љубов. Љубовта, пак, не е бог, а нашата цел треба да е Бог, т. е. она што човекот го бара е Бог и во Него ја наоѓа вистинската љубов. Во врската со Него ја наоѓа љубовта, радоста, мирот, сето тоа што ап. Павле го опишува како плодови на Светиот Дух.

Кога човек има макар и малку љубов во себе, макар малку радост и малку мир – ако тоа е од Бога, во Него се создава чувство на полнота. Тогаш не чувствуваш дека нешто ти недостасува. Во исто време сакаш повеќе, но го немаш она чувство на недостиг, чувство дека нешто ти фали. Затоа, кога во човекот дејствува законот на Духот и благодатта на Светиот Дух, тој ги чувствува во себеси сите плодови на Духот, а најмногу љубовта. Тука исто така е потребна и благоразумност за човекот да не заборави дека целта на нашиот живот е Бог и ништо друго. Целта не е радоста, не е мирот, не е љубовта, не е долготрпението, не е благоста, не е воздржанието и другите плодови на Духот, туку Самиот Бог. Сите тие нешта се плодови од нашата врска со Бога, како и претпоставки, односно и едното и другото – за да стигнам до Бога, треба да растам во љубовта, во воздржанието, во долготрпението, но кога ќе стигнам до Бога, тие нешта доаѓаат како природна последица од подвигот што сум го правел преку мојата лична борба. Човекот се гневи, се нервира, но се бори да не дозволи гневот да го освои, да не го задават омразата и малодушноста, се бори да не прави или кажува работи кои не му приличат и не ги сака. Тоа е борбата која ни помага да се доближиме до Бога. Таа е средство, инструмент, скалило кое нѐ води кон Него. Но, кога ќе Го сретнеме Бога, она кое што претходно било борба, веќе станува нешто природно и почнуваме да не се гневиме, да не се нервираме, да немаме злоба. Тие работи гаснат една по една и човекот ги активира силите на својата душа на природен начин и ги контролира за да има успех во духовната борба.

На пример, гневот е нешто многу важно за човекот, бидејќи е сила на душата, голема сила во човекот, и затоа човекот треба да има гнев во себеси, но не смее да се острастува. Не треба да биде гневен, свртен против својот брат, бидејќи таквиот гнев ја убива љубовта. Но, гневот против пороците е полезен за човекот да може да се утврди во чистотата, вистината, верата, во врската со Бога. Човекот не треба да се соблазнува, туку треба да се труди таа своја душевна сила да ја насочи против гревот и страстите, а не против својот брат. Духовниот човек не е бесчувствителен, некој кој воопшто не се гневи, и кој не е ниту студен, ниту топол, туку е дејствителен и ги активира сите сили на својата душа, вклучително и гневот, но на бестрастен начин.

(Продолжува…)