Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во Неделата на блудниот син, на Литургијата, по читањето на светото Евангелие
ве, мили мои браќа, сестри и чеда, полека се приближува времето на Великиот Пост и само уште две седмици нѐ делат од светата Четириесетница, пред спасоносното и славно Христово Воскресение. Затоа светите отци предвиделе параболата за блудниот син (Лука 15,11-32) да ја читаме токму денес; па и самата недела е наречена ‘Недела на блудниот син’.
Оваа парабола е една од најубавите која Господ ја изрекол. Може да се каже дека таа на еден симболичен начин ја претставува целата историја на човештвото, од грешниот, паднат Адам, па до најголемиот Праведник, нашиот Господ Исус Христос. Таа има интересен, едноставен и драматичен почеток. Така, во Евангелието се вели: Еден човек имаше два сина… Овде зборот ‘човек’ Го означува Господ Бог, а двата сина се човек добар, т.е. праведен, и човек грешен, бидејќи Бог го создаде човекот праведен, но тој самиот се направи грешен, паѓајќи во грев. Во параболата праведниот човек е постариот син, а грешниот – оној помладиот. Значи, човекот паднат во грев, по своја сопствена волја, посака да се дели од Бога, да се дели и од својот брат. При таа делба грешникот го побарал имотот од својот татко, велејќи: Дај ми го делот што ми припаѓа од имотот. А што му припаѓа на човекот, освен правот? Па и правот не е негов, туку Божји. Сепак Бог по Својата голема милост, покрај правот, т.е. телото, на човекот му вдахнал и разумна душа, а и една искра на совест, за тој да може еден ден да се соземе и да се врати кај својот небесен Отец, па да може да каже: сè што има Отецот мое е. Бидејќи кога човекот е со Бога тогаш има сè. Всушност тогаш тој е најбогат и е со високо достоинство, зашто Му припаѓа на својот небесен Отец. А, кога човекот ќе се оддалечи од Бога и ќе побара делба, грешејќи, тој се отуѓува од Бога. Затоа во параболата понатаму се вели: Помладиот син кога собрал сѐ, заминал во далечна земја и таму го потрошил својот дел, живеејќи блудно. А туѓата земја – тоа е оној душевен простор во кој човекот живее со страстите. Кога човекот ќе Го заборави Бога, тој навистина живее во една димензија на голема грешност и темнина и во состојба на очајание. Понатаму приказната спомнува некој човек, којшто, всушност, го претставува ѓаволот, со кого грешниот син се погодил, т.е. конечно се подал во негова служба, и вели: Се погоди и тој го прати во своето поле да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А тоа се случило откако во таа туѓа земја настапил голем глад. Што значи тоа? Кога човекот е грешен, тој се храни со своите грешни и гнасни, блудни помисли и страстите што во приказната се нарекуваат рокчиња. Како свињи, пак, треба да ги сфатиме лошите духови, кои секогаш ги поттикнуваат и ненаситно се хранат со страстите и гревовите на човекот. Со таа отровна храна го хранеле се додека не паднал под нивна власт, и неговиот отров, ете, сега им служи за нивна храна. Тие повеќе не го хранат, туку ја глодаат неговата душа, чекајќи го само моментот душата да му се одвои од телото, па со нејзините неспоредливо поголеми маки да се хранат цела вечност во крајната темница. Човекот заробен од демоните чувствува глад и духовна пустош, страшно очајание, и е мртов со душата и со делата свои.
Но, еве надеж! Гледајте, кај блудниот син, кој беше страден да ги јаде и корењата што ги јадат свињите и веќе ни страстите не можеа да го исполнат, се јави една спасоносна помисла: Колку наемници при татко ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татко ми и ќе му речам: Татко згрешив против небото и против тебе, па не сум достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од твоите наемници. Како наемници овде се подразбираат созданијата кои се далеку под човечкото достоинство, како што се животните. Значи човекот, грешејќи и водејќи сметка само за телесното, слегува на ниво на животните, дури и подолу, бидејќи животните не го злоупотребуваат она што Бог им го дал, односно нивната животна сила.
Од каде одеднаж оваа светлинка при ваков помрачен човек? Оттаму што во него се запали онаа искра на совест и разум, што Бог му ја даде на Својот син, кога го испраќаше во далечната и туѓа земја. Ете ја светлинката што Бог му ја остави за да може да го најде патот при својот небесен Отец. И кога светна таа искра, блудниот син, т.е. грешниот човек се врати кај својот милостив Татко. Тоа се случува и со секого од нас, кога грешиме па се покајуваме.
Сега видете ја неизмерната љубов на небесниот Татко. Штом го виде од далеку својот син, како се враќа парталав, засмрден од безбројните страсти и гнасотии, притрчувајќи кон него, Тој ги рашири своите татковски раце и го пречека со голема љубов. Гледајте Тој не го прекорува, не го кара, не прашува каде беше, што направи и зошто, туку го прегрнува и веднаш ги повикува слугите: Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете. Го облекува грешниот човек во голема слава. Облеката која овде се спомнува Го претставува и Самиот наш Спасител Господ Исус Христос. Тоа е облека на правдата, чистотата и невиноста. На небото и на земјата нема поубава облека од неа. Секој Христијанин кој се крстил во името на Отецот и Синот и Светиот Дух е облечен во Христа, како што и пееме на крштението. Затоа и нема поубава облека од онаа во која е облечен покајаниот Христијанин. Обувките ја означуваат силната волја со која покајаниот човек треба да оди по вистинскиот пат. Прстенот, пак, значи венчание на душата со Бога и решеност да се живее во правда. Па дотерајте и заколете едно угоено теле; да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде. Угоеното и заклано теле Го означува нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Кој се предаде да биде заклан за очистување на нашите гревови. Слугите, пак, на таткото се, всушност, свештениците, кои се повикани да ја извршуваат светата тајна на Христовата жртва и со неа да ги хранат луѓето за бесмртен живот.
Му благодарам на Бога што ме удостоил многупати да бидам сведок на ова силно покајание, таа силна љубов на небесниот Отец и таа чудесна промена што се случува кај човекот, кога тој ќе побара да се врати при Бога. Сум го почувствувал и кај мене, но на моја голема радост, и кај луѓе кои паднале во најпогибелните страсти на денешнината, како што е наркоманијата. Видов со свои очи што значи, кога кај човекот, наспроти сето зло со кое ѓаволот успеал да го доведе до пропаст, ќе блесне таа светилка на совеста, па тој, барајќи Го Бога, ќе дојде овде во манастир. И сум видел како овие луѓе потполно се преобразуваат. Што значи тоа кога човек ќе се покае? Вистинска промена на личноста. И така преобразен, после покајанието, човекот се облекува во таа пресветла облека, се прстенува со верност кон Бога, се закрепнува со силна волја да оди по правиот пат. Ете, за тоа безмерно Му благодарам на Бога и затоа треба постојано да упатуваме молитви кон Него, за што повеќе луѓе да се покајуваат и да го најдат патот кон својот небесен Отец.
Во нашата Татковина, каде што нашата младина нема ни основна едукација за верата во Бога, навистина е доста тешко да се постигне тоа. Тука човекот од туѓата земја, односно ѓаволот, ги најмил сите за наемници. Гледате, затоа во приказната кај ѓаволот човекот се нарекува наемник, слуга, додека со Бога, човекот се нарекува син. Сега замислете колку човекот се понижува, кога ќе го остави небесниот Отец, односно кога ќе замине од таа небесна слава и ќе стане наемник на злото, одејќи во мрак. Да се молиме за сите оние што им служат на страстите, бидејќи кога човек ќе се оддаде на нив, тоа е навистина страшно и неизмерно измачување. Постојат многу страсти. Еве, да се задржиме на една од нив – властољубието, заради која се измачуваат тие што ја имаат оваа страст, но особено страдаат нивните ближни. Погледнете во моментов колку нашата Татковина, нашиот народ страда заради страста на оние што сакаат по секоја цена да дојдат на власт, помрачени од злобата на властољубието. Подготвени се да погазат сѐ што овој народ го стекнал како државна придобивка и придобивка на заедничкото живеење, нанесувајќи огромна штета на нашата свештена Татковина. А тие воопшто не ја љубат својата земја, тие само сакаат да си ја задоволат својата погубна страст да владеат, така загрозувајќи ја и иднината на своите деца. Затоа навистина света должност на секој верник е да се моли за своите водачи, и неслучајно на ектенијата на Литургијата прво се молиме за власта, за таа да биде благочестива и да ја чува Господ од секакви сплетки на оние што се обземени од страста на властољубието. Така нашата влада ќе може да живее евангелски со својот народ, почитувајќи ги Христовите зборови: Кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга на сите (Мк. 43, 44), не само на оние што се Христијани туку и на другите по вера. Зашто секој Христијанин е должен да ги љуби сите.
Во пресрет на светиот Пост, уште еднаш ве потсетувам дека треба што повеќе да се молиме за нашата Татковина, бидејќи, за жал, во овие 20 год. откако се осамостои нашата држава, дел од нашите политичари не сфатија колкава одговорност имаат пред Бога и пред својот народ за запазување на нашата православна вера и на оваа наша света земја, која е спечалена со многу жртви.
И најпосле, ве молам, простете ми мене грешниот, бидејќи јас сум како оној, нераскајаниот блуден син. Молете се за мене, за да можам, при секој мој грев, мал или голем, одново да се враќам при Бога и да Го молам за прошка. Нека милостивиот Бог нѐ удостои да го возљубиме силно, онака како што Он сите нас нѐ љуби, а Божјата љубов, пак, надминува секаква друга љубов на земјата. Да бидеме постојано со Бога, бидејќи само тогаш кога сме со Него, имаме сѐ и можеме да кажеме: Сѐ Твое е и мое, Господи. Амин!