Богородица – нашиот завет со Бога

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Божествената Литургија на празникот Собор на Пресвета Богородица, во Манастирот Пречиста Кичевски


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денеска, мили мои, овој втор ден од големиот празник Рождество по плот на нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос, Црквата премудро одредила да биде посветен на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија. И сосема логично, зашто Таа беше најважната соучесница во оваа суштинска и пребожествена тајна на воплотувањето и во Домостројот на Светата Троица за спасение на човекот. Впрочем, сѐ е така устроено во хеортолошкиот календар на Црквата: по секој поголем празник, се слави главниот чинител на празнуваното собитие, односно неговиот небесен собор. Така, на пример, следниот ден по Богојавление, го чествуваме Соборот и небесната слава на Свети Јован Крстител, затоа што тој го изврши Божественото крштение на Спасителот Христос. По празникот Благовештение, го славиме Соборот на Свети Архангел Гавриил, кој ѝ го јави Благовестието на Пречистата Дева Марија. И така сѐ по ред.

За Пресветата Богородица, смирената и непорочна Девојка од Назарет, можеме слободно да кажеме дека токму преку Неа, односно преку раѓањето од Неа, Господ наш Исус Христос го склучи последниот, би рекле, петти завет со луѓето. Имено, првиот завет со човекот, Бог го направи преку првосоздадениот Адам, вториот го склучи со праведниот Ное, третиот со прататкото Авраам и четвртиот со великиот пророк и боговидец Мојсеј, кога и му врачи пишан закон за луѓето. Сите овие четири завети му припаѓаат на времето пред Христа, односно на она што со еден збор го нарекуваме општо Стар Завет. Тие имале за цел да го подготват човештвото за великата тајна на Божественото спасение, за доаѓањето на Самиот Син Божји на Земјата. На некој начин, тие беа подготовка токму за овој петтиот, последен и најголем Завет, кој е, всушност, Заветот на самото спасение и обожение на човекот. Тоа е Новиот Завет.

Божествената Троица го склучи овој Завет со човештвото преку Своето Второ Лице, Синот и Словото пребеспочетно и совечно, Кое стапи во времето преку Пресветата Дева. Нашата најчиста и најсвета Мајка е, несомнено, најголемиот дар од човештвото за Бога, еден вид негов залог за заветот со Бога. Вечерта на Божик, во една од стихирите го пеевме следново: „Што да Ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на Земјата? Секое создание настанато од Тебе благодарност Ти принесува: Ангелите – песна; небесата – ѕвезда; Мудреците – дарови; Пастирите – восхит; Земјата – пештера; пустината – јасли; а ние – Мајката Дева“. Оти, не ќе беше можно Бог да слезе во овој свет и да стане како еден од нас, да не беше она судбоносно „Да“ на Пресветата во времето на Благовештението, кога Архангелот Гавриил ѝ објави дека Бог ја избира Неа, за да стане Мајка Негова. Тогаш сета нејзина чистота, вера и смирение дојдоа до израз и Таа му одговори на Божјиот пратеник: Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои (Лука 1,38). И така и би: Дева роди Дете.

Читаме во Светото Писмо на Новиот Завет дека кога римскиот император Октавијан Август спровел попис во своето царство, Светата Дева Марија, Која веќе била тешка од Светиот Дух, се упатила заедно со обручникот Јосиф во градот на нивното потекло, на нивниот далечен предок, царот Давид, во Витлеем јудејски, за таму да се попишат. Светиот и праведен Јосиф, известен претходно од Ангелот дека Дева Марија треба да роди, се трудел да најде најдобро место за нејзиното раѓање. Барал по целиот град, но, за жал, за нив не се нашла ни куќа, ни гостилница. Ниедно пристојно место за младата Дева родилка. Овој свет и човештвото во него не најдоа место за доаѓањето на Бога. И накрај, Пречистата Дева Марија Го родила Спасителот на светот во една импровизирана штала, во една бедна пештера близу гратчето Витлеем, каде што пастирите се грижеле за своите стада.

Да се запрашаме, мили мои: Има ли место во нашите срца за Господ? Еве, Он доаѓа како просјак во нашите срца, доаѓа исто како што тогаш во утробата на Дева, преку Јосифа бараше место да се роди, да најде заслон во некое сместувалиште. Но имаме ли ние подготвено во себе соодветно место за Него?  И да знаете, нашите срца се пештерата, секое човечко срце во кое Бог сака да се роди и да пребива. Замислете сега колку може да биде „чиста“ една пештера, една штала, каде што престојувале пастирите заедно со своите животни. Се разбира, ни оддалеку соодветна и пригодна за раѓањето на Творецот. Слично е и со човечкото срце, ниедно не е чисто, освен тоа на Пресвета Дева, бидејќи освен Неа не се најде друг човек без грев, од Адама па до денес. Но ете, Бог посака токму во нашите срца да се всели, таму сака да се роди. Раѓајќи се смирено во Витлеемската пештера, Он посака да се роди во сите нас, мили мои. Да се роди во наште срца, па колку и да се исполнети со нечистотија тие. Он сака само малку да се потрудиме, да подготвиме место за Него со нашата желба за спасение. Да Му ја предадеме нашата слободна волја како јасли и така ќе станеме богоносци. Бог ќе пребива во нашите срца. Онаму каде што се вселува Бог, сѐ станува палата. Гледате, иако Витлеемската пештера била обична штала, неа денес ја знае цел свет, ја слави и ѝ се поклонува, бидејќи во неа „се роди заради нас Дете младо, предвечниот Бог“. И тоа Дете досега промени безброј луѓе и сѐ уште ги преобразува срцата човечки. Доволно е  само по своја волја да посакаме Бог да се роди во нас. Онаму каде што сака Бог се менуваат и природните закони. Многу е тешко, дури и натприродно, човек да се бори со себеси, со своите страсти. Но натприродно беше и раѓањето на Спасителот Господ. Таа голема тајна ја знае само Богородица, Која, раѓајќи не искуси болка, нејзината утроба остана девствено затворена. И сепак, од таа затворена утроба излезе Синот Божји. Исто како што излезе и од запечатениот Гроб во неделата на Воскресението и исто како што, Воскреснат, влезе кај учениците низ заклучените врати.

Богородица, мили мои, е најголемата учесница во Домостројот Божји. Таа го возвиши ликот на жената до Божествени височини. Денеска, славејќи го нејзиниот Собор, ние го славиме, всушност, Соборот на Црквата. Сите ние, нејзините деца по дух. Неслучајно Светите Отци го поставиле за денес апостолското четиво каде што се споменува и едно старозаветно пророштво, кое вели: Ете Ме Мене и децата Мои што Ми ги даде Бог (Евр. 2,13). Преку Богородица сите станавме деца на Бога и деца нејзини. Таа, милата Мајка, Која виде толку безбројни и натприродни чудеса, никогаш нема да нѐ остави и да нѐ напушти. Таа секогаш ќе ни биде најголема спомагателка во спасението. Затоа, мили мои, да ја прославуваме со радост и со благодарност, бидејќи преку нејзината благодат подарена од Бога, Таа стана Мајка на Небото и на Земјата и Мајка на Црквата Света, којашто ја покрива со својата безмерна љубов и милост. Секогаш е подготвена да ги чуе молитвите на страдалниот човек, бидејќи и Самата е човек и поднесе неискажливи страданија заради својот Син. Бог сакаше преку човек да го спаси човекот. И го направи тоа, преку Пресвета Богородица.

Ви благодарам на сите, што иако е втор ден Божик, дојдовте во толкав број, за да ја прославиме Мајката Господова. И секогаш треба така да правиме. Не безмерно световно да славиме, да јадеме и да пиеме. Оти, обично луѓето велат: „Денеска е втор ден од Празникот; на главниот ден бев на богослужба, или на бдение, па сега ќе јадам, ќе пијам, ќе славам, ќе одмарам“. Но не, не треба прекумерно оддавање на сетилните задоволства. Умрено јадење, умерено пиење, доволно славење. Зашто, најголемото славење е токму ова овде, литургиското, коешто никогаш нема да одмине. Сите земни славја, мили мои, најчесто завршуваат со тага и со испразнетост. Многу луѓе кои празниците ги слават на тој начин, со претерано јадење и пиење, со земни удопства, накрај се чувствуваат испразнети, тажни. А оние кои слават овде во храмот, евхаристиски, се наполнуваат духовно и со радост го очекуваат следниот празник. Па следниот празник и така сѐ по ред, чекајќи да излезат еден ден и од времето и да влезат конечно во Царството Небесно, каде што станува бесконечно празненство со нашиот најмил Спасител Христос, со Пресветата Мајка Божја и со сите Светии. Амин!

Христос се роди!