Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештената обител, изговорено на светата Литургија за празникот Рождество Христово, 2025 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Бог, мили мои, нѐ удостои и ова лето Господово, на самиот крај од годината, повторно да го прославиме великиот и спасителен празник на Рождеството Христово.
Вечерва го слушнавме светото Евангелие предвидено да се чита на овој ден, и забележавме како тоа започнува: со мудреците од Исток, луѓе богобаратели, кои со трпеливост и внимание ги испитувале и небесните знаци и Свештените писанија, коишто, според сведоштвата на историјата, биле преведени и на источните јазици уште пред Христовото доаѓање. Иако тие не биле родум Евреи, сепак ја барале вистината. А тоа онтолошко трагање е длабоко врежано во битието на секој човек. Целото човештво, низ сите векови, ги поставувало истите суштински прашања: „Кој е Создателот на светот? Кој е Создателот на човекот? Кој е смислата на нашето постоење?“
Такви биле и мудреците – вистинољубиви и вистинобаратели. И затоа Бог им проговорил на начин разбирлив за нив. Бидејќи тие биле астрономи и набљудувачи на небото, Бог им испратил знак што можеле да го разберат – ѕвездата, којашто Евангелието ја нарекува водилка до новородениот Цар[1]. Свештеното Предание и светите отци толкуваат дека таа ѕвезда не била обично небесно тело, туку ангел Господов во видлива светлина, кој ги водел тројцата мудреци по патот на откровението.

Слушаме како мудреците најнапред дошле во Ерусалим, кај царот Ирод, зашто сметале дека царот на тој народ треба да знае за раѓањето на новиот Цар. Но знаеме каков бил Ирод. Евангелието и историјата го опишуваат како човек исполнет со страв и со злоба[2], а отците на Црквата ја толкуваат неговата појава како образ на световната острастеност и самољубие. Ирод помислил дека новородениот Цар ќе биде некојси земски владетел, кој ќе му го одземе престолот. Затоа внимателно ги испрашал првосвештениците и книжниците, кои му одговориле, повикувајќи се на пророштвото на пророкот Михеј: Но ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израел и чие потекло е од почетокот, од вечноста[3].
И така, мудреците повторно тргнале во потрага, и ѕвездата пак им се јавила и ги одвела до Витлеем. А тие, штом Го виделе Детето со Мајка Му, паднале и Му се поклониле, принесувајќи дарови: злато, темјан и смирна[4].
Неслучајно, светата Црква премудро установила токму ова Евангелие да се чита на Божикната Литургија. Затоа што сите ние сме богобаратели. Сите ние бараме одговори на големите егзистенцијални прашања на животот. Разумниот и искрениот човек не може да престане да ги поставува тие прашања, особено прашањето: „Што нѐ очекува по овој краток и минлив земен живот?“
Одговорот ни го дава Оној Кој се роди во бедната пештера.
На таинствен начин, вечерва особено силен впечаток ми остави Икосот на празникот, кој се чита по кондакот на шестата песна од канонот. Во него се вели: „Витлеем Едем го отвори, дојдете да видиме: насладата кришум ќе ја најдеме. Дојдете, да ги земеме рајските нешта внатре во пештерата.“ Едем е рајската градина, каде што беше создаден Адам[5]. И еве, Црквата ни вели: Рајот повторно се отвори, преку Детето во пештерата. Колку длабоко и колку премудро! Свештената химнографија денес нѐ повикува да отидеме во пештерата. Но, се разбира, не само мисловно во онаа, во Витлеем, туку во пештерата на нашето срце. Дојдете да видиме, вели црковниот пoет, зашто токму тука, во Црквата, во срцето твое, присутен е Христос.

Денеска сите вие вложивте голем труд и дојдовте во овој свет манастир. Откако ги извршивме сите предвидени богослуженија, кои се прилично долги, сега стасавме до круната на сè – светата Литургија, односно светата Евхаристија, во која се причестуваме со Самиот Бог. Во Црквата живееме над времето. Вечноста веќе започнува. Христос, Кој се роди во Витлеем, денес повторно се раѓа, во срцата што Му се отвораат.
Он, Родениот во пештерата, на таинствен начин нѐ обединува сите, од сите времиња, од Адам па сè до денес, и нѐ воведува во Царството небесно, кое веќе започнува тука, во Црквата. Но тоа се случува само ако сме како мудреците: луѓе што искрено барале одговори, што ја љубеле вистината, дури и преку науката, преку набљудување на знаците на созданието. И токму таквите, на крајот, Бог ги доведе до Христа. Ние, пак, сме крстени во Христа. Нам ни е откриено многу повеќе. Ние не мораме да истражуваме посебни знаци, зашто Христос е веќе меѓу нас, присутен во Црквата, присутен во светата Евхаристија, со Кого се причестуваме и со Кого живееме.
Но, што е потребно од наша страна?
Потребно е да го смениме начинот на нашиот живот. Зашто за Рождеството Христово не се вели дека е само духовен настан, туку и дека го смени текот на историјата. И навистина, дури и световното време се брои според Неговото Раѓање: стара и нова ера. Тоа не е случајност. Тоа сведочи дека Христос реално, историски го промени светот.
Меѓутоа, оваа промена не се наметнува. Таа станува лична, внатрешна, по слободен избор. Бог ја има Својата волја да нѐ спаси, ама потребно е и ние да ја имаме волјата да се спасиме. Ако ние не Го избереме Него, ако не Го бараме, тогаш сè останува бесплодно за нас. Не затоа што Бог не дејствува, туку затоа што ние не дозволуваме да бидеме преобразени. Не можеме да тргнеме по новиот пат што Христос го отвори, ако се држиме за стариот начин на живот[6]. Оти, да бидеме искрени, овој свет често не Го бара Христа. Ова е свет обременет со грев. И уште тогаш, кога Он се роди, немаше место за Него. Тоа го слушнавме и денес од светото Евангелие, читано на Царските часови и на Вечерната богослужба. Кога дошло времето Пресветата Богородица да роди, во Витлеем немало место. Гостилниците биле зафатени, куќите преполнети. Витлеем бил мало гратче, на периферијата на тогашната голема Римска Империја, но и таму немаше место за Бога. И тогаш, заради нас луѓето, Он благоволи да се роди во штала. Пештерата била и штала. Место за животни, а не за луѓе.

Ова претставува отрезнителен знак за нас.
Да не си дозволиме и ние да немаме место за Христа во срцето, а да се нарекуваме христијани. Крстени сме во Неговото име, но колку пати сме ладни, колку пати сме оддалечени од суштината на Евангелието, оддалечени од љубовта. Евангелието понекогаш нема сила да нѐ преобрази, не затоа што е немоќно, туку затоа што ние не сакаме доброволно да се преобразиме. Но ако сакаме, ако слободно Му го отвориме срцето, тогаш Христос ќе го направи Своето. Зашто Он дојде токму за тоа: да нѐ спаси. И ако влезе во бедна пештера и во штала, на таинствен начин, тогаш сигурно може да влезе и во нашето срце.
Затоа Црквата ни вели: тајната ќе ја најдеме во пештерата – во смирението, во покајанието, во срцето што се отвора за Бога.
На таинствен начин, низ историјата, луѓето се преобразуваат и Го наоѓаат Него, и покрај тоа што е прогонуван од овој свет. Христос, низ сите векови, бил и останува гонет. И денес, во 21. век, тоа не е поинаку. Дури и современите истражувања и статистики сведочат дека христијаните се најгонетата верска заедница во светот, поради самото исповедање на својата вера. Ова јасно ни покажува дека светот и денес востанува против Христа. Но тоа не треба да нѐ плаши. Зашто никој и ништо не може да ни наштети, кога сме со Него. Христос е посилен од времето, од смртта и од секоја неправда. Он нѐ изведува од времето и нѐ воведува во вечноста. Токму затоа, во богослужбените песнопенија и молитви, Црквата не вели „некогаш“, туку вели „денес“: „Денес се раѓа“, „денес се крштава“, „денес се распнува“. Оти она што Христос го изврши еднаш во историјата, се остварува постојано во литургискиот живот и важи за сите поколенија[7].
Неговото тело, обожено и воскреснато, пребива во вечноста, и сите ги привлекува кон вечниот живот. И нас, кои живееме денес, Он сака да нѐ привлече во Царството Свое. Погледнете ги мудреците: кога Му се поклонија на Христа, не се вратија по истиот пат, зашто ангел им јави во сон дека Ирод сака да Го убие Детето[8]. И така, тие „си заминаа по друг пат“.
Тоа, возљубени мои, е пораката и за нас. Божик треба да нѐ промени. Да нѐ одведе „по другиот пат“, по оној кој суштински води кон Христа. Денес сите дојдовме да Му се поклониме на Богомладенецот – на Новородениот, Кој сака да нѐ преобрази, да нѐ направи нова твар[9], да нѐ направи Свои сведоци, луѓе кои ќе го носат Неговото име со живот, со љубов и со светост. Он сака да нѐ спаси, но и преку нас да донесе спасение и на другите.

Но колку би било жалосно, ако ние, откако Му се поклонивме, се вратиме по истиот пат, и дозволиме Христос во нас повторно да биде „убиен“ од сластољубието на овој свет. Зашто Ирод не е само историска личност; тој е и образ на страста, на световната приврзаност, на себичната љубов кон власт и уживање. Затоа не смееме да се враќаме по истиот пат. Божик треба да нѐ промени. Треба да Му дозволиме на Христа да нѐ направи вистински христијани. Тоа е единственото што Он го бара од нас. Заради тоа вечерва вложивме толку труд. И знам, не е лесно. На едно вакво бдение човек не може секогаш да ја задржи концентрацијата: многу песнопенија, часови стоење, нозете болат, телото се заморува. Но да знаете, сето тоа е благослов. И кога ќе побараш стол да седнеш, и кога мислите ќе ти се расеат, сепак си благословен. Зашто не си во двор, не си во кафеана, не си во кревет, туку си во црква. Си дошол да Го бараш Христа, како мудреците, новородениот Цар, Кој дојде да те спаси. Го носиш во срцето. Ја имаш Неговата благодат. Крстен си во Негово име.
Ајде, тогаш, мили мои, да се промениме. Да дозволиме овој Божик да нѐ промени не само нас, туку преку нас да допре и до многу други луѓе. Оти во историјата на светот имало убави времиња, добри години и светли векови само тогаш кога мнозина тргнале по Христовиот пат. Тогаш се создавале добри општества, здрави заедници, праведни држави. Едно општество не може да биде добро, ако не е составено од добри поединци. А добар човек станува оној кој Му дозволил на Христа да го преобрази. Затоа, сè зависи од тоа колку ние ќе Му дозволиме на Спасителот на светот, Единствениот Кој донесе светлина, да нѐ промени. Нека биде така! Да бидете живи, здрави и благословени!
Христос се роди!
[1] сп. Матеј 2, 1-2.
[2] Исто, 3.
[3] Михеј 5, 2; сп. Матеј 2, 5-6.
[4] сп. Матеј 2, 9-11.
[5] сп. Битие 2, 8.
[6] сп. Јован 14, 6.
[7] сп. Евреите 13, 8.
[8] сп. Матеј 2, 12.
[9] сп. 2 Кор. 5, 17.











