Светата и светла ноќ на Рождеството Христово повторно му ја откри на светот вечната вистина: дека човекот не е напуштен, дека историјата не е затворен круг, и дека мракот не ја има последната реч. Во Бигорската свештена обител, оваа ноќ не беше само спомен на настан од минатото, туку жива и реална присутност на Таинството: Бог Кој влегува во нашата ноќ, за да ја исполни со светлина.
Како и секоја година, братството и бројните присутни не го „прославија“ Божик како настан што се одбележува, туку го живееја како дар што се прима. Преку молитвата, радоста, песнопението и благодарењето, се откри тајната на Божјото снисходење: дека Вечниот станува Младенец, за човекот повторно да ја најде својата изгубена полнота. Литургиската убавина не беше само украс, туку сведоштво дека Царството Божјо веќе е меѓу нас.
По свечената Вечерна богослужба и Божествената Василиева Литургија, празничната радост продолжи во братољубиво заедничарење, во духот на оној древен христијански поредок во кој Евхаристијата природно се продолжува во љубовта. Собрани околу својот старец, епископот Антаниски г. Партениј, монасите и гостите со божикните каланди исповедаа радосната вест дека Спасителот е роден, и дека радоста е природната состојба на човекот.
Празничното сеноќното бдение, пак, ја откри длабоката смисла на оваа таинствена ноќ: дека таа не припаѓа на времето, туку го преобразува времето. Во молитвата и во песнопението, храмот престана да биде „простор“, а стана Црква во својата полнота – заедница собрана околу Христос. Во тој час, Витлеем не беше далеку, туку блиску, околу нас и во нас; не беше минато, туку сегашност. Радоста на ангелите и трепетот на пастирите станаа радост и трепет на сите присутни.
На ова долго ноќно бдение претстоеше нашиот возљубен старец, владиката г. Партениј, кој со тивко и длабоко евхаристиско тајноводство нѐ воведе во срцето на празникот. Принесувајќи ја Божествената Евхаристија, тој нѐ повика на внатрешна преобразба, на враќање кон она за кое човекот е создаден: за заедница со Бога, за живот во светлината.
И таму каде што е вистинската радост, таму се и децата. По завршувањето на богослужението, дедо Партениј со најголема љубов им подели божикни дарови на најмладите, зашто токму преку детето, Бог повторно го откри светот како место на надеж и ветување.
Во ова светло празненство, Црквата Му благодари на Бога не само за тоа што се роди во Витлеем, туку за тоа што постојано се раѓа во срцата што се отвораат за Него. Божик не е само Неговото раѓање, туку и нашето. Повик да живееме не веќе во страв, туку во слободата на децата Божји.
Нека Светлината што засветли во ноќта на Витлеем нѐ води низ сите наши ноќи; и нека мирот на Невечерниот Ден, кој го надминува секој ум, се всели во нашите срца – како почеток на вечноста, веќе дарувана. Христос се роди!































