Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Бадниковата вечер во големиот манастирски синодикон, при пеењето на Божикните каланди
Високопреподобни отци,
Сепреподобни и преподобни монаси и монахињи,
Драги браќа и сестри во Христа,
Добро ни дојдовте во нашата Света Обител, во навечерието на еден од најголемите христијански празници, Митрополијата на празниците – Рождеството по плот на нашиот Спасител Господ Исус Христос, предвечниот Бог Слово, Кој постои отсекогаш, заедно со Бог Отецот и Бог Светиот Дух и Кој дојде и се роди во времето од пречистата Дева Марија. Синот Божји, значи, доброволно се испразни од Својата слава, од Своето Божество и снисходејќи му на паднатиот човек, прими човечко тело од Пресветата Богородица, најчистата меѓу луѓето од сотворението на светот. Непорочната Дева се удостои да ни Го донесе предвечниот Бог, како еден од нас, во сѐ ист со нас, освен во гревот, Кој нѐ посети во нашата природа, за да нѐ спаси сите.
Господ Христос, мили мои, ја прими на себе оваа Божествена кеноза, ова Свое испразнување во крајно смирение, од љубов и желба да нѐ спаси, да нѐ обожи. А сака да нѐ обожи заради тоа што Самиот Он го сотвори човекот токму за тоа вишно призвание: тој да стане едно со Него, да биде бог по благодат. Од сите созданија што Бог ги сотворил во овој преубав свет, кој е како едно царство, човекот го направи како цар на целото творение. Затоа, од сите созданија човекот Му е најблизок на Бога; човечката природа е најблиску до Божјата. Како што читаме во Светото Писмо, Он го сотвори човекот според Своите образ и подобие и го постави за жител во Рајот. А Рајот, пак, не е само едно географско место, туку, пред сѐ, начин на живот. И тој не беше дефиниран толку од убавините со коишто првиот човек беше опкружен, колку од суштинската заедница на човекот со Бога, од можноста човекот слободно да се среќава и да општи, да биде во постојано заедничарење со својот Создател.
Меѓутоа, од библиската историја знаеме дека човекот и во Рајот погреши, не разбирајќи ја доволно слободата да избира, што му беше дадена од Господ. Божествено создаден, на човекот му беше природно да постане бог по благодат. Но нему тогаш од змијата му беше предложено да стане „бог“ на еден друг, несвојствен начин. Просто кажано, човекот посегна да стане бог со кражба, преку она што му беше забрането од неговиот Творец. И тој го направи тоа, ја престапи Божјата заповед. Таквиот предлог за кражба од Бога не се случил само еднаш, со Адам и Ева, туку се случува низ целата историја со секого од нас. Пред сите нас е исправен истиот избор. Едниот и единствен правилен начин е да станеме вистински богови по благодат, избирајќи го Христовиот пат, патот на крстот, патот што води до воскресение и вознесение со Бога; а другиот пат е бунтот против Бога, луциферовиот пат, кога, измамени како првите Адам и Ева преку змијата, мислиме дека правиме нешто добро и веруваме дека без Бога можеме да станеме богови, да бидеме слободни. И точно тогаш, кога човекот ќе отпадне од Бога, настапува вистинското ропство. Човекот без Бога, мили мои, престанува вистински да живее, престанува да биде човек. Како што кога, на пример, една гранка ќе биде отсечена од дрвото. Нејзе не ѝ преостанува ништо друго, освен да се исуши, затоа што не може веќе да црпе животни сокови од коренот и од стеблото. Впрочем, така Христос ги поучува Своите Апостоли: Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачка, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат (Јован 15, 5-6). Тоа ни покажува дека животот без Бога е празен, јалов, без вистинска среќа, без суштинска радост. Човекот може да биде среќен само тогаш кога во љубовта ќе се сретне со својот Создател.
И еве, Он, нашиот Творец и Бог, дојде да нѐ пресретне во смирението; дојде Милиот, за да се роди во овој свет како најбеден човек. Не во царска палата, дури не ни во обична куќа, туку се роди во кошара на пастири, во пештера и се положи во јасли. Во место каде што спиеле животните. Јаслите беа Неговата лулка, Неговото креветче, сеното беше Неговата постела. Дојде во крајно смирение, за да нѐ сретне сите нас, секој човек поодделно. И во ова време, ни доаѓа на сите нас коишто сме тука вечерва да престоиме на бдението и да се сретнеме со Него, најмногу преку Светата Причест на Божествената Евхаристија. Кога доаѓав наваму, монасите ми кажаа дека имаме многу гости. И како и секогаш, во мене почувствував голема возбуда и благодарност поради тоа. Зашто, не го наследивме сето ова што го имаме сега. Ние не го наследивме овој сјај што сега го гледате во Манастиров. И не ми се важни ѕидините и инвентарот во Манастирот, туку овој сјај што го гледам во вашите очи, блесокот што го забележувам во вашата желба да бидете со Христа. Оти, некогаш Манастирот беше празен. И не само овој Манастир, туку и повеќето од храмовите низ нашата држава беа празни. Вчера им раскажував на бадникарите коишто ме изненадија – а мислам и дека браќата веќе го објавија тоа на страницата – дека кога дојдовме во Манастирот, почнавме да смислуваме повеќе начини за тоа како да ги привлечеме младите во верата. Еден од начините за да ги привлечеме за Божик, беше молитвата за Нова Година според новиот календар. Оти, доколку тогаш објавевме дека ќе имаме бдение за Рождеството Христово, никој не ќе дојдеше. Таква беше, за жал, духовната клима во нашето општество. Сите славеа површно, материјално, не в црква, туку дома, оти „најважно“ за Божик било да се седне на трпеза дома. Да, се согласувам, потребна е и гозбата, но тоа е последното нешто и е природен крај на празничното славење што следи дури по Божјата трпеза на Светата Евхаристија. Ама во Македонија во тоа време за Божик поважно од сѐ беше да се седне и да се јаде и да се пие. Во контекст на ова, се сеќавам на една анкета, некаде во ’91/’92 година, кога новинари ги прашуваа странските дипломати во државата како го прославуваат Божик во нивните земји. И сите тие, Англичани, Французи, Германци, Американци што ги имавме тука, одговорија дека наутро прво одат на миса, на богослужба, а потоа на семеен ручек. Кога ќе ги прашаа, пак, нашите, тие велеа: „Божик е празник за семејна средба и ручек“. Ништо повеќе. Ни Бог, ни богослужба. Дури и веднаш ќе ги кажеа рецептите и јадењата што ги јадат за Божик. Значи, толку беше заборавен евхаристискиот живот кај нас, што за Рождество в црква се одеше можеби само за да се запали една свеќа и ништо повеќе.
Да се вратам повторно на бдението за Нова Година. Зошто го правевме тој подвиг? Затоа што на младите луѓе тоа им изгледаше атрактивно. На многумина од нив им беше некако издегустирано и здосадено да слават Нова Година по кафеани, на плоштади, по кафулиња, без никаква смисла и цел. И кога ќе слушнеа дека таму некаде во манастир се славела Нова Година на некаков поинаков начин, со некакво си бдение, тоа им се чинеше интересно. Некои доаѓаа дури и од чисто љубопитство и некако со подбив: „Што ли ќе прават сега монасите в манастир за Нова Година? Па ајде да појдеме и да видиме“. И така почнаа да доаѓаат, па ќе се сретнеа со монасите, ќе се запознаеја и полека-полека, сѐ повеќе и повеќе млади влегуваа во верата. Кога преку Манастирот беа воведени во верата доволен број луѓе, и за тука, а и за храмовите насекаде, почнавме да правиме бдение за Божик. Следно, знаете што следуваше: обновување на православни народни традиции, како што е пеењето каланди, возвестувањето на Раѓањето Христово со спилеон – обичај што беше запазен во Битола и сл. Се сеќавам, кога бевме мали не знаевме што значи зборот спилеон и бабите ни кажуваа дека тоа е стар збор за пештера. Всушност, спилеон е старогрчки збор и самото тоа укажува на древноста на таа традиција. Следствено, не е точно тоа што некои сега велат дека традицијата со Бадниковите пештери била некаков си новитет, сега измислен. Нови се, можеби, само материјалите од кои се направени пештерите, но бадниковите поворки со божикна пештера се многу древни и повозрасните луѓе од Битола добро ги паметат. Кога јас бев дете, пештерите се правеа од летвички, од кора на дрво, со мов, со слама. Мојот стрико, Бог да го прости, на нашата бадникарска група ни имаше направено најубав спилеон и кога одевме од куќа на куќа, сите се восхитуваа колку е убав и обилно го даруваа со овошје и со парички. Се разбира, внатре во пештерата секогаш имаше икона на Рождеството Христово.
Така, значи, бидејќи растев и живеев со тие стари традиции во Битола, кога дојдов в Манастир решивме да се потрудиме некако за тие да се обноват и да се прошират. За сите дечиња да се радуваат и да ја објавуваат насекаде радоста за родениот Христос. Оти, сметам дека децата се како пастирите во Витлеем. Само ним им се јавиле Ангелите и им возвестиле: Ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ (Лука 2, 10-11). Не му кажале ни на цар Ирод, ни на првенците во градот Витлеем, ниту, пак, на тие во Ерусалим, туку им соопштиле на смирените, едноставни и незлобливи пастири, коишто биле достојни да ги видат Ангелите, да имаат небесна посета. Пастирите отишле, Му се поклониле на новородениот Богомладенец и се исполниле со небесна радост и слава. Видовте, годинава имаше илјадници деца ширум Македонија и во странство, кои како Ангелите од Витлеем ни објавија: „Вечниот Бог слезе и во Дева се всели“. Сите да знаат дека Христос се роди во времето, во историјата. Оној Кој е предвечен и беспочетен заедно со Отецот и со Светиот Дух, избра да се смири заради нас и да влезе во времето; да вкуси страдание, болка и смрт. За да ни докаже дека безмерно нѐ љуби. И дека сака да другарува со нас, да бидеме дел од Неговата заедница. Чудесен е нашиот Бог, мили мои! Нашиот Бог е Троица. Свети Василиј Велики вели дека Бог е заедница. Монотеистичките религии ни замеруваат и велат дека веруваме во три богови. Но не можат да ја разберат тајната и величието на Бог – дека Он е љубов. А за да има љубов неопходна е заедница. Свети Јован Богослов не вели „Бог има љубов“, туку „Бог е љубов“. Оти, Он суштествува како една Заедница. Три Личности, една Суштина; три Лица, еден Бог. Чудесно! Може ли некој тоа лесно да го разбере? Во никој случај. Ниеден човечки ум не може тоа да го разбере, како што не можеме да го сфатиме ни бескрајот на космосот. Гледате, научниците стигнаа толку далеку, испитуваат, истражуваат, пресметуваат, но никако не можат да го разберат бескрајот на космосот, ниту неговиот почеток. Зар ќе разбереме ние каков е Бог?! Како тоа Он е Еден, а во три Лица? Тоа е недостижно за човечкиот разум и само на смирените по дух Бог им ја открива таа Своја најголема тајна. Важно е да знаеме дека Бог е љубов, бидејќи функционира во совршена заедница. И Он низ историјата во континуитет им се откриваше на смирените срца и не го остави човекот сосема да загине. Накрај стана еден од нас, милиот ни Христос Бог, чиешто Раѓање вечерва го славиме.
Од сѐ срце им благодарам на децата од средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, коишто ни ја разубавија оваа Бадникова вечер. Да ви кажам искрено, со најголема љубов ги гледав видеата со флеш-мобот што го направивте во моловите и верувајте – плачев. Тие песни што ги пеете се исконски, создадени од предците на големата православна империја, Источното Римско Царство, во чиј цивилизациски комонвелт припаѓаме сите ние. Имаме песни од Смирна, од Кападокија, ја имаме и Вечниот Бог, за којашто можеме да речеме дека е општа ромејска, па дури и се пее во повеќе земји, меѓу кои и Романија; потоа имаме и неколку што биле запишани од нашите преродбеници, Браќата Миладиновци и Марко Цепенков и други. Сите ние, значи, сме дел од таа широка и богата православна традиција, припаѓаме на истата цивилизациска лулка. И еве, Господ нѐ удостои, сите заедно, со нашите сплотени трудови да обновиме дел од тоа свето предание. И ќе ви го кажам уште ова: да знаете дека многу силен и убав впечаток им оставате на луѓето со тоа што го правите вие, заедно со сите ентузијасти од Бадниковите поворки ширум Македонија. Вчера еден наш млад човек којшто работи во Италија ми напиша порака: „Владико, ние најубаво знаеме да Го славиме Бога. Не видов во другите земји нешто слично на она што го правиме кај нас“. И не кријам: оваа порака ме израдува многу, оти некогаш не беше така.
Ви посакувам убава Бадникова вечер на сите, добро бдение, богомислие, богозерцание. Да се нурнеме вечерва во богословието коешто извира од чудесно убавата поезија напишана од Светите Отци за Рождеството Христово. И најважно, да Го пресретнеме Христа и да Го затвориме во своето срце до крајот на животот. Така ќе бидеме најбогатите луѓе, бидејќи Он е најголемото богатство што можеме да го примиме, не е само за овој свет, туку и за во идниот. Да сте ми благословени и убав Божик!