Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија, на споменот на Свети Лонгин Стотник, 29 октомври 2025 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени мои, денес светото Евангелие, предвидено да се чита во спомен на светиот Лонгин Стотник, римскиот војник кој стоел под Крстот Господов, нè пренесе на Страшната Голгота. Повторно се вознесовме со мислата и духот на местото каде што се случи најголемата тајна во историјата на човештвото – Голготската жртва на нашиот Спасител. Онаму, каде што Христос, прикован на Крстот, ги изговори оние последни, спасоносни зборови: Се сврши1.
Евангелието не нагласува дека Христос умрел од клинците што ги прободоа Неговите раце и нозе, ниту од безбројните мачења што ги претрпе. Неговата смрт беше вистинска и човечка – зашто, како човек, Он ги почувствува сите болки на страдањето – но таа не беше изнудена, туку доброволна2. Он, Кој е безгрешен и бесмртен според Божеството, доброволно стана смртен според човечката природа. Значи, Он реално ја доживеа смртта, но не беше подвластен на неа. Следствено, кога го исполни сето она што беше потребно за нашето спасение; кога се исполни секој збор на љубовта Негова, тогаш Он, не како победен, туку како Победител, Самиот самовласно го испушти духот Свој. Како што вели Свети Јован Златоуст, „Он не беше победен од смртта, туку Самиот ја победи, влегувајќи во неа како Цар во своето царство.“

На Крстот се исполни големото дело на спасението човечко, замислено уште „пред создавањето на светот“ во предвечниот совет на Светата Троица3. Христос, совршен Бог и совршен човек, ја почувствува сета тежина на човечката болка, сета длабочина на страдањето. Болката беше вистинска, како и смртта Негова, зашто Неговата бесмртна душа навистина се оддели од телото.
Денес, пак, возљубени, Црквата го слави човекот што во тоа време стоел најблиску до Крстот – свети Лонгин Стотникот. Тој бил римски офицер, поставен од Понтиј Пилат да го надгледува погубувањето на Христос и на двајцата разбојници. Под негова команда бил одредот војници што го извршиле бичувањето, Го облекле Господа во пурпурна облека, Му ставиле трнов венец на главата, Го плукале и Го исмевале4. Лонгин бил таму, до самата Голгота, до моментот кога Христос издивна на Крстот. И токму тој, за да потврди дека Господ навистина починал, со копје го прободе Неговото ребро, и веднаш излезе крв и вода5 – знак на новиот живот и благодатта на крштението и Евхаристијата што ќе се излеат врз човештвото. Така, со копјето на неверието, Лонгин го отвори изворот на верата. Со својата војничка должност го потврди спасението на светот. И таму, под Крстот, кога земјата се затресе и камењата се распукаа, кога Сонцето се помрачи и завесата во храмот се расцепи на половина6, Лонгин, потресен од сè што виде, исповедно извика:
– Навистина Oвој беше Син Божји!7
Тој момент на исповед, во миг кога сите се плашеа и бегаа, беше почеток на неговото просветлување. Од гонител и извршител на погубувањето, Лонгин се претвори во прв исповедник на Крстот и сведок на Воскресението. И токму затоа Црквата го прославува како светија кој меѓу првите ја препозна Божественоста на Распнатиот.
Од преданието дознаваме дека свети Лонгин страдал од некоја болест на очите. Не бил слеп, можел да гледа, но сепак имал проблеми со видот. И кога со копјето го прободе реброто на Спасителот, како што сведочи Евангелието, веднаш излезе крв и вода и таа најсвета крв го ороси неговото лице и тогаш очите му оздравеа. Оној кој Го повреди Господа, беше исцелен од Него. Крвта што извираше од Прободениот му подари телесно и духовно видение.
Лонгин не бил меѓу оние што Го слушале Христа додека проповедал, ниту меѓу оние што Го следеле кога правел чуда. Тој не Го видел кога воскреснувал мртви, ниту кога ги отворал очите на слепите. Тој бил паганин, војник на Римската Империја, навикнат на казни, крв и распнувања. Но во последните часови од животот Христов на земјата, токму таму, под Крстот, Лонгин духовно прочита и разбра дека Оној Кој беше распнуван е всушност Самиот Син Божји. Тој стана сведок на нешто што никогаш порано не го видел. Видел безброј осуденици како викаат, проколнуваат, молат за милост, но овој Распнат бил поинаков. Христос не се бранеше, не проколнуваше, не хулеше. Како што претскажа светиот пророк Исаија: како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стрижачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата Своја8. Кога Го биеја, трпеше. Кога Го исмеваа, молчеше. А кога Го распнаа – се молеше за своите мачители, велејќи: Оче, прости им, зашто не знаат што прават9.

Лонгин го виде сето тоа. Ги виде и страшните знаци што го потресоа светот: Сонцето ги сокри своите зраци, земјата се затресе, карпи распукаа. Тој ги слушна зборовите што Синот ѝ ги упати на Својата Мајка и на ученикот. Тој го почувствува стравот и чудото на тие мигови, но повеќе од сè – ја почувствува светоста и милоста што зрачеше од Оној Кој висеше на Крстот. Не бил само Лонгин сведок на тие настани, но неговото срце било едно од ретките што се отворило во тој миг. Внатре во него имало искреност, имало длабока жед по вистината. Со него, според преданието, поверувале уште двајца негови војници. Тие не можеле да го заборават она што го виделе, ниту да го сокријат она што го почувствувале. По погребението на Господа, токму Лонгин и неговите двајца другари биле тие што добиле наредба да го запечатат Гробот и да го чуваат. Стоел и самиот таму, кога, на третиот ден, земјата повторно се затресе и ангел Господов слезе и го одвали каменот од гробот. Лонгин и неговите совојници станаа очевидци на Христовото Воскресение.
Јудејските првосвештеници потоа им понудиле сребреници, нему и на останатите стражари, за да излажат и да кажат дека Христос не воскреснал, туку дека учениците Негови го украле телото. Но Лонгин и неговите другари одбиле. Не ја продале за сребреници вистината на која биле сведоци. Затоа заминале од Ерусалим и почнале низ градовите и селата да го проповедаат Оној Кого Го виделе, Го почувствувале и Го познале како вистински Син Божји. Исповедта на свети Лонгин под Крстот: Навистина Oвој беше Син Божји – станала негов живот. И така живеел до крајот на земниот пат, проповедајќи дека Христос е Оној Кој ја победи смртта и го дарува вечниот живот. Лонгин го сфати она што многумина не можат да го разберат: дека смислата на животот не е во моќта, во славата или во богатството, туку во спознанието на Оној Кој им опрости на сите од Крстот.
И така, возљубени, свети Лонгин Стотник, земајќи го примерот од распнатиот и воскреснат Христос, се потрудил во сè да Му се уподоби. Неговото срце се преобразило од камен во оган, и тој го живеел она што го видел на Голгота: тивката љубов, смиреното трпение, проштавањето. На ова, мили мои, и нас нè повикува Спасителот: да станеме живо евангелие. Да не бидеме само слушатели на словото, туку негово живо остварување. Оти, гледате, не сите луѓе денес имаат желба да читаат или да слушаат Евангелие, ниту сите доаѓаат во Црква. Но Бог сака преку нашиот начин на живот, другите да го прочитаат Евангелието во нас. Римскиот стотник не Го слушнал Христос кога говорел и проповедал, но Го видел кога страдаше со љубов и го почувствувал Неговиот мир. И токму тоа го преобрази. Така и ние сме повикани со животот свој да Го проповедаме распнатиот Христос: не само со зборови, туку со милост, со добрина, со тивка љубов, со трпение и милосрдие. Кога другите ќе нè погледнат, да можат да прочитаат од нашите дела дека сме Христови следбеници, и преку нас да тргнат по Него. Да бидеме за светот живо евангелие, како што вели апостолот Павле: вие сте Христово писмо…, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог10.
Но за тоа, мили мои, потребна е искреност и труд. Вистината Христова не се открива на површните, туку на оние кои длабоко во срцето ја бараат. Гледате, стоеле и други војници со Лонгин под Крстот, сите го виделе и слушнале истото, но само еден поверува. Зошто? Затоа што само во срцето на Лонгин имаше искреност. Тој ја бараше вистината, и вистината му се откри, оти како што вели Господ: Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога11.

И ние сме, чеда, Негови следбеници. Овде сме на Божествената Литургија. Го гледаме Христа во светите Тајни, Го примаме во себе. Колку е голема таа одговорност! Нека не остане Христос во нас само како спомен, туку да стане живот, да нè преобрази! Да станеме живи евангелија, за луѓето во овој свет да го читаат словото Божјо од нашите дела. Тоа е подвигот на христијанинот – да Го пренесува Христа не само со збор, туку, пред сѐ, со љубов и добрина. А за тоа, се разбира, е потребен труд. И над сè, потребно е покајание. Без него, сè друго е надворешна форма. Да си спомнеме за царот Давид од Стариот завет. Колку тешко паднал овој Божји пророк, но и колку потоа длабоко се покајал! Направил страшно голем грев – убиство заради блудство12. Но кога пророкот Натан го разобличил, Давид не се оправдувал, туку рекол: „Согрешив пред Господа!“13 И тогаш почнало неговото вистинско покајание. Од болката и солзите негови се родиле најубавите Псалми, зборови на покајание, на копнеж, на тагување и љубов кон Бога. Но целосната прошка не дошла веднаш. Дошла дури кога царот Давид се смирил до крајност. Кога, подоцна, неговиот сопствен син Авесалом го прогонувал и го навредувал, Давид не возвратил со гнев. Кога неговиот слуга му рекол: „Да отидам да го убијам оној што те клевети“, Давид одговорил: „Остави го! Ако Господ му допуштил да ме клевети, нека биде така.“14 Тогаш, во тоа длабоко смирение, го напишал познатиот псалм: Господи, услиши ја молитвата моја, вслушај се во молението мое15. И тогаш Бог конечно му опростил. Така што, возљубени, Бог не бара совршенство, туку покајание. Смирено срце, што ќе рече: „Согрешив, Господи, помилуј ме!“ Тоа е почеток на секое спасение.
Вчера прочитав нешто од свети Јован Златоуст што длабоко ми го трогна срцето. Тој вели дека Бог е „вљубеник во грешниците“. Замислете, не во праведниците, не во совршените, туку во грешниците! Толку силно ги љуби, што оди по нив, ги бара и не се успокојува сè додека не ги најде и не ги спаси. Впрочем, сите ние сме тие што Он ги бара. Целото човештво е заблудената овца од евангелската приказна, а Господ е Пастирот Кој оди по неа и ја зема на рамењата Свои16. Господ е вљубеник во нас. Он не нè љуби како судија, туку како Оној Кој страда за нас. Он сака да нè спаси, да нè направи соучесници во Својата радост, во Своето Воскресение, во Своето вечно Царство. Зошто тогаш да Го оставаме? Зошто да се оддалечуваме од Оној Кој нè љуби повеќе од мајка, повеќе од брат, повеќе од секој човек? Он се вљубил во нас уште пред да Го познаеме, уште пред да се родиме. Тој Кој нè создаде, сака да нè направи вечни, бесмртни, да станеме живи евангелија, сведоци на Воскресението. Да бидеме луѓе кои нема да се плашат од ништо во овој свет, па ни од најстрашното – смртта. Стравот од смртта е најголемата болест на човештвото. Тој ги крши и најсилните коски, затоа што луѓето го доживуваат крајот како исчезнување. Но за оној кој Го љуби Христа, смртта е само врата.
Колку болен е човекот што се надева само на овој свет! Сака да приграби сѐ, да го поседува видливото, мислејќи дека во тоа ќе најде сигурност. Но, како што рекол свети Јован Дамаскин: „Кога светот ќе го придобиеме, тогаш во гроб ќе се вселиме.17“ Сето тоа ќе остане тука, а душата ќе застане пред Бога со она што го носи во себе – љубов или празнина.
Погледнете колку Господ направи за нашето спасение! Колку патишта отвори, колку личности издигна од правот до славата божествена! Од земни луѓе создаде небесни. Од грешници направи светии. Од смртни тела, храмови на Духот Свет. Така се наполни Царството небесно со луѓе што станаа божествени по благодат, обожени со светлината на Воскреснатиот. И денешниот пример на светиот Лонгин е токму таков. Од мачител и убиец на Христа, стана апостол и маченик за Него. Од оној што прободува, стана оној кој љуби. Од оној што го рани Господа, стана оној кој го објавува Господа. Затоа, голема е нашата одговорност, мили мои браќа монаси и сестри монахињи. Господ ни дава да стоиме пред Него не како набљудувачи на Крстот, туку како носители на крстот. Ни дава да го чуваме она што Лонгин го виде – распнатата љубов Божја, и да го сведочиме со целиот свој живот.
Ви благодарам, мили мои, што денес сте тука, во овој ден, што за мене е и ден на поука и на благодарност. Ден кога се роди еден голем грешник, кој во животот направи многу грешки, и само грешки. Ден кога моето срце стои пред Бога само со едно моление: „Господи, помилуј ме, и постави ме таму каде што е Твојата милост.“ Од мојата младост, од мојата дваесет и петта година, Господ ме доведе овде, и ми ја довери одговорноста за ова голема светиња. И како млад човек, со недоволно искуство, со човечки слабости, направив многу пропусти. Но едно знам: дека над сите наши падови стои милоста Божја. И дека секој човек што плаче пред Бога и се кае, ќе ја достигне таа милост, зашто Господ не ја сака смртта на грешникот, туку да се обрати и да биде жив18.

Ви благодарам на сите вас што денес се помоливте заедно со мене, што принесовте љубов и молитва. Монасите, знаете, сакаат во тивкоста на молитвата да си спомнуваат за овој ден како за роденден на нивниот духовен родител, но и како потсетник дека животот наш треба да биде едно постојано раѓање во покајание.
А денес, колку голема поука ни дава споменот на свети Лонгин Стотник! Од мачител и безверник, тој стана апостол и маченик за Христа. Нека биде и со нас така, неговата ревност и неговата храброст да се вградат во нашите срца.
Денес особено Му благодарам на Бога што меѓу нас е и отец Лука од манастирот Ксенофонт на Света Гора, еден од најголемите пријателски манастири на Бигорски. Врските меѓу нашите свети обители се древни и благословени. Во архивите наши најдовме писма од пред два века, во кои игуменот Арсениј, еден од ктиторите на нашиот Манастир, се допишувал со игуменот на Ксенофонт, барајќи некои бигорски монаси што тогаш служеле во нивниот скит на Благовештение. И така, низ времето, се протега една силна духовна врска. Денес таа врска е повторно посведочена, преку присуството на отец Лука, кого со љубов го замоливме да ни наслика една необична фреска во нашиот голем синодикон, во зелената сала, каде што се собираме за разни пригоди. Му благодариме, значи, на неговиот Старец, архимандритот Алексиј, што благослови да биде денес со нас, и се молиме Господ да ги зајакне сите што го љубат Неговото име.
А на сите вас, возљубени, ви посакувам оваа Света Литургија да биде вистинска средба со нашиот распнат и воскреснат Господ. Да Го почувствуваме во срцата, да Го понесеме во мислите, да живееме со Него во секој миг. Оти, како што вели апостолот Павле: не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене19. Нека живее Христос во сите нас!
Амин.
[1] Јован 19:30.
[2] Според светите отци, Христос „ја прими смртта доброволно, за да ја уништи нејзината власт над човекот“ (Св. Атанасиј Велики, За Воплотувањето на Логосот, 21). Неговото тело можело да умре и реално умрело, бидејќи беше вистински човечко, но смртта не можела да Го задржи, бидејќи беше обожено од Божеството.
[3] Ефес. 1:4.
[4] Матеј 27:27-29.
[5] Јован 19:34.
[6] сп. Матеј 27:51.
[7] Матеј 27:54.
[8] Исаија 53:7.
[9] Лука 23:34.
[10] 2 Кор. 3:3.
[11] 2 Кор. 3:3.
[12] 2 Сам. 11:14-17.
[13] сп. 2 Сам. 12:7-13.
[14] сп. 2 Сам.16:10-11.
[15] Пс. 142:1.
[16] Лука 15:4-5.
[17] од чинот на Погребение.
[18] сп. Езек. 33:11.
[19] Гал. 2:20.











