Божествениот Сејач и плодната земја

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија, на споменот на Свети Лонгин Стотник, 16/29 октомври 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денеска, мили мои, имавме можност да чуеме две прекрасни евангелски четива: едното ни ја открива величествената убавина на параболата за Сејачот и семето, другото, пак, ги упатува нашите внатрешни очи кон драматичноста на Страшната Голгота, придружено со исповедништвото на римскиот стотник Лонгин, кој по сè што се случило на Лобното место во тој страдален Велики Петок, воскликнал: Навистина Овој беше Син Божји! (Матеј 27,54)

Параболата за Сејачот и семето не е само една алегорија, таа е одраз на Божјото делување. Христос ја започнува параболата со доста едноставни зборови: Излезе сејач да сее семе (Лука 8,5) На Кого се однесуваат овие зборови? Кој е Тој Сејач? Тоа е, всушност, Самиот Он, Кој, иако рамен по чест и слава со Бог Отецот и Бог Светиот Дух, излезе од прегратките на Отца, излезе од блаженството на вечноста без истовремено да го напушти и влезе во времето, во нашата историја. Дојде во нашиот свет како Божествен Сејач, желен да ја посее Својата вечна спасителна наука. И Он не дојде само да проповеда, туку да влезе во нашите животи, да дејствува, да се жртвува. Стана човек и не само што ги вкуси трудовите, слабостите и ограничувањата на нашата плот и природа, туку врз Себе ги понесе и мачните товари на гревот, на сето зло од овој свет, за да може, најпосле, бивајќи понижен и распнат на Крст, да нè ослободи од тоа бреме, да го совоскресне човекот со Себе и да го совознесе на Небесата, оддесно на Отца. Сега патот кон Царството, кон вечното блаженствување е отворен за сите нас, бидејќи Христос со Своето тело стана првина за секое човечко тело, та да можеме сите ние, преку благодатта од светото крштение, да се спасиме и да се обожиме.

Меѓутоа, за да се фати семето на вечноста и обожението и да вроди со плод, ние треба да му обезбедиме плодна земја. Треба нашето срце да го претвориме во плодоносна почва, приемчива за Христовите зборови, за Неговото свето слово, односно за семето за кое Он денес зборува во параболата. Имено, во неа слушнавме за четири видови на земја, коишто соодветствуваат на четири категории на луѓе, во зависност од тоа како тие му пристапуваат на словото Господово. За првите вели дека се слични на натапкана земја покрај патот, каде што семето кога ќе падне, нема каде да пушти корен, па накрај бива изгазено и исколвано од птиците. Тие се луѓето коишто го слушаат словото Божјо, но се толку нечувствителни и затворени за духовните нешта, што ѓаволот веднаш доаѓа и им го зема од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат. Тоа е најлошата категорија на човечки срца и души. Во нив просто нема ни најмала можност словото да продре и да фати корен. Едноставно тие воопшто не ја прифаќаат Божјата реч, бидејќи се целосно оддадени на овој свет и се крајно незаинтересирани за нешто убаво и возвишено. Нивните срца наликуваат на целосно испоганета блудница, во којашто нема ни трошка страв Божји и чијашто совест е сосема изгорена и ни малку размислува за некакво покајание. За жал, во таквите срца не може да се најде ни најмало место за спасоносната наука на Спасителот Господ Исус Христос. А гледаме, семето на спасението се фрла насекаде, наменето е за сите луѓе од почетокот на светот па до денес. Во Евангелието Христово нема селективност и елитизам – тоа е универзално за целото човештво и сите подеднакво се повикани, па така никој не ќе има оправдание пред Бога за тоа зошто не ја прифатил пораката за спасението.

Втората категорија на луѓе, вели понатаму параболата, се слични на каменито место. Иако можеби на почетокот семето на словото Божјо ќе фати малку корен, односно ќе биде примено со првична радост, сепак набрзо, штом надојдат искушенијата, коренот почнува да се суши бидејќи нема доволно длабочина за да расте и следствено, нема плод. Оти, за да може човек да се обожи, треба словото Христово да допре не само до површината на душата, туку да биде длабоко посадено и потопено во самата нејзина суштина. Христос не треба да биде само декор, или психолошко средство за бегство и надминување на тешкотиите во животот, туку треба да постане самиот наш живот. Неговото Божествено учење треба да навлезе длабоко во нашето битие, да стане негова срж. Само така ќе можеме да бидеме вистински луѓе, боголики, обожени личности.

Да, точно е дека сите ние имаме многубројни искушенија, но тоа не треба да нè плаши. Нашиот живот не е ништо друго освен еден крст. А крстот подразбира силни искушенија, трпење на страдања, голема жртва. Но затоа, пак, пред себе секогаш Го имаме првиот и најголем Крстоносител, нашиот драг Спасител, Кој на сите ни стана образец за тоа како треба да се носи животниот крст. Он на Страшната Голгота ги рашири рацете Свои и го прегрна целиот свет, испраќајќи ја оттаму Својата најсилна проповед и порака, онаа за жртвената и совршена делотворна љубов. Имајќи го пред очи Неговиот највелик и животодавен Крст и победата извојувана на него, од што би се плашеле ние, коишто носиме неспоредливо помали животни крстови? Па макар и во мигот на испитанија да ни се чинат претешки, тие, сепак, во суштина се многу полесни во споредба со Неговиот. Голготскиот Крстоносител доброволно се искачи на Својот преголем и тежок Крст, за да ни помогне на сите полесно да ги износиме своите лични крстови.

Третата категорија на луѓе опишани во Христовата парабола се оние чиешто срце и ум заприлегаат на трновита почва. И тие го слушаат Божјото слово, но штом си заминат, семето во нив веднаш почнува да се гуши од трњето на земските грижи, на богатствата и насладите од овој живот и не донесуваат плод. Тоа се луѓе кои со цело срце им се оддаваат на страстите, на материјалното, на комфорот и хедонизмот. Духовниот живот, пак, е обратнопропорционален на сето ова. Смислата на Христовиот Крст е сите ние преку него да бидеме возведени во духовниот свет, во радоста на вечното суштествување. „Зашто, ете, преку Крстот дојде радост за целиот свет“. Преку Крстот дојде Воскресението и преку крстот ни се откриваат сите таинства на Небото. Прегрнувајќи го својот крст со најдлабоко смирение и срдечна љубов, ќе станеме како онаа, четврта категорија на луѓе во параболата, претставена со плодната земја којашто дава стократен плод.  А тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение (Лука 8,15).

Овој неделен ден, во сенката на голготските настани се сеќаваме и го славиме споменот на Свети Лонгин, римскиот стотник кој беше сведок на страшните и величествени моменти на Христовите смрт и Воскресение. Како римски војник, Лонгин бил поставен на стража при Крстот на Голгота, а потоа и кај Пресветиот Гроб Господов. Така тој несакајќи станал сведок на великите таинства за наше спасение. И не само сведок, туку и вистински плодородна земја, приемчива за Божјата љубов и милосрдие. Имено, кога Лонгин ги видел сите тие страшни дела, распетието и страдањето на Невиниот, кога го почувствувал земјотресот и го видел помрачувањето на Сонцето; кога сфатил дека Оној Кого Го распнале бил толку добар и кроток, што дури и на Своите распнувачи гледал со љубов и сожаление и се молел за нив кон Бога Отецот, велејќи: Оче, прости им, зашто не знаат што прават! (Лука 23,34); кога ги слушнал необичните зборови дека Се сврши (Јован 19,30), односно дека Синот Божји, Спасителот на светот, извршил сè што беше потребно за Домостројот за човечкото спасение, трогнат дури до најдлабоките места на своето битие, преобразениот римски војник извикал силно пред своите совојници и пред останатите присутни сведоци на таа неподнослива глетка: Навистина Овој беше Син Божји! (Матеј 27,54)

Свети Лонгин, значи, не бил само еден пасивен сведок на овој уникатен настан во историјата на човештвото. Тој бил крајно потресен и преобразен од Христовата неизмерна љубов и милосрдие. Затоа, неговиот историски извик изговорен под агонијата на Крстот, го открил вистинското лице на Христос и преобразеното срце на човек кој поверувал. Иако на крајот нему му било наредено со копје да го прободе Христовото тело, за да можат Јудејците и сите присутни да се уверат дека Распнатиот навистина е мртов, сепак до денес тој останува жив пример за преобразбата што може да се случи во човековото срце пред Божјата присутност. Ги изговорил своите исповедни зборови во името на сите кои ќе поверуваат дека Исус Христос е распнатиот Син Божји, но уште повеќе – ги изговорил за потврда пред сите оние кои ќе се сомневаат, како неоспорно сведоштво од еден дотогашен незнабожец кој Го видел и спознал вистинскиот Бог. Неговата вера конечно се утврдила во мигот кога како стражар и на Пресветиот Гроб, каде што било положено телото Исусово, го видел блесокот на нетварната светлина, а потоа и одвалениот камен од Гробот, кој останал празен. Значи, Свети Лонгин се вброил и меѓу првите очевидци на Воскресението Христово. Оттогаш тој силно го возљубил својот животен крст и увидел дека накрај, доколку крстот е носен со вера, љубов и трпение, тој води кон спасение и воскресение. Го прифатил првиот Крстоносител како образец за својот живот и го примил Неговото воскресително слово. Иако во продолжение Свети Лонгин бил под притисок од Јудеите да се одрече од она што видел и да го промени своето сведочење, тој претпочитал да остане верен кон вистината и кон својот новооткриен Господ, па макар и по цена на животот. Неговата жртва е симбол на верноста и преданоста која секој верник треба да ја има кон Христос. Од неговото житие знаеме дека заради верата и постојаните притисоци тој се откажал од војничката служба и бил протеран и извесно време, заедно со своите двајца другари од неговата чета, коишто исто така ги виделе страшните настани, живеел подалеку од очите на јудејските и римски власти, целосно посветувајќи Му се Бога. Но бидејќи од страна на римската управа бил осуден на смрт поради предавство, по него била пратена потера. Тој кротко ги пречекал војниците, ги примил во својот дом и ги нагостил, а следното утро самиот им се претставил и доброволно им се предал, молејќи ги да ја извршат должноста за која биле пратени. Бидејќи бил римски граѓанин, на Свети Лонгин му била отсечена главата заради верата во неговиот и наш Спасител, вера којашто тој со својата маченичка крв ја запечатил и така уште еднаш ја потврдил вистината што ја видел со сопствените очи. Затоа денес го славиме не само како маченик и светија Божји, ами и како икона на преобразбата, како пример за нас, Христијаните, дека треба сите да го прифатиме Христовото спасоносно послание во своите срца и да живееме во согласност со него.

Следствено, мили мои, да ја прифатиме и да ја возљубиме и ние спасоносната наука на премилиот ни Христос, бидејќи таа е единствената која радува и оживотворува. Многу сме привилегирани што сме крстени во името Христово и сме облечени во Него, што го слушаме словото Негово, што го читаме Светото Евангелие Негово. Оти, преку страниците на таа спасителна Книга, ние влегуваме во единствената вистина на вселената. И како врви времето на историјата, сè повеќе гледаме и се уверуваме дека освен Христос нема друг одговор во овој свет. Живееме во еден крајно вознемирен свет и гледаме како современиот човек сè повеќе се обесчовечува, ја губи дури и основната човечка одлика, а да не зборуваме, пак, за неговата духовна мера и степен на обоженост. Веќе не може да стане збор за боголик човек, туку, за жал, луѓето почнуваат да заприлегаат на човеколики животни. Постојано слушаме за неубави нешта, насекаде гласови за војни, како што и ни е претскажано во Евангелието. Впрочем, противниците на Христа, антихристите, дејствуваат уште од времето на Христа и на Апостолите. Свети Јован Богослов пишува: Тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека доаѓа, па и сега е веќе во светот (1. Јован. 4,3). Тоа се, всушност, сите оние коишто во текот на изминатите две илјади години не веруваат дека Исус Христос, Синот Божји, дојде во плот на Земјата, дека воскресна и дека Он е Спасителот на светот.

Затоа, мили мои, да ја усвоиме поуката од денешните две прекрасни евангелски четива, за Сејачот и семето и за Голготските настани и преображението на Свети Лонгин, чиешто срце се покажа како плодотворна почва за словото Христово. Да го прифатиме крстот како наш животен пат, оти тој е и нашето воскресение и наше вознесение. Да станеме плодна земја за Божествениот Сејач, најнапред ние кои се нарекуваме воцрковени верници, оти ние сме тие коишто одат во храмовите на богослужба и се соединуваат со Христовите тело и крв, станувајќи еднородни со Него, браќа и сестри Негови. Значи, прво ние да вродиме со плодови на добрина, прошка, љубов, великодушност, широчина, радост, та да можеме да станеме пример и магнет за другите, за и тие да тргнат по Христа. Убаво и благословено е кога си светлина за другите. Оти, светлината Христова секогаш и секому е потребна, особено, пак, во овие немирни времиња, во коишто постојано слушаме за војни и непријателства меѓу народите. Да Го помолиме нашиот Спасител, небесниот Сејач, Распнатиот на Голгота и Воскреснатиот, да ги обработи нашите срца и да ги претвори во плодна земја за словото Свое. Амин!