Светоста – стремеж што обединува

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на споменот на Преподобната Параскева Епиватска, на Божествената Литургија во сечесниот храмот на Преподобната во град Дебар, на 14/27 октомври 2023 лето Спасителово

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, човекот е повикан на светост од Самиот Бог. Всушност, создаден е да биде свет. Тоа јасно го кажува Самиот Господ Исус Христос во Евангелието кога ги призива Своите ученици: Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен (Матеј 5,48). Целта, значи, на човекот е да се обожи, да стане свет, боголик. Темелот, пак, за обожение го здобивме со светото крштение. На самиот чин на оваа голема и основна света тајна во Црквата секогаш се пеат зборовите што ги напишал Светиот Апостол Павле, а кои пред малку ги чувме од денешното апостолско зачало: Сите кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Гал. 3,27). И бидејќи Христос е Единствениот Свет по суштина, тоа значи дека секој што во Него е крстен, кон светост е повикан. За секој човек кој излегува од кршталниот купел велиме дека излегува очистен од гревовите: малото дете од наследените последици на гревопадот, а возрасните од дотогаш сторените прегрешенија. Така, секој новокрстен човек е свет. Значи во нас преку крштението има таква Божествена благодат, што ние имаме сила да се подвизуваме за стекнување на Божјото подобие, имаме потенцијал да станеме свети, да станеме жители на Царството Божјо, деца на Самиот Троичен Бог.

Преподобната мајка наша Параскева, чијшто спомен денес совршуваме, достојно ја исползувала Божјата благодат од светото крштение и целосно го реализирала потенцијалот за светост. Подвизувајќи се со добар подвиг, во воздржание и непрестајна молитва, Света Параскева успеала да го достигне степенот на обожение. Го исполнила на дело она за што е повикан секој човек – да стане свет. Таа, како и сите останати Светии на Црквата, силно Го возљубила Христа и од љубов кон Него ги надминала сите различности од овој свет: и народната и социјална припадност, и материјалната состојба, и степените на надворешно образование, па дури и самата телесна природа. Токму за тоа зборува и Апостол Павле во денешното свое послание, веднаш по исказот за облекувањето во Христа: Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса (Гал. 3,38). Со други зборови, оние коишто се обожиле ги надминале сите поделби и параметри на овој век и преку благодатта во Христа, станале сесветски. Еве, гледаме, Преподобна Параскева ја слават многу различни народи на Земјата, ја слави целиот свет. Светителството е тоа во коешто луѓето можат да се обединат на вистински и траен начин.

Да се биде свет значи да се биде човек на целиот свет, односно човек над светот – човек кој со крстовоскресна љубов го прегрнува светот. Сведоштво за тоа ни е Самиот Христос. Историски гледано, досега никој толку силно не го обединил светот како Христа, во Кого се надминуваат сите различности и предрасуди. Една таква цивилизациска обединетост наоѓаме во големата и долготрајна Ромејска Империја, во којашто сите народности живееле обединети во духот на Христијанството. Во последниов век обид за интегрирање на народите гледаме и во Европа, каде што како оски за обединување повторно среќаваме дел од општите човечки вредности кои се цивилизациска придобивка на Христијанството, како, на пример: слободата, еднаквоста на народите и на јазиците, образованието, солидарноста – нешта што биле проткаени во културата на христијанско живеење во ромејскиот свет.

Всушност, човекот во самите свои гени носи силен порив за обединување со други личности, има природна потреба да општи, да се поврзува, да споделува. Низ историјата на човештвото имало многу такви потфати за обединување. Доколку го читаме Светото Писмо, ќе видиме дека луѓето, макар и грешни и од Бога оддалечени, природно се стремеле кон заедништво. Така, во Стариот Завет постои приказ на еден настан уште од времето кога сите луѓе говореле еден ист јазик. Имено, тогаш луѓето се обединиле, за да изградат огромна кула и да можат, доколку се случи некоја нова катаклизма како што бил потопот, да се качат во неа и така да се избават. Знаејќи дека стариот свет бил уништен од потоп, а од страв да не се повтори тоа, тие почнале да ја градат Вавилонската кула, како засолниште од водата. Но бидејќи кулата ја граделе во грев, горделивост и богоборство, Господ не го благословил тоа обединување, па им ги размешал јазиците, така што повеќе не можеле да се разберат и да ја изградат кулата.

Автентичното обединување на луѓето станува само во дух и вистина. Светиот Дух ги обединува сите. На празникот Педесетница, кога од Христа им беше испратен Светиот Дух на Апостолите, тие необразовани рибари, иако никогаш не посетувале некаква настава за јазици, одеднаш станале толку многу просветени, што почнале да зборуваат на различни јазици и на секого од дојдените во Ерусалим за празникот – а ги имало од многу земји и народи – му се обраќале на неговиот роден јазик. Така, во Црквата Христова се обедини целиот тогашен свет. Но и денес Црквата треба да биде своевидна авангарда во вистинското, духовно обединување на народите, а не да служи за создавање и продлабочување на јазовите и поделбите врз основа на национална, политичка, социјална и каква-годе друга припадност. Нам Христијаните треба да ни е важно единствено тоа да сме Христови, а сè друго е второстепено. Оти ни е дадена бесценета привилегија да можеме, преку молитвата и особено преку пречистото Тело и животочната Крв на Господа Исуса Христа, да се обединуваме на правилен и суштински начин, да бидеме вистински браќа и сестри во Христа. Блаженоупокоениот Старец Емилијан Симонопетриски говореше: „Молитвата е наједноставниот, најнепосредниот начин кој ни е секогаш на располагање и преку кој и ние стануваме соучесници и причесници на особеностите на Господа Исуса Христа, а притоа секој од нас толку едноставно и убаво го живее својот личен живот. Сите сме различни карактери,  различни типови, различни приказни, но сите стануваме Исус Христос преку истата молитва“.

Значи, светоста, мили мои, е првобитниот и вистински фактор за обединување на луѓето; таа е оригиналната „глобализација“, а не оваа актуелната, којашто иако, можеби, проповеда некаква си еднаквост, рамноправност, обединетост, солидарност – вредности коишто, патем, се придобивка на христијанската вера – сепак, не знае за светост. Денешната глобализација наметнува стремеж за успех и афирмација, за материјални блага, за образование и кариера, за истакнување, за оригиналност, за лично задоволство, за комфор, но го нема искуството од вистинското доживување на светоста и не знае дека само светиот човек е целосен, исполнет и радосен човек. Светоста ни е дадена како императив од Самиот Бог, бидејќи без неа, без стремежот кон неа, не ќе можеме да влеземе во Новиот Свет, во новото Небо и новата Земја, што Господ ќе ги сотвори. Тука се наоѓа и смислата на овие Павлови зборови, упатени кон Христијаните: Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа (Евр. 12,14).

Следствено, ние треба да се трудиме да ги подражаваме примерите на Светиите Божји, како што е денешната наша славеничка, Преподобната Параскева, којашто иако била една немоќна жена, толку многу се подвизувала и се трудела во светоста, што надминала многу мажи со својата духовна сила и прераснала во вистински херој на верата наша. Се разбира, нејзе цел не ѝ била земската слава и тоа да биде почитувана од што повеќе луѓе, туку се стремела единствено кон стекнување на Божествената благодат. Живеела многу смирен монашки живот, предадена на пост, молитва и богомислие. Но милостивиот Бог толку многу  ја прославил, што по нејзиното упокоение ја удостоил со нетрулежност на телото, коешто, еве, веќе десет века е цело и нераспаднато. Тоа, како што знаете сите, почива во градот Јаши во Романија и е една голема Светиња на којашто почит ѝ оддаваат илјадници. Годинава, на пример, на нејзиниот празник – како што ни кажа владиката Дамаскин од Романија – на Света Параскева ѝ се поклониле околу 350.000 луѓе! Едноставно, нема народ што не ја почитува Света Параскева. Поради нејзиното послушание кон Црквата, поради подвизите за Бога и смирението, Бог ѝ дарувал слобода во Царството Свое, но ја прославил и овде на Земјата. Им ја открил на луѓето нејзината светост, за да им покаже дека светоста не само што е можна, туку е и достапна и реално остварлива, та секој што сака може да се освети. И Света Параскева била човек, како што сме сите ние. Ја имала истата ранлива плот како и ние, ги искусила истите чувства, болки, радости, емоции, слабости, како и секој друг нормален човек, но ревносно се потрудила да го издигне својот ум и сето свое битие кон Небото, и по многу подвизи, по своето долгогодишно доброволно распетие заради Христа, станала едно со Него и со сите Светии.

Па така, мили мои, гледаме дека само светоста го обединува човештвото низвременски и просторно. Гревот не може да го обедини светот, оти неговото својство, т. е. самата негова суштина е отуѓувањето. Еве, денес светот тежнее да се обедини, но гледаме колку тешко му оди тоа. Глобалниот поредок не само што не се стреми кон светост, туку напротив – ги руши и оние морални и етички начела што се својства на светоста и врз кои почива нашата цивилизација, особено европската. Некогаш главни идеали и примери за подражавање на нашите предци им биле Светиите Божји, нивните боговдахновени житија и подвизи. Многу од нив можеби не биле толку образовани и писмени, како што се денешните наши поколенија, но сите тие живееле според една христијанска философија на живот. Се раѓале и умирале со Евангелието. И ние го затекнавме тоа време. Старите знаеја да нè поучат дека човек, пред сè, треба се труди да живее свет и честит живот, да се стреми кон светост. Но денес, за жал, гледаме како бледнеат и последните траги од таа општа христијанска философија. Дури и одењето в црква, па и нашето христијанство воопшто, станува некако формално, како само од навика или поради некои други лични мотиви и психолошки побуди, а не заради подражавање на Христа и за стекнување на светост. Како што пишува блаженоупокоениот отец Александар Шмеман, постои опасност да имаме црква и христијанство без Христос.

Следствено, мили мои, неопходен ни е вистински подвиг, искрен стремеж и труд за стекнување на светост, којашто, пак, се здобива преку практичен и созерцателен христијански живот – живот исполнет со дејствителни добрини, со молитва и богомислие. Светоста се стекнува кога трпеливо и трудољубиво се стремиме кон плодовите на Духот Свети: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост (Гал. 5,22-23) и се разбира кога се трудиме во молитвата, којашто треба непрестајно да ја практикуваме. Молитвата му е насуштно потребна на овој свет и само преку неа можеме да се обединиме во хармонија на љубов и мир. Сите гледаме колку љубовта и мирот му се потребни на нашиот свет, кој се расклатува од немирот помеѓу луѓето и народите. Иако декларативно сите го посакуваат мирот, слушаме како насекаде ѕвечи оружјето и луѓето пиштат од болка за своите убиени ближни. Затоа, сега, можеби повеќе од кога било, ни е потребна молитвата. Имаме и силен мотив за неа, а имаме и многу примери на светии кои се осветија преку неа. Нашата Црква е украсена со небесната слава на многу обожени луѓе коишто го изодиле нашиот пат и стасале до светоста. Таа, светоста, и до ден денес суштествува и дејствува. Доволно е само да се потсетиме на големите Старци од нашето време, кои Црквата ги истакнуваа како светии и нивните имиња ги вбројува во календарот, секако откако претходно стекнале слава во Господа.

Па така, да го прегрнеме Светото Евангелие и да го овоплотиме во своите животи, да поитаме кон светоста, да се трудиме да станеме како нашиот Отец Кој е на Небесата. Нека во тоа ни помагаат молитвите на Преподобната мајка наша Параскева, којашто многу претрпе за Христа и стана жителка на Царството Небесно. Таа посредува за нас пред Господа, за да можеме, поткрепени од Неговата сила, да живееме според христијанскиот идеал за светост, негувајќи и умножувајќи ја Божествената благодат што ни е дадена на светото крштение, амин!