Свети Лонгин Стотник – апостол на Воскресението

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија, на споменот на Свети Лонгин Стотник, 29 октомври 2022 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Му благодариме, мили мои, на седобриот Бог што, еве, и оваа година нè удостои вака собрани и радосни да го прославиме чесниот спомен на Светиот маченик Лонгин Стотник. Како што е општопознато од евангелските собитија и од неговото житие, овој римски офицер по службена должност се нашол на страшната Голгота, под Крстот Исусов. Заедно со своите војници бил задолжен да го варди распнувањето на Спасителот, а потем и да стражари пред сесветиот Гроб Господов.

Св. мч. Лонгин Стотник Антиохиски

Трогнува фактот што овој незнабожец, очевидец на ужасните настани што се случиле на Лобното место, станал истовремено и тајновидец на Божјите величија и боговидец на Синот Божји. Имено, Лонгин и неговите војници имале можност со своите физички очи одблизу и непосредно да видат дека во мигот на распнувањето на Назареецот, Сонцето среде ден се помрачило и насекаде настанала темнина; Земјата се затресла од силен потрес, цврсти карпи распукале, многу гробови биле отворени и исто толку мртви излегле од нив живи, воскреснати. А стотникот и оние што со него заедно Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сè друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“ (Матеј 27,54)

Каква внатрешна преобразба се случила во душите на овие обични службеници на римската власт, закоравени незнабошци, бесчувствителни војници, досега сосема далеку од вистината вера, а сега, одеднаш, толку блиску до Бога! Навистина Овој беше Син Божји! Има ли поголемо исповедание, посилно сведоштво од ова, изречено од усни што до пред малку не знаеле да изречат ни еден збор за Бога?!

Гледаме дека со сè што Господ Исус Христос направи на Земјата, вклучително и со самата Своја смрт, сака сите да нè привлече кон Себе и кон Неговото вечно Царство небесно. И кога Јас ќе бидам издигнат од Земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе (Јован 12,32). Остварувањето на ова пророштво искажано од пренепорочната уста на Спасителот јасно се гледа дури и на страшната Голгота. И во последните мигови, значи, од Својот живот, искачувајќи се на Крстот во распетие за сиот свет, Словото Божјо докрај ја спроведува Својата мисија за привлекување на душите човечки и нивно водворување во апсолутната слобода и покој. Иако во претсмртна агонија и во страшни болки и маки, Христос со Своите смирение, милост и прошка, постапува така што да биде препознаен како Господ дури и од еден разбојник, кој во животот немал многу време да размислува за Бога. Каква ли само преобразба во неговата душа предизвикала самата Исусова појава, што тој да може да доспее до полното богопознание и да Го исповеда Распнатиот до него за вистински Господ Бог и Цар: Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое! (Лука 23,42).

Господ од Крстот, преку проштевањето што го излеал и врз распнувачите Свои, направил да биде препознаен за Син Божји и од еден, би рекле, човек со строги војнички навики и манири. Но, како што карпите при Распнувањето паднале, така и срцето на Лонгин распукало, кога чул дека Оној Кого Го распнуваат им проштава и се моли за нив: Оче, прости им, зашто не знаат што прават! (Лука 23,24) Видете каков пример Господ ни остави во последните моменти од Својот живот! Им проштава на тие што Го распнуваат, испраќа милост на целиот свет. За прв жител на Рајот го поставува разбојникот, давајќи ни на сите надеж дека какви и да сме, колку и да сме грешни, ако од срце Му пристапиме, ќе нè помилува и спомне, ќе нè направи Негови сожители.

Голема тајна останува за нас душевната преобразба на Свети Лонгин кој се удостоил да биде сведок на најстрашните собитија во историјата. Тој поверувал во Христа и Го исповедал за Син Божји уште таму, при Крстот, но секако бил многу збунет од сè што се случувало. Кога толку многу биле збунети Христовите ученици, кои ги гледале Неговите многубројни чудеса, тогаш што да кажеме за овој римски стотник, кој до пред малку не знаел ништо за Господа?! Да се потсетиме дека според преданието, тој или некој војник од неговиот одред со копје Го прободел Христа во ребрата, за да се уверат безумниците дека Он е веќе мртов. Но, иако мртов по плот, Господ уште повеќе ги запрепастил сите, излевајќи крв и вода од Своите пречисти ребра. И најпосле, конфузијата на Свети Лонгин била сосема разрешена кога тој, поставен на уште една задача поврзана со Исус Христос – имено, да го чува Неговиот гроб, станал сведок на најголемото чудо во историјата: Воскресението Христово. Впрочем, како што знаеме од Евангелието, јудејските старешини, озлобени и помрачени, измолиле од Понтиј Пилат стража за Гробот на Христос, за да се осигурат, да не случајно Неговите ученици дојдат и го земат телото Негово, бидејќи тие ги запомниле Неговите зборови дека по три дни ќе воскресне. Тие верувале дека тука, со нивниот заговор, со Крстот и со Гробот, ќе го запечатат со надгробен камен Неговото учење, а учениците ќе се разотидат и откажат и со тоа споменот за Него сосема ќе згасне.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Сепак, тоа не се случи. Свети Лонгин со свои очи го виде и Воскресението Христово и оттогаш, сосема преобразен, тој стана незамолчлив сведок и проповедник на Благата вест. Иако свештениците и народните старешини нему и на другите војници со него им понудиле големи пари да премолчат за чудото и да кажат дека додека тие спиеле, дошле учениците и го украле телото Исусово, тој, се разбира, не прифатил, туку започнал отворено да проповеда за воскреснатиот Господ. Но, гледајте што прави зависта, омразата и злобата! Кога овие сатански карактеристики ќе го завладеат човека, тој крајно се помрачува и не размислува нормално, така што нему повеќе ни фактите не му значат ништо. Запрепастувачки е за нас и несфатливо како можеа тие, слушајќи дека воскресна и е жив Оној Кого од завист Го беа предале на смрт, наместо да го сменат своето поведение, уште повеќе да се помрачат и дури да се обидат да го скријат она што не може со ништо да се сокрие. Едноставно зависта не ги оставила да постапат како што треба. Напротив, тие се послужиле со најбедното средство од овој свет, кое низ целата историја го убива духот човечки: среброљубието. Триесетте сребреници на Јуда. Односно како што вели народот: она што не може да се постигне со пари, може со многу пари. Па, така и тие, заведени од оваа демонска страст, се обиделе да ги поткупат стражарите, за овие да излажат и кажат дека заспале додека го чувале Гробот и дека во тоа време учениците го украле Мртовецот. Дури и се погрижиле да ги обезбедат војниците, та да не подлежат на воен суд, бидејќи ако војник заспие на стража, му следува казна. Го потплатиле, значи, и управникот за да не спроведе истрага.

Меѓутоа, Свети Лонгин и неговите двајца верни другари ништо од ова не прифатиле. Духовно преродени и облагородени од Божествените величија што ги виделе, тие напуштиле сè, ја оставиле војничката служба, биле крстени од Светите Апостоли, станувајќи и самите апостоли на Воскресението насекаде околу себе. Се вратиле во својата татковина во Кесарија Кападокиска од каде што и потекнувал Свети Лонгин и проповедале и сведочеле. Накрај, и нив ги стасала злобата на еврејските старешини, па биле предадени на римските власти и со изнудена наредба од кесарот биле обезглавени. При тоа, тие со радост го примиле маченичкиот венец и заминале во радоста на Својот Господар на Небесата, од каде што нè благословуваат и ги услишуваат нашите молитви.

Така, мили мои, сите ние во Црквата треба да го живееме Крстот и Воскресението и да Му бидеме сведоци на нашиот Господ Христос. Он е присутен и ни се обраќа на многу начини; со нас е и во жалостите, со нас е и во радостите наши. Ние само да Го помолиме да ни ги отвори очите на внатрешниот човек како на разбојникот и на стотникот, та во сите моменти од својот живот да Го гледаме Него, неискажливата добрина и убавина. Гледајќи го Таков, нашето срце самото ќе извикне: „Господи, сакам да бидам вечно со Тебе! Спомни си, Господи, за мене во царството Твое!“

Амин.