Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на празникот Собор на Свети Архангел Гавриил, во Долнодримколскиот Манастир во Манастирец, на 13/26 јули 2024 лето Спасителово
Чесни отци, високопреподобни, сепреподобни и преподобни монаси и монахињи, возљубени браќа и сестри,
Денеска навистина станува голема радост на небото и на земјата и ние со сето срце можеме да го исповедаме тоа, бидејќи го чувствуваме длабоко во своите души. Оваа голема светиња, посветена на Соборот на Светиот Архангел Гавриил кој е секогаш најблиску до Бога, по цели 80 години, еве, повторно оживува.
Активностите за расчистување на теренот и реставрациските процеси започнаа во месец мај, но благата вест за неговото обновување ни беше најавена уште во 2001 година, од страна на нашиот многупочитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Тоа се случи за време на возобновувањето на светиот манастир Рајчица, посветен на Свети Георгиј Победоносец, кој во тие тешки времиња ни донесе голема духовна победа. Имено, на осветувањето на Рајчица говореше Неговото Блаженство, нашиот најдраг Архиепископ г. г. Стефан, а на ручекот со свое слово се обрати и нашиот Високопреосвештен и свет Митрополит г. Тимотеј. Тогаш за прв пат чув дека овој манастир се наоѓа токму овде и истовремено ја осетив големата желба на нашиот владика за негова обнова, бидејќи, како што самиот рече: „Овој Манастир недостасува во бисерот на светињите во западна Македонија“. Но како што вели мудриот Соломон: „Има време кога се руши и има време кога се гради, време кога камења се собираат“. Се чини дека дојде времето и оваа Светиња полека-полека да започне повторно да свети и да живее.
Иако уште сме далеку од комплетно обновување, сепак, се направи еден солиден пристап до Манастирот, патот е сега отворен, широк и прооден и овој преубав храм, издигнат во дваесеттите години од минатиот век, е сосема очистен. Кога прв пат дојдовме овде, во храмот беа израснати не само грмушки, ами и цели дрвја. Точно пред осумдесет години, црквата била гранатирана, така што величествената голема купола што се наоѓала над нас, паднала во средината и разурнатите камења стоеја тука до пред еден месец.
Меѓутоа, носителот на благата и сеспасителна вест за доаѓањето на Месијата во светот, великиот служител на Божјиот Домострој Светиот Архангел Гавриил, нè удостои денеска да се наоѓаме овде, да го свештенослужиме ова тајноводство, да бидеме дел од ова свештено евхаристиско собрание, принесувајќи ја бескрвната жртва на нашиот Спасител Господ Исус Христос, која нè храни за вечен живот.
Црквата Божја, возљубени, секој ден ни посочува личности и настани, Светии и жители на Небото, за да го осветли со нив нашиот живот. Како кога некој плови по море за време на темна бура, па иако е ден, може ништо да не гледа, да се чувствува изгубено и има насушна потреба од нешто што ќе му го покаже патот, било компас или светилник, за да не залута и да не удри во карпа или гребен. Така и во мракот на нашето грешно битисување, во темнината на патеките на нашиот живот, нашата Црква секој ден се труди да ни даде светлина, да ни посочи водичи, да ни покаже знаци. Подобно на светилниците во морињата, во океаните, коишто ни покажуваат каде се наоѓа копното. Светилникот ни го означува безбедното пристаниште. Такви светилници за нас се светите мажи и жени, впишани во диптихот на Светата Црква. Тие се оние кои ни го осветлуваат патот и нè насочуваат кон Горниот Ерусалим; ни покажуваат како да ја избегнеме темнината и опасностите во овој свет, нè избавуваат од мрачните патишта на нашиот живот, ни даваат пример и нè водат кон нашето предназначение – да бидеме со Христа, да се охристовиме, да се обожиме.
Нашата Црква денеска ни го претставува Светиот Архангел Гаврил, неговите чудесни јавувања, неговото божествено служење. Тој е пратеник Божји, служебен дух, чијашто задача е да пренесува спасоносни вести на луѓето. Архангелот Гаврил бил удостоен да ја пренесе пораката на Благовештението на нашата Богородица, објавувајќи ја радосната вест за воплотувањето на Синот Божји. Меѓутоа неговата служба не завршува тука. И во многу други случаи, и во Стариот и Новиот Завет, Архангелот Гаврил се јавувал, за да покаже пат, избавување, да донесе радост и светлина, водејќи ги луѓето кон исполнување на Божјата волја.
Сте чуле од Евангелието како Господ вели дека голема радост станува на небото кога еден грешник ќе се покае. Замислете, тоа ни го кажува Самиот Господ со Својата Божествена уста: за само една покајана душа се радува целиот небесен свет! Архангелот Гаврил, пак, кој ја известил Пресвета Богородица за зачнувањето на Синот Божји, е првиот кој се радува. Тој, носителот на добрите вести, тајникот Божји, кој ги знае и ги објавува најскриените тајни на Светата Троица, со својот архангелски глас превозгласува на небото дека уште една душа го пронашла својот пат, дека влегла во светлината. Макар и само еден човек да се покае, да се исповеда, да го отвори своето срце и да одлучи да го промени својот живот – оти, тоа значи исповедта – слави целиот небесен свет. Сето ангелско воинство се радува за оној кој одлучил дека не сака повеќе да живее во темнината, со мрак во мислите, тука сака да се приопшти кон светлината, сака да живее во духовна свежина и сјај, да ја има радоста во Христа. Оти, Христос е нашата светлина, нашата вистина, нашиот пат, нашиот копнеж, нашата радост. Светиите Божји, пак, и Ангелите се нашите светилници кои со светлината што ја примаат од Христа ни го осветлуваат патот. Замислете, Светиите и Ангелите стануваат наши служители кога ние се каеме и се молиме; ни помагаат и ни служат во нашиот пат на покајание, на очистување, на преобразување.
Знаете, возљубени, дека при светото крштение секој од нас добива свој ангел пазител. Колку е голема милоста Божја кон човечкиот род: Христос на крштението ни дарува дух служител, ангел на мирот, кој ќе нè води кон Царството Небесно. Монасите, пак, според тоа што ни го говори светото предание и според тоа што многупати е потврдено низ историјата со многу примери и чудеса, при самиот чин на монашење, покрај ангелот пазител, добиваат уште еден ангел спомагател кој ќе ги пази и ќе им помага но нивниот подвиг. Тие, значи, имаат два ангели пазители, затоа што монашкиот живот е особено тежок и одговорен. Честопати тој е налик на Христовата молитва во Гетсиманија, кога нашиот Спасител како човек се наоѓаше во напрегната молитва, со смртно нажалена душа, така што дури и капките пот Му беа како капки крв што паѓаа на земјата (Сп. Лука 22,44).
Па така, возљубени, имајќи вакво достоинство ангелите да ни служат и да ни помагаат, треба да се запрашаме колку сме одговорни како Христијани. Ги радуваме ли ние своите ангели пазители или постојано ги жалостиме? Нашиот призив е да живееме живот исполнет со вера, со љубов и со покајание – со што ќе ги радуваме своите ангели. Тие се нашите неуморни застапници, секогаш покрај нас, водичи светли и добри кои ни го покажуваат патот кон обожението. Затоа, да се стремиме да живееме достоинствено, во светлина и чистота, та да ја заслужиме нивната радост и да го оправдаме нивното присуство во нашиот живот.
Не сакам многу да должам, бидејќи сме на отворено и Сонцето почнува да пече, а нема ни доволно столици – како што вели нашиот владика дедо Тимотеј: „Во орман ферман не бараме“. Пред да продолжиме со најважното, со Божествената Евхаристија, би сакал да ви кажам и за едно чудо што во видение го имал Светиот Андреј Константинополски, Јуродив заради Христа. Ова видение се однесува токму на ангелот пазител. Имено, Блажениот Андреј присуствувал на еден погреб и оддалеку ја гледал духовната димензија на погребот, она што обичните луѓе не можеле да го видат со своите телесни очи. Починатиот бил некој познат човек, така што голема толпа луѓе со свеќи го следеле неговиот ковчег. Свештениците ги пееле вообичаените погребни пенија, а роднините и пријателите на покојникот плачеле и липале. Свети Андреј, освен што ја гледал целата погребна поворка, истовремено гледал и некои мрачни суштества кои се исмевале врз мртовецот и го посипувале и него и ужалените со пепел. Погребот изгледал ужасно страшно, па Свети Андреј бил запрепастен од таквата слика. На крајот од погребот, тој забележал еден човек облечен во бело, кој повеќе од сите тагувал и плачел. Светиот му пристапил на тој човек и го замолил да му каже зошто толку тагува за личноста што ја погребуваат и зошто целото погребение изгледало толку ужасно. Човекот во бело му одговорил: „Јас сум неговиот ангел пазител. За жал, овој човек направи премногу зла и никогаш во животот не се покаја, иако јас како духовно битие постојано му дошепнував да се поправи, да се покае. Но сè беше бесполезно. Тој остана во своите гревови и денес злите духови му ја зедоа неговата душа“.
Знаеме, возљубени, дека нашиот живот не завршува овде. Да имаме секогаш на ум дека нашата вечна татковина е горе, во градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, со безбројните ангели, на свечениот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата (Евр. 12,22-23). Но, исто така, ние и овој свет треба да го правиме Царство Небесно, да го градиме во духовен Ерусалим, во престојувалиште на ангелите Божји, со тоа што ќе се каеме и ќе се трудиме во доброто, ќе бидеме вистински луѓе, пред сè, а потоа и највозвишеното – ученици Христови, христоименити луѓе, Христијани.
Да му благодариме на великиот и пресвет Архангел Гавриил, Благовесникот, врховниот кнез на небесната светлина, кој со своето молитвено застапништво испроси да дојде времето за неговата светиња да започне да се обновува. Се надевам дека со Божја помош ќе успееме во ова големо дело и дека ќе се најдат луѓе кои ќе го помагаат ова свето место. Еве, на наша особена чест, тука заедно со нас служи и протоѓаконот на нашиот почитуван Митрополит г. Тимотеј, г. Никола Ѓурѓиноски, кој потекнува токму од овој крај, од селото Луково. Тој, исто така, е мошне заинтересиран за оваа светиња да воскресне во својата полнота. И како што Архангелот Гавриил се застапува за нас пред Господа, така и тој ќе биде наш посредник пред владиката во Охрид. Со помош на Митрополијата, заедно можеме да го возобновиме Манастирот. Знам дека е голема желба на нашиот Митрополит да го направи тоа и верувам дека по молитвите на Светиот Архангел Гавриил и на сите бестелесни сили, ќе се радуваме во иднина на оваа светиња и ќе принесуваме молитви и славословија кон Бога до Второто Негово доаѓање.
Да ми сте благословени!