Информацијата на Свети Јован Крстител

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Божествената Литургија на празникот Раѓање на Свети Јован Крстител, на 24 јуни/7 јули 2024 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени браќа и сестри,

Денеска благодатта Божја нѐ собра овде, во ова славно Светилиште и на ова свето собрание, за да Му оддадеме слава и благодарност на Триединиот Бог наш и низ молитви, песни и благодаренија, да го прославиме споменот на великиот Патрон на оваа илјадагодишна Света Обител – чесниот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов, Свети Јован, чиешто чудесно раѓање го славиме.

Светото Евангелие, боговдахновено и вистинито, во својата содржина ни сведочи за две раѓања: едното, сечесното Рождество на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, и другото, раѓањето на Светиот Претеча, за кого самиот Спасител рече дека не се јавил поголем од него меѓу родените од жена (сп. Матеј 11,11). Оној кој беше Претеча и гласник и сведок на исполнувањето на Божјиот Домострој за спасение, заслужи чудесно раѓање што беше евангелски возвестено и за веки веков посведочено.

Чувме од Евангелистот Лука дека Свети Јован Крстител е дете на праведните Захарија и Елисавета, кои сиот свој живот го поминале во молитва, во подвиг и во верност на Божјата волја. Се надевале на потомство, но годините им поминале, така што и двајцата биле престарени, а Елисавета веќе неплодна. Но, ете, во најсветиот миг на старозаветното свештенство, кога првосвештениците еднаш годишно влегувале во Светињата на Светињите во храмот Господов, за да покадат и да Му принесат искупителна жртва на Господа, на праведниот Захарија му се јавил Божјиот благовесник, Архангелот Гавриил, и му го соопштил радосното благовестие дека неговата жена ќе зачне во својата утроба и ќе имаат син. Стариот свештеник, човек со непорочно срце и со чист разум, прашал со сомнеж како е тоа можно кога неговата жена била неплодна, а и тој веќе престарен. Радоста од видението и од веста биле преголеми кај него, но тешко му било да поверува дека ќе се случи нешто натприродно, па затоа добил опомена од Господа и останал нем сѐ до раѓањето на неговиот син. Архангелот му дал заповед тоа дете да се вика Јован, што на еврејски значи благодат Божја.

Сѐ се случило според зборовите на Архангелот: Светата и праведна Елисавета роди син и му го дадоа името Јован. Но тоа дете било избрано уште во утробата на својата мајка да Го посведочи Христа. Имено, Евангелието ни ја претставува таа величествена средба на неговата мајка Елисавета со Мајката на нашиот Господ, Пресветата Дева Марија, во горниот крај Јудин. Во тој свештен миг, Свети Јован уште како ембрион заиграл во утробата на мајка си и користејќи ја нејзината уста, почнал да пророкува за Христа. Така, Светата Елисавета, исполнета со Дух Свети, кога ја здогледала Пречистата извикала: Од каде со мене ова, при мене да дојде Мајката на мојот Господ? (Лука 1, 43)

Гледате, возљубени, колку е голем Свети Јован?! Тој, уште од утробата, преку устата на својата мајка, го извести светот дека дошло времето за доаѓањето на долгоочекуваниот Месија. Подоцна, на реката Јордан, тој Го виде Христа и извика, објавувајќи ја најважната вест за сите луѓе и за сите поколенија. Имено, кога Го здогледа Господа како доаѓа на реката за да се крсти, громогласно им објави на сите: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! (Јован 1,29) Свети Јован Го виде Христа како кротко Јагне, Кое беше проповедано од сите пророци пред Него. И се удостои не само да Го види, туку и да Го крсти Оној за Кого самиот проповедаше. Проповедникот ја положи својата рака врз главата на Проповеданиот. Навистина, Христос немаше потреба од крштение, но го стори тоа, за да ни покаже дека дојде во светот за да ја очисти, спаси и преобрази нашата повредена од гревот природа. Оти, човекот пострада поради гревопадот во Едемската Градина, и нашата природа ги трпи последиците на богооставеноста. Но со доаѓањето на Ослободителот Христос и со Неговото севкупно спасително дело, на сите нас ни е предоставена можноста да бидеме садови на Светиот Дух, да станеме духоносци, богоносци, деца на Светиот и Божествен Дух, Кој нѐ просветлува и ни открива сѐ што е потребно за наше спасение и обожение.

Следствено, доколку сакаме да бидеме духоносци, деца на Бог Тријада, да ја усвоиме во себе таа единствена спасоносна вест, изговорена од Христовиот Пророк и Крстител: Еве Го Јагнето Божјо. Да Го прифатиме нашиот кроток Спасител и да се трудиме да се уподобуваме на Него. Нашата желба да се уподобуваме на Христа е од суштинско значење. Ако имаме желба, копнеж по Него, Он ќе ни ја испрати потребната благодат. Не законот, не нашите подвизи и трудови, туку благодатта Божа е таа којашто нѐ спасува. Гледаме дека законот и подвизите нѐ носат дотаму да занемиме пред чудото Божјо, подобно на Захарија, кој бил многу добродетелен свештеник и голем подвижник. Без неопходната благодат одозгора тој не можел да поверува дека неговата престарена, неплодна жена ќе роди син, иако знаел за Авраам, за тој голем праотец, кој го сушнал пророштвото на Тројцата патници дека жена му Сара, иако престарена, ќе зачне и ќе има рожба. Авраам поверувал и му се родил синот Исаак. Зар истиот Бог не можел и сега да направи чудо со Захарија? Но, гледате, не се доволни само писанијата и подвизите, туку, пред сѐ, благодатта Божја. Законот беше даден преку Мојсеја, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа (Јован 1, 17) – вели Свети Јован Богослов. А Апостолот Петар додава: Ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исуса Христа (Дела 15, 11).

Со доаѓањето на Христа во светот и со Неговото севкупно спасително дело, благодатта се излеа врз нас како обилен порој. Господ ни се даде Себеси за храна, ни отвори рајски двери да заедничариме со Него. Свети Јован Крстител немал можност да се причести со Јагнето Божјо, како што имаме сега ние на секоја Божествена Литургија, затоа што уште не беше извршено делото на спасението, Христос уште не беше воскреснат и вознесен на Небесата. Но тој Го виде Христа и му Го објави на светот. Со тоа, тој ја искажа, всушност, најважната информација во историјата. Единствено вредна и спасоносна.

Денес, возљубени, живееме во општество што се нарекува информациско. „Информацијата е горивото на 21. век“ – вели еден теоретичар на нашето време. Буквално од сите страни сме опсипани, бомбардирани со информации. Само во еден ден ние воспримаме толку големо количество информации, што на нашите предци до пред само неколку децении им биле потребни месеци за да го здобијат. Самиот, пак, збор информација има латинска провиниенција; доаѓа од латинскиот глагол informo, што значи: ’давам облик‘, ’обликувам‘, ’правам‘, ’оформувам‘, ’вообличувам‘. Значи, со какви информации човекот се храни, таков и станува, во тоа се вообличува. А ние сега сме заглушени од толку многу информации, што забораваме на најважната – онаа на денешниот наш Славеник, големиот Свети Јован Крстител: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!  И истиот тој ни покажува како вистински да ја усвоиме оваа вест: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно! (Матеј 3,2) Оваа информација, овој повик го примиле во своите срца милиони луѓе во изминатите две илјади години и се обликувале себеси во светли и благородни личности, во деца Божји, кои сега го исполнуваат Царството Небесно. Тие неискажливо се радуваат во небесната Црква со Својот Творец и Спасител и со благодатта што им е дадена доаѓаат меѓу нас и ни помагаат. Повеќето од нив се незнајни за нас, додека ликовите на знајните ги красат храмовите насекаде по светот.

Затоа, да внимаваме какви информации бараме и прифаќаме од општеството во кое живееме. Треба да бидеме селективни и сосредоточени на најважното, на спасоносното, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба (Филип. 4,8). Да не си дозволиме многубројните информации да нѐ претворат во луѓе самоизмамени кои ќе си мислат дека сѐ знаат, а ќе го пропуштат најважното, или пак, во луѓе кои ќе станат збунети или рамнодушни. Нашата мисла да биде цврсто насочена кон Христос Бог, Кој сака да заедничари со нас.

Мили мои Христијани, голема привилегија ни е дадена дарум. Денешниот Славеник ни го кажа најпотребното, онтолошки најважното; ни Го покажа Кроткиот преку Кого стануваме учесници во животот на Пресветата Троица. Се разбира, ние не ја знаеме ниту можеме да се причестиме со Божествената Суштина, но преку несоздадените Божествени енергии се причестуваме и стануваме учесници во живиот и Триединиот Бог, со што се здобиваме со живот вечен.

Да станеме и ние благовесници на Јагнето Божјо. Каде и да сме, да сведочиме, со своите љубов добрина и радост во Христа, за добриот Бог Спасител. Тогаш ќе бидеме преносители на добри информации. Тоа е нашата задача, а не да се занимаваме со безбројните непотребни нешта, па макар од областа на црковниот живот, доколку не сме повикани за тоа и доколку не ни е од полза. Гледам многу од верниците имаат афинитет да се занимаваат со канони, со правила, со закони. Оставете му ја работата на свештената хиерархија. Наше е да се спасуваме, да се молиме и да љубиме.

Милиот наш Патрон, Свети Јован Претеча и Крстител, да ви дава сили и благодат да бидете вистински благовесници на Јагнето Божјо!

Амин.