Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештена обител, изговорено на празникот Собор на светиот архангел Михаил и на сите небесни сили, по читањето на светото Евангелие на Божествената Литургија во Бигорски, на 8/21 ноември 2025 лето Господово
Му благодариме на Бога, мили мои, што и оваа година нѐ удостои да го прославиме великиот Собор на светиот архангел Михаил, војсководецот на небесните и бестелесни сили. Во Символот на нашата вера исповедаме дека веруваме и во невидливиот ангелскиот свет, зашто кога велиме: „Верувам во единиот Бог Отец Седржител, Творец на небото и на земјата, и на сè видливо и невидливо“, сведочиме дека постои и една невидлива стварност, сотворена од Бога пред нашиот видлив свет и пред создавањето на човекот.
Токму тој невидлив свет, небесниот, ангелскиот, бил прв призван во битие од Божјата љубов. И денес Црквата ни го става пред очи не како нешто далечно и апстрактно, туку како реалност која постојано се допира до нашиот живот.
Во Евангелието што пред малку ни го прочита јероѓаконот, слушнавме уште едно сведоштво на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, за бесплотните небесни суштества. Он, како Син Божји, Кој предвечно сопостои со Отецот и со Светиот Дух, бил очевидец на сѐ што се случило во невидливиот свет далеку пред создавањето на видливиот. Затоа им вели на апостолите: Го видов сатаната како падна од небото како молња[1]. Праисконскиот пад се случил толку брзо, како кога молња слегува од небото. Тоа ни сведочи дека човекот тешко се искачува кон добродетелта, но кога ќе се оддаде на лошите помисли, на егоизмот и на горделивоста, паѓањето е ненадејно, како гром од ведро небо.
Знаеме од сопственото искуство колку е тешко искачувањето во добродетелниот живот, колку подвиг и труд е потребен за човек да стои во доброто, а колку брзо доаѓа падот, веднаш штом ќе ги примиме гордите и нечисти помисли. Така, за жал, во небесниот свет се случил пад: ангелот светлоносен, Деница, Луцифер – оној што носел светлина – се возгордеал, гледајќи како другите ангели го величаат поради неговата светлина и слава, и посакал да застане наспроти својот Творец. Во мигот кога го допрела гордата помисла, тој стрмоглаво паднал, а по него почнале да паѓаат и мноштво други ангели. Сѐ додека не се слушнал гласот на архистратигот, на небесниот војсководец Михаил, кого денес го празнуваме, кој извикал: „Да застанеме добро, да стоиме со страв, да внимаваме“ – нешто што и ние секојдневно го слушаме на светата Литургија. Тој повик ги утврдил ангелите во доброто, и од тој час за нив падот станал невозможен. Овие духови, утврдени во светлината и во доброто, денес се наши служители и пазители.
И повторно, во денешното Евангелие чувме како Господ им вели на апостолите: Еве, ви давам власт да газите на змии и скорпии, и власт над секоја непријателска сила; и ништо нема да ви наштети; но не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се напишани на небесата[2]. Со тоа Бог ни го покажува односот што го воспоставил со човекот: ние не сме само Негови созданија, туку Негови деца, призвани по име: По име те повикав; ти си Мој[3]. Нашите имиња, вели Спасителот, се запишани во Неговата „книга на животот“[4], и Он сака ние да бидеме со Него, заедно со ангелскиот и духовниот свет – еден ден и со душа и со тело, пред Него, онака како што денес го гледаат Неговото најубаво Божествено лице овие бестелесни сили.

Но за да останеме запишани таму, неопходно е христијанско смирение. Не треба да се занесуваме од тоа што „духовите ни се покоруваат“, од нашите дарови, успеси, дела, видливи и невидливи победоносни мигови. Лесно е да се падне во самозадоволство. Господ сака да се радуваме не на силата и делата, туку на заедницата со Него, на тоа што сме Негови.
Сите ние што сме крстени во името на Светата Троица, запишани сме во Книгата на Животот. Но, тоа не значи по автоматизам дека сме, како ангелите, веќе утврдени засекогаш во доброто. Нам ни е оставена слободната волја. Бог, од љубов, не нѐ „заклучува“ во доброто, туку нѐ повикува слободно да избереме. За ангелите падот е веќе невозможен, а нам, пак, ни е даден подвигот на постојан избор: да бидеме со Него или не.
Затоа, Господ ни ги подарил овие небесни суштества, овие бестелесни духови на добрината, како придружници и помошници. Од литургискиот живот на Црквата, а и од сопственото искуство, знаеме дека секој народ има свој небесен пазител, како што и старозаветното Писмо говори за духовни началници на народите[5]. А и секој христијанин, рековме, на светото крштение добива свој ангел-пазител[6]. Колку пати во животот сме почувствувале дека некоја невидлива рака нѐ оттргнува од опасност, или некој тивок и благ глас внатре во совеста ни шепоти: „Не прави го тоа…“ – токму тоа е делувањето на ангелот пазител, испратен од Бога да нѐ чува и води.
Во историјата на спасението ангелите постојано се појавуваат како Божји пратеници:
– На Пресвета Богородица ѝ се јави архангел Гавриил, благовестувајќи го воплотувањето на Словото Божјо[7];
– Рождеството Христово први го возвестија ангелите, пејќи: „Слава на Бога во висините“[8].
– Воскресението Христово на жените мироносици им го објави „ангел Господов“[9].
Целиот Нов завет е осветлен од нивното силно и благодатно присуство.
Ние, монасите, според црковното предание, имаме уште една особеност: нашиот чин се нарекува рамноангелски. Човек во смртно тело, со сите слабости и страсти, да биде повикан да живее како ангел во овој свет – тоа е бездруго тајна на Божјата благодат. Затоа и Црквата учи дека монасите, покрај кршталниот ангел, добиваат и посебен „монашки ангел“, кој ги крепи во подвигот. Не затоа што сме подобри од другите, туку затоа што нашиот пат е потежок, борбата поостра, а заканите и примките на лукавиот – почести и посуптилни.
Но, она што е најважно е дека секој крстен човек носи над себе такво небесно внимание. Имаме ангел светол пазител, Божји дух кој ни служи, како што вели апостолот дека ангелите се служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението[10].
Толку нѐ возљуби Бог, толку нѐ усвои Христос како Свои деца, што дури и ангелите ни служат! Но токму затоа Господ нѐ предупредува да не ја претвораме оваа чест во повод за гордост, туку да ја чуваме како поттик за благодарно смирение. Нашата најголема радост не е во тоа што имаме ангели пазители, туку во тоа што, заедно со нив, сме повикани во Царството небесно.
Да не ги жалостиме своите ангели, да не ги нажалуваме со гревот, со безгрижноста и невниманието. Црковното предание нѐ учи на една страшна, но отрезнувачка вистина: дека понекогаш ангелите пазители стојат оддалеку од човекот кој упорно живее во грев, не затоа што не го сакаат, туку затоа што неговото срце само се затвора за нивната благодатна помош.
Затоа, мили мои, да ги насочиме умот и срцето таму каде што сме запишани – во Книгата на Животот, во Царството небесно. Да го повикуваме во молитва великиот архистратиг, архангел Михаил, нашиот силен спомагател. Оти, како што чувме од стихирата на петти глас што браќата прекрасно ја испеаја: „Каде што ќе осени благодатта твоја, Архангеле, оттаму се изгонува силата на ѓаволот; зашто паднатата Деница не може да поднесе да остане во светлината твоја. Затоа те молиме: изгаси ги огненосните негови стрели што се креваат против нас, избавувајќи нѐ со своето застапништво од неговите соблазни, достофален архангеле Михаиле.“
Да го молиме, мили мои, светиот архангел Михаил, како чиноначалник на бесплотните, да ги охрабрува нашите ангели пазители, да ги утешува кога нѐ носат во нашите падови и искушенија и да нѐ држи сите во будност, во покајание, во добрина и во надеж. Така, придружувани од нивната невидлива, но реална присутност, да го поминеме овој живот и сите заедно, со ангелите и со светиите, да влеземе во радоста на нашиот Господ.
Благодатта и застапништвото на великиот архангел Михаил и на сите небесни бесплотни сили да биде со сите нас.
Амин.
[1] Лука 10, 18.
[2] Лука 10, 19-20.
[3] Иса. 43, 1.
[4] сп. Филип. 4, 3; Откр. 20, 12.
[5] сп. Дан. 10, 13 и 20-21.
[6] сп. Матеј 18, 10.
[7] сп. Лука 1, 26-38.
[8] сп. Лука 2, 13-14.
[9] сп. Матеј 28, 2-7.
[10] Евр. 1, 14.











