Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Панихидата во месопусната сабота, на 8/22 февруари 2025 лето Господово
Мили мои браќа, сестри и чеда во Господа,
Во оваа сабота пред неделата на Страшниот Суд, Светата Црква одредила прилежно да се молиме за сите покојни, затоа што наскоро, за една седмица, ќе настапи чесниот и велик Пост. Тоа е време кога сите ние поинтензивно ќе ги насочиме своите мисли и срца кон Воскресението Христово – кон тој непоместлив темел на нашата вера и наш животен императив. Секој од нас копнее да се сретне со Спасителот во вечноста, бидејќи овој живот е навистина минлив и многу краток. Оние што се во зрелите средовечни години добро го разбираат ова, а повозрасните го чувствуваат со сета јасност: животот минува како еден миг, како сон, и сѐ што е од овој свет е поништожно од сенка. Вие помладите, сеќавајте се на овие зборови и не чекајте да биде предоцна за да ја разберете оваа вистина. Трудете се уште сега да живеете со Оној, Кому Му припаѓаме сите. Ползувајте го секој ден за да го стекнувате Царството Небесно, кое е внатре во вас. Христос, Спасителот на светот, Кому Му е предадено сѐ од Бог Отецот, нѐ повикува и нѐ прегрнува со Својата љубов. Во Него е нашето вистинско битисување и нашата вечност.
Евангелското четиво што пред малку го прочитавме ни открива една потресна и длабока тајна на безграничната милост Божја: Синот Божји, исполнет со крајно смирение, вели: Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати. А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сè што Ми дал да не загубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден. Волјата на Оној Кој Ме прати е: секој што ќе го види Синот и ќе поверува во Него да има вечен живот, а Јас ќе го воскреснам во последниот ден (Јован6,38-40). Еве ја суштината на нашата вера – Господ Христос дојде да нè избави од смртта и да ни подари живот вечен.
Првиот Адам, злоупотребувајќи ја слободната волја што му беше дарувана, падна во грев и со тоа во светот влезе смртта. Но, Христос, Новиот Адам, со Својата смрт и Воскресение ја победи смртта и ни го отвори патот кон вечното бивствување. Во Него сме повикани да умреме за стариот човек — оној кој се распаѓа во измамливите желби и во лажните задоволства на овој свет, за да воскреснеме во нов живот, исполнет со невечерна светлина и со нелажна радост.
И навистина, смртта, иако за нас е таинствена и страшна, во Божјиот домострој таа стана еден вид лек за злото. Со смртта се прекратува неговата сила, бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот – вели Апостол Павле. А злото во човекот влегува главно преку гревот. Колкупати сме виделе како злото го изопачува човекот до тој степен што тој станува како оној демонизиран човек од Евангелието, во кого се вселиле легиони демони. Големи размери може да заземе злото во една човечка душа. Злоупотребувајќи ја својата слобода, човекот самиот им дава пристап на силите на злото во своето срце, та накрај и се приравнува со злото и станува чудовиште. Но, Христос е Тој Кој ги ослободува луѓето од таквата темнина, носејќи им светлина и утеха. Он дојде да ја врати нашата слобода, да нè ослободи од оковите на гревот и да ни го покаже патот кон преобразувањето.
Така, возљубени мои, секое наше оддалечување од Христа е самоволно предавање во рацете на злото. Затоа, да внимаваме добро, бидејќи скапо сме платени – со крвта на нашиот Спасител Исус Христос, Кој со љубов ја почитува човечката слобода и доброволно стана еден од нас. Не направи ништо сензационалистички и спектакуларно, иако како Бог можеше сè да стори. Но дали тоа ќе беше разбирливо за луѓето? Дали ќе беше поблизу до нив? Што друго и да направеше, сигурно ќе беше толку далечно, апстрактно, безлично. Наместо тоа, Христос стори нешто многу лично, нешто што го надминува секој човечки разум и замисла; нешто толку татковско и мајчинско, родителско, блиско на нас: стана како нас, сличен во сè, освен во гревот, за да го победи гревот и смртта.
Сега, нашите ближни само привремено заспиваат во смртта – нивните тела се враќаат во правот, но нивните души се живи. Вечерва чувствував голем замор и потреба од одмор, бидејќи знаете колку многу луѓе поминаа низ Манастирот овие дена. И така, стоејќи пред одлуката дали да дојдам на парастос или не, кога стигнав до фијалата во дворот, ме победи љубовта кон предците, љубовта кон сите заминати. Ми дојде помислата: „Каде ќе одиш сега? Одморал или не одморал, еден ден и ти ќе застанеш пред портите на вечноста. Оди, затоа, помоли се за сите. Оди, помоли се за монасите што живееле овде, за ктиторите и градителите, за твоите ближни што ги знаеш, за твоите родители и прародители и за сите знајни и незнајни упокоени Христијани“. И срцето веднаш ми се исполни со мир, со таа тивка, но длабока утеха што доаѓа само од Христа, Победителот на смртта.
Оти, како што рече Христос во Евангелието: „Од сè што Ми е дадено, волјата на Мојот Отец е да не погубам ништо“. И навистина, молитвите на Црквата се многу моќни, особено во овие денови на духовна подготовка. Имаме уште една седмица до Великиот Пост. Сега е време кога Црквата повикува да се сеќаваме и да се молиме за сите оние што веќе заминаа од овој свет и не можат повеќе да се молат или да го изменат својот живот. Смртта ја затвора можноста за правење добри дела на Земјата, но ние, живите, можеме и имаме благочестива обврска да им помогнеме преку молитвите, подвизите и добрите дела што ги правиме во нивно име. Токму оваа мисла ме победи и ме поттикна да дојдам во храмот вечерва — за да се помолиме заедно за оние што очекуваат милост од нас, зашто секоја молитва и секое дело на љубовта е светлосен зрак за нивните души.
И не заборавајте, доаѓа Светиот Велигден — празник на победата над смртта. Да се охрабриме и да се ободриме во молитвата, сеќавајќи се дека животот е краток и дека треба да го живееме достоинствено, како чеда што се скапо откупени со бесценетата крв на нашиот Спасител и како луѓе чиишто души се предадени само Нему — на Спасителот и Воскресителот. Не заборавајте дека Бог ја почитува нашата слобода. Он не може да нè спаси против нашата волја. Патот кон вечниот живот е трновит, тежок, исполнет со подвизи и искушенија, но Бог никогаш нема да нè остави сами во нив. Он секогаш ќе ни биде спомагател доколку во своето срце носиме желба да се поправиме и да Му се доближиме.
Нека ги упокои Господ во Своите рајски населби сите наши ближни и сите кои се упокоиле со надеж во воскресение и во животот вечен, знајни и незнајни. Амин!