Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на светата Литургија, на споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан, во манастирот во Рајчица, на 27 декември 2025 / 9 јануари 2026 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
На третиот ден од Божик, светата Црква го слави светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Светите отци со право го нарекуваат празникот на Рождеството Христово „митрополија на празниците“, односно мајка и почеток на сите празници. И еве, веднаш по големата и светла радост на Христовото Раѓање, Црквата нѐ соочува со тајната на мачеништвото.
Ова не е случајно. Зашто Самиот Христос е Првомаченикот. Он ги рашири рацете на Крстот на Голгота и стана Глава на сите маченици[1]. Така и денешниот славеник, чествуван веднаш по Божик, го повтори страдањето на својот Спасител, сведочејќи за Него не со зборови, туку со сопствената крв[2]. И навистина, нема поголема проповед од оваа. Кога човек со својата крв сведочи за Христа, тоа е проповед што не се заборава. Тоа е сведоштво што „ги крши коските“ и кое до ден-денес продолжува гласно да му говори на светот.
Сите занемуваат пред она што се случи на Голгота и пред сведоштвото на Христовите следбеници, кои верата своја ја потврдуваа со крвта своја и со својот привремен живот. Тие добро знаеја дека овој живот е минлив, а дека „оној кој ќе ја изгуби душата своја заради Христа, ќе ја најде“[3], и дека оној кој ќе пострада за Него, ќе живее вечно со Него.
Во светото Евангелие што денеска го слушнавме, Господ го споредува светот со лозје: домаќин кој насади лозје, го огради, изгради кула и го предаде на лозарите[4]. Но тие лозари, мислејќи дека лозјето е нивно, ги убиваа слугите што ги испраќаше Господарот, а на крајот посакаа да Го убијат и наследникот – Синот. Целиот свет е едно лозје посадено од Бога. Во тој свет, човекот е поставен како управител, а не како сопственик. И што се случи со човечката историја? Луѓето се оддалечија од својот Создател и се претворија во разбојници и убијци. Целата човечка историја, со своите падови и трагедии, е содржана во оваа едноставна евангелска парабола. Со што, всушност, може човекот да се пофали, освен со своите кражби, убиства и насилства?
Единственото вистинско ново под сонцето, како што вели Црквата, е Христос[5]. Он го промени светот не преку надворешна сила, ниту преку насилство, туку преку преобразување на човечките души – правејќи ги луѓето кротки, смирени, сведоци на вечниот живот и граѓани на новиот, обновен свет[6].

Затоа Господ не е виновен за војните и за злото во светот. Ние сме виновни, оти ние луѓето го направивме тој избор. Станавме грабливци на Божјото, мислејќи дека нешто навистина ни припаѓа нам. А всушност, сè е Божјо. Како што вели Светото Писмо: Господова е Земјата и полнотата нејзина, вселената и сите кои живеат во неа[7]. И сè, на крајот, се враќа во земјата, освен она што е соединето со Христос.
И најмоќните и најбогатите од овој свет заминуваат на ист начин – празни. Човекот може да го држи целиот свет во рацете, а сепак, во мигот на заминувањето, тие раце остануваат без ништо. Се раскажува за Александар Велики дека пред смртта им наредил на своите најблиски соработници да го спроведат неговиот ковчег со рацете извадени надвор, за да покаже дека иако поседувал толку многу, на крајот не зел ништо од овој свет. И оваа легенда ни кажува дека славата, моќта и освојувањата не ја победуваат смртта. Тој факт важи за секого од нас.
Но токму тука започнува христијанската новост. Зашто денешниот славеник, првомаченикот и архиѓакон Стефан, не замина празен. Тој замина исполнет – со Христос. Неговата кротост не беше слабост, туку сила што извира од неговото заедништво со Господа. Тој Му се уподоби на Христа не само во својот живот, туку и во својот крај. Умирајќи, се молеше. И молејќи се, ја изговори најсилната молитва што човечки јазик ја познава: молитвата за простување. Господи, не примај им го ова за грев![8]
Пред да го убијат, свети Стефан сведочеше пред народот и книжниците и старешините израилски за дојдениот Месија. Просветлен од Светиот Дух и длабоко вкоренет во Светото Писмо, тој ја исповеда вистината дека Наследникот дошол, дека Синот е меѓу луѓето, и дека човекот повторно ја одбива Светлината. „Него Го убивте, а сега и мене ме убивате.“ Мислеа дека така ќе ја замолкнат вистината. Но вистината не замолкнува со смртта. Напротив, тогаш почнува да зборува уште погласно.
Затоа и до ден-денес светот го памети и го чествува свети Стефан. Не затоа што бил силен според мерките на овој свет, туку затоа што бил верен. Вистината на маченикот не може да се уништи, бидејќи таа не припаѓа на историјата, туку на Царството. Убивајќи ги Христовите следбеници, гонителите не ја згаснаа верата, туку уште повеќе ја разгореа.
Кога го каменувале свети Стефан, убијците негови ја оставиле својата облека крај едно момче, Савле. Неговите очи биле полни со жестина и суровост, оти така бил воспитан од дете. Но Христос подоцна и него го повика. Истиот ум што беше воспитан во фанатизам, стана ум на апостол, на најголемиот проповедник на Евангелието – светиот апостол Павле. Еве ја тивката, но моќна сила на маченичкото сведоштво.
И денес, каде што има христијани, има и мачеништво. Понекогаш со крв, но почесто – со живот. Монашкиот живот е сведоштво токму на тоа мачеништво: секојдневно, тивко принесување на себеси, невидливо секојдневно распетие. Да се живее со Христа не е бегство од светот, туку борба во свет кој и денес ја одбива Светлината. Затоа ништо земно не смее да нè врзе. Единствената „грабливост“ што му е дозволена на христијанинот е гладот за Царството Божјо. Зашто што корист му е на човекот ако го придобие целиот свет, а ја изгуби сопствената душа?[9]
Свети Стефан останува живо мерило на христијанскиот живот: кротост без слабост, вера без омраза, љубов што оди до крај. Да бидеме и ние такви сведоци – не на идеја, туку на Личност. Да Го носиме Христа во срцата, и дури тогаш кога сме гонети, да се молиме како светиот Првомаченик: Господи, не примај им го ова за грев![10]
Амин.
[1] сп. Колос. 1, 18.
[2] сп. Дела 7, 54-60.
[3] Матеј 16, 25.
[4] сп. Матеј 21, 33-39; Марко 12,1-8; Лука 20, 9-15.
[5] сп. Проп. 1, 9.
[6] сп. 2 Кор. 5, 17.
[7] Пс. 23, 1.
[8] Дела 7, 60.
[9] сп. Матеј 16, 26.











