Од Пресветата кон воплотениот Бог – иконата како таинство

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Бигорската Свештена Обител, изговорено на празникот на иконата „Достојно ест“, на сеноќното бдение, по читањето на Евангелието на Светата Литургија


Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Мили мои, со синовска љубов и посветеност ѝ благодариме на Пресветата Владичица наша Богородица што и вечерва нè собра пред својот чесен образ, пред оваа свештена икона, којашто го носи славното име „Достојно ест“. Собрани сме на ова велелепно молитвено собрание, за да го прославиме чудото што се случило во богоблагословената Света Гора Атонска, во една ноќ на молитва и славословие.

Имено, како што сме говореле и друг пат, според преданието, на еден смирен монах кој се молел во својата ќелија пред иконата на Пресветата, му се јавил Архангелот Гавриил, земајќи обличје на обичен монах. И во тишината на ноќната молитва, почнал да ја пее пофалбата кон Мајката Божја, додавајќи ѝ на древната химна уште посветол почеток: „Достојно е навистина да те блажуваме, Богородице, секогаш блажена и пренепорочна и Мајка на нашиот Бог.“ Овие зборови не биле познати на земјата до тој миг; тие дошле како откровение од небото, ангелска песна, сведоштво за тоа како се слави Богородица горе, во небесната Литургија. Монахот, во своето чудење и истапление, по завршувањето на молитвата, го замолил непознатиот брат да му ги запише зборовите, бидејќи не можел да ги запамети. Но во тоа време не можело така лесно да се најде хартија и мастило. Тогаш Архангелот зел една камена плоча од ќелијата и со прстот, како со длето, ги запишал зборовите врз каменот и исчезнал. Така се роди оваа химна, што потоа, како благодатна искра од Атонската Гора, стигнала до патријархот во Цариград и се востановила во светата богослужба како неизоставен дел од Литургијата. И ден денес, на секоја Божествена Литургија, целата Црква православна со умиление ја воспева Богомајката со тие зборови: „Достојно е навистина да те блажуваме…“ Тоа е песна што не ја измислиле луѓето – таа слезе од висини, дадена како дар, како печат на љубовта на ангелите кон Пречистата и како сведоштво за нејзината неизмерна слава во Царството на Троичниот Бог.

И од каде, ако не од Пресветата Богородица и од нејзината света Градина да дојде ова чудо? Зашто Света Гора е целосно посветена токму на Неа, Нејзин удел е и Нејзино земно светилиште. Таму, во таа света земја, се негуваат нејзините небоземни цветови – монасите, оние кои со своето молчание, со своите молитви, со својот подвиг во послушание и трпение, дадоа неизмерен придонес за свештената историја на Црквата. Старец Емилијан Симонопетриски, тој голем црковен отец на нашето време, зборувајќи за Света Гора, карактеристично рекол дека кога Османлиите ги изгаснале кандилата во великата Света Софија во Константинопол, Бог оставил да светат срцата и кандилата во ќелиите на монасите на Света Гора. И навистина, овие духовни кандила никогаш не згаснаа. Таму, меѓу тие стамени ќелии и молитвени безмолвници, животот во несоздадените Божествени енергии продолжи како духовна реалност и предание. Зашто монасите, преку Исусовата молитва и исихастичката мистика, на таинствен начин се поврзуваат со Бога – не само со мисла, не само со слово, не на интелектуален начин, туку со срце распламтено од љубов и покајание, преку благодатните, несоздадени енергии на Светиот Дух. И токму тие монаси, поткрепувани од Пречистата Богомајка, беа духовните стражари на Православието во најтемните часови на историјата. Кога нашите народи беа под тешкото ропство на отоманското иго, токму тие – тивките и непознатите црнорисци – го поучуваа народот на Исусовата молитва, на покајание, на љубов, на надеж. Многу големи богослови сведочат: православниот народ го издржа тој мрак, ја преживеа духовната зима, само затоа што преку исихастите ја позна силата на молитвата. Исусовата молитва го одржа народот жив – не како политичка идеја, туку како тело Христово, како Црква Божја.

А кога човек ќе Го има Бога во себе, кога ќе Го прими Светиот Дух и ќе Го носи Христа во срцето, тогаш тој повеќе не се плаши од ништо. Стравот пред смртта исчезнува, зашто тој веќе ја има неа победено. Човекот што живее со Бога станува храбар – не со сила телесна, туку со силата на верата, која ги преобразува и телото и душата. Бог од неискажлива љубов се облече во плот, зеде тело, стана како еден од нас. Затоа Црквата празникот Божик литургиски го нарекува: Раѓање во плот на Господа и Спасителот наш Исуса Христа. Значи, Он не се појави како апстракција, идеја или сенка, туку реално се воплоти, зеде вистинско човечко тело, се всели во човечка природа. И затоа ние Го гледаме, Го изобразуваме, Му се поклонуваме со љубов и почитание, преку светите икони.

И тука, повторно светите монаси биле чуварите на вистината. Кога Црквата се соочила со една тешка ерес, иконоборството, монасите биле тие коишто во најголем дел го понеле товарот на исповеданието, ја пролеале својата пот, а многумина и својата крв, за да се зачува правата вера во иконопочитувањето. Имено, во VI и VII век, под влијание на тогашните политички прилики, особено со подемот на исламот кој со меч го освојувал Истокот – Палестина, Сирија и другите земји – некои автократори и првенци се обиделе да ја приближат верата на христијаните до исламскиот начин на верување, исфрлајќи ги иконите. Но тоа било тежок удар врз православната духовност, затоа што иконата не е само украс – таа е сведоштво. „Она што го видовме, тоа го изобразуваме“, вели Црквата. Ние не ѝ се поклонуваме на бојата и на материјалот, туку на Оној Кој е изобразен на иконата – на воплотениот Бог. Монасите, значи, беа тие коишто ја издржале борбата и болката. Тие со љубовта кон Христа, со верноста кон преданието и со постојана молитва, ја сочуваа оваа длабока вистина. И благодарение на нив, Црквата и денес се украсува со светите икони, со тие прозорци кон вечноста, светли ликови што сведочат за вочовечениот Бог, за Богородица и за светиите коишто нè придружуваат на патот кон царството Божјо.

Еве, и ние вечерва собрани сме во овој благословен храм, пред чесната икона на Пресвета Богородица, за да ѝ ги принесеме нашите молитви, нашите тивки копнежи и духовни желби. Стоиме токму пред нејзината најпозната и најславена икона на Света Гора, којашто се чува во соборниот храм на целиот Атон, во Протатонот. А ние, по големата несреќа што го погоди манастирот во 2009 година, по големиот пожар што го испита нашето трпение, се удостоивме да имаме верна изобразба на таа прочуена икона, осветена токму пред оригиналната, пред самиот прволик, во светата Градина на Богомајката. Оваа икона ни стана голема утеха, икона на присуство, икона на милост.

Не можеме да Му пристапиме на Христа, доколку не минеме преку Пресветата наша. Таа е вратата, Таа е скалата, Таа е мостот. Зашто преку неа Бог влезе во светот, доброволно, сместувајќи се во нејзината утроба. Но само откако таа со љубов и со трепет го изговори своето судбоносна „да“. Зашто Бог не настапува наметливо, не врши насилие врз ничија волја. Дева Марија доброволно Му ја отвори вратата на човечката природа, за Он да стане еден од нас. И како што Бог влезе во светот преку Неа, така и ние влегуваме во животот на Христа преку Неа. Таа нѐ разбира целосно. Таа ни ги знае болките, тагите, радостите, желбите, жртвите. Не дека Христос не нѐ разбира – но Он ја постави неа како Мајка на целото човештво. Таа е нашата застапничка, нашата неуморна посредничка. Преку Неа човештвото стана достојно да биде обиталиште Божјо. Таа е остварувањето на предвечниот Совет: човекот да стане бог по благодат, да стане обител на Троичниот Бог.

И сè што гледаме овде во храмот, сиот овој сјај, оваа убавина – е можно само затоа што Синот Божји се воплоти од Дева. Затоа можеме да имаме икони, затоа Му се поклонуваме на Бога и телесно и во дух и вистина. Преку Пречистата Мајка Бог стана близок, присутен, допирлив. И сега, по оваа молитвена ноќ, откако стоевме во молитва и богомислие на вечерната и на утрената, сè добива своја полнота во оваа света Литургија, којашто започна со зборовите: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух“. Зашто тоа е круната; ние сега сме во Царството на Света Троица. Преку светата причест ние Го примаме Христа, Го внесуваме во себе, Го носиме Него, живиот Бог, буквално и телесно во своето тело. Стануваме богоносци, благодарение на Пресветата Богородица.

Бог, мили мои, не дојде да ја спаси само душата, туку да го спаси и самото човечко тело, односно целиот човек. Важно е да го знаеме тоа, зашто во христијанството Бог не е апстрактна идеја, ниту е само некаков интелектуален мисловен концепт. Бог стана еден од нас, и по душа, и по тело. Го зеде човечкото тело, го освети, го обожи. Ете зошто телото не е твар што треба да се презира или уништува. Бог го создаде убаво, складно, за да Му биде храм. Затоа и ние треба да се грижиме за сопственото тело, ама не со суета, туку со разумение, со пост и молитва. А постот, велат отците на Црквата, не треба да го уништува телото, туку да му помага на духот, така што телото и душата да бидат во хармонија, во една послушна заедница што води кон спасение. Оти на крајот нема да се спаси само душата – ќе се спаси целиот човек. И телото ќе воскресне, ќе се преобрази, ќе стане обожено. Тоа е полнотата на нашата вера – верата во воскресението на мртвите, во вечниот живот, во соединетоста на душата и телото во Царството Божјо.

Голем дар ни е даден, несфатлив! И затоа, сега повеќе од кога и да било, ни се потребни молитви. Гледаме, светот е разнишан. Војни, страв, збунетост. Наши браќа, православни Христијани, некни беа убиени за време на света Литургија во Сирија. Дваесетина души, невини, собрани да се причестат со Христа, пострадаа од рака на безумие. Колку ни е потребен мирот…

Да ја молиме Пресвета Богородица – онаа која Го донесе Мирот на светот – да Го донесе повторно и денес. Да го чува овој наш народ во мир, оваа земја во благословен спокој, но и целиот свет, оти мирот е најскапоценото што денес човештвото го загуби. Да ни дарува Господ, преку молитвите на Својата пречиста Мајка, мир, утеха, покајание и духовно разбудување. Да ни даде сила да Му останеме верни, да живееме со страв Божји и со љубов едни кон други. И така, со вера и благодарност, да Го прославуваме Него, Триединиот Бог наш, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.

Благословот на Царицата Мајка да биде со сите вас!