Параболата за сиромавиот Лазар, лекција по есхатологија

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено во неделата на Параболата за сиромавиот Лазар, на 6 ноември 2022 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ја чувме, мили мои, за повеќето од вас познатата евангелска парабола за богатиот човек и за сиромавиот Лазар. Пречистите и Божествени усни на Спасителот не го споменуваат името на богаташот кој се облекувал во порфир и свила и секојдневно живеел во раскош и сјај, додека сиромашниот човек, кој живеел крај куќата на богатиот и страден бил да се нахрани со трошките што паѓале од неговата трпеза, го именуваат како Лазар, име што во превод означува ‘Бог ми е Спомагател’.

Навистина многу силен и трогателен расказ. Во него, Господ Христос ни говори за есхатонот, за крајот на животите на двајца луѓе. Знаете, во Христијанството есхатотологијата е наука за крајот на светот, кога Синот Божји повторно ќе дојде на Земјата за да им суди на сите, но и за крајот на поединечните животи на луѓето и за она што следува потоа. Прво што гледаме, значи, од оваа Христова парабола е тоа дека она што за нас луѓето се чини како крај, за Бог е почеток. По краткиот вовед за земските животи на богатиот и на Лазар, Господ го започнува главниот дел на параболата со нивниот крај, кој е, всушност, почеток на вистинското дејствие и на суштинските животи на овие двајца. Така, гледаме две состојби во вечното битисување. Богатиот, за жал, се наоѓа во неподнослива мака; онтолошки е загинат, бидејќи паднал во заборав кај Оној Кој сè знае и Кој не може ништо да заборави. Поскоро, би рекле, овој човек со својот начин на живот, самиот си го избришал името од Книгата на животот. И ете го сега, во состојба на пеколен заборав и измачување. Оттаму одеднаш го упатува својот поглед кон Рајот и таму го здогледува и го препознава Лазара, односно оној кого при земскиот живот не го ни забележувал дека постои и страда покрај него, веднаш до неговиот дом. Гледаме една целосна инверзија: несострадалниот и бесчувствителен човек, кој никогаш не давал милостина, сега моли за милост: Во пеколот, во маката, ги поткрена своите очи и го виде оддалеку Авраама и Лазара во неговото крило, и извика: „Татко, Аврааме, смили ми се и испрати го Лазара да го накваси врвот на својот прст во вода, за да ми го разлади јазикот, зашто се измачувам многу во овој пламен!“ (Лука 16,23-24)

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Неправедно и неисправно би било да се каже дека овој човек паднал во местото на гибелта поради тоа што бил богат, а Лазар бил вознесен во блаженото место само заради тоа што бил сиромашен. Не. Богатството само по себе не е грев. Ете, и прататкото Авраам кого го гледаме во оваа парабола во Рајот, таткото по вера на сите нас, за време на својот земски живот бил особено богат човек, можеби најбогат на Земјата. Истото важи и за сиромаштијата. Ни таа сама по себе не подразбира праведност. Тежината на нештата им ја дава начинот и настроението со кое ги употребуваме. Богатиов од расказот го користел богатството што Бог му го дал само за своите лични задоволства и страсти. Не сакал да сподели ништо ‘свое’ со оној кој имал насуштна потреба. Имал толку многу можност да направи големи добрини, а сепак, не направил ниту една. Просто го игнорирал ближниот крај него, не го ни забележувал неговото постоење, иако бил толку блиску до него, пред прагот на неговата куќа. Секојдневно го одминувал со крајна бесчувствителност. За сострадание, пак, да не стане ни збор. Значи, тој имал толку прилики да си ги отвори портите на Рајот преку милосрдие, но не исползувал ниту една.

Од друга страна, добродетелта на Лазар се состои не во тоа што тој бил крајно сиромашен, туку во тоа што воопшто не роптал, не негодувал поради бедата во која се наоѓал. Бил задоволен и благодарен со тоа што го имал, односно го немал. Не го мразел, ниту му завидувал на богатиот. Постојано Го славословел Бога за сè.

Во суштинска смисла, вистински богат човек е оној кој знае да споделува со другите, чиешто срце е сочувствително, богато со сомилост и љубов. Богат е оној кој додека јаде, се сеќава на гладните и е среќен кога преку него ќе бидат нахранети други. Или кога преку него ќе бидат облечени некои кои немаат што да облечат. Или кога преку него ќе бидат утешени нажалени души и ќе бидат израдувани натажените. Оти, богатството нема само материјална димензија. Впрочем, многу поголемо и потрајно и вистинито богатство се духовните квалитети на човекот: добрината, радоста, трпението, сострадателноста. Со нив човек се богати во Господа и си отвора врата кон Царството Небесно.

Во духовните богатства спаѓа и воздржливоста, која, пак, прави пат за другите добродетели. Таа, меѓу другото, го зауздува егоизмот кај човекот. Оти богатите луѓе – но и секој човек општо – имаат голема можност да направат многу добрини, но секако, тоа нема да го направат доколку имаат големо самољубие, доколку се оддадени целосно на задоволување на своите сетила. Некои Отци под петте браќа во куќата на богатиот симболично ги подразбираат петте човечки сетила. Значи, богатиот во овој случај сосема се оддал на сетилните задоволства и уживања, притоа заборавајќи на другите луѓе. На тој начин, богатството што му било доверено за негово добро, уште повеќе за доброто на неговите ближни, тој го злоупотребил на своја штета. Наспроти него, Лазар ја исползувал сиромаштијата како благослов, без да негодува и да се гневи и затоа накрај бил благословен со вечно благословение. Опишувајќи ја смртта негова, Христос вели: умре сиромавиот, и ангелите го однесоа во крилото Авраамово (Лука 16,22). Додека, пак, за богатиот вели дека само умре и го погребаа. Наместо ангелите, неговата душа ја грабнаа нечистите духови, на кои самиот тој им се беше предал преку својата себичност.

Слушнавме една навидум едноставна приказна, но гледајте, всушност, колкава длабочина има таа. И добро е да извлечеме поука дека нештата и состојбите што ни се допуштени во нашиот живот треба навистински исправно да ги ползуваме, како би стекнале Божји благослов преку нив. Богатството што Бог ни го дава да го претвориме во благослов за себе, споделувајќи го со оние кои имаат потреба од тоа. Но и сиромаштијата и тешките ситуации во кои понекогаш се наоѓаме, да ги исползуваме за духовна полза; трпеливо и благодарно да поднесуваме, та наш спомагател да стане Бог. И во никој случај да не се заробуваме себеси во себичноста, туку да се бориме против егоизмот и среброљубието како со наши најголеми непријатели. Оти, состојбата во која ќе се наоѓа нашата душа по телесната смрт, започнуваме да ја градиме уште одовде. За жал, денес луѓето живеат во страшна себичност. Колку ли само луѓе има во светот што се налик на богаташот опишан во параболата! Луѓе кои не знаат да споделат ништо со другите. Нивното богатство им станува сопствен пекол. Натрупуваат пари и богатства и потем доаѓа крајот. Загинува споменот на оној кој не живее за Бога. Загинува оној кој се насочил само кон овој привремен живот, без да размислува за животот по смртта. Спротивно од нив, луѓето кои постојано се сеќаваат на Бога, го читаат Светото Евангелие, се напојуваат и се хранат од словото Божјо, стекнуваат благослов и за својата душата и за ближните околу себе, но и за целиот свет.

Следствено, мили мои, да се сеќаваме на нашиот крај и на нашата врховна цел. Не да се плашиме од крајот, туку да се подготвуваме за него, бидејќи во суштина тој е нов почеток. Да се трудиме да се покажеме достојни на призивот да бидеме синови Божји. Бог не е творец на пеколот, туку ние самите си го создадовме тоа место на мракот. Всушност, ние, како синови Божји, треба да Го љубиме Оној Кој нè сотворил за живот и тоа изобилен (сп. Јован 10,10), а не за маки. Добрите синови ја творат волјата на Таткото не поради страв од маки, ами заради љубов кон Него, оти Он прв ги возљубил и се предал Себеси за нив. Господ Христос дојде и се распна, за да ги спаси растурените синови. Он за нас стана нашиот Лазар, нашиот Спомател. Гледаме како во параболата богатиот кој бара помош, му вели на прататкото Авраам да го испрати Лазар во татковата му куќа, за на неговите браќа да им каже за страшниот удел на немилосрдната душа, зашто тие наводно ќе се покаеле само доколку воскреснел некој од мртвите. Всушност, со ова тој дури и како да Го обвинува Бога што не му пратил во животот некој мртовец, за да му каже дека има живот и по смртта. Истото се случува до ден денес, насекаде околу нас. Христос дојде, ја победи смртта и воскресна; ете Го нашиот Лазар, испратен од Бога да ни каже за животот вечен. Но луѓето наместо да се издигнат над страстите што ги залажуваат и ги влечат в гроб, и да мислат на вечноста со вера, тие само повторуваат: „Ами, кој видел што има таму? Кој се вратил, па да каже?“ И трагичното е тоа што овие плитки фрази ги слушаме и од луѓето што често одат в Црква, се крстат, Го гледаат Распнатиот, го празнуваат Велигден. Неслучајно најголемиот празник што го славиме е Воскресението Христово, т.е. победата над смртта. И како после сето тоа некој може да праша: кој видел, кој се вратил?! Вистински верните не само што Го гледаат Него, Воскреснатиот, туку ги гледаат и разговараат со сите Негови верни последователи – светителите, мачениците, духовите на предците, кои многупати, испратени од Бога, ни се јавуваат и ни соопштуваат пораки, било на сон, или на јаве или, пак, преку некој настан. Господ секогаш ги испраќа од тој свет и ни дава знаци дека треба да живееме богоугодно и правилно да го поминеме овој краток живот, ползувајќи се со сите дарови што Он ни ги дава, та да заживееме и ние еден ден во вечно блаженство и радост и заедно со Лазара и Авраама и со сите светии да се насладуваме од неискажливата убавина од гледањето на Божјото лице, што не може да се спореди со ништо од овој свет.

Амин.