Преку подвиг и молитва до вечна радост и слава во Христа

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на споменот на Преподобната Параскева Епиватска, на Божествената Литургија во храмот на Преподобната во град Дебар, на 14/27 октомври 2024 лето Спасителово


Високопреподобни и себлагоговејни отци,

Мили браќа монаси и сестри монахињи,

возљубени верници,

Еве, и оваа година, за пореден пат, добриот наш Господ нè удостои да се собереме на ова свето литургиско собрание, посветено на Светата Преподобна Мајка наша Параскева Епиватска, којашто преку својот славен подвиг стана жителка на Небесата. Во Црквата Божја секој подвиг добива димензија што ги надминува личните граници и станува еклисиолошки, т. е. сецрковен. Во Црквата никој не се подвизува индивидуално, само за себе, туку секој подвиг е принесен за животот на целото Тело Христово – за сите нас.

Светиите, како денешната наша славеничка Преподобната Параскева, кои обитаваат во небесната Црква, не се само примери на добродетелен и морален живот, туку и наши застапници и молитвеници пред престолот на Бога, за стекнување на просветление и обожение. Тие непрестајно се молат за нас, содејствуваат во нашето спасение и нè водат по патот на личната преобразба, кон стекнување на благодатта на несоздадените Божји енергии. Сепак, нивната помош зависи од тоа дали ние ја бараме. Доколку со чисти ум и срце го устремиме својот поглед кон небесното Царство, тие ќе бидат со нас, подготвени да нè придружуваат и да ни помогнат да влеземе во радоста на нашиот Господ. Подвигот на секој верник во Црквата е заеднички принос. Света Параскева ни сведочи дека духовниот напор е повик и за нас, овде и сега, да се вклучиме во оваа тајна на Божјата сеопфатна љубов.

Нејзиниот спомен оваа година се падна во неделен ден, а знаеме дека секоја недела носи свое евангелско читање, свое слово на живот. Денеска го слушнавме Евангелието за параболата за Сејачот и семето – парабола полна со длабока мудрост и есенцијално значење. Впрочем, параболите што Господ ни ги говори се многу повеќе од едноставни раскази, иако по вид се токму тоа – примери од секојдневието. Тие се длабоки прозорци кон тајната на Неговата љубов и мудрост, патокази за разбирање на светот и на нашите животи. Во некоја смисла, целиот свет е една Божја приказна. И нашите животи се една приказна, самите исполнети со повеќе приказни – мали и големи, радосни и тажни. Но суштината не е во бројот на приказните што ги живееме, туку во нивното значење. Важно е да ја откриеме длабоката смисла што ја носат, зашто без таа смисла, сите наши животни настани се расфрлани, без цел и насока. Господ, знаејќи го човечкото срце и неговата љубов кон приказните, ни зборува преку параболи. Тие не се само приказни со поука, туку и онтолошки вистини што допираат до сржта на нашето битие. Многу од нив, како и денешната парабола за Сејачот, не се само симболични, туку и длабоко реални, поврзани со вистински луѓе и настани.

Параболата за Сејачот ни зборува за Божјото Слово како семе што се сее во нашите срца. Но, истовремено, ни поставува прашање: Каква е нашата почва? Како Го примаме ние Словото Божјо? Дали нашите срца се отворени за Божјата љубов, или сме како каменеста или запустена земја што не дава плод? Ова е повик секој од нас да размисли за својот живот, за да можеме да живееме со свест дека и ние сме дел од големата Божја приказна. И како што Господ продолжува да сее и да повикува, така и ние сме повикани да дадеме плод достоен за вечен живот.

Оваа чудесна парабола, возљубени мои, ни говори првенствено за Самиот Господ Исус Христос и за Неговото вечно слово, упатено кон светот. „Излезе Сејач да сее семе“, глаголат премудрите усни на Спасителот. Од каде излезе? Излезе од прегратките на Отецот, од Царството на Божествената Троица; Бог Отецот Го испрати Својот единороден Син да дојде меѓу нас, да стане еден од нас, за да го посее спасителното семе – она кое раѓа плодови за вечно блаженство. Христос дојде на земјата како Божествен Сејач. Пророците беа оние што ја обработуваа земјата пред Него, подготвувајќи го патот, но кога се исполни времето, самиот Бог слезе од Небесата и го посеа Своето семе во срцата на луѓето. Како што слушнавме од параболата, Господ им објасни на апостолите дека има четири вида почви – четири категории на човечки срца. Некои семиња паднаа на патот и беа изгазени, некои на каменеста земја и не пуштија корен, некои меѓу трње и беа задушени, а некои, конечно, паднаа на плодна почва и донесоа стократен плод. Токму во оваа парабола Господ нè учи за Царството Небесно и за тоа како можеме да влеземе во него – преку отворање на нашите срца за Неговото слово. Но, истовремено, Он предупредува дека не е доволно само да го слушнеме словото, туку дека треба да го примиме во нашите внатрини и да дозволиме тоа да се вкорени и да расте. Затоа Господ извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“ Ние сите – фала Му на Бога – имаме уши и повеќето од нас – добар слух. Но, често се случува да ни недостигаат духовни уши – уши на нашето срце. Многупати срцата ни се крути и не сакаат да го примат Божјото слово. Најстрашно од сè е кога стануваме незаинтересирани за Неговите зборови. Понекогаш, дури и кога сме заинтересирани, како семето што падна меѓу трње, искушенијата на овој свет нè задушуваат и нè обзема страв и сомнеж. Во такви моменти велиме: „Тешко е, како понатаму?“ Но, Господ е секогаш со нас, Он е Кој ни дава сила да продолжиме по патот на личната Голгота, кој е единствениот вистински пат што води кон светлост и вечност. Човекот само тогаш е вистински човек, кога живее со подвиг и љубов кон Царството Небесно. Ако ја изгубиме таа перспектива, ако го заборавиме стремежот кон соединување со Бога, тогаш нè опфаќа духовна смрт. Стануваме како семето што падна во неплодна земја и се изгуби. Така и ние, ако не се трудиме да го примиме Божјото слово во себе, ќе станеме изгубени, бедни луѓе. Неопходно е да ги отвориме срцата за Божјото слово, та тоа да се вкорени, да се зацврсти и да расте во нив, да стане едно царство во нас, царство на Христовата светост и красота.

Оти, „Царството Небесно е внатре во вас“, вели Христос. Во секое срце е сокриено Царството на Господ. Он сака да живее во нас и да го направи нашето срце Свој дом. Светиите со своите животи ни докажаа дека Бог навистина може да се настани и да обитава во човекот. Преку подвигот и љубовта кон Христа, тие се охристовија и се обожија, станувајќи живи сведоци на преобразеното човештво. Денешната светителка, Преподобната Параскева, ни ја потврдува оваа вистина. Со векови таа светли со светлината Христова, сведочејќи дека човекот може да се преобрази и да се обожи и во овој живот. Уште додека била на земјата, таа, преку својата борба со страстите, со стариот паднат човек и преку очистувањето со покајничките солзи, станала една молитва за целиот свет, една словесна духовна ламбада пред Тронот Господов. Таа сецело Му се предала на Христа и станала столб на светлината Христова – една жива икона на Божјата слава. Толку совршено се осветила и се обожила преку строгата аскеза, што дури и нејзиното тело до денес останува нетрулежно. Во градот Јаши, во Романија, нејзините чесни мошти сведочат дека и човечкото тело е повикано на осветување и обожение. Векови наназад нејзиното тело, цело и нераспаднато, почива во храмот, без никакви контролирани атмосферски услови, како видливо сведоштво за преобразената природа на човекот во Бога. Да, мили мои, не само душите, туку и нашите тела се повикани на спасение и осветување.

Светиите, било да се маченици кои го полагаа својот живот заради Христа или подвижници кои го носеа крстот на внатрешната борба и станаа маченици на совеста, ни сведочат дека патот кон Царството е за сите. Телесната крв на мачениците и духовната крв на совеста на монасите и на посветените верници се истоценети пред Бога. Без разлика на патот, секој подвиг, секоја борба е начин на осветување и спасение. Сите Светии нè повикуваат да го осветиме својот живот и да се стремиме кон христоподобно живеење. Нашиот живот, телото и душата, се повикани да станат храм на Бога, преобразени во светлина Христова. Ова е патот на секого од нас – да го отвориме своето срце, да Го примиме Христа и да живееме според Него и во Него.

Овој свет, мили мои, е навистина краток и минлив. Не смееме да си дозволиме желбите и страстите да завладеат со нашите срца или да поставиме нешто од овој свет над Христа. Зашто, само доколку Христос е на вистинското место во нашиот живот, сè друго ќе си дојде на свое место и ќе добие своја смисла. Историјата постојано ни го потврдува ова: кога човештвото ќе се откаже од Христа, сè се распаѓа. Гледате што се случува денес во модерниот европски свет, кој иако почива на христијански темели, ги заборава своите корени и потонува во духовен мрак, се разложува, се распаѓа. Многу европски народи станаа културни и цивилизирани токму поради тоа што нивните почетоци беа втемелени во Христос. Нивната цивилизација се роди од Светото Евангелие и од поуките што произлегоа од манастирите, од монасите, кои секогаш беа првите носители на вистинската култура и духовна цивилизација. Света Параскева, чијшто спомен денес го чествуваме, е монахиња, и нејзиниот подвиг е икона на монашкиот живот кој низ вековите беше темел на цивилизацијата. Монасите отсекогаш сведочеа за единството на Црквата и беа тие што ја пренесуваа евангелската порака меѓу народите, запалувајќи го светот со огнот на Божествената љубов. Монаштвото е сведоштво за тоа дека правата цивилизација почива на Божјата мудрост, на молитвата и на подвигот. Нема трајна цивилизација без Христа. Ако Го изгубиме Христа, сè се претвора во илузија и распад. Но ако Го имаме Христа во срцето, тогаш и нашето општество и нашите животи се преобразуваат и стануваат дел од вечната Божја радост. Да се угледаме на светителите и на монасите, кои ни покажуваат дека вистинскиот развој на човекот започнува од неговото срце, кога тоа е насочено кон Бога. Само така и ние ќе можеме да го живееме Евангелието и да го преобразиме светот околу себе.

Имаме пред нас големи примери на монашки подвиг и духовно просветлување, на светителство и обожение, како што се Светите Браќа Кирил и Методиј. Овие славни монаси ја просветија тогаш половина Европа со Светото Евангелие, откако најпрво подвизувајќи се во света аскеза, пролеваа духовна крв на совеста. Не е лесно да се биде монах, зашто искушенијата се многубројни и големи, но тие покажаа дека кога умот е вперен во Христа, ништо не може да нè исплаши и ниедна сила од овој свет не може да нè победи. Ги спомнувам нарочно Светите Браќа, затоа што денеска ја имаме честа со нас да бидат петнаесетина браќа и сестри од Чешката Република, на чело со својот отец Василиј, благочестив свештеник од Прага. Оваа група поклоници допатува од земја каде што Светите Кирил и Методиј го ширеа Христовото слово. Вчера тие беа гости на нашиот манастир, а денеска тие молитвено се соединети со нас овде, пред Светата Мајка Параскева. 

Возљубени, да ја помолиме оваа славна Светителка да ги закрилува монасите, кои, како и таа, се посветиле на подвигот и на службата кон Бога. Нека им подари храброст да истраат цврсто на својот пат, без да се вртат лево, десно или наназад. Секое свртување лево и десно во овој свет е опасно, а враќањето назад е уште пострашно. Да ги помниме нејзините подвизи како извор на инспирација и за женските манастири, зашто таа, иако жена, останува пример на храброст и на духовна сила. Илјадници верни денес си спомнуваат за неа, иако додека беше жива, нејзините подвизи ги знаел само Бог. Колку солзи Му принела таа во својата ќелија на Бога, колку крв духовна, борејќи се со страстите! Оставила сè, дури и својот роден крај, и живеела во пустина, зашто сета своја љубов, сите свои душевни сили ги беше насочила единствено кон Христа. 

Но, да не забораваме, подвигот, молитвата и воздржанието не се само за монасите. Сите ние, Христијаните, сме повикани на аскеза. Аскезата е мајка на осветувањето. Осветувањето, пак, е борба за Царството Небесно. Повеќето од човештвото, од Адама па до денес, веќе се преминати одовде. Ние сме само неколку поколенија што сè уште чекориме на земјата, но нашата вистинска татковина е на Небесата. И да не забораваме дека смртта е вратата што нè води таму, кон Царството на вечно живите. Во монашкиот етос постои едноставна, но длабока парола: „Постојано сеќавај се на смртта“. Ова е патот по кој се осветила Светата Параскева и овој пат го следеле сите Светии. Денес многумина се плашат од смртта, не сакаат да ѝ погледнат в очи, не сакаат да размислуваат за неа, зашто не се подготвуваат за средба со Христа. Но ние не смееме да се плашиме, туку да знаеме дека смртта е вратата кон вечното Царство, што Христос ни ја отвора секој ден со Својата светлина. Нашиот пат се осветлува преку желбата за подвиг, воздржание и молитва. 

По молитвите на Преподобната Мајка наша Параскева и на Светите Отци од Првиот Вселенски Собор, коишто, исто така ги чествуваме денеска, нека нè води Господ кон Земјата на живите.

Амин.