Првоповиканиот

Кратка поука на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, за споменот на Светиот Апостол Андреј Првоповикан

Го најдовме Месијата, што значи: Христос

Свети Апостол Андреј Првоповикан (Јован 1,24)

За време на долгата историја на човештвото се случиле многу откритија. Многу од нив послужиле за доброто на луѓето и донеле големи благодети. Меѓутоа, ниедно откритие не било ни оддалеку толку значајно, како што било откритието на денес славениот Апостол Андреј Првоповикан, кој полн со духовна радост и веселие го возвестил со зборовите „Го најдовме Месијата, што значи: Христос“ (Јован 1,41). Ова откритие било толку значајно, што неспоредливо ги надминува сите дотогашни и идни открија, сѐ до крајот на светот и на времето.

„Го најдовме“, извикува Андреј, „Го најдовме Месијата“. Зборот ‘најдовме’ може да го изговори човек што претходно барал нешто. Зашто, доколку некој рече ‘најдов’, значи дека претходно нешто барал, истражувал, очекувал, испитувал и сега тоа нешто му стои на располагање. Апостолот Андреј бил, значи, човек кој имал интерес за духовното, го барал патот на спасението. Тој не бил, според гледиштето на овој свет, некој учен или научник чиешто главно занимање било да ги истражува законитостите во природата. Едноставен рибар од Тиверијадското езеро, којшто немал ни време ни средства, за да се занимава со научни истражувања, а ги поседувал само неопходните нешта за својата рибарска дејност. Меѓутоа, покрај сето тоа, овој прост рибар бил човек со највозвишен интерес; неговата душа, неговиот истражувачки копнеж скриен најдлабоко во неговото битие, го барал единственото потребно, единственото спасително; Го барал единствениот вистинит Бог. И имајќи силна вера и чисто срце, Го нашол. Поточно, Спасителот прв Него го пронашол и го повикал и затоа е наречен Првоповиканиот.