Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Божествената Литургија на празникот Раѓање на Свети Јован Крстител, на 24 јуни/7 јули 2025 лето Спасителово
Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!
Ја слушнавме, возљубени, од светото Евангелие според апостолот Лука, серадосната вест за раѓањето на великиот пророк, претеча и крстител Господов, свети Јован. Чувме за едно навистина големо чудо, чудо што се случи по јавувањето на светиот архангел Гавриил на неговиот татко Захарија, додека овој се молеше во Светињата на светињите, принесувајќи Му благомирисна жртва на Бога. Архангелот му ја објави неискажливата тајна, дека неговата престарена жена, светата и праведната Елисавета, ќе зачне и ќе роди син. Нешто во кое дури и самиот Захарија, иако свештеник и човек праведен, не можел лесно да поверува и да го прифати. Зашто тоа благовестие надминувало секаква човечка логика и природен ред. И токму поради тоа негово двоумење, му беше дадена епитимија – да замолкне, да остане без говор сè додека не се исполни зборот Божји, донесен преку архангелот.
А зборот Божји секогаш се исполнува. Кога дојде времето, Елисавета роди син, и според откровението на благовестителот на Царот небесен, го нарекоа Јован. И знаеме од светото Евангелие дека во тој миг Захарија повторно проговори и Го прослави Бога. Сето тоа беше едно знамение, сведоштво пред народот, дека ова дете не е обично дете, туку е избран сад на благодатта одозгора, Претеча на Месијата, оној кој ќе го подготви патот за Спасителот.
Само за три личности во целата историја на спасението, архангелот Гавриил бил испратен од небото за да објави раѓање. Првата личност беше пречистата Дева Марија, онаа од која ќе заблеска Сонцето на правдата; втората беше Свети Јован Претеча – оној кој ќе биде зорнина на духовното Сонце и кој ќе Го покаже Агнецот Божји; и третото јавување, несфатливо и преславно, беше Благовештението на Пресветата Богородица, кога архангелот ја возвести тајната на Воплотувањето, веста за раѓањето на Синот Божји.
Денес, возљубени мои, станува голема радост не само за човечкиот род, туку и за целата твар, за целата вселена. Зашто во личноста на свети Јован го гледаме најголемиот меѓу родените од жена, како што и самиот Спасител, со Својата пречиста уста, ќе посведочи за него: Меѓу родените од жена, не се јавил поголем од Јована Крстителот[1]. Неговото раѓање беше несомнено чудо Божјо, над човечкиот разум – од престарена и неплодна жена. Но не само раѓањето, ами и самиот живот на свети Јован беше натприроден. Светата Касијана, големата поетеса на Црквата Христова, во една своја поетска творба го велича Претечата, кој „прегрнувајќи целосна чистота и смиреномудире, го имаше она што е според природата, го избегна она што е против природата, подвизувајќи се над природата.“[2] Тој се јави како глас на Словото, зора пред Сонцето, светилка пред Светлината. Претходникот, гласникот, кој го објави на светот доаѓањето на Седржителот, Господ Исус Христос. Таму, на бреговите јордански, тој со пророчка сила Го покажа на народот и рече: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе[3]. И не само што со збор Го посведочи, туку со целиот свој живот – со неизречивиот подвиг во пустината, во крајно лишување и необично откажување, со неуморно воздржание и покајание. Оти, уште од младоста, откако неговите праведни родители заминаа од овој свет – неговиот татко Захарија беше убиен меѓу жртвеникот и храмот – детето Јован беше земено под закрилата на ангелите и предадено на старозаветните испосници, назареите, коишто живееле во Јорданската пустина. Таму тој порасна, воспитан од духот на пророците и од смиреноста на пустината. И оттаму излезе како громогласен пророк, за да го приготви патот на Господа, за да го подготви народот за доаѓањето на Царот на славата. И тој се удостои не само да Го види Оној за Кого пророкуваше, туку и да Го крсти и да му Го покаже на светот. Оној Кого небесата не можат да Го соберат, се потчини на раката на Својот слуга, за да ја исполни секоја правда.
Значи, возљубени, делото на Свети Јован не било само последица на Божјиот промислителен избор, туку и плод на неговиот личен подвиг. Оти, иако беше од Бога предизбран и архангелски објавен, сепак, светиот Претеча не се удостои со небесната слава по некакво механичко предодредување, туку преку слободната волја и големиот подвиг. Зашто во нашата света Црква нема детерминизам, нема фатум ни судбина во онаа смисла како што ја разбира светот. Секој човек, па и најблагословениот, е повикан да соработува со Божјата благодат. И затоа свети Јован, откако прими благослов и повик од висините, со пот и солзи, со глад и молитви, со бдение и воздржание, го исполни својот живот како жива жртва пред Господа. И така, овој велик пророк стана глас кој вика во пустината – глас не на човечка мудрост и уверување, туку на Божјо сведоштво. Повикот негов не беше философска идеја, туку извираше како извор од жедната земја, повикувајќи: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“
И навистина, Царството се приближи, самото дојде на Земјата, во Личноста на Господ Исус Христос. Свети Јован Крстител беше оној кој ги подготви срцата на луѓето за Него. Зашто без покајание нема Христос, и без скрушен дух нема пристап кон Светињата. Свети Јован го симболизираше овој преод: од сенката кон вистината, од Стариот Завет кон Новиот. Тој ги крштеваше со вода во знак на покајание, со крштение што предвестуваше, но не даруваше благодат во полнота. И самиот сведочеше: Јас ве крштавам со вода за покајание, но Оној Кој иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган[4]. Господ Христос го отвори патот кон полнотата на благодатта. Со Неговото воплотување, со Неговата смрт и Воскресение, и најпосле со слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, се даде полнотата на Крштението – новото раѓање во Бога. И така, секој христијанин што се крштава во името на Света Троица, прима запечатување со Светиот Дух и станува жив член на Телото Христово – Црквата. Но за да се доближи човек до оваа тајна, за да биде способен да ја понесе благодатта, неопходно е нешто пред тоа: покајание. Срце скрушено, дух смирен, ум очистен. Ова е патот кој го ни го покажа Претечата. И денес, неговиот глас сè уште одекнува низ пустината на нашиот век. И во нашите уморни души, свети Јован вика: „Покајте се!“ – не како осуда, туку како покана кон вистинскиот живот во Духот.
Возљубени, овој велик Пророк и Претеча е жив пример за сите нас, за тоа какви треба да бидеме и кон што да се стремиме. Токму затоа и Апостолот кого денес го чувме, нè повикува да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината. Да живееме пристојно како дење не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист;[5] и да се подвизуваме во чистота, правда и љубов. Зашто само така ќе можеме да станеме вистински луѓе, а вистински човек е оној кој се труди да стане Божји, да се обожи. Не е доволно само да бидеме добри луѓе – иако и тоа е почеток, основа на духовниот пат. Но христијанството не нè повикува само на морално усовршување. Тоа нè издигнува кон една возвишена цел – обожението. Тоа што другите религии ниту го замислуваат, нам ни е дадено како повик: да станеме богови по благодат, носители на несоздадената светлина на Троичниот Бог. Преку Светиот Дух, преку Божествените несоздадени енергии, човекот не останува само создание, туку станува Божјо обиталиште.
На тоа го повикуваше човештвото свети Јован Крстител. Со својот подвиг, со пост, со молитва и покајание, тој ги расчистуваше патиштата во срцата на луѓето, за тие да станат подготвени да Го примат Бога. И денес, неговиот глас не е минато. Тој сè уште одекнува, сè уште вика во пустината на нашето време, сè уште е актуелен со истата моќ: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ Затоа и неговиот образ е поставен веднаш до Христовиот на секој иконостас, затоа и во небесната Црква, како што сведочат оние кои се удостоени да ја видат, свети Јован стои веднаш до Пресвета Богородица – како застапник и сведок, како мост кон Христа. Тој секогаш се застапува за човечкиот род, секогаш се моли, и секогаш нè подготвува за средба со Возљубениот.
Доколку се покаеме, мили мои, Христос веднаш ќе биде со нас. Он стои на прагот од нашето срце и трпеливо чека да Му отвориме. Оти Бог не нѐ присилува, туку љубовно нѐ повикува. Он не нѐ осудува, туку го бара нашето скрушено срце. Штом ќе заплачеме по Него, штом ќе Го повикаме, Он веќе е тука. Таков е нашиот Бог – Бог на милоста и на утехата. Така и некогаш, во длабочината на човечката отуѓеност и расипаност, кога човештвото се беше претворило во духовна пустина, Бог слезе во тоа мртвило. Најнапред го испрати Својот Претеча, за да го изора срцето на човекот и да го направи плодна нива за плодовите на покајанието. Така, Јорданска пустина не е само географска одредница, туку е и симболична, многу слично како што и денес светот е претворен во една голема пустина во алегорична смисла. Во таа пуста тишина, гласот на Крстителот одекнал како гром. И доаѓале луѓе, некои водени од вистинска духовна жед, некои од потреба, некои од љубопитност, да го видат тој дивен човек во груба облека, хранет со акриди и див мед, чиишто очи гореле со пламенот на Духот. Некои мислеле дека е свети Илија, воскреснат од мртвите, бидејќи тој единствен им се чинеше рамен според ревноста и подвигот. Но имало и такви, тивки, покајани, скрушени, кои доаѓале со солзи и копнеж. Тие беа вистинските ученици на Јован, оние кои Го препознаа Јагнето Божјо кога Претечата Го покажа. И тие први Го заследија Христа. Истото е и денес: оној кој со милозливо и понизно срце доаѓа кај Господа, тој ќе Го препознае Христа. Христос нема да го одмине. Не чека многу. Ни треба само вистинско покајание, и Христос веќе е во нас.
Значи, денеска го славиме роденденот на нашиот мил и славен заштитник свети Јован, патронот на ова свето и почитувано Светилиште, кое низ вековите достојно ја пренесувало неговата боговдахновена порака до целиот свет. Да се помолиме еднодушно, возљубени, и денес браќата монаси – жителите на овој свештен манастир, чиишто срца се под покровот на чесниот Претеча, достојно да ја продолжат таа апостолска мисија, подготвувајќи се најнапред себеси во покајание и смирение, и заедно со тоа, да го подготвуваат и светот преку живиот глас на Свети-Јовановата проповед: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“
Неговиот благослов и молитви да бидат со сите вас! За многу години!
Амин.
[1] Матеј 11,11.
[2] Минеј, 24 јуни, славник од стиховните стихири на Вечерната.
[3] Јован 1,39.
[4] Матеј 3,11.
[5] Рим. 13,12-13.