Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на празникот Сретение Господово, на Светата Литургија во Манастирот Пречиста Кичевска, на 2/15 февруари 2025 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Високопреподобни и преподобни отци и браќа,
Преподобни сестри монахињи,
Возљубени во Христа браќа и сестри,
Денеска, во светлината на овој голем празник на Сретението Господово, го слушнавме од јероѓаконот живото слово на Евангелието, запишано од Светиот апостол и евангелист Лука. Оваа евангелска повест мистично нѐ води во Ерусалимскиот храм пред повеќе од две илјади години, каде што, според Законот Мојсеев, четириесетдневниот Богомладенец Христос бил донесен од Својата Пречиста Мајка и праведниот Јосиф, за да Му биде принесен на Господа како првородена машка рожба, според заповедта што Бог му ја беше дал на старозаветниот Израил.
Овој обичај на претставување во храмот на секое првородено машко дете потекнува од времето кога еврејскиот народ, наоѓајќи се под ропство во Египет, бил избавен преку Божјата моќ и милост. Како што читаме во книгата Исход од Светото Писмо, Господ испратил десет казни врз Египет, за да го омекне срцето на фараонот, кој го држел во ропство избраниот Божји народ. Но фараонот останал тврдокорен, сè додека не дошла последната, најстрашна казна: секое првородено машко, од човек до добиток, било погубено од ангел Господов. Единствено еврејските првородени биле поштедени, зашто нивните домови биле обележани со крвта на пасхалното јагне – предобраз на Христос, вистинското Јагне Божјо заклано и жртвувано за спасение на светот.
Од тој настан, во знак на благодарност, Евреите ги посветувале своите првородени машки деца на Бога, принесувајќи жртва во храмот според своите можности – или јагне, или две грлици и гулабчиња. Пресветата Богородица, која заради благодатта во себе не била подложна на Законот бидејќи Го роди Оној Кој е над Законот, во своето смирение, сепак Го донесе Богомладенецот во храмот, исполнувајќи го древниот пропис. И тука, во овој благословен миг, се случува нешто необично, величествено, нешто што ја објавува тајната на Сретението: таму, во храмот, се наоѓал старецот Симеон, човек на Божјата мудрост, еден од старите преведувачи на Светото Писмо. Според светото предание тој бил еден од Седумдесеттемина преведувачи кои, по барање на египетскиот владетел Птолемај II Филадеф (283–246 пр. Хр.), го превеле Стариот Завет од хебрејски на старогрчки, создавајќи го познатиот превод наречен Септуагинта. Кога дошол до пророштвото на Исаија, каде што стоело напишано: „Ете, девојка ќе зачне во утробата и ќе роди син“, Симеон се поколебал. Неговата рационална мисла не можела да го прими тоа како возможно. Во неговата човечка логика тоа било нешто неразбирливо, нешто што е вон природата, бидејќи не може жена да роди а да остане девица. Па затоа посегнал по перото да го преправи зборот „девојка“ во „млада жена“, мислејќи дека станува збор за некоја грешка на препишувачите. Но тогаш ангел Господов го сопрел, објавувајќи му дека нема да види смрт додека со сопствени очи не го види исполнувањето на големата Божја тајна од пред вековите – Дева Богородица со Богомладенецот в раце.
И ете, навистина тој миг се остварил! Светиот праведен Симеон доживеал огромна старост од над 280 години и по речиси три века очекување, вдахновен и патеводен од Светиот Дух, отишол во Ерусалимскиот храм токму тогаш кога Дева Марија и нејзиниот обручник Светиот Јосиф, Го претставувале пред Бога Божествениот Младенец. Седиот и престар Симеон Го виде во прегратките на една скромна Дева Оној Кого целото човештво со векови Го очекуваше. Не како моќен земски цар, не како победник лавроносец, туку како мало Детенце, тивко, нежно и кротко. И тогаш неговото срце се исполнило со неизречива радост, а устата негова изговорила зборови што веќе две илјади години ги пеат и повторуваат Христијаните на секоја вечерна богослужба:
„Сега го отпушташ слугата Свој, Владико, според зборот Свој, во мир, зашто го видоа очите мои спасението Твое, што го приготви пред лицето на сите народи, светлина за просвета на јазичниците и слава на Tвојот народ Израил“.
Во овие зборови е содржана целата тајна на Христовото доаѓање. Он е светлина за просвета на народите, дојде да им Го открие Бог Отецот на сите земски племиња, да ги повика сите луѓе во синовство со Бога. Но токму тука Симеон, обраќајќи ѝ се на Пренепорочната, пророкува нешто што го отсликува целиот понатамошен тек на историјата: Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израил, и е знак против Кого ќе се говори. А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца. (Лука 2,34-35).
Чудни зборови! Он дојде да донесе спасение, но истовремено и разделување. Дојде да ги издигне оние што ќе Го примат в срце со вера; но истовремено, вели, ќе паднат оние што ќе Го одбијат. Ова не е едноставно историски момент, туку длабока вистина што се исполнува во секоја епоха, во секое поколение, со секоја човечка душа. Така било во Христово време, а така е и во нашево. Сетете се како се однесуваа луѓето кон Христа. Кога влегуваше во Ерусалим, Го пречекаа како Цар со палмови гранчиња, воскликнувајќи: Осана во висините, благословен е Кој доаѓа во името Господово! А потоа, само неколку дена подоцна, истиот тој народ пред римскиот управник Понтиј Пилат извикуваше: Распни Го, распни Го! Истиот Христос, истиот народ – но сосема спротивна реакција. Се разбира, многумина од Јудеите поверувале во Христа и Он ги издигнал кон воскресение. Но тоа не се случувало само тогаш, истото е и денес. Секој човек се соочува со Него. Христос останува знак на спротивставување. За едни Он е патот, вистината и животот; за други – несфатлива реалност што не сакаат да ја прифатат и мачно ја игнорираат.
И во нашите животи се одвива оваа тајна. Многумина велат дека веруваат во Него, но дали Го прифаќаат таков каков што Он е, како што Он е препознаен во Преданието и како што се живее во Црквата? Или, пак, си создаваат свој „христос“, според своите желби, страсти и интереси? Христос не е Бог создаден според човечки замисли и перцепции. Он не дојде да ја исполни волјата на човекот, туку да го преобрази човекот, да го воздигне кон Царството Небесно.
Денес, во ерата на духовен хаос, сведоци сме на безброј слики за Христа, понекогаш толку различни, што се чини дека некои зборуваат за сосема друг бог, а не за Оној Кој се воплоти, Кој се жртвува на Крстот и Кој воскресна за спасение на сите. Колку секти и ереси постојат денес, и сите велат дека Го проповедаат Христа! Но, ако погледнеме внимателно, ќе видиме дека нивниот „христос“ често нема ништо заедничко со Оној вистинскиот – со Христос на Црквата, Христос на Крстот, Христос на љубовта.
Меѓутоа, ова не е само проблем со сектите. И кај нас, православните, за жал, се случува нешто слично. Многумина од тие што се нарекуваат православни и се крстени како православни не Го живеат вистинскиот Христос. Го споменуваат Неговото име, но срцата им се исполнети со завист, злоба и осуда. Го повикуваат Неговото име, но не живеат според Неговата љубов. Дури и кога зборуваат за верата, тоа го прават за да осудат, за да понижат, за да ја истакнат својата „правоверност“. Гледаме Христијани кои во името на својот „христос“ клеветат ли клеветат, судат, разрешуваат, осудуваат, се повикуваат дури и на Светото Писмо, на канони, на правила, само за да ги осудат своите ближни.
А кој е вистинскиот Христос? Христос, Кој е „патот, вистината и животот“? Христос, Кој е кроток како јагне, Кој ги рашири Своите пренепорочни раце на Крстот за сите луѓе, Кој им прости дури и на оние што Го заковаа на Крстот. Ако Го следиме Него, не можеме да бидеме луѓе на злобата, на осудата, на омразата, на зависта. Ако навистина сме Негови, тогаш и ние треба да станеме слични на Него – полни со љубов, со радост, со мир и благослов. Впрочем, ова е и најсигурниот знак по кој можеме да ги препознаеме Христијаните – и самите себе, но и другите. Како да знаеме дали некој навистина Го следи Христа? Како да знаеме дали е некој Христов Христијанин? И не се однесува ова само на мирјаните, туку и на свештениците, монасите, епископите. Одговорот е јасен: не по тоа дали ги знае сите канони, не по тоа дали цитира наводи од Светото Писмо за да осудува други, туку по тоа дали во неговото срце има љубов, дали неговиот живот е сведоштво за Евангелието на Распнатиот. Ни Самиот Христос не ги препознаваше луѓето според нивните зборови, туку според нивните срца. На оние што се нарекуваа „правоверни“ – книжниците и фарисеите, Он им велеше: Овој народ Ме почитува со усните, а срцето му е далеку од Мене (Матеј 15,8); и веднаш потоа: кога слеп води слеп, обата ќе паднат во јама (Матеј 15,14).
Возљубени, Христос не нè повика само да зборуваме за Него, туку да Го живееме! Да Го живееме Него во сето наше битие, во секој миг, во секој наш однос со луѓето. Он не дојде само да ни го покаже патот, туку и да ни даде сила да Го следиме. Останува на нас да одлучиме – дали ќе Го живееме Христос од Црквата, Христос од Евангелието, Христос на Крстот, или ќе создадеме некој нов „христос“ според наша мерка, „христос“ што ќе ни служи нам, наместо ние Нему?
Денешниов празник се нарекува Сретение, што, пак, произлегува од старословенскиот збор среща, што значи ’средба‘. Така нашите богоносни отци Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, кога го создавале нашиот книжевен јазик, го превеле името на празникот од грчкиот назив Ὑπαπαντή (Ипапанди), што значи ’примање‘, ’пречек‘, ’пресрет‘. Оти, денес Симеон Го пречекува и Го прима во прегратки малиот Христос во името на сите, и ги изговара оние возвишени зборови во името на целото човештво.
Празникот Сретение не е само настан од минатото. Ова не е само спомен на една средба што се случила пред две илјадалетија во Ерусалимскиот храм. Оваа средба се повторува секојпат кога човекот стои пред Бога со вера, со љубов и со отворено срце. Секоја Света Литургија е едно Сретение. Секојпат кога доаѓаме во храмот, кога застануваме пред Светата Трпеза, ние доаѓаме за да Го пречекаме Христа. Денес, гледајќи ве овде во толкав број, и покрај тоа што денешниот ден е работен, чувствувам радост и благодарност кон Бога. Сите ние, собрани овде, сме дошле со една иста цел – да се сретнеме со Христа. Светиот Симеон Го пречека во своите раце. Но нам ни е дадена уште поголема можност! Ние можеме да Го примиме Христа во своето срце, во своето тело, во своето битие. Како? Преку најголемото таинство на Светата Причест. Христос не сака да биде далечен Бог, туку Бог Кој живее во нас. Тој сака да нè преобрази, да нè исполни со Својата светлина, да нè осветли со светлината на Воскресението. Затоа, не е случајно тоа што тропарот на денешниот празник завршува со зборовите: „Оној Кој ни дарува Воскресение“. Ова значи дека секоја средба со Христа не завршува тука, на Земјата. Таа секогаш нè води кон нешто повозвишено – кон животот вечен, кон победата над смртта, кон Воскресението.
Сите ние жеднееме за таа средба со Христа. Таа ни е потребна повеќе од сè друго во овој живот, повеќе од воздухот што го дишеме, повеќе од водата што ја пиеме. Бидејќи само средбата со Бога го осветлува човекот, го преобразува и му дарува живот вечен. Затоа, молете се! Молете се многу, со отворени срца, зашто Господ навистина доаѓа на благодатен начин, нè посетува и нè прегрнува, иако сме немоќни и оптоварени со безброј гревови. Кој од нас може да каже дека е достоен да Го прими во своето срце? Никој. Но Он, Кој дојде заради нас, не бара совршенство, туку бара покајание, љубов, смирение и желба за средба со Него.
Несреќавањето на човекот со Бога несомнено носи тага и несреќи. Гледајте што се случува со природата. Неколку години по ред голема суша зафаќа делови од светот. Цела зима помина, а само еднаш снег заврна. Изворите се намалуваат, земјата пресушува, природата страда. Ова го гледаме и ние, особено во западниот дел на Македонија, во околината на Бигорскиот Манастир – места што отсекогаш биле благословени со извори на изобилна вода сега се соочуваат со недостиг. Но дали ова е само природна појава или е знак за нешто подлабоко? Нема ли најнапред суша во нашите срца? Не е ли срцето на современиот човек посуво од напуштената и опустена земја? Каде е верата? Каде е покајанието? Каде е срцето што копнее по Бога?
Впрочем, и денешниот празник е поврзан со прашањето за природата. Имено, иако празнувањето на Сретението Христово започнало литургиски да се слави во Ерусалим уште во првите векови на Христијанството, сепак, во времето на царот Јустинијан I Велики било востановено како официјален празник во целото Ромејско Царство. За време на владеењето на овој благоверен император, Империјата била погодена од епидемија на чума и од разни елементарни непогоди, пред сè, разорни земјотреси. Во обид да се справи со овие катастрофи, цар Јустинијан наредил посвечено празнување на Сретението Господово, со што несреќите престанале. И токму на овој ден, уште од тие древни времиња, Црквата се моли Бог да се смилостиви и да не допушта казни со природни непогоди – суши, земјотреси и чуми. Затоа, денес, кога постојано слушаме вести за земјотреси, за суши, за непогоди, треба да се запрашаме што се случува, пред сè, со нашето духовно здравје. Ако се покајуваме, ако Го бараме Бога, ако Го примаме во своите срца, Он ќе ни подари милост и ќе ја возобнови не само нашата душа, туку и целокупната твар.
Возљубени, Господ чека да Го пречекаме, да се сретнеме со Него таму каде што најмногу сака – во нашето срце. Ако го сториме тоа, сè ќе биде поинаку. Нема да има страв, нема да има очај, нема да има суша во душите, туку живот и радост.
Затоа, нека секоја Литургија биде наша нова средба со Христа. Нека срцата ни се претворат во Негов храм. И така, водени од Него, да се упатиме кон невечерната Светлина на Воскресението.
Да сте благословени и за многу години! Ви благодарам за присуството.