Слово на Неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на празникот Воведение на Пресвета Богородица, на Божествената Литургија во манастирот „Пречиста Кичевска“, на 20 ноември/4 декември 2025 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, возљубени мои, благодатта на Пресветиот Дух нѐ собра во чест на пречистата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, за да го прославиме великиот празник на нејзиното Воведение во Храмот – ден кога тригодишната Дева, по благословот на своите праведни родители Јоаким и Ана, беше внесена во домот Божји во светиот град Ерусалим. Народот со право овој празник го нарекува „Пречиста“, затоа што во него се открива тајната на нејзината пречиста природа и благодатната избраност, како што преданието на Црквата непрестајно сведочи низ вековите.
На овој ден, Марија од Назарет, мало детенце од три и пол години, била донесена во Соломоновиот храм, за да биде посветена на Бога според јудејскиот обичај. Но она што се случило при нејзиното претставување пред Господа било нешто натприродно и предобразително. Имено, под вдахновение на Светиот Дух, светиот првосвештеник Захарија го вовел детето Марија во она место каде што никој човек не смеел да влезе: во Светињата на светињите, каде што се наоѓал Ковчегот на Заветот[1]. Таму обитавала несоздадената сенка на Божјото присуство, таму се наоѓале камените плочи на Законот, на кои Господ ги напишал Десетте заповеди[2].

Како содржина на старозаветното богослужение, таа Светиња била достапна само еднаш во годината, на денот на Помирувањето[3], единствено за првосвештеникот, „и тоа не без крвна жртва“[4]. Но, денешниот необичен настан со малечката Дева, на еден тивок, мистичен начин претскажува дека наскоро ќе исчезне преградата меѓу Бога и човекот; дека ќе се укине завесата што била поставена уште во Едемската градина, по падот на првосоздадените, кои по слободна волја избраа да не Го послушаат Бога[5]. И сите знаеме каква отплата доби човештвото за тој грев: смртта навлезе во светот, а со неа и сите страдања. Затоа односот на Бога со човекот во Стариот завет имаше карактер на педагогија; не казна, туку подготовка за големиот Ден, за времето кога Самиот Бог, Творецот на небото и на земјата, ќе слезе и ќе стане како еден од нас. Следствено, тоа што светиот Захарија ја примил пренепорочната Марија во Светињата на светињите значело дека истовремено завршува една епоха и започнува нова – времето кога Самиот Бог ќе слезе меѓу луѓето и ќе стане човек.
Тоа се случи преку најмилата наша Богородица, која беше исполнета со чудесна божествена благодат. Таа беше безгрешна и пречиста не по природа, ами по благодат и подвиг. Христос е единствениот безгрешен по суштина – оти беше и е Бог. Додека, пак, Богородица се роди како сите луѓе, како потомка на Адама, од праведните Јоаким и Ана, и ги наследи последиците од првородниот грев, како и секој човек. Но од самиот миг на своето постоење, таа беше очистена, осветена, целосно проникната од благодатта на Светиот Дух. Божјата благодат ја чуваше од секоја навреда кон Бога. Но кај неа безгрешноста се остваруваше, бездруго, и по нејзината слободна волја, бидејќи Бог без слободната волја на човекот не сака ништо да направи. Он не сака да го нарушува законот на љубовта, кој го вдахна во нас – правото на избор: дали ќе бидеме со Бога или ќе се одречеме од Него.

И токму нејзината слобода е највеличествената тајна: Богородица од почетокот Му рече „да“ на Бога, и стана најчистото човечко суштество, единствениот плод на родот човечки достоен да стане „храм на живиот Бог“[6]. Преку неа Словото Божјо ќе ја земе човечката природа и ќе се всели меѓу нас.
Возљубени мои, според старозаветниот закон Бог беше познаван само преку сенки и праслики. Сега, преку пречистата Дева Марија се отвора Новиот завет – времето кога секој човек станува способен и стекнува можност да биде „храм на Светиот Дух“[7]. Денешниот празник ни ја покажува таа неизречива тајна: Пресветата влегува во Светињата на светињите, за да го најави влегувањето на Светиот Дух во срцата на луѓето по Христовото Воскресение и по Педесетницата. Се исполнува предвечниот Совет на Светата Троица, зашто Бог уште од искони замислил човекот да биде едно со Него, создаден со неизмерна љубов и внимание. Читаме во Светото Писмо: Да сотвориме човек според образот Наш и подобието Наше[8]. Човекот е највозљубеното суштество на Бога. И бидејќи човекот ја наруши таа свештена заедница, Бог Самиот се понизува, се воплотува, за да го воздигне човекот до оние слава и достоинство за кои бил создаден.
Затоа, на патот кон спасението најдобро и најсигурно може да нѐ води Мајката Божја, која е и наша Мајка. Таа, која се удостои со толкава чест да стане Мајка Божја, сега е наша патеводителка. Затоа во Црквата имаме икона што се нарекува Одигитрија – Патеводителка. Таа сите нас нѐ води кон патот на спасението, кое е Самиот Христос, според зборовите Негови: Јас сум патот, вистината и животот[9] и Јас сум вратата; кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси[10].
Како секоја мајка која прави сè за своето чедо, така и Богородица – неспоредливо повеќе – делува во свештената историја на Црквата. Колку само чуда, утехи, молитвени застапништва, избавувања и исцеленија се случиле преку Пречистата! Не постои век, не постои народ, не постои душа којашто повикала кон неа, а да не била услишена.

На денешниот празник гледаме како детето Марија се посветува на Бога, за да живее во Храмот. И преку неа, сега на Бога посветени сме и сите ние, христијаните, за спасение. Светиот Дух е во нас. На крштението сите Го добивме Него дарум. Посветени на Бога се особено монасите и монахињите. Што прават монасите во манастир? Тие треба да бидат како Богородица. Таа во храмот живееше петнаесет години, сѐ додека не се удостои да биде средиште на најголемиот настан во историјата на светот – да ја слушне најблагата вест, да го слушне најслаткото слово што небото некогаш ѝ го кажало на земјата; да го чуе она што сите пророци од Стариот завет го пророкуваа: дека ќе дојде Спасител на светот. И навистина, архангелот Гавриил, Благовесникот на Пречистата, кој, според преданието, сите тие петнаесет години бил со неа, ја чувал и ја воспитувал, ја растел во чистота и богопросветленост, на крајот ѝ го донесе најголемото благовестие: „Радувај се, Благодатна! Господ е со тебе… Благословена си ти меѓу жените[11]. Оти ти ќе родиш Син, Кој ќе биде наречен Емануил, што значи ’со нас е Бог‘.[12]“
Нејзиното, пак, Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според Твоето слово[13] беше клучот на човечката слобода што го отвори влезот на Бог во светот.
Затоа и ние, мили мои, се воспитуваме во Црквата, во послушание кон неа, во молитва, во подвиг и смирение. Без подвиг, без труд на срцето, христијанството станува само збор, празна форма, зов од усните, но не и од срцето. Господ предупредува: Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене[14]. Следствено, да внимаваме да не бидеме само оние што велат Господи, Господи[15], а живеат без покајание и преобразба.
Пречистата беше посветена на Господа од своите родители, но не остана само на тоа. По нејзиното воведување во Храмот следувале години на тивок подвиг, на свештена подготовка, на скриено пребивање со Бога. Така и ние: ако сакаме да влеземе во светињата на Царството, треба да се подготвуваме секој ден, да се очистуваме, да се смируваме, да се вежбаме во љубов, во добродетел и во тишина на срцето. И тогаш, кога ќе го довршиме земниот подвиг, и ние, по милоста Божја, ќе влеземе во саканата Татковина, во небесната Црква, каде што ќе го гледаме Троичниот Бог „лице в лице“[16], заедно со неа и со сите светии. Амин! По молитвите на Пресвета Богородица!
[1] Исход 26, 33-34.
[2] Исто 31,18.
[3] Левит 16, 2 и 34.
[4] Евр. 9, 7.
[5] Битие 3, 23-24.
[6] сп. 2 Кор. 6, 16.
[7] 1 Кор. 6, 19.
[8] Битие 1, 26.
[9] Јован 14, 6.
[10] Јован 10, 9.
[11] Лука 1, 28.
[12] сп. Иса. 7, 14 и Матеј 1, 23.
[13] Исто, 38.
[14] Матеј 15, 8.
[15] Исто 7, 21.
[16] 1 Кор. 13, 12.











