Животот не е биолошка категорија, туку заедница со живиот Бог

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештената обител, изговорено на светата Литургија, на празникот Собор на Пресвета Богородица, во манастирот Пречиста Кичевска, на 26 декември 2025 / 8 јануари 2026 лето Господово


Денес, мили мои, Црквата нѐ собра во вториот ден од големиот празник на Рождеството Христово, ден кој е посветен на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија. Според стариот календар денеска е 26 декември, и на самиот крај од годината го продолжуваме славењето на раѓањето по плот на нашиот Спасител.

Затоа Црквата, со својата длабока мудрост, денот веднаш по празникот на Христовото Раѓање го посветува Неговата Мајка. Овој празник, во богословската дисциплина хеортологија, и според истражувањата на црковната историја, се смета за најстариот празник посветен на Пресвета Богородица. Тоа сведочи за живото чувство на Црквата дека е неопходно не само да Го славиме родениот Христос, туку и да ѝ благодариме на онаа преку која спасението стана возможно.

Црквата ја славослови Пресветата затоа што таа беше најголемиот дар што човечкиот род можеше да Му го принесе на Бога. Како што пееме во химнографијата на празникот: „Небото ти ја принесе ѕвездата, ангелите – славословието, земјата – пештерата, а луѓето – Мајката и Дева.“ Преку неа, ние луѓето сме удостоени да учествуваме во тајната на обожението. Зашто Синот Божји, второто Лице на Светата Троица, единосуштен на Отецот и на Светиот Дух, исполнувајќи го Божествениот домострој, од неа ја зеде на себе човечката природа, давајќи ѝ ја возврат светоста Божествена. Така, преку Христа, и ние стануваме учесници во спасението и во обожението.

Христос нѐ спасува примајќи го нашето тело, нашата природа, и ја возвишува до престолот Божји. А од што нѐ спасува? Од смртта, која, како што знаеме, влезе во човечката природа преку Адама[1]. И немаше друг излез, немаше друго разрешение, освен Самиот Бог да слезе меѓу Своите деца, да стане еден од нас и да земе учество во нашата смрт, за да ја победи одвнатре. Затоа апостолот Павле, чувме пред малку, повикувајќи се на старозаветното пророштво, вели: Еве Ме Мене и децата Мои што Ми ги даде Бог. И продолжува: А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот[2].

Тие деца што Бог Му ги даде на Христос сме сите ние. Зашто сите сме создадени од Него, и преку Него Бог повторно нѐ враќа кон Себе, во вечноста. Иако во светот привремено настапи смртта, Христос го врати човештвото во вечниот живот. Затоа Црквата пее дека при Неговото воскресение Он ги разбуди „од векови заспаните мртовци“, и дека како што по Адама сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани[3].

Ете зошто, возљубени мои, Христос се роди на земјата – за да нѐ спаси, да нѐ изведе од времето и да нѐ воведе во вечноста. Оти, литургиски, уште овде на земјата, ние веќе живееме над времето. Кога се причестуваме со Него, како што велат светите отци, Евхаристијата ни е и попатнина и залог за вечниот живот.

И затоа денес, славејќи ја Пресветата Богородица, ние не ја одделуваме од Христа, туку преку неа уште подлабоко влегуваме во тајната на Неговото спасително присуство меѓу нас. Оној кој се соединува со Бога нема да умре. Зашто животот не е биолошка категорија, туку заедница со живиот Бог. Тоа го знаел уште цар Давид, човекот кој разговарал со Бога, кој ја напишал највозвишената духовна поезија – Псалмите, што и по три илјади години сè уште го трогнуваат човештвото. Пред околу илјада години пред Христа, цар Давид пророчки сведочел дека Бог нема да дозволи Светецот Негов да види распаѓање, велејќи: Нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту ќе дозволиш преподобниот Твој да види распаѓање[4].

Со овие зборови пророкот јасно го предвестил доаѓањето на Спасителот, и знаел, според откровение Божјо, дека ќе дојде Оној Кој ќе ја победи смртта. Затоа и самиот Давид, како и сите праведници на Стариот завет, во надеж чекал во адот до доаѓањето на Светецот Израилев, Кој нема да види распаѓање и Кој ќе ги привлече сите кон небесата[5]. Тој Избавител е Оној Кој смирено се роди во пештера, во Витлеем, за Кого немаше место во овој свет. И, за жал, гледаме дека многу нешта не се промениле ни денес. И денес, во 21. век, за Христос честопати нема место во светот. Сведоци сме колку светот се бори против Христа: колку власти, колку велможи, колку цели народи востанале против Него. Колку христијани и денес страдаат и се убиваат само затоа што веруваат во Него. А ако се вратиме наназад низ историјата, ќе видиме дека гоненијата никогаш не ни престанале.

И уште од самото Неговото Раѓање започнало гонението. Ирод сакал да Го убие Детето, мислејќи по земски, дека никој не смее да му го загрози престолот[6]. Истата логика на страв, власт и насилство дејствува и денес. За власт луѓето се мразат, се гонат, се уништуваат, се убиваат. Така било тогаш, така е и сега.

Но да не заборавиме: Христос е единствениот вистински пример и образ за тоа што значи да се биде човек. Затоа апостол Павле, говорејќи за Него, ги поучува христијаните да не живеат веќе според „стариот човек“, кој се распаѓа во лажни похоти, туку да дозволат Христос да живее во нив, велејќи за себе: Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене[7]. Ако Адам беше првиот човек, создаден со слободна волја, и ја злоупотреби таа слобода преку непослушание, тогаш Христос е Новиот Адам[8]. Тој е примерот за нас. Тој е Оној Кој сака да живее во нас. А ние сме повикани тоа слободно да го прифатиме, да Му дозволиме да живее во нас. И тогаш, и само тогаш, ќе станеме победители над злото и над смртта, кои и денес се сеат во светот преку оние што не се со Христа.

Гледаме во што се претвора човекот кога не е со Него. Ирод безбожниот е страшен пример: заради власт, тој не се крена против војска, ниту против возрасни луѓе, туку се дрзна да убие и новороденчиња, откако точно го дозна времето на раѓањето од мудреците[9]. Мислел дека така ќе го уништи новородениот Цар.

Но Бог секогаш го има последниот збор. И тоа е нашата најголема утеха. Така било, така е и така ќе биде до крајот на светот, според Неговото ветување. Христос повторно ќе дојде да им суди на живите и на мртвите и Неговото царство не ќе има крај.

Затоа, возљубени мои, да Му пристапиме, да бидеме ние оние што ќе Му дадат место во срцето свое. Оти Христос, од сѐ најмногу го возљуби човечкото срце и го сака како Свое живеалиште. Нека нашиот Бог секогаш пребива во нашето срце, и на тој начин, преку љубовта, да ја придобиеме вечноста. Амин!

Христос се роди!


[1] сп. Римјаните 5, 12.

[2] Евр. 2, 13-14; сп. Иса. 8, 18.

[3] 1 Кор. 15, 22.

[4] Пс. 15, 10.

[5] сп. Дела 2, 25-31

[6] сп. Матеј 2, 16.

[7] Гал. 2, 20; сп. Ефес. 4, 22-24.

[8] сп. 1 Кор. 15, 45.

[9] сп. Матеј 2, 16-18.