Мили мои, најнапред ви благодарам што на овој ден, кога слави великиот Христов архијереј, Светиот отец наш Партениј епископ Лампсакиски Чудотворец, чиешто име недостојно го носам скоро 26 години, направивте жртва да дојдете овде, за заедно да ја споделиме радоста од неговиот спомен.
Навистина голем е пред Господа овој пастир на Христовото словесно стадо, кој со севкупниот свој живот на дело ги исполнил и овистинил евангелските зборови што ги прочитавме пред малку во Евангелието според Свети Јован Богослов, имено тоа дека добриот пастир си ја полага својата душа за овците. Подвизувајќи се неуморно во врховната христијанска добродетел – самопожртвуваната љубов за другите, тој се осветил, се обожил, станал Христов светија. Го достигнал тоа совршенство, бидејќи засекогаш влегол низ вратата, која е Христос. Во истото тоа Евангелие Христос за Себе вели: Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде… Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие. Јас сум добриот Пастир. Ниедна човечка душа не може да се спаси, освети и обожи, освен преку Христос. Затоа Он вели: Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници… (Јован 10, 8-14) Многумина низ историјата се претставувале како спасители, мудреци, учители, нудејќи некакви решенија за егзистенцијалните проблеми, но ниеден од нив не можел да го избави човекот од најголемиот проблем – смртта. Единствено Христос ја отвори вратата кон вечниот живот. Затоа Тој е вратата преку која влегуваме и излегуваме, се спасуваме и се осветуваме.
Црквата Божја во сите епохи се наоѓала во гоненија, во крст и страдание. И Самиот наш Спасител го предвестил тоа со зборовите: Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи (Матеј 16,24). Значи нашиот живот, животот на Црквата како заедница на Христови ученици претставува крст. Но, секогаш тука е и добриот Пастир, Кој нѐ повикува со Својот благ и успокојувачки глас што дава живот и радост. Ние го познаваме Неговиот глас, знаеме колку е тој сладок и живоносен, па спремно и со љубов Го последуваме Него. Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене… И други овци имам… и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир (Јован 10,14-16). Подобно на Добриот Пастир и секој што е повикан да води во Црквата има огромна одговорност. Таквиот треба најмногу да се уподобува на Христа, та верните да можат преку него да го препознаваат гласот Божји. Ние кои сме избрани за пастири и духовници во Црквата тоа бреме особено многу го чувствуваме.
Меѓутоа, од друга страна, голема одговорност паѓа и на верниците, коишто треба да се одликуваат со послушание и смирение, да го препознаваат гласот на својот пастир и да го слушаат; да не го распнуваат со своето непослушание. Само тогаш ќе владее вистинска хармонија и сите ќе се уподобиме на нашиот Спасител. Ако оние коишто заземаат раководни места во Црквата треба да принесуваат љубовна крстовоскресна жртва за сите во неа, бидејќи имаат најголема одговорност, тогаш и верните се повикани на особено послушание, за да може да биде сѐ на своето место и сите да ја постигнеме целта – соединување со нашиот Спасител Господ Исус Христос.
А дека во Христа е спасението и обожението, тоа ни го потврдува и денешниот Светител. Свети Партениј живеел во четвртиот век. Гледајте, скоро илјада и седумстотини години луѓето се радуваат со неговото име и спомен. Кога го примав монашкиот потстриг, многу се радував дека во мојот живот, покрај ангелот од крштението и ангелот од монашењето, добив и толку прославен Светител-заштитник, затоа што моето световно име не беше според некој светител. Толку векови, значи, Светителот е присутен меѓу верните, им помага со благодатната сила што ја добива од Архипастирот Христос. Секогаш е тука за нас кога ни е потребна неговата помош, кога сме во жалости и во маки; го призиваме неговото име во молитвите, молејќи го да се застапи за нас пред Христа и тој ги слуша нашите молитви и Му ги принесува на Бога. Веќе илјада и седумстотини години светли неговиот свештен лик и не само неговиот, туку и на сите недобројни Светии, знајни и незнајни. Нели е тоа показател дека во Христа сите се живи? Затоа Христос е и наречен Земја или Татковина на вечно живите.
Затоа, мили мои, да ги оставиме земните грижи, многубројните страсти и сласти кои нѐ обземаат и кои се големо бреме за нашите души. Денешното гонење на Црква има некаков поинаков карактер, изразен преку своевидна информатичка војна. Денес луѓето се толку многу обременети од искушенија преку медиумите, интернетот, социјалните мрежи, што навистина се збунети и не го наоѓаат вистинскиот правец. Затоа, потребна е внимателност и расудливост, за човек да не биде прелажан од лажните самоповикани пастири и учители. Еден е нашиот вистински и врховен Пастир и Учител – Христос Бог, и Он нѐ повикува на послушание, а не на роптање против Црквата; на почит, а не на бунт против пастирите и духовниците во Црквата; на заедништво, а не на подривање на соборноста на Црквата. Денес за жал постојат секакви интернет страници, профили и групи кои никнуваат како печурки во дигиталниот свет и зад кои стојат неповикани луѓе, што самите себе ни се предлагаат како водачи и поучувачи, а не се ни во архијерејски, ни во свештенички чин. Знаете, во Црквата има правило дека не секој може да поучува. Право да поучува и беседи има архијерејот, потоа и свештеникот, а исто така и некој мирјанин – но само со благослов на владиката. Кога ваков е вековниот поредок во Црквата, како тогаш некои самоповикани се дрзнуваат да отворат страници и профили на интернет и да ги поматуваат мислите на верните со разноразни погрешни вести и селектирани статии, што им се ним по волја и со кои носат многумина во погрешен правец?! Гледате ли, мили мои, дека и денес искушенијата и борбите на еден Христијанин се исто така големи и тешки како низ сета христијанска историја? Всушност денес, можеби, како никогаш досега, Христијаните треба да бидат особено внимателни, селективни и расудливи, согласно препораката на Свети Јован Богослов: Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот (1. Јован. 4,1); и онака како што Христос нѐ поучува: По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? (Матеј 12,33) и на друго место: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35). Па така, ако гледате дека некој сака некого да распне и постојано покажува со прст кон другите, осудувајќи ги непрестајно, таквиот не е Христов. Ја нема лозинката, го нема знакот за препознавање, кој е љубовта.
Денес има такви кои дрско ги обвинуваат духовниците што често зборуваат и проповедаат за љубовта, па дури и иронично се изразуваат за нив. Но, токму тие коишто ја проповедаат и се трудат и на дело да ја живеат љубовта Божја, се оние што се уподобуваат на Својот Архипастир Христос, Кој во Своето Евангелие говори најмногу за љубовта. Потсетете се на Неговата парабола за крајот на светот, во која знакот за препознавање на вистинските Христијани се љубовта и добрите дела:
И едните и другите оделе во Црква. Сепак едните, иако ја гледале Неговата икона, го препознавале Неговиот лик на иконата, сепак, не ја виделе и во луѓето, создадени според Неговиот образ, па затоа не правеле ништо од она што Он го заповедал, т.е. не ги љубеле доволно своите ближни, не биле пожртвувани Христијани, не правеле дела на љубовта. Се разминале со Христа. Другите, пак, исто така го знаат Неговиот лик од иконите, но Го препознавале и во душите на своите ближни, па им правеле добри и милосрдни дела. И тие во своето смирение Го прашуваат: Господи, кога Те видовме? – зашто самите сметале дека ништо или многу малку направиле, иако сиот живот го поминале во пожртвуваност за другите. Ете такви Христијани сака Бог. Христијани кои ќе ги препознае не само по одењето в црква – што, се разбира, е многу важно и неопходно за стекнување на добродетелите и за соединување со Бога – ами и по љубовта и по добрите дела. Апостолот Павле го вели тоа: Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, штом љубов немам, ништо не ми користи (1. Кор. 13,2-3).
Ќе ви исповедам искрено, себеси се сметам за еден немарен пастир, кој во изминативе дваесет и шест години остави зад себе само грешки и гревови. Сите, пак, оние добри дела што се извршија во нашите манастири не ги сметам за наши, туку за плод на Божјата милост и благодат. Затоа најпонизно ве молам, на овој денешен свештен собор и на ова евхаристиско тајноводство, силно да се помолите за мене, како што и јас секогаш ве носам во моето срце и постојано Го молам Господа за вас, за никој од вас да не отпадне, туку сите до крај да чекорат по вистинскиот пат. Ве замолувам од срце да се помолите на мојот заштитник, Свети Партениј Лампсакиски, да ме чува до крајот на животот и да ми дава сили, за до крај да ги пребродам сите искушенија што животот и Божјата љубов ќе ги постават пред мене.
Сега чувствувам потреба да кажам нешто и за децата коишто овде се лекувале и се лекуваат од зависности, а кои за Илјадагодишнината ми ги подарија оваа панагија и овој крст. Тогаш, бидејќи не беа прикладно изработени, ги вративме да ги поправат и еве денес со голема љубов кон нив ги носам на мојот именден. На панагијата е претставена Пресвета Богородица „Неиспивна Чаша“, којашто е Заштитница на сите што паднале во различни пороци. Неа ја чувам и во својата ќелија и ја молам секогаш ниедно од тие деца да не се врати на лошиот пат, туку да им се радувам, да ги гледам како напредуваат, за да останеме сите заедно со Христа. Но, за да се случи тоа, мора прво овде сите да заедничариме, да бидеме заедно и да се сакаме докрај, да би се удостоиле еден ден да го гледаме прекрасното лице Божјо во Царството Негово.
Ви благодарам на сите за вашата прекрасна љубов!
Молитвите и благословот на Свети Партениј нека бидат со сите вас!