Спомен на Св. Партениј Лампсакиски
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Во денешното Евангелско четиво, прочитано на светата Литургија, ги слушнавме зборовите: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мт. 11, 28). Господ Исус Христос, откако наполнил, според Стариот завет, полнолетство на триесет години, излегува да го слови зборот Божји. Христос го поучувал народот постојано. Го поучувал додека одел од село во село, од град во град, сè со цел, Избраниот народ да го врати на вистинскиот пат и да биде спасен. Затоа, Христос, покрај проповедта, правел и безброј чуда. Лекувал најразлични болести, дури и мртви воскреснувал, сè со цел, да ги разубеди и да ги омекне срцата на Евреите. Да ги омекне, за да поверуваат дека Он е Синот Божји, испратен од Бог Отецот, да ги спаси од погибел и од вечни маки и страдања.
Но, откако ќе забележи дека книжниците, фарисеите и садукеите, не само што не пристапуваат кон Христа, туку и му пречат на народот да појде по Него, тогаш Он, ќе тргне на проповед и кај останатите народи. Кај народите кои биле презрени, и кои, Евреите, ги сметале за нечисти, бидејќи потекнуваат од семето на Хам. Тогаш Христос ги повикува: Дојдете сите вие што сте обременети со најразлични маки, понижувања, презирања, од најразлични побуди и причини, и Јас ќе ве утешам. Христос тука не мисли само да им ја намали болката и страдањето во овој свет и во овој живот, туку, напротив, ги повикува да појдат по Него, да го земат својот крст, да Го следат, да Го проповедаат и да живеат според Неговите начела. Христос, пак, ќе биде Оној Кој ќе им даде сила и моќ да ги пребродуваат сите искушенија и со Негова поткрепа, односно, со Духот Свет, Кој ќе им го испрати на светата Педесетница, ќе ги утврди и зацврсти и ќе можат сите препреки и искушенија, без болка, без страдање, како препородени, да ги поднесуваат и да вкусат предвреме од вкусот на царството Божјо.
Тоа се зборови кои Христос им ги ветил на тогашните Негови слушатели. Но, овие зборови се однесуваат и на нас. Потребно е и ние да се подготвиме и да се спремиме да Го следиме Христа. Да бидеме спремни да го земеме сопствениот крст и да го почувствуваме Христовиот јарем кој е благ. Јаремот Христов е благ и може да се носи. На ниту еден човек, од Бога, не му се дава ништо повеќе од она што самиот може да го носи, а преку него и да спечали вечен и блажен живот.
Денеска, прославувајќи го св. Партениј Лампсакиски, неговиот свет живот нека ни послужи да се угледаме на него во ревноста и во проповедањето на словото Божјо. По неговите молитви, Бог нека ја услиши нашата молитва, да можеме да одиме по патот што води кон Христа, со Христа и во Христа за вечен и блажен живот. Амин!