Слово на Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, изговорено на Светата Литургија во храмот „Света Софија“ во Охрид, по повод 1000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија

Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан

 

Во деновите по Спасовден, по Вознесението Христово – по празникот кој уште се нарекува „украс и полнота на сите празници“[1], зашто „ни покажа чудна глетка – го видовме нашето тело издигнато на царски престол“[2], па сè до Одданието, кога, во кондакот, се пее: „…си се вознел во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, останувајќи секогаш со нас“.[3] Овие зборови на химнографот се всушност потврдено прераскажување на Христовото ветување за апостолите: и, ете, Јас сум со вас преку сите дни, до свршетокот на светот[4]. И сето ова помага за да ја разбереме тајната и смислата на празникот Педесетница – роденденот на Црквата, во која Бог е постојано, во која Тој се среќава и општи со луѓето, каде што Тој е „присутен реално и забележливо“[5], како што, всушност, објаснува и светиот Герман, патријархот Константинополски: „Црквата е земно небо, каде што живее и се движи небесниот Бог“.[6]  

Црквата, која во Бога постои од века, на денот Педесетница е основана во светот за да опстојува довека. Имено, непосредно пред Своето страдание, воскресение и вознесение, Господ Христос `ветил дека од Отецот ќе ни биде пратен Утешителот`[7], ветувајќи ни дека, доколку живееме во Духот и Го прославуваме нашиот Отец небесен, Тој `нема да нè остави сираци, туку ќе дојде при нас`[8], и ќе пребива со нас во сите дни до крајот на векот[9].

И ете, токму на денот на старозаветната Педесетница, кога сите апостоли беа заедно, на исто место[10] започна новиот сојуз, преку Христа, меѓу Бога и човечкиот род. Се основа Црквата, тој непресушен извор на жива вода, кој му бива даден дарум на светот од страна на Троичниот Бог.

Значи, Црквата не е човечка организација и институција, туку е богочовечки организам и богочовечко тело Христово. Глава на Црквата е Господ Исус Христос, `Кој направи еден нов човек, воспоставувајќи мир, и во едно тело нѐ помири со Бога`[11]. Секој друг обид за разбирање на Црквата се покажува како неуспешен и несоодветен. Кога така ја гледаме Црквата и, пред сè, кога на тој начин живееме во Црквата, ние стекнуваме поинаков поглед од оној што се формира од едноставното набљудување на нејзините надворешни пројави.

Сето ова не е обична симболика, туку вистина која произлегува од Христовото вочовечување, со кое неразделно, неслиено и за вечност се соединети Бог и човекот. Тоа единство лежи во основата на Црквата, како Христово тело, чија глава е Богочовекот, а сите ние сме делови на Неговото тело, од Неговото тело и коските Негови[12]. Затоа структурата на Црквата не е производ на човечки планови и проекти, туку природно произлегува од светата тајна на единството – Божествената Литургија.

Причестувајќи се со Христа, ние се соединуваме со Него, а преку Него и во Него сме во меѓусебно единство. Светата причест нѐ прави достојни заедничари во Царството небесно, објаснува свети Климент Охридски[13]. И токму тоа е во природата на зборот „црква“, на грчки еклисија, што доаѓа од глаголот еккалео, што значи – повикувам. „Христијанската Црква е собрание на тие што се повикани од Христа, кои веруваат во Него и живеат со Него“, како вели Архиепископот Иларион Алфеев [14]. –  „Таа е Царство во коешто Тој ги воведува тие коишто ги избра за Свои деца и оние кои Го избраа Него за свој Спасител“.[15]

Така, Црквата е една и единствена, како што и самиот Христос е еден, и единствен и неделив. За Црквата важи истото што важи и за телото Христово на Литургијата, а тоа најдобро е изразено во литургиските зборови: се разделува Агнецот Божји, кој се разделува и не се поделува, кој постојано е јаден и не се потрошува[16]. Значи, Црквата е и останува една и единствена – едното и единствено тело Христово, и покрај постоењето на различните помесни јуриздикции.

Единството не се однесува само на видливата, туку и на невидливата Црква, поделба која во суштина е условна, оти црковната единственост и вистинитост се апсолутно безусловни, зашто сите членови на Црквата подеднакво го  сочинуваат телото Христово, соединети во едната Црква – во едната Божја благодат, која „се пројавува и исполнува во времето, без да го измени своето суштествено единство и својот внатрешен, благодатен живот“, како истакнува Хомјаков [17].

Одличен показател за Црковното сеединство ни е иконата/фреската на денешниов празник. На неа се претставени дванаесетте апостоли кои распоредени едни до други, во идеално линиска хармонија, на прекрасен начин ни го изразуваат единството на Црквата при мноштвото на нејзините членови. Така, гледајќи ја иконата на Педесетница, недвојбено увидуваме дека не постои просторно-временска разделба меѓу членовите на Црквата од вчера, денес и утре.

Ваквата структура на Црквата е конечно оформена токму на Педесетница, со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, зашто од овој голем ден меѓу нас „не само преку дејство, како некогаш… туку суштествено присуствува… сопребива и соживее Духот“, објаснува свети Григириј Богослов[18]. Сите ние, низ вековите, учествуваме во тоа нераскинливо единство преку светотаинскиот и подвижнички живот. Нашето единство лежи на непоколебливата и цврста вера, што ја изразил светиот апостол Петар во името на апостолите и на сиот човечки род, исповедајќи Го Христа за Син Божји[19]. Христовиот одговор кон него, покажува дека верата е камен-темелник на Црквата, и на тој камен – вели Христос – ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат[20]. Каменот на чистата и безрезервна вера во Бога е темел на нашето единство во Христовото тело – во Црквата. Затоа, целиот наш црковен живот би бил бесмислен без таа и таква вера.

  Вистинитоста пак на верата треба да е пројавена и потврдена преку дарот на љубовта. Имено, љубовта, како насушна карактеристика на секој член на Црквата, е она преку која се извршува личното усовршување на човекот, но и преку која се остварува предвечната Божја волја за човекот и светот, преку она: `сите да бидеме едно`[21]

Карактерните различности помеѓу луѓето, како и културните различности помеѓу народите не само што не се пречка на патот кон единството, туку се Божји дар за негово постигнување. Бог на сите ни дава различни дарови, но во таа разновидност ние го градиме единството, втемелени на верата и љубовта, како делови од богочовечкото тело Христово, кое со Него е составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, нараснува за да се изградува во љубов,како тоа го објаснил св. ап. Павле[22].

Токму од потребата за остварување на ова единство, постои административната поделеност на Црквата во  помесни Цркви. Тие не се организации, независни една од друга, туку тоа е начинот на кој живее едното и неделиво тело Христово. Затоа треба да гледаме на суштината која нè соединува, а не на јурисдикциските формалности кои самите ги претвораме во причини за поделби.

Охридската архиепископија е една од древните помесни Цркви, чие 1000- годишно постоење немало и нема друга цел, освен единството на човекот со Бога. Токму поради тоа таа е и обновена во лицето на Македонската православна црква. Нејзиното постоење не само што не претставува закана за постоењето на другите помесни Цркви, туку служи за усовршување на светиите и за изградување на Христовото тело[23]. Таа тоа го покажала со своето пастирско дејствување помеѓу поверениот ѝ народ, но и преку активното учество во борбите за зачувување на чистотата на православната вера. Не се сведувало постоењето на Охридската архиепископија, како што ни денес не постои во лицето на Македонската православна црква, едноставно за да биде нечија, да припаѓа, а со припаѓањето на едни – да им биде одземена на други. Постои за да биде дел од едната, света, соборна и апостолска Црква, за верниот народ да го приведе кон тивкото пристаниште – кон Христа. Зашто, преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени… Вие сте телото Христово, а поодделно – членови, како што им пишува св. ап. Павле на Коринтјаните.[24]

Имајќи го ова предвид, согледуваме колку е бесмислено и опасно да ја гледаме Црквата од кој било друг аспект. Следејќи го примерот на нашите претходници од илјадалетното постоење на Охридската архиепископија, должни сме да даваме практично сведоштво на Христовата љубов, соединети во една вера и со една цел: духовна преродба на човекот, за да можеме со една уста и едно срце да Го славиме пречесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух[25]. Единството во Црквата ја чува нејзината вистина и ја потврдува нејзината спасоносна мисија. – Овој празник е можност да подразмислиме и духовно да празнуваме…, духовно да празнуваме – како празникољупци, советува нашиот свети Климент Охридски[26], основоположникот на Охридската архиепископија.

Нека ни е честит – на нашиот верен народ, свештенослужителите и монаштвото, и овде во Татковината и по сиот свет, овој милениумски јубилеј! Ова е пригода во која со воодушевување и исполнетост треба да се возвеселиме – зашто одбележуваме 1000 години сопствена духовна историја. Ретко кој народ може да се пофали со вакво богатство – со богатство за вечноста, кое ни молец го јаде, ни рѓа го нагризува[27].Тоа се нашето славно минато и делата за кои треба да Му благодариме на Бога, на кои треба да бидеме горди, и како народ и како Црква.

Нека ни е вечна Црквата Охридска и Македонска. Амин.


 

[1] Митрополит Јеротеј Влахос, Господовите празници“, Скопје 2011, 228.

[2] Исто.

[3] Цветен Триод, Скопје 2009, 384.

[4] Мт. 28, 20.

[5] Архиепископ Иларион (Алфеев), Тајната на верата, Скопје 2009, 121.

[6] Исто.

[7] Сп. Јн 14, 16.

[8] Сп. Јн 14, 18.

[9] Мт 28, 20.

[10] Дела 2, 1.

[11] Сп. Еф. 2, 14 – 16.

[12] Еф. 5, 30.

[13] Поука за Педесетница (II верзија), во Слова, поуки, житија, 309.

[14] Тајната на верата, 120.

[15] Исто, 119.

[16] Дел од Литургијата, непосредно пред причестувањето.

[17] Хомяков, Алексай, Церковь одна, стр. 1.

[18] Григорий Богослов, свет, „Слово 41-е: На святую Пятидесятницу“// Творения: В 2 т. Т 1. СПб., 1912, с. 578.

[19] Мт 16, 16.

[20] Мт. 16, 18.

[21] Јн 12, 21.

[22] Еф. 4, 16.

[23] Исто.

[24] 1. Кор. 12, 13 и 27.

[25] Завршеток на евхаристискиот канон на Литургијата.

[26] Слово за Педесетница (II верзија), 308.

[27] Сп. Мт. 6, 19-20.