Благодарности од духовни чеда

Благодарствени слова и посвети од духовни чеда на Старецот Епископ Антаниски г. Партениј, по повод неговиот именден, на споменот на Свети Партениј Лампсакиски 2025 лето Господово


Возљубен наш татко, Владико на срцата наши,

Кога за првпат дојдовме тука ние бевме едно мало тричлено семејство. Јас, мојот сопруг и мојот син.

Ние со Вас, татко, добивме големо Христово семејство.

А, денес по Вашите молитви во очите на сите овие луѓе ние гледаме наш брат, наша сестра, а секое дете го засакавме како наше дете.

Чувствувате ли како нашите срца чукаат како едно?

Ова тука е само мал дел од Вашето големо семејство. Семејство кое Вие духовно го родивте и да, ние сме Вашите чеда во Христа за кои се борите да ги извадите на вистинскиот пат.

Ние сме децата кои покрај вас научија дека има нешто повозвишено од тоа да бидеш добар човек. Децата, чиј кормилар сте на духовниот брод сте Вие, во кој патуваме сите заедно. Но Вие, татко,  не само што се трудите бродот во кој патуваме да не потоне, ами се трудите патниците во бродот да не почувствуваат никаков немир, иако опасности демнат од сите страни. Ние сме децата кои иако неумешно, сепак се трудиме кога ќе не сретнат да речат: Да, наликуваат на нивниот Татко…

Ние сите, толку различни стануваме едно кога сме покрај Вас. Сите светиме со различна светлина.

Понекогаш за час некој од нас ќе се најде во темнина, но Вашата светлина не дозволува никој од нас што стоиме покрај Вас да  изгасне.

Денес сите ние ги донесовме нашите скромни дарови. Но, всушност најголемиот дар за сите нас сте Вие.

Оваа енклопија со Светиот Нектариј Егински секогаш нека Ве потсетува на ова Ваше семејство, на Вашите духовни чеда, чии срца по Вашите молитви чукаат како едно.

Вие сте наша радост. Вие сте зрак светлина која Бог ни ја испратил, за да се утешиме во овој многустрадален свет.

Ние, многубројните Ваши чеда денес на денот кога се слави Вашиот закрилник Св. Партениј Лампсакиски, Ви се поклонуваме, Ви благодариме и за големото ангелско семејство од монаси и монахињи кое ни го подаривте и се молиме за Вас, татко наш.

Свети Партениј Лампсакиски да Ве укрепува да се борите за сите нас, зашто ни требате.

На многаја лета!

Од Никола, Билјана и Иван Андоновски од Битола


Возљубен Старецу и татко наш,

Почитувани присутни браќа и сестри во Христа,

Ни причинува особена чест и задоволство, што и  вечерва сме присутни на оваа празнична вечер, славејќи споменот на Светиот Партениј Лампсакиски и воедно именденот на нашиот најсакан Старец.

Благодарни сме на Бога, што благоволи да сме дел од Вашето стадо, да Ве имаме Вас како застапник, заштитник, проповедник и достоен и верен исполнител на Божјите заповеди и преданија. Голем благослов е да бидеме сведоци на едно време, во кое нештата се преобразуваат секојдневно во вистински православен дух, бидејќи Вие, Старецу наш, со голема љубов и жртва, се вложувате несебично за секго од нас, исцрпно стремејќи се да живееме со Христа, преку Вашиот сопствен пример, гледајќи го Христос во Вас. Зашто како што рече Светиот Апостол Павле: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“.

Многубројни луѓе кај Вас го најдоа своето прибежиште, го најдоа своето тивко пристаниште на своите напатени души, измачувани од секакви страсти и искушенија. Во постојана молитва и подвижничка борба, исполнета со љубов и копнеж по Бога, како и себепредавање за ближниот, го прегрнувате секого од нас татковски, и ставајќи мелем на секоја отворена рана – сето тоа е само мал дел од причините што сме собрани вечерва во толку голем број.

Нека нашиот Спасител Господ Исус Христос, Пречистата Владичица наша Богородица, Светиот и славен Претеча и Крстител Јован, Ве укрепуваат и запазуваат од секакви непријателски напади, та така закрилени, цврсто да стоите пред нас со знамето на победат, т. е. Љубовта.

На многаја и благаја лета, Старецу наш! Секогаш имајте нѐ во Вашите Свети молитви и водете нѐ усрдно кон Бога!

Од духовните чеда од Охрид


Почитуван наш татко!!!
Требаше да Ви напишам текст, ама не стигнав…
Простете ми …ќе зборувам во мое лично име, но знам дека во моите зборови ќе се пронајдат многумина од нас. Не Ве знам многу долго време….Ве знам само пет години….и Ве запознав кога мојот свет беше срушен, бев очајна….но Вие не примивте со прегратка,љубов и топол збор.
Ви благодарам за секоја Ваша добрина
Ви благодарам што ме направивте подобра личност….
подобра мајка, сопруга, подобра ќерка на моите родители
Ви благодарам за се
И…не ги зборувам ова така…едноставно сакав секој да ги слушне овие зборови, затоа што ако не Ве запознаев можеби немаше да го имам ова мислење за нас и да ми значите олку…
Ви благодарам за секоја ваша топла прегратка, за секоја Ваша молитва и верувајте на секој од нас му значите многу повеќе отколку што може да опишеме со зборови.
Ви благодарам што се молите за нашите деца, за наше здравје, што се радувате на секоја наша радост и тагувате не секоја наша тага…
Во моево скромно мајчино срце Вие секогаш ќе имате посебно место.
Ви благодарам што нашиот град го направивте поубаво место за живеење и ниеден млад човек да не посака да замине од него.
Еден мал скромен поклон од вашите Кичевчани, кои Ве сакаат со целото свое срце.
Да сте ни здрав и жив уште долги години
Ве сакаме
Нела, Кичево


Нашиот Старец


Светлината 
на душата Ваша,
сончев зрак за срцата наши.

Топлината Ваша,
ги грее 
душите наши.

Сочувствителниот 
татковски поглед,
ги растерува грижите наши.

Утехата од Вас, 
мелем 
за душите наши.

Благословот Ваш, 
скапоцен бисер
во срцата наши.

Љубовта Ваша,
непресушен извор, 
за жедта по љубов наша.

Солзите Ваши,
чистилиште
на гревовноста наша.

Милосрдието Ваше,
патоказ 
за делата наши.

Поуките Ваши,
чисти слова
во заматените умови наши.

Мудроста Ваша,
просветление
за духовното слепило наше.

Пожртвуваноста Ваша,
коректив 
на совеста наша.

Сострадалноста Ваша,
пример за сострадание 
кон ближните наши.

Простувањето Ваше,
запалено кандило 
во темнината на злопамтилото наше.

Молитвите Ваши,
изворска вода во пустина,
насушна потреба,
благоухание за душите наши.

Нашиот Старец,
нашата ѕвезда водилка кон Бога, 
има именден секој ден, 
бидејќи името му е Љубов!

Поема од Силвана Жежова од Скопје