Божиќно послание на Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј

+Вартоломеј
по милоста Божја Архиепископ Константинополски,
на Новиот Рим и Вселенски Патријарх,
до сета полнота на Црквата
благодат, милост и мир
од родениот во Витлеем Спасител Христос

 

Свештени и богољубиви браќа, возљубени чеда во Господа,

Го славиме сесветиот и штедар Бог, зашто се удостоивме и годинава да стигнеме до сепразненствениот ден на Рождеството, празникот на воплотувањето на предвечниот Син и Слово Божјо „заради нас луѓето и заради нашето спасение“. Поради „вечното таинство“ и „големото чудо“ на Божјото воплотување, „многу ранетиот“ човек, кој седеше во темнина и сенка смртна, станува „син на светлината и син на денот“[1] и за него се отвора благословениот пат на обожувањето по благодат. Во богочовечкото таинство на Црквата и преку нејзините свети тајни, Христос се раѓа и се образува во нашата душа и во нашето постоење. „Божјото Слово,“ богослови светиот Максим Исповедник, „откако еднаш се роди по тело, Он сака вечно да се раѓа духовно за оние што Го сакаат; Он станува младенец, образувајќи се Самиот преку добродетелите нивни и е видлив онолку, колку што може да носи оној што Го прима“[2]. Он не е „Бог Идеја“, како богот на философите, ниту Бог затворен во бесконечната превосходност и неприкосновеност, туку е „Емануил“, „Со нас е Бог“[3], се наоѓа поблизу до нас отколку што ние самите сме до себе си, Он ни е „поближен нам отколку ние самите на себе“[4].

Верата во недостижното и бестелесно Божество не го преобразува животот на човекот, не ја подига поларизацијата помеѓу материјата и духот, не ја премостува бездната помеѓу небото и земјата. Воплотувањето на Бога Словото е објавување на вистината за Бога и човекот, која го спасува човечкиот род од мрачните лавиринти, колку на материјализмот и хуманизмот, толку  и на идеализмот и дуализмот. Осудата на несторијанството и на монофизитството од страна на Црквата го означува отфрлањето на двете најопшти тенденции на човечката душа: од една страна апсолутизирањето на човекоцентричноста, а од друга страна идеализирањето на сфаќањето за идеален живот и вистина – девијации што се особено раширени во нашево време.

Современиот „несторијанизам“ се изразува како дух на секуларизацијата, како обожување на науката и апсолутно давање предност на применетото знаење, како апсолутна автономија на економијата, како „самоспасителна“ арогантност и безбожност, како антицивилизација на индивидуалноста и хедонизмот, како легализам и морализам, како „крај на пристојноста“ и поистоветување на пожртвуваната љубов и покајание со таканаречената „етика на послабите“. „Монофизитството,“ пак, денес е претставено од тенденциите за демонизирање на телото и на природниот човек, од пуританизмот и синдромите на „чистотата“, од интровертната бесплодна духовност и разновидните мистицизми, од пренебрегнувањето на правото слово, уметноста и цивилизацијата, од негирањето на дијалогот и отфрлањето на различниот, со опасното изразување – во името на „едната и единствена вистина“ – на религискиот фундаментализам кој се храни од идеализирање и од отфрлање, а ги храни насилството и поделбите. Јасно е дека, колку несторијанското обожување на светот, толку и монофизитското демонизирање на истиот, го оставаат светот и историјата, културата и цивилизациите, изложени на силите од „овој век“ и со тоа ги бетонираат на разни начини нивната автономност и безизлез.

Христијанската вера е уверување во спасението на човекот од страна на Бога на љубовта, Кој од човекољубие ја прими нашата природа и повторно ни го дарува изгубеното поради падот „по подобие“, давајќи ни можност да живееме живот во вистината, во Неговото Тело – Црквата. Целокупниот живот на Црквата го изразува таинството на богочовештвото. Богочовекот Спасител го зеде „телото на Црквата“[5] и го покажа, „прв и единствен“, „вистинскиот човек, Кој е совршен и по карактер и по живеење и по сè останато“[6]. Црквата Христова е местото на „општото спасение“, на „општата слобода“ и на надежта на „општото царство“, таа е начин на живеење на ослободителната вистина, чие јадро е вистинољубивата љубов. Оваа љубов ги надминува границите на простата човечка активност, зашто нејзиниот извор и образец е Божјото човекољубие што ги надминува човечките зборови. „Во ова се објави љубовта на Бога во нас, зашто Бог Го испрати Својот Единороден Син во светот за преку Него да живееме. Во ова се покажува љубовта, зашто не ние Го возљубивме Бога, туку Он нè возљуби нас […] Возљубени, ако Бог толку нè возљуби нас, и ние сме должни да се љубиме еден со друг“[7]. Каде што има љубов, таму е присутен и Бог.

Оваа спасителна вистина треба да се изразува и преку начинот на кој го празнуваме чесното Рождество на Спасителот наш, што нè посети од висините. Празникот е секогаш „исполнување на времето“, време за самоспознавање, благодарност за величието на Божјата човекољубива љубов, сведоштво на вистината во богочовештвото и слободата во Христа. Христоподобното празнување на воплотувањето на Бога Словото е еден чин на спротивставување на секуларизацијата, на профанизацијата на празникот и неговото претворање во „Божиќ без Бога“ и во панаѓур на имотноста, на потрошувачкото општество и суетата, и тоа во еден свет полн со општествени напрегања, сериозна изопаченост и смут, насилство и неправда, каде „Детето Исус“ повторно се наоѓа соочено со непомирливите интереси на многуразличните сили.

Сечесни браќа и возљубени чеда,

Генерација си оди и генерација доаѓа, а претстојниот развиток на настаните е тешко предвидлив за човекот. Но, вистинската вера нема дилеми. Словото стана плот, „вистината дојде“ и „сенката помина“, а ние веќе учествуваме во Царството, по патот кон совршувањето на делото на воплотениот Божји Домострој. Имаме непоколебливо уверување дека иднината Му припаѓа на Христа, Кој е „вчера и денес, истиот и во веки“[8], зашто Христовата Црква е и ќе остане да биде место на осветување и живот по Бога, обновување на човекот и светот, предвкус на славата на Царството, ќе продолжи „да го дава евангелското сведоштво“ и „на вселената да ѝ ги раздава Божјите дарови: Неговата љубов, мирот, правдата, ослободувањето, силата на Воскресението и очекувањето на вечноста“[9]. Современата теорија за „постхристијанско“ доба не е издржана. „После Христа“ сите се и остануваат во веки „во Христа“.

Преклонувајќи ги благочестиво колената пред Богомладенецот во Витлеем и Неговата Пресвета Мајка, и поклонувајќи се пред воплотениот „сесовршен Бог“, од неизгасливиот Фанар испраќаме патријаршиски благослов на сите чеда на Светата Христова Велика Црква низ вселената, пожелувајќи здрава, многуплодна и радосна нова година на Божјата милост.

Рождество 2018
+Константинополскиот
огнен молитвеник пред Бога за сите вас

[1] 1Сол. 5, 5.

[2] Максим Исповедник, Поглавја различни, богословски и домостроителни, PG 90, 1181.

[3] сп. Мт. 1, 23.

[4] Никола Кавасила, За животот во Христа 6, PG 150, 660.

[5] Јован Златоуст, Беседа пред прогонството, PG 52, 429.

[6] Никола Кавасила, За животот во Христа 6, PG 150, 680.

[7] 1Јн. 4, 9-11.

[8] Евр. 13, 8.

[9] Окружно на Светиот и Велик Собор на Православната Црква (Крит, 2016), Предначало.