Патријаршиско послание за Божик 2021

Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј /фото Никос Папахристу/

† В А Р Т О Л О М Е Ј

по милоста Божја Архиепископ Константинополски – Нов Рим
и Вселенски Патријарх
до сета полнота на Црквата
благодат, милост и мир
од родениот во Витлеем Спасител Христос

 

Браќа сослужители и благословени чеда,

Откако повторно стасавме до сесветлиот празник на Рождеството по плот на Оној што нѐ посети од висините, Спасителот Христос, со псалми и химни го славиме Неговото наднебесно име. Вочовечувањето на предвечното Слово Божјо е „заглавие на нашето спасение“, надсловесното „вечно таинство“ на богочовечкото општење. Бог, како што на превосходен начин вели светиот Максим Исповедник, „како човекољубив од човечката суштина навистина човек постана, а начиниот на кој постана човек останува засекогаш неоткриен; зашто надчовечки постана човек“[1].

Божественото воплотување, заедно со објавувањето на вистината за Бога, ја открива и вистината и конечното одредиште на човекот – обожувањето по благодат. Свети Никола Кавасила објавува најбогословски дека Христос „прв и единствен го покажа вистинскиот и совршен човек“[2]. Оттогаш, оној што Го чествува Бога е должен да го почитува и човекот, а кој го потценува човекот, тој нечествува спрема Бога, Кој ја зеде нашата природа. Во Христа, словото на богословието за Бога е истовремено и слово за човекот. Воплотената Божја икономија конечно ја отстранува сликата за Бога како владетел, казнувач и соперник на човекот. Христос насекаде, секогаш и во сѐ го отфрла отфрлањето на човекот и Самиот е заштитник на неговата слобода. Животот на Црквата, како плотта Која ја зеде вочовечениот Син и Слово Божјо[3], го претставува, го изразува и му служи на ова сеспасително таинство на богочовештвото.

Со знамето на „новата твар“ на човекот во Христа и со обновувањето на севкупната твар, Црквата и денес го дава доброто сведоштво наспроти секој развиток, кој ѝ се заканува на свештеноста на човековиот лик и на целосноста на созданието, живеејќи и проповедајќи ја вистината на автентичниот духовен живот и културата на љубовта и солидарноста. Сведочејќи „за нашата надеж“[4], на никој начин не ја смета современата цивилизација како нова Ниневија што живее во грев, повикувајќи ја, како Јона, Божјата одмазда врз неа и барајќи го нејзиното уништување, но се бори за нејзино преображение во Христа. Во нашата епоха е потребна пастирска мечта, дијалог наместо докажување, учество наместо воздржување, конкретна пракса наместо нереална теорија, креативна приемчивост наместо севкупно отфрлање. Сето ова не функционира на сметка на духовноста и на богослужбениот живот, туку го покажува нераскинливото единство на таканаречениот „исправен“ и „водорамен“ размер на присуството и сведоштвото на Црквата. Верност на преданието на Црквата не е заробеноста во минатото, туку соодветното искористување на искуството од минатото во сегашноста.

Во текот на изминатава година, пандемијата на коронавирусот Ковид-19 го изнамачи човештвото. Го славиме Бога на милоста, кој ги укрепи научниците за развој на делотворни вакцини и други лекови за соочување со кризата и ги повикуваме сите верници кои уште не се вакцинирани да се вакцинираат, а сите ги повикуваме да ги следат мерките за заштита, препорачани од здравствените власти. Науката, доколку функционира во служба на човекот, е драгоцен дар Божји. Должни сме со благодарност да го примаме дарот и да не дозволиме да бидеме заблудени од неодговорните гласови на незналците и на самопрогласените претставници Божји и „духовни советници“ на вистинската вера, кои за жал се самопобиваат, бидејќи имаат недостиг од љубов кон братот, чиј живот го изложуваат на голема опасност.

Сечесни браќа и возљубени чеда,

Со непоклатна вера дека животот на секого од нас, како и целиот тек на човештвото е управуван од Бог на мудроста и љубовта, очекуваме среќна 2022 година, која, независно од надворешните услови и развој, за сите нас ќе биде година спасителна, бидејќи и нејзиниот тек на работите ќе го управува Христос, Кој со се управува човекољубиво, „Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познание на вистината“[5].

Со Господ напред, во текот на Светата и велика седмица од следнава година, во нашиот сечесен Центар ќе биде извршено осветување на свето Миро. Сметаме дека претставува неповторлив дар Божји кон Нашето смирение, што ќе бидеме удостоени да претстоиме на овој торжествен и умилителен чин по четврт пат за време на нашето скромно патријархување. Слава на Бога за сѐ!

Со овие чувства, поклонувајќи Му се благочестиво на роденото во Витлеем дете Исус, ја завртуваме нашата помисла кон нашите браќа Христијани што се таму и се молиме за мирен и согласен соживот на сите што живеат во Светата Земја.

Така, ви посакуваме на сите вас, одблизу и оддалеку, благословено свето Дванаесетдневие, во здравје, доброплодие во добри дела и полна со Божествени дарови нова година на Божјата добрина, Чија слава и власт е во бесконечните векови. Амин.

Божик 2021

† Константинополскиот, огнен кон Бога молитвеник за сите вас


[1] Максим Исповедник, Различни богословски и домостројни поглавја за добродетелта и лошотијата, стотка прва, 12, PG 90, 1184.

[2] Никола Кавасила, За животот во Христа, PG 150, 680-81.

[3] Сп. Јован Златоуст, Беседа пред прогонството, PG 52, 429.

[4] Сп. 1 Петр. 3,15.

[5] 1 Тим. 2,4.