Порака на Вселенскиот Патријарх за почетокот на црковната Нова Година и за Денот за заштита на природната околина

† В А Р Т О Л О М Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА АРХИЕПИСКОП КОНСТАНТИНОПОЛСКИ

НОВ РИМ И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ

ОД ТВОРЕЦОТ НА СЕТА ТВАР

ГОСПОДА И БОГА И СПАСИТЕЛОТ НАШ ИСУС ХРИСТОС

* * *

Сечесни браќа јерарси и возљубени чеда во Господа,

По благоволението на Началникот и Совршителот на нашата вера, денес влегуваме во новата црковна година и го прославуваме во псалми и химни, за триесет и петти пат, Денот на заштитата на природната средина.

Се радуваме поради одекнувањето на еколошките иницијативи на Вселенската Патријаршија не само во христијанскиот свет, туку и помеѓу други вери, помеѓу парламенти и политичари, во просторот на граѓанското општество, науката, еколошките движења и младината. Во секој случај, со еколошката криза како сесветски проблем, можеме да се соочиме само преку сесветска осетливост и придвижување.

Исто така, го изразуваме и нашето задоволство што конечно беше сфатена непосредната врска на еколошките со општествените проблеми и особено фактот дека уништувањето на природната средина, пред сѐ, ги засега сиромашните на Земјата. Спојувањето на еколошките и опшествените дејствија претставува надеж за иднината, бидејќи само во таков случај постои одржлив развој и напредок, кога истовремено се грижиме за целовитоста на созданието и за заштитата на достоинството и правата на човекот.

Карактеристично е тоа што денес се потенцира неопходноста од едно „еколошко проширување“ на човековите права. Впрочем, станува збор за „четврта генерација“ права – заедно со индивидуалните и политичките, општествените и цивилизациските и правата на солидарност – која се однесува на обезбедување на нивните еколошки предуслови. Борбата за човековите права не може да го игнорира фактот дека тие се загрозени од климатската промена, од недостигот на питка вода, плодна почва и чист воздух, и поопшто од „еколошкото потценување“. Последиците од еколошката криза треба да бидат пресретнати, пред сѐ, на степенот на човековите права. Само по себе е јасно дека тие, во сите свои гледишта и становишта, претставуваат неделиво единство и дека нивната заштита е неразделна.

Во овој контекст припаѓа и соочувањето со опасностите предизвикани од нападот од Русија на Украина, а кои се поврзани со страшни еколошки катастрофи. Секое воено дејствие е и војна против тварта, тоа е една најсериозна закана против природната средина. Загадувањето на воздухот, водите и почвата преку бомбардирањето, опасноста од јадрен холокауст, ослободувањето на опасно зрачење од јадрените централи за производство на електрична енергија, канцерогената прашина од бомбардираните згради, уништувањето на шумите и претворањето на плодната земјоделска почва во неупотреблива – сето ова сведочи дека народот и екосистемот на Украина претрпеа и продолжуваат да трпат непресметлив губиток. Повторуваме со најсилен глас: Веднаш да запре војната и да започне искрениот дијалог.

Пред сите овие предизвици, Светата Христова Велика Црква продолжува со борбата за целовитост на созданието, во познание дека нејзината грижа за природната средина не е еднo дополнително дејство во нејзиниот живот, туку нејзин суштински израз и остварување, како продолжение на Божествената Евхаристија во сите образи и размери на нејзиното добро сведоштво во светот. Таков беше и скапоцениот залог на изложителот на еколошкото богословие, блаженоупокоениот митрополит Пергамски Јован. Чествувајќи го неговиот огромен придонес, го затвораме ова Патријаршиско послание по повод празникот на Индиктот со она што тој го напиша за Божествената Евхаристија како холистички одговор на современите еколошки проблеми: „Во Божествената Литургија, физичкиот и тварниот свет и сите сетила заедничарат во едно нераскинливо единство. Не постои спротивставеност помеѓу субјектот и објективната стварност, не постои освојувачки став на човековото слово наспроти светот што го опкружува. Светот не стои отспроти, не е објект на човекот, туку бива приман и општен. Божествената Причест не е само наше соединување со Бога и со другите, туку и примање на храна, прифаќање и проценување на нашата природна околина, восприемање на тварта, а не само употреба на тварта. Свештеноста што го проследува овој став, божествениот трепет што ја пронижува оваа врска е антипод на Технологијата и одговор на нашиот еколошки проблем. Поради ова, Божествената Евхаристија е најдоброто нешто што Православието може да му го понуди на современиов свет“.

Благословена црковна година, браќа и чеда во Господа!

2023 септември 1,

Константинополскиот

огнен молитвеник кон Бога за сите вас

Извор: Вселенска Патријаршија