Три децении монашко служење и духовно татковство

Слово на Неговото Високопреподобие Архимандрит Доситеј по повод јубилејниот триесетти именден на Старецот Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба на споменот на Свети Партениј Лампсакиски, на 6/19 февруари 2025 лето Господово


Ваше Преосвештенство, возљубен и свет наш Старецу, Епископ Антаниски и Игумен Бигорски, г. Партениј, благословете!

Почитувани и благоговејни високопреподобни, сепреподобни и преподобни отци,

Драги браќа и сестри, овде присутни и сите вие кои физички не сте тука, но со духот сте заедно со нас,

Дозволете ми, во името на целата наша монашка заедница – братството и сестринствата, да му го честитам именденот на нашиот и ваш духовен татко, бигорскиот Старец г. Партениј. Оваа година чествувањето има особено значење, затоа што по јубилеен, триесетти пат тој го одбележува споменот на својот небесен заштитник, Светиот Партениј Лампсакиски Чудотворец, како свој именден. Исто така, празнувањето оваа година се одвива во време кога нашата Дебарско-кичевска епархија е овдовена, по упокојувањето на нашиот драг Митрополит Тимотеј, кој нè замонаши сите нас и нè ракоположи во свештенички чин – нека му е споменот вечен!

Триесет имендени, триесет години исплетени со непрестајни борби, подвиг и жртва – како духовни, така и градителски. Секојдневниот труд на нашиот Старец е познат на сите: обновата на многу светињи, изградбата на нови храмови, како и духовната преродба на многу човечки души. И сето тоа – не жалејќи го сопственото време, посветен на грижата за штитениците, на секојдневните исповеди на верниците, како и на советувањето и помагањето во важни црковни и општествени прашања.

Оваа јубилејна година одлучивме како подарок да му подариме архиерејска мандија – одежда што ја симболизира благодатта Божја којашто се излева врз свештенослужителите, а од нив се пренесува на верниците, како што псалмопејачот вели: „Како миро врз глава кое слегува на брада, брадата Ааронова, кое слегува на работ од одеждата негова; како роса аермонска која слегува на горите сионски“. Овој подарок е израз на нашата желба молитвено да се соединиме со него, да му помогнеме колку што можеме во неговите секојдневни грижи и обврски. Исто така, сакаме да знае дека и ние се трудиме да му бидеме поддршка, но и дека нашите човечки сили се ограничени, па затоа ни се неопходни неговите молитви и топли зборови, за да ги издржиме искушенијата и слабостите со кои се соочуваме. Зашто, и колку и да се трудиме, на крајот, сепак, само преку неговиот благослов и молитвеното застапништво остануваме силни и верни работници на нивата Господова.

Секој од нас овде присутен сведочи за неговата љубов кон нас и за неговата добрина кон сите. Секогаш подготвен прв да побара прошка, иако толку се труди и внимава да не згреши никому, а уште повеќе – да ја даде прошката, без оглед колку некој му згрешил. Неговото татковско срце е секогаш отворено да утеши, да даде духовен совет или пак да помогне со мудрост во секојдневните предизвици.

Во оваа триесетта година од неговото монашко служење, во годината кога се навршуваат пет години од неговата хиротонија за епископ и кога го очекуваме неговиот педесет и петти роденден, да се потрудиме и ние – пред сè со делата наши, а потоа со молитвите и со животот наш – да му причиниме радост, за тој да може и понатаму, уште многу години, со силно здравје и Божјо просветление, да биде нашиот духовен столб, заштитник на верата и вистински духовен татко.

На многаја и благаја лета, Владико наш свет!