Велигденско послание на Архиепископ Стефан

† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И
ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ –
ХРИСТОС ВОСКРЕСE!

Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.[1]

Возљубени празникољупци,

Велигден, денот на Христовото Воскресение, е празник на победата и празник на животот. Овој е денот во кој Господ ја објави Својата победа пред очите на народите…, и сите краишта земни го видоа спасението.[2] Овој ден е денот на животот, и тоа вечниот живот, денот кој ни донесе радување, коешто никој не може да ни го одземе.[3]

На Велигден, на овој најголем христијански празник, ја исповедаме тајната на Победителот – Самиот Господ Христос, Кој, преку Своето славно воскресение од мртвите, ја победи смртта и смртното го облече во бесмртно.[4] Денес е денот кога ни се откри тајната на љубовта Божја кон човечкиот род, која остана вечна врска помеѓу човекот и Бога, потврдена преку Крстот и Воскресението Христови, како и преку подвизите на сите богоугодници и достојни последователи во изминативе дваесет столетија.

Радувајќи се на денешниот празник над празниците во Црквата Христова, повикани сме секогаш и пред секого да Го исповедаме Христа распнатиот, воскреснатиот и прославениот. Како вистински христољупци, повикани сме да ја благовестиме победата над смртта, над гревот и омразата, над неправедноста и насилството, над страдањата и темнината, и да придонесуваме да завладеат праведноста, мирот и радоста во Светиот Дух.[5]

Со Христовото воскресение се прекина силата на смртта и тоа стана темел на нашата вера и врата за вечната заедница со Бога. Тоа е гаранција и за нашето воскресение, зашто Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените.[6] ВоНего сите ќе бидат оживеани,[7] оти љубовта Божја е посилна од гревот и смртта.

Возљубени чеда во Христа Воскреснатиот,

Празникот на Христовото Воскресение нè потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот. Па, кога би се навратиле повеќе на потребата од покајание и праведно живеење, ако не на денот на Христовото Воскресение, ако не на денот кој им дава смисла на човечкиот живот и на постоењето?

Па затоа, празнувајќи и споделувајќи ја радоста на Христовото воскресение, да исповедаме дека верата во воскресението е извор на слободата и на љубовта, зашто преку Христа станавме и вистински слободни[8] и духовно силни. Христовата љубов е неопходна во овој свет, особено денес, кога човештвото во голема мера е заробено од самољубие и рамнодушност, од лакомост за богатење и моќ, од овоземни задоволства и од суетна слава. Љубовта е најголемата сила! Но таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење.

Впрочем, само во богочовечката Личност на воскреснатиот Спасител можеме да најдеме тивко пристаниште од сите искушенија и исцеление од последиците на гревот. Неговата победа над гревот и смртта ни дава и нам сила да се бориме со искушенијата на денот и со духовите на злобата,[9] кои предизвикуваат безнадежност и осаменост во душите на луѓето, честопати проследени со нетрпеливост и насилство, со неморални дела и судири. Затоа е потребно да бидеме достојни почитувачи на Светото Евангелие и исполнители на Христовите заповеди, како што порачува и Самиот Спасител, кога вели: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот.[10]

Возљубени чеда во Господа,

Христовата победата над гревот и над смртта, по претрпеното распетие и славното воскресение, е најголемата победа на сите времиња. Таа е единствена и вечна, и постигната е еднаш и засекогаш! Затоа, само соединети во Христа, преку молитвата и преку светите Тајни, и со исполнувањето на Неговите заповеди, можеме да го победуваме гревот и да се здобиеме со спасение и вечен живот.

Светата Евхаристија е најпотребната заедница на верните во Црквата со Господа Христа. Кога сме соединети во заедничка молитва, Христос е присутен помеѓу нас,[11] а при причестувањето со светите Тајни, Го вселуваме Христа во нас, како што и Самиот ни порачува: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден,[12] и кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него.[13] Христос е, и ќе биде, тајно присутен во Својата Црква сè до крајот на вековите[14] и неа вратите на пеколот нема да ја надвладеат.[15]

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Поминуваме низ еден период кој од нас бара послушност и воздржување. Појавата на корона – вирусот во светот, а воедно и во нашава земја, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни. Затоа, да се придржуваме по советите и мерките изречени од надлежните институции, и сите заедно да придонесеме да се намали и спречи ширењето на заразата. На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Да се молиме Бог да ни ги прости нашите гревови и да нè помилува, зашто само Бог ни е прибежиште и сила, и докажан помошник во неволја.[16]

Затоа, во маката да бидеме трпеливи, а во молитвата постојани,[17] зашто Воскреснатиот Господ е нашата надеж.[18] Нека овој период ни биде време за покајание и за засилена молитва. Искушенијата што нè снајдоа нека ни бидат за утврдување во верата и за духовно напредување. Сè е возможно за оние што веруваат,[19] зашто Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија.[20] Воскреснатиот Спасител е Лекарот на душите и телата, и Тој лекува и обновува, ја осветува и ја вознесува човечката природа. Затоа, и не само во овие празнични денови, туку постојано и насекаде да ја живееме светоста на нашата христијанска вера, на верата што го победи светот.[21] Да ја споделиме со сите радоста на Воскресението на вечниот Лечител, и никогаш да не заборавиме на тоа дека колку сме поблиски до Бога, толку и Бог ќе биде близу до нас!

Возљубени,

Како што веќе обзнанивме, годинава се навршуваат 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир. Тоа е годишнина со која би се гордееле секој народ и секоја Црква. Со Божја помош и со застапништвото на светиот Јован Крстител, Македонската Православна Црква, заедно со државните институции, достоинствено ќе го одбележи милениумското постоење и ќе ја истакне улогата и местото на ова големо светилиште во духовниот живот на македонскиот народ, и во минатото, и во сегашноста и, секако, во иднината.

На сите чеда на Мајката Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, во Татковината и насекаде по светот, ви го честитаме празникот на Христовото Воскресение, со најрадосниот поздрав:

Христос воскресе!

†СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

со членовите на Светиот архијерејски синод на
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско–пелагониски и
администратор Австралиско–новозеландски

† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско–кичевски
и администратор Австралиско–сиднејски

† НАУМ, Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско–канадски

† ПИМЕН, Митрополит Европски

† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско–гостиварски

† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско–осоговски

† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски

† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

† ЈАКОВ, Епископ Стобиски

Велигден, 2020.


[1] 1 Кор 15, 57;

[2] Пс 97, 2-3;

[3] Сп. Јн 16, 22;

[4] Сп. 1 Кор 15, 54;

[5] Сп. Рим 14, 17;

[6] 1 Кор 15, 20;

[7] Сп. 1 Кор 15, 22;

[8] Сп. Јн 8, 32 и 36;

[9] Сп. Ефес 6, 12;

[10] Јн 5, 24;

[11] Сп. Мт 18, 20;

[12] Јн 6, 54;

[13] Јн 6, 56;

[14] Сп. Мт 28, 20;

[15] Мт 16, 18;

[16] Пс 45, 1;

[17] Рим 12, 12;

[18] Сп. 1 Јн 3, 3; Пс. 38, 7 и 61, 5-8;

[19] Сп. Мк 9, 23;

[20] 2 Петр. 2, 9;

[21] Сп. 1 Јн 5, 4.