Гордост и Смирение VI дел – Штетноста на гордоста

(Шести дел)

Штетноста на гордоста

Гордоста е корен и почеток на сите гревови. „Сите најголеми несреќи, вели свети Јован Златоуст, кои ја притискаат целата вселена, произлегуваат токму од гордоста“. И сите пакости и ужаси кои треба да дојдат над грешната земја, а некои од нив и денес се случуваат, пак ќе произлезат од гордоста. Секое паѓање, според сведоштвата на светите Отци, се случувало под влијание на гордоста. И Словото Божјо јасно зборува: „Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надуеноста“ (Изрек. 16, 18) И нашиот благочестив православен народ, токму во тој библиски дух, ја искажал народната поговорка: „Кој високо лета, тој ниско паѓа“. Казната на горделивецот е неговото паѓање.

Гордоста може да се провлече и во високо духовниот живот на христијанинот и да ги разруши сите негови добри дела и сите добродетелни постигнувања. Тоа особено јасно се гледа од следниот пример.

Во 9. век во градот Едеса на епископскиот престол се наоѓал големиот Божји угодник, свети Теодор. Во тоа време, во близината на градот се подвизувал прекрасен столпник, по име Теодосиј. Тој бил духовен човек, а за своите високи монашки подвизи од Бога бил надарен со дарот на прозорливоста. Едескиот епископ честопати доаѓал при столпникот за да води со него духовни разговори. Еднаш свети Теодор го запрашал:

  • Колку години веќе стоиш на тој столб? Во името на Бога, те молам, раскажи ми за целиот твој живот!

Старецот, откако длабоко воздивнал, заплакал и рекол:

  • Бидејќи ме замолуваш, владико, во името на Бога, сè ќе ти раскажам. Но, ти до мојата смрт никому не раскажувај за ова, што јас ќе ти откријам.

Јас од светот се одреков, заедно со мојот постар брат Јован, уште во својата младост. Ние заедно поживеавме во еден манастир три години. Таму во нас се распали желба за пустински живот, и ние, откако зедовме благослов од нашиот духовен отец, се оддалечивме во пустината покрај Вавилон. Таму најдовме две пештери, раздалечени една од друга и во нив се населивме, каде што живеевме во безмолвие [1] и одделно се молевме. За храна ни служеа пустинските билки и плодови. Во сабота и недела се собиравме на општо пеење и молитва, а после тоа повторно се разделувавме, и секој од нас се оддаваше на молитва и богомислие. Ако случајно се сретневме во пустината, ние ги менувавме своите правци за да не се собираме заедно. Честопати Ангел Господен доаѓаше при секој од нас за да не утешува.

Еден ден јас одев низ пустината, молејќи се и барајќи храна, и оддалеку го здогледав својот брат. Тој врвеше спокојно, но одеднаш уплашено застана, со погледот вперен во земјата. Извесно време стоеше, потоа се прекрсти и го прескокна местото што беше пред него, како да прескокнуваше некаква замка, и побегна во својата пештера. Јас се вчудоневидив, како на големиот скок, така и на брзото бегство на мојот брат и отидов до она место за да видам какво зло здогледал мојот брат што така брзо побегна. Кога дојдов до местото, видов еден куп истурено злато. Направив молитва, ја соблеков својата мантија и во неа го собрав истуреното злато и со голема тешкотија успеав да го донесам до мојата пештера. На братот ништо не му кажав. После тоа отидов во градот и купив една голема куќа со убави соби и чиста вода, изградив црква, уредив манастир и собрав 40 монаси. Изградив зграда за прием на туѓинци и болница, каде ќе бидат прибирани туѓинци и болни, купив ниви и имоти и, откако го уредив сето тоа, најдов и еден добар маж за управник, кого и го поставив за игумен на манастирот. Останаа уште две илјади жолтици. Илјада му врачив на игуменот за манастирските потреби, а другите илјада ги раздадов на бедните, а за себе не задржав ниту една жолтица. После тоа, го целивав игуменот и манастирските браќа, се збогував со нив, и повторно се вратив во пустината да го побарам својот брат.

Врвејќи низ пустината, во моето срце се провлекоа високоумни мисли за себе. Јас почнав со гордост да мислам дека мојот брат не можеше да устрои никакво добро со пронајденото злато, а јас, погледај, колку големо и благородно дело извршив! Така размислувајќи, се приближив до она место, каде живееше мојот брат. Но, високоумните помисли се повеќе и повеќе ме надвладуваа. И во своето самомислење, јас констатирав дека сум многу подобар од мојот брат. Тогаш ме сретна Ангелот, кој претходно ме посетуваше. Откако ме погледна со строги очи, тој гневно ми рече:

  • Зошто високоумствуваш за себе и со горди помисли се возвишуваш пред својот брат? Вистина ти велам, дека целиот твој труд за ова време – и градењето на црквата, и уредувањето на манастирот, и се што си направил, не може да се спореди со оној скок на твојот брат, со кој го прескокна купот со злато, зашто со него тој не го прескокна златото, туку онаа голема провалија, која го дели богатиот од сиромавиот Лазар. Тој летна со лесни крилја и сега го чека крилото Авраамово… Впрочем, нема никакво сомневање дека твојот брат е подобар пред Бога. Ти нема да го достигнеш неговото совршенство, макар и во гордоста да мислиш дека си посовршен. Затоа, додека си жив, нема да го видиш неговото лице, ниту, пак, мене ќе ме видаш повторно, се додека не го умилостивиш Бога со многу солзи.

Откако го рече тоа, Ангелот се изгуби од моите очи. Јас се упатив кон пештерата од мојот брат, но таму не го најдов Јован. Тогаш јас започнав да викам и силно да плачам, се додека од плачење не исчезнаа моите сили. Седум дена поминав во такво плачење и ете, најпосле, го слушнав гласот на Ангелот, кој од далеку ми зборуваше:

  • Ти треба да одиш покрај градот Едеса и таму да се искачиш на столб и да живееш во покајание, се додека Бог не се смилува над тебе.

Јас излегов од пустината со силно плачење, дојдов тука, се искачив на овој столб и 49 години поминав на него, борејќи се со своите безбројни помисли, кои како темен облак беа се надвиснале над мене. Некаква неутешна жалост го исполнуваше моето срце. Во педесеттата година, една саботна вечер, пријатна светлина изгреа во моето срце и го растера облакот на помислите. Целата ноќ ја поминав без сон, молејќи се со умилно срце и поросувајќи се со утешителни солзи. Во неделата наутро, кон третиот час, во моментот кога јас ги пеев псалмите на кои им е редот, одеднаш пред мене застана светлиот Ангел и ми рече:

  • Мир на тебе и спасение!

Јас почувствував утеха во своето срце, паднав на земјата и со солзи реков:

  • Зошто ме отфрли од своето лице? Зошто ме оддели од мојот брат? Ете, досега лежам, страдајќи од многу неволји.

Ангелот ме фати за раката, ме исправи и ми рече:

  • Од тебе отстапив заради твоето високоумие, зашто во својата свест го понижи својот брат. Но, јас сосема не те напуштив, зашто преку целото време невидливо бев со тебе и те чував како што Бог ми заповеда. Сега, откако целосно се смири, Бог си спомна за тебе и ме испрати да пребивам со тебе на јаве, и овде и во идниот живот. Ете, Бог ти ја дава благодатта на прозорливоста… Твојот брат е жив и постојано се моли за тебе, но ти ќе го видиш во бесмртниот живот.

Едескиот епископ, откако го слушнал сето тоа, го прославил Бога, Кој мудро ги и избавува Своите слуги од сите гревови.

Од овој вистински пример од животот на светителите, се гледа колку е погубна гордоста. Таа става крај на секаков духовен живот. Таа претставува пречка за Божјата благодат да слезе над нас. Зашто, по зборовите на Словото Божјо: „Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат“ (1 Петр. 5, 5) Гордоста ја одзема благодатта и од оние кои веќе ја примиле. Гордоста е целосен духовен мрак. Светлината на Христовото учење не може да има ништо заедничко со гордоста.

Како што светлината и темнината не можат да бидат истовремено на едно место, така и благодатта и гордоста не можат да пребиваат заедно во едно и исто срце. Човечките закони не ја казнуваат гордоста, но Божјиот закон ја прогонува, зашто таа е богопротивна и ги раѓа сите несреќи. Никој човек не е во состојба да го поправи горделивиот. Нив само Бог може да ги вразуми и смири, бидејќи гордиот ништо не прима од себеподобните луѓе. Најдобрите лекарства за гордоста се: жалостите и страдањата во животот, кои Бог ги допушта за наше добро. Такви страшни болести се ненадејната пропаст, смртта на најсаканиот близок човек… Се разбира, тие големи лекарства не дејствуваат магионичарски. Тие можат или да излекуваат, или да затрујат. На крајот на краиштата, лекарството зависи од слободната волја на човекот, како тој ќе го исползува. Ако се противи и започне да хули против Провидението, тој со испратените спасителни жалости ќе ја затруе својата душа. Ако пред Бога се смири, ако размисли дека заради неговата гордост и заради неговите безбројни гревови, од небото заслужено му се испратени страдањата, тој со духот ќе оздрави. Блажени се оние, кои во животните несреќи ја пронајдуваат Божјата милост за себе. Нив Бог наскоро ќе ги излечи. Но, тешко на оние, кои и покрај се што им се случува остануваат горди. Тие се неповратно загубени! И бидејќи земните страдања се покажале бессилни за да ги вразумат, вечните пеколни маки ќе ги смират. Но, веќе ќе биде касно и бескорисно!…

(Продолжува…)


Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 30-35

[1] Безмолвие – тивок и мирен живот, тишина