Лудвиг Ван Бетовен (1770 – 1827), апсолутно и без сомнение е најгенијалниот музички творец и композитор во досегашната уметничка историја. Поради своето фламанско потекло, тој често претставувал вистинска духовна загатка за своите современици – Германците, коишто не можеле да ги сфатат многуте црти на неговиот оригинален карактер. Неговиот најдобар животописец Ромен Ролан, сосема точно забележал, дека многу од цртите на Бетовеновиот карактер не се чисто германски.
Овој голем човек, кој од Светиот Дух бил даруван со огромен музички дар, имал тажно детство. Младоста му била тажна поради материјални грижи. Во 1878 год., Бетовен ја загубил својата многу сакана мајка, така што во својата седумнаесеттата год., тој веќе бил глава на семејството. Некои основни познавања од ангелоподобната уметност – музиката, добил од Хајдн, Албрехтсбергер и Салиери. Во 1792 год., тој се населува во раскошно убавата Виена, која е позната како престолнина на германската музика. Но, „од 1796 – 1800 год., наглувоста почнува да запустува“.
Можеби е Божја промисла, тоа најгенијалните луѓе најмногу да страдаат, за на тој начин уште повеќе да се возвеличат и да станат богообразни. Музичкото творештво на Бетовен продолжило и покрај секојдневните неволји, страдања, озборувања и нечесни постапки од околината. Бетовен, иако бил болен, беден, несреќен, иако не чувствувал љубов од неговите пријатели и од љубената, сепак не подлегнал, бидејќи знаел дека вистинскиот христијанин и благородник, се челичи во страдањата, слично како што се кали челикот во огнот. Тој велел:
„Сакам да ѝ се спротивставам на својата несреќа, ако тоа воопшто е можно. Но, во животот мој, има мигови кога се чувствувам како најбедното Божјо создание!“
Ромен Ролал напишал: „Сите тие внатрешни трагедии, ќе ги пронајдеме во неговите дела од 1802 год… тоа се шест херојски и трогателни религиозни мелодии на Гелертовите зборови… Нè заразува со храброста и среќата, која ја чувствува во својата борба и со опиената свест, која Го чувствува Бога во себеси.“ Бетовен Го носел Бога во своето кристално чисто срце, зашто носел „нешто пуританско во духот: распуштените разговори и мисли го ужаснувале; Тој имал непоколебливи погледи за светоста на љубовта.“ За ова сведочи и неговиот близок пријател Шиндлер, кој вели дека Бетовен, „низ животот одел со девствен срам, немајќи никаков повод да се укори себеси заради некаква слабост.“
Бетовен, најдоследно ја почитувал Божјата заповед за одмаздата. Во едно писмо до госпоѓата Штрајхер, тој напишал: „Јас никогаш не се одмаздувам“. Кога треба да работам против другите луѓе, јас тоа го правам само толку, колку да можам да се одбранам и да го спречам исполнувањето на злото.“ Тој го мразел секое насилство и верувал дека „добрината е единствениот знак на надмоќност.“ За него парите не претставувале ништо и не можеле да се споредат со среќата:
„Учете ги своите деца на добродетелта, зашто само таа може да ги направи среќни, а не парите. Зборувам од искуство. Добродетелта ме научи да издржам во бедата.“
Овој врвен музичар, многу го љубел својот внук Карл, кому му бил старател. Кога се обиделе да му го одземат тоа старателство, Бетовен во молитвено расположение Му се обратил на Бога: „О, Боже! Единствена моја одбрано и прибежиште! Ти проникнуваш до дното на мојата душа и ги знаеш болките кои ме мачат. Затоа, праведно е да страдаат оние што сакаат да ми го одземат моето богатство – Карл. Послушај ме, Ти, најсовршено Битие, чие име не го знам, сослушај ја топлата молитва на најнесреќниот од сите Твои созданија… Господи, помогни ми! Гледаш дека целото човештво ме остави, затоа и не сакав да се помирам со неправдата. Услиши ја молитвата моја, та барем во иднина да живеам за својот Карл!“ Но, морално расипаниот внук, не бил достоен за Бетовеновата љубов, која постојано го повикувала: „Мој драг сине!… Дојди, дојди при верното срце на татка си!“
Бетовен немал некое особено образование, но сепак во својот дом имал мала книжевна ризница. Многу често и со голема радост тој ја читал книгата од теологот Тома Кемписки „Следи Го Христа!“ Ги читал и Кант, Боде, Зојме, Коцебу, Шекспир и Феслер. Многу сакал да разговара за философијата и верата. Размислувал за компонирање на музички дела на религиозни теми, како што биле: „Тој купува планови за иднината… библиски ораториум за Саул и Давид“. Во 1827 год., предлага концепт за нова симфонија: „Адаџо I кантика“- религиозна песна во вид на симфонија, на постар начин (Господи Боже, ние Те фалиме! Алилуја).
И покрај сите свои лични трагедии, според тврдењето на Ромен Ролан, Бетовен останал „победник – победник над човечката просечност, победник над сопствената судбина, победник над сопствените страдања“.Тој велел: „Жртвувај ги животните ништожности, секогаш принесувај ги нив на жртва на својата уметност! О, Бог над сè!“ Христос, секогаш му бил најголем образец, од Кого тој барал сила, не за да ги победи своите непријатели, туку за сопствената макотрпна борба: „Боже, дај ми сила, за да се победам себеси!“ Бил голем човек, искрен верник и речиси совршен христијанин.
Бетовен копнеел по Божјото присуство. Тој велел: „Ништо не е поубаво од тоа, да Му се приближиш на божеството и со Божјите зраци да го осветлиш човечкиот род.“ Бога најнепосредно Го среќавал во природата: „Семоќен! Среќен сум во горите, кадешто секое дрво зборува за Тебе, Боже! Какви прекрасни убавини! Во овие гори, на овие брегови постои мир, кој ублажува!“ За Бетовеновата љубов кон природата, Ромен Ролан заклучил: „Закопан сам во себеси, одвоен од другите луѓе, тој наоѓаше утеха само во природата.“ Но, уште повеќе во Бога – најчистиот извор на секоја утеха: „Божество! Ти проникнуваш од висините среде моето срце, го познаваш, знаеш дека е исполнето со љубов кон луѓето и дека сака да прави добро!“
Обраќајќи им се на своите пријатели, Бетовен не заборавал да Го моли Бога за нивна заштита. Така, во писмото до д-р Веглер тој напишал: „И те молам во мое име, нежно да ги бакнеш Лорен и децата, и да мислиш на мене. Бог нека ве заштитува!“
На крајот од животот, по извршената четврта операција во Виена, во февруари 1827 год., Бетовен му напишал на Можелес:
„Јас ѝ се предавам на судбината и само Бога Го молам, да ме заштити од скудност со Својата божествена волја, сè дури е потребно да го поднесувам ова постепено разделување од животот. Тоа ќе ми даде сила да ѝ се потчинам на Божјата волја и трпеливо да ја поднесувам својата судбина, па, колку и да е таа тешка и страшна.“
Неколку години претходно, во едно од писмата до д-р Веглер, за Вистината во Која секогаш верувал, тој напишал: „Што ќе биде на крајот на краиштата, тоа само Бог го знае!“
Бетовен, чијашто музика кај луѓето предизвикува радост, мир и чувство на божествена совршеност во поглед на таа прекрасна уметност, речиси ниту еднаш во животот не доживеал вистинска радост (освен во неговите молитвени обраќања кон Бога, како и во своето блескаво творештво). Повикувајќи кон Бога, тоа и го признал: „О, Провидение! Дај ми само еден ден, еден ден на вистинска радост!“ Сепак, Бетовеновата вера во Бога, била дијамантски цврста, искрена, скоро света, чиста, трајна и непоколеблива. Затоа, во едно писмо до својот морално сиромашен внук, тој подвлекол: „Бог никогаш не ме напушти!“
„Бог над сè! Боже ние Те фалиме! Алилуја!“