Библијата – книга што преобразува – (втор дел)

Ненаметливо те освојува

Светото писмо е богооткриена вистина, која му се нуди на човекот, но не го присилува да ја прифати. А кога човекот ќе одлучи да му се доближи и да го запознае, тогаш уште повеќе не му се наметнува, не му ги нуди своите вистини насила и не го притиска принудно да ги прифати.

Обично, книгите, како и луѓето, кои ја докажуваат својата вистина, се наметнуваат со сета сила на логиката и влијанието, за да го принудат човекот да го прифати тоа што тие го кажуваат. Така прават, и луѓето и книгите, бидејќи тие имаат своја потреба другите да ја прифатат нивната вистина. Библијата, пак, не ја наметнува својата вистина. бидејќи таа е вечна вистина и правда, која не е од овој свет. Нејзе не ѝ треба нашата поддршка, ниту Нему. Таа не е како обичните книги и обичните автори на кои им е важно колку се прифатени, за да се пофалат и одмерат со другите. Затоа. Библијата се однесува скромно, смирено и добро кон човекот. Ненаметливо. Всушност, и така и личи на светата Божја реч. Таа не стои пред нас со ласкавост или со примамливост, туку со достоинство и светост.

Ние, пак, пред неа стоиме со одредена почит за сета нејзина големина, важност, вредност, тајност и сокриеност на откриеното од Бога во неа. Можеби. пред неа се чувствува малку страв, но стравот кога е стравопочит, тој е „почеток на мудроста“, вели, мудриот Соломон (Изрек. 1,7). Мудроста, пак, во Библијата е Божјата премудрост, Софија – Христос Господ. Така вели светиот апостол Павле: „Ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот,… Христа, како Божја сила и Божја премудрост“ (1. Кор. 1.24). Таков е правилниот став кон Светото писмо на православните читатели, верници и толкувачи. Приодот е со стравопочит, но не и со култ и обожување кон Светото писмо, ниту негово поставување над се, па дури и над Бога, како што прават некои секти, кои го немаат Светото предание и Црквата.

ШТО РЕКЛЕ ГОЛЕМИТЕ УМОВИ ЗА СВЕТОТО ПИСМО

Кант рекол: „Библијата е книга со таква содржина, што тоа е најдобриот доказ за нејзиното Божјо потекло. Во неа ја има историјата на  светот и историјата на Божјата промисла. Од почетокот на светот, до крајот на се создадено.“

Гете вели: „Божјото објавување, за кое копнееме, никаде во светот не е така убаво. како во Новиот завет.“

Монтескје: „Евангелието е најдобриот дар што Бог му го подарил на светот.“

Русо: „Евангелието е толку добро, што оној којшто го измислил, кога би било измислено, би бил достоен за восхит. повеќе отколку опишаниот херој.“

Гете: „Кога Христос не би бил Бог, тогаш би бил Бог, оној што го измислил Евангелието.“

Русо: „Добрината на Евангелието се прогласува за врховна.“

Волтер: „Никој не се противставил на учењето на Евангелието, а да не падне во безумство.“

Шефер: „Христос е најголемиот Човек, најголемиот Гениј, Кого Го памти историјата на човештвото; Он е најголемиот Маж на сите времиња, Кого не е можно некој да Го надмине.“

Л. Н. Толетој: „Христовата наука му кажува на човекот дека има нешто, што се издигнува над оваа трка, стравотија и уживање. Кој ќе Го сфати правилно Христа, се чувствува како птица, која првпат сознава дека има крилја и дека може да лета. Тоа чувство дава слобода, а го одзема стравот.“

Труман: „Ако сакаш да знаеш како да го уредиш својот живот, тогаш прочитај ја Беседата на гората. Во неа е содржано сѐ.“

Восие: „Евангелието ги прави луѓето најдобри граѓани на земната татковина, бидејќи ги учи како да постанат небесни граѓани.“

Џовани Папини (1881-1956). итал. писател и новинар, академик

Џовани Папини: „Кога би слегол ангел од небото, од вишиот свет кај нас, и би не прашал: што имаме најдобро и најдрагоцено во нашите куќи, нешто што е доказ за нашето верување. ремек дело на нашиот дух во највозвишените способности, ние не би го одвеле пред големите, подмачкани машини – пред тие механички чуда, со кои се расфрламе, иако тие ни го направиле нашиот живот потежок, ропски и пократок, а се созданија во служба на материјалните потреби – туку би му ја покажале Беседата на гората во Евангелието. Таа би била единствениот дијамант, кој свети со чиста светлина меѓу бедното шаренило на смарагдите и сафирите.“

И. Н. Непљуев, руски писател и општественик, за богодаденото Свето писмо, рекол: „Целата Библија претставува една добро устроена целина и, според мене, сета таа Божја хармонија на животворниот Дух во неа е чудо, кое го сознав како некогаш Тома и останувам во него со сета моја љубов, сиот разум и целата моја сила.“

Научникот Беттекс, кој ја испитувал природата и појавите во неа, рекол: „Библијата е Дрвото на животот, низ чија, голема и секогаш зелена, крошна тивко вее и шуми небесниот, духовен ветер; Дрво со плодови дадени за човекот отруен од гревот, за да биде исцелен и да постане силен, здрав и да го постигне вечниот живот. Таа е страшна и во исто време пријатна книга; полна со небесен мир, којшто го надминува секој разум, а полна и со громови и молњи на моќниот Бог, Кој ги распарчува народите, како грнчарот грнињата и пред Кого тие се како капки што висат; Книга на најнежните, најсрдечните утехи и најдобрите ветувања од Бога, Којшто ги храни птиците, ги изброил влакната на нашата глава и на кутрата мајка, според нејзината молитва, во ноќта и дава спокој над болното дете; Книга која едноставно ги решава најдлабоките прашања што го бранувале човештвото.“

Свети Јован Златоуст, рекол: „Сето зло на овој свет доаѓа од незнаењето на Светото писмо.

(Продолжува…)