Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – XV дел

(Петнаесети дел)

 

Францускиот историчар Гибер (1101)

 

Гибер бил француски бенедиктински монах, теолог и историчар. Во 1101 год. ја напишал историјата на I Kрстоносна војна под наслов „Дејствувањата Божји преку Франките“. Во него Гибер зборува за настаните на Велика Сабота во 1100 и 1101 година (две последователни години), за кои самиот вели дека никогаш претходно не се случиле. Ќе го наведеме неговото раскажување за прочуената Велика Сабота од 1101 година:

Приказната на Гиберт за Велика Сабота во 1101 година. MS Paris Lat. 12945, fols. 60v, 13th c., Национална Библиотека во Париз

 

„Тој ден, кога чудото не се случи, сите се вратија во своите домови. Две ноќи горка тага им ги притискаше срцата. Следниот ден решија со соодветна жалост да ја направат литијата во Господовиот Храм. Од таму излегоа без воскресна радост, како и претходниот ден, кога наеднаш зад нив дотрчаа чуварите на храмот и им објавија дека кандилото во Пресветиот Гроб се запалило. И зошто да одолговлекувам? Во оној ден заблеска таков благослов, богато зголемен со доцнењето, така што Божествениот Оган се запали, иако не истовремено туку последователно, на дури педесет кандила. Не само за време на светите тајни, туку и подоцна, додека кралот по богослужбата беше на трпеза во дворецот, секој час доаѓаа гласници и го повикуваа да ја остави трпезата и да ги види новите кандила, кои тукушто се беа запалиле“.
“Ea dies re infecta universos in sua tecta remisit; nox gemina irruit, acrisque mæstitia generaliter omnium pectora torsit. In crastino deliberant, ut ad templum usque Domini debito cum mærore procedant. Ierant gaudii pror¬sus paschalis immemores, dum nullus habitu differt a die Parasceues: cum ecce ab ædituis ecclesiae post cunfium terga concinitur, quia sacri monumenti lampas accenditur. Quid immoror? Tanta eo die gratia, aucto suae ubertatis ex dilatione successu, emicuit, ut illa Dei claritas non quidem simul sed vicis- sim intra Sepulcri ecclesiam lampades ferme L tetigerit. Hæc non modo inter sacra contigere mysteria, verum cum peractis officiis rex pranderet in aula, cogitur frequentibus nuntiis ad nova videnda lumina reiecta consurgere mensa”.

 

 

Гиберовото сведоштво е најпотполно и најдетално од сите кои му претходеа, иако тој не присуствувал лично на настаните, туку податоците ги добил од крстоносците што биле таму. Во тоа време кога латините го имале напуштено Гробот и тргнале кон џамијата Купола на карпата ( Dome of the Rock), грчките и сириските православни верници, како што рековме, почнале да ги повторуваат вообичаените молитви околу Гробот и тогаш Благодатниот Оган се појавил.

Латините биле известени дека чудото се случило уште додека доаѓале кон храмот Господов. Според тоа Огнот слегол неколку минути откако Латините го напуштиле Пресветиот Гроб.

Според описот на Гибер, во тој ден се запалиле околу педесет кандила, додека присуството на Благодатниот Оган се чувствувало во текот на неколку часа.

Ова бил втор и последен пат латински патријарх да се обиде да раководи со службата на слегувањето на Благодатниот Оган.

Многумина, како што наведовме, го сметале бискупот Даимберт за еден од главните виновници за неуспехот. Неколку месеци подоцна кралот Балдуин I дефинитивно го повлекол од должност, го протерал од градот, му го конфискувал целиот негов имот и на негово место го поставил Евремар. Меѓутоа за раководител на службата на слегувањето на Благодатниот Оган бил поставен православен архиереј – игуменот на манастирот Св. Сава, што тогаш го менувал протераниот грчки патријарх.

Приказната на Гиберт за палењето на кандилото дури и откако бил отстранет фитилот. MS Paris Lat. 12945, fols. 60r, 60v, 13th c., Национална Библиотека во Париз

 

Како резиме на досега кажаното за слегувањето на Благодатниот Оган во 1101 година, можеме да заклучиме дека сите хроничари што ги спомнавме ги опишуваат, помалку или повеќе, истите настани, некои накратко а некои детално: чудесното палење на кандилото во внатрешноста на заклучениот Гроб после молитвата на православните, а во отсуство на латините; подоцнежното палење на поголем број кандила (16 според Екехарт, 50 според Гибер, сите кандила според Вилијам од Малмзбери) во текот на денот. Чудото траело неколку часа и според раскажувањето на летописците, за прв пат се случило во недела на Воскресение, а не на Велика Сабота – совпаѓањето на тврдењата претставува најсилен доказ за вистинитоста на настанот.

Околу пет години подоцна, 1106 година рускиот игумен Даниил тргнува од Москва на долг пат кон Светата земја.

 

(Продолжува…)

Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица