Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – XVIII дел

(Осумнаесети дел)

 

Научните мерења на рускиот физичар Андреј Волков, на Велика Сабота 2008 год

 

доц. проф. Андреј Волков

На Велика Сабота 2008 година, рускиот физичар Андреј Александрович Волков од Националниот Центар за истражување „Институт Курчатов“ во Русија, бил поставен како раководител на научната мисија чија цел била испитувањето на чудото на Благодатниот Оган. Така, некаде околу 9 часот утрото на Велика сабота 2008 година, Андреј Волков влегол во храмот на Воскресението со најсовремена научна опрема. Основниот инструмент што бил користен за ова мерење бил таканаречениот Дигитален осцилоскоп, којшто бил поврзан со лаптоп со соодветен софтвер. Местото на коешто се наоѓал инструментот било оддалечено некаде околу 10 метри од Пресветиот Гроб и основна цел му била да го забележи спектарот на електромагнетно зрачење во одредени фреквенции. Резултатите на овие свои мерења и заклучоците што произлегле од нив, Волков ги објавил една година подоцна, на 21 април 2009 година во следново интервју:

-Андреј Александрович, зошто токму вие отидовте да ја испитате природата на Светиот Оган? Дали тоа се совпаѓа со предметот на вашата научна работа?

-Последните 12 години се занимавам со таканаречената нискотемпературна плазма.

-Што е тоа?

Осцилоскопот којшто го користел рускиот физичар за мерењата

-Во состојба на плазма се наоѓа најголемиот дел од материјата во Космосот: ѕвездите, галактичките облаци, меѓуѕвездените средини. Тоа е многу силно јонизиран гас… На самата планета земја, пак, плазмата е ретка појава, која дури сега неодамна научивме да ја создаваме. На пример: во хирургијата започнаа со користење на „скалпели“ од многу тенок сноп на плазма, загреан на температура од 5000 – 6000 степени. Тоа е високотемпературна плазма, со која единствено може да се сече материјата. Меѓутоа постои и нискотемпературна плазма со температура од околу 40 до 80 степени, која може да исцелува рани. Токму со создавањето на такви медицински апарати за „исцелување“ се занимавам јас и веќе почнавме со нивно производство.

-А што има врска тоа со Благодатниот Оган?

-Судејќи според многубројните описи, појавата на Светиот Оган е проследена со појава на плазма, која, надворешно гледано, доста потсетува на нискотемпературната. На пример, познато е дека тој Оган извесно време воопшто не ги гори рацете и лицето. Исто така, скоро веќе 1000 години очевидците зборуваат за некакви одблесоци, кои ги обиколуваат ѕидовите на храмот пред и после доаѓањето на Огнот.

-Дали таквите појави на плазма се единствени?

-Секако. Во лабораторија ја проучуваме нискотемпературната плазма само во вакуум. Таа исто така може да постои и во воздухот, но само во многу строго одредени услови… И при голема влажност. Меѓутоа, за Велигден, над Господовиот Гроб, воздухот е потполно топол и сув, нема воопшто влага што би можела да спроведува електрицитет и не постои никаков извор за можна разлика на потенцијалот; но, и покрај тоа, таму постојано се појавуваат одблесоци, светлосни снопови кои, според моето мислење, подоцна се претвораат во искра и го создаваат Огнот.

Според рускиот физичар, појавувањето на плазмата што, според неговата проценка, се случува во внатрешноста на храмот, е потполно необјасниво и неоправдано од научна гледна точка. Меѓутоа, врвниот момент на неговото мерење дошол во мигот на појавата на Благодатниот Оган, додека Патријархот бил затворен во внатрешноста на Гробот. Неочекуваниот резултат во мерењето бил забележан во 14 часот попладне (по руско време) и само 2 минути подоцна Патријархот излегол со Светиот Оган. Волков продолжува во своето интервју:

-Помина доста време откако Ерусалимскиот Патријарх влезе во Кувуклијата, службата беше започната… и наеднаш – гледај! Забележана е промена на спектарот на зрачење, предизвикана од непознат импулс. Ова се случи во 15 ч и 04 минути по руско време. Една осцилација – и ништо друго слично на неа. А наскоро се појави и Ерусалимскиот Патријарх со запалена свеќа.

 -Каква осцилација било тоа?

-Електрично празнење. Што значеше и од каде дојде – не знам. Подоцна, по враќањето во Русија се зафатив со декодирање на запишаните радио сигнали. Процесот на мерење траеше 6,5 часа. Едно мерење опфаќа околу 1000 „кадри“. Многу напорна работа. Но потврдивме дека пред појавата на Огнот навистина се случи електрично празнење… Не можам сега да ви ги изложувам деталите, но предвиден е документарен филм каде што детално ќе биде изложен картограмот на мерењето. Она што е значајно, веќе го кажав – беше тоа електрично празнење. Зошто велам значајно? Гледајте, овде се формира потполна слика. Веќе ви спомнав за појавата на плазмата што сама по себе претставува чудо, зашто во храмот не постојат никакви услови за нејзиното создавање. Друг необјаснив факт е електричниот напон во воздухот, кој може да се забележи и без апарати – многумина чувствуваат дека за време на слегувањето на Благодатниот оган им се подигаат влакната на рацете. Ова е можно само при многу голема разлика во електричните потенцијали, да речеме помеѓу покривот на некоја зграда и подот во приземјето и тоа само во случај ако зградата е направена од чист кварц, а надвор беснее бура. Но на Пасха во Ерусалим, по правило нема никаква бура, времето е ведро. А самиот храм Господов е направен од различни материјали – мермер, варовнички карпи, дрво. Изграден е без некој единствен план и има мноштво разни помошни простории. Затоа, чисто се сомневам дека некој би можел во него да постави резонатор од огромни размери, како и исправувач и кондензатор кои се неопходни за создавање на ваков електричен напон и подоцнежното празнење. Идејата е просто апсурдна! А сепак, се создава оваа разлика во електричните потенцијали! И тоа само во одреден ден, на Велика Сабота, после молитвата во Кувуклијата.

Овде пред нас се покажува последниот аспект што го откривме – појавата на Огнот е проследена со електрично празнење. Тоа значи дека Огнот сам по себе е неодвоив дел од сите тие неверојатни, потполно необјасниви феномени во храмот, кои имаат извесна електрична природа. Зарем ова не е потврда на чудотворната природа на Благодатниот Оган?

Истражувањето на Андреј Волков е еден потполно поинаков, чисто научен пристап кон чудото на Светиот Оган. Резултатите на неговото мерење, според неговото научно мислење, претставуваат „потврда на чудотворната природа на овој феномен“.

 

(Продолжува)

Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица