Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – XVIII дел

(Осумнаесети дел)

 

Кодексот број 79 од Торинската библиотека (1149 г)

Овој грчки ракопис кој датира од 1149 година и првпат бил запишан во 1749 година од страна на Џузепе Пазини во каталогот на грчките ракописи во Националната библиотека во Торино. Во ракописот, меѓу другото, е наведено:

„Вообичаено е во Светата и Велика Црква на Пресветото Воскресение во Ерусалим, секоја Света Сабота нова и небесна светлина да ги пали кандилата на живоносниот и божествен Гроб… наеднаш, не само внатрешноста на Гробот, туку и целиот храм на Воскресението заблеска со оваа светлина“.

Значењето на Торинскиот ракопис не произлегува од неговата древност туку пред сè од овој навод дека Светиот Оган ја осветлил не само внатрешноста на Светиот Гроб, туку и целиот храм на Воскресението. Станува збор, значи, за истовремено осветлување на храмот и на внатрешноста на Кувуклијата. Ова внатрешно осветлување на Гробот, како што наведовме во претходната тема, не се постигнува само со палење на едно кандило, туку главно од натприродната Светлина што извира од самата камена плоча над Гробот.

 

Исландскиот опат Никола Бергсон (1154 г)

Во ова поглавје се спомнуваат дури тројца исландски патници што живееле во различни епохи и без сомнение ја поминале најголемата оддалеченост од сите други поклоници за да ја посетат Светата Земја. Првиот од нив, монахот и летописец Никола Бергсон, подоцна опат на манастирот Пвера на северен Исланд, тргнал за Ерусалим околу 1150 година и како што оценува Сабино де Сандоли, поминал оддалеченост од околу 10 илјади километри пред да стигне на својата посакувана цел. Најважните настани од ова патување се запишани во една хроника што се наоѓа во Библиотеката во Копенхаген (Кодекс АМ 194). Раскажувањето на опат Никола е доста скратено и на местата каде што зборува за храмот на Воскресението во Ерусалим, се задржува на описот на само две појави: присуството на  Крвта на Исуса Христа на каменот на Голгота и чудото на Светиот Оган. Исландскиот опат пишува:

Таму постои храм во којшто се наоѓа Гробот Господов и местото каде што стоел Крстот Господов, на кое јасно може да се види Христовата Крв на карпата, чиниш овој миг потекла. И таа ќе биде засекогаш, сè до Судниот Ден. Верниците таму ја примаат светлината која слегува од небото спроти Пасха. Ова се вика храм на Светиот Гроб и е подигнат над Гробот.

Освен опатот Никола Бергсон, небесното слегување на Светиот Оган го запишале уште двајца анонимни исландски поклоници:

Првиот наведува: „Над Гробот храмот е отворен кон небото. Низ тој отвор пламенот слегува спроти празникот Пасха, доколку градот се наоѓа во рацете на Христијаните, и ги пали кандилата што се наоѓаат под него“.

Вториот наведува слично: „Кон север, во храмот на Гробот, стојат кандила што секоја година, спроти Недела на Пасха, се палат со пламен од небото и опстануваат запалени во текот на целата година“.

 

(Продолжува)

Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица